Connect with us

Банки

ПроКредит Банка и ЕБОР одржаа настан посветен на генерациската транзиција во бизнисот – стратешки момент за секоја семејна компанија.

Објавено

на

ПроКредит Банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) организираа инспиративен настан „Наследување на семејниот бизнис“ во ресторан „Парк“ – Скопје, посветен на генерациската транзиција во семејните компании – тема од суштинско значење за одржливоста и успехот на локалните компании. На настанот присуствуваа сопственици, менаџери и наследници од семејни компании од целата земја кои ја препознаа важноста на навремена подготовка и стратешко водење на промената.

„Генерациската транзиција е клучен процес во развојот и континуитетот на секој семеен бизнис. Затоа е важно да се отвори прашањето за тоа како овие компании можат успешно да ги пренесат вредностите, визијата и трудот што се пренесуваат низ генерации. Со оваа иницијатива сакаме да поттикнеме свесност дека навременото планирање е најзрела форма на визионерско водење и да ја потврдиме нашата посветеност за поддршка на бизнисите во секоја фаза од нивниот развој,“ истакна Магдалена Манева, директор на Експозитура за претпријатија во ПроКредит Банка.

ЕБОР веќе речиси три децении го поддржува приватниот сектор во земјава и препознава дека успешното планирање на наследувањето на семејните бизниси, како и непречениот пренос на управувањето со бизнисот, се едни од клучните предуслови за долгорочна одржливост и раст на приватните компании.

На настанот учесниците имаа можност да слушнат вредни искуства и практични совети од:

• Борис Вукиќ, партнер и сениор соработник на „Adizes“, кој сподели регионални примери и пристапи за успешно наследување и развој на семејниот бизнис.

• Глигор Цветанов, генерален и извршен директор на „Макпрогрес“, кој ја пренесе својата лична приказна, искуство и предизвиците при генерациската транзиција.

Во рамки на серијалот „Наследување на семејниот бизнис“ следуваат и работилници кои ќе овозможат подлабинска разработка на темата и размена на практични искуства. Првата работилница ќе се одржи на 4 и 5 ноември во просториите на Централната управа на ПроКредит Банка, каде 40 учесници ќе имаат ексклузивна можност подетално да се запознаат со клучните аспекти на генерациската транзиција во семејните компании.

Сите заинтересирани за работилницата може да се пријават на следниот линк. По завршување на процесот на селекција, сите кандидати ќе бидат навремено известени за резултатот на нивната апликација.

Со ваквите иницијативи, ПроКредит Банка и ЕБОР ја потврдуваат својата посветеност на поддршка на семејните компании во нивниот развој, трансформација и долгорочна стабилност.

Бизнис настанот и претстојните работилници се финансиски поддржани од специјалниот фонд на ЕБОР – Small Business Impact Fund (SBIF). Донатори се: Италија, Ирска, Јапонија, Јужна Кореја, Луксембург, Норвешка, Шведска, Швајцарија, TaiwanBusiness – EBRD Technical Cooperation Fund, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.

Банки

Тужба против ЕЦБ: Синдикатот обвинува за цензура и заплашување на вработените, репутацијата на институцијата е во опасност!?

Објавено

на

Спорот меѓу вработените и менаџментот на Европската централна банка (ЕЦБ) доби нова димензија откако синдикатот Ипсо поднесе тужба пред Општиот суд на ЕУ, обвинувајќи ја институцијата за „цензура“ и „заплашување“ на своите претставници.

Тужбата се однесува на писма што раководството на ЕЦБ ги испратило до синдикалните претставници по интервју во кое беше изнесена критика за работната култура во Банката. Според Ипсо, писмата имале за цел да ги обесхрабрат јавните коментари и да го ограничат правото на слободно изразување.

ЕЦБ ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека останува посветена на транспарентност, владеење на правото и академска независност. Институцијата потсети дека вработените имаат повеќе канали за пријавување проблеми, вклучувајќи и систем за анонимни пријавувачи.

Случајот ќе се разгледува во Луксембург, а пресудата може да има пошироко влијание врз односите меѓу вработените и управата во европските институции, како и врз угледот на ЕЦБ во чувствителен период за монетарната политика на еврозоната.

Продолжи со читање

Банки

Оваа есен штедете паметно со Промо депозитот на Халкбанк

Објавено

на

Со почетокот на есента, многумина прават пресек на изминатата година и поставуваат нови цели. Октомври е месец кога вреди да се размислува за финансиска стабилност и сигурност, време кога паметните одлуки носат долгорочна корист. Халкбанк, како банка што нуди доверливи и практични решенија, овој октомври го претставува Промо депозитот со нови услови, создаден за сите кои сакаат нивните заштеди да растат сигурно и предвидливо.

Промотивен период со одлични услови

Започна промотивен период со атрактивни каматни стапки за орочени депозити со рок на орочување од 13 месеци. Минималниот износ на вложување изнесува 30.000 денари или 500 евра. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,00% за депозити во денари и 2,00% за депозити во евра. Овој пат понудата за промо депозитот нуди можност за орочувње на депозити во американски долари со фиксна каматна стапка од 2,00%.

Флексибилност по ваша мерка

Клиентите можат да изберат исплата на каматата месечно или на крајот од орочувањето, во зависност од своите финансиски планови. Со тоа, секој штедач добива можност да ја прилагоди добивката на своите потреби.

Без изненадувања, само стабилност

Со Промо депозитот на Халкбанк сè е јасно и предвидливо. Условите се едноставни – средствата се орочуваат и доколку останат непроменети сè до истекот, корисникот ќе ја добие целосната промотивна камата. По завршувањето, депозитот не се обновува автоматски, што ви остава простор самите да одлучите како ќе ги планирате следните чекори.

Како да започнете?

Со посетета на најблиската филијала на Халкбанк многу едноставно може да го отворите Промо депозитот.

Халкбанк е твојот партнер за сигурна иднина

Во време кога неизвесноста е секојдневие, чувството на финансиска стабилност станува вистинска вредност. Халкбанк останува посветена на тоа да им овозможи на своите клиенти едноставни и сигурни решенија кои носат мир на долг рок. Промо депозитот е создаден со таа идеја – да биде практичен избор за сите што сакаат нивните средства да растат предвидливо и без ризик.

Штедењето не е само финансиски потег, туку начин да се создаде рамнотежа и сигурност во животот. Затоа, секоја одлука донесена денес, колку и да изгледа мала, може да биде темел на посигурно утре.

Продолжи со читање

Банки

Славески на средби со ММФ: Мерките на Народната банка придонесува за постепено намалување на инфлацијата и задржување на финансиската стабилност

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ. На средбите присуствуваше и министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Гувернерот Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик, заменик-директорите Марникс ван Рај и Владислав Рашкован и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.

На средбите, високите претставници на ММФ го поздравија приклучувањето и реализацијата на првите трансакции во СЕПА, како и потпишувањето на Писмото на намери со Банката на Италија за развивање на клон на ТИПС системот на ЕЦБ за земјите од Западен Балкан за натамошна модернизација и овозможување инстант плаќања во домашните, меѓусебните прекугранични плаќања и плаќањата со другите земји во СЕПА.

На средбите се разговараше за најновите макроекономски случувања во земјата, како и за очекувањата за идните движења. Гувернерот Славески истакна дека Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност, за што се осврна на мерките преземени од страна на централната банка во насока на остварувањето на оваа цел. Дополнително, гувернерот ги образложи новите макропрудентни мерки донесени од страна на Народната банка насочени кон понатамошно одржување на финансиската стабилност.

Претставниците на ММФ посочија дека прудентната монетарна политика што ја спроведува Народната банка придонесува за ефективно управување со ризиците и постепено намалување на инфлацијата, при што создава услови за стабилен економски раст, што се потврдува и со најновите проекции на ММФ за македонската економија, со очекуван растот годинава од 3,4%, а за следните години одржување на нивото околу 3%. Истовремено, инфлацијата се очекува во континуитет да продолжи да забавува и да се сведе на историското ниво од околу 2% на среден рок.

Во разговорите беше потврдена и континуираната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ. Во изминатиот период, преку техничките мисии на ММФ беа реализирани повеќе активности за модернизација на монетарните операции, подобрување на проекциите за ликвидноста на банкарскиот систем и зајакнување на супервизорските капацитети на Народната банка. Со тоа се зголеми ефикасноста и предвидливоста во спроведувањето на монетарната политика, како и отпорноста на банкарскиот систем на потенцијални ризици. Соработката со ММФ ќе продолжи и во наредниот период, со цел понатамошно усогласување со меѓународните стандарди и унапредување на аналитичките и оперативните капацитети на Народната банка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange