Анализи
Инфлацијата во февруари достигна 2,9 проценти, благ месечен раст на трошоците на живот
Годишната инфлација во февруари изнесува 2,9 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во однос на јануари, трошоците на живот се зголемиле за 0,2 проценти.
Според статистичките податоци, цените на мало на годишно ниво бележат раст од 1,6 проценти. Во споредба со претходниот месец, пак, тие се намалени за 0,3 проценти.
Месечното движење на индексот на трошоците на живот во февруари покажува раст кај повеќе категории. Најголемо зголемување е забележано кај услугите за образование, каде цените се повисоки за 4 проценти. Следуваат облеката и обувките со раст од 1,1 процент, како и личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги со пораст од 0,9 проценти.
Пораст е регистриран и кај рекреацијата, спортот и културата, како и кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците за 0,3 проценти. За 0,2 проценти се зголемени и трошоците во категориите домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, како и храната и безалкохолните пијалаци.
Од друга страна, дел од категориите бележат намалување на трошоците на живот во однос на јануари. Најголем пад има кај транспортот, каде цените се намалени за 0,8 проценти. Намалување е регистрирано и кај здравствената заштита за 0,6 проценти, како и кај покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување на домаќинствата за 0,5 проценти.
Пониски цени се забележани и во категориите информации и комуникации, каде намалувањето изнесува 0,2 проценти, како и кај рестораните и услугите за сместување со пад од 0,1 процент.
Во меѓувреме, трошоците на живот во групата осигурување и финансиски услуги остануваат непроменети во однос на претходниот месец.
Анализи
ЕУ предупредува на можни откажувања на летови и поскапи билети поради криза со авионско гориво
Европската унија предупреди дека Европа се соочува со „многу сериозна криза“ поради намалени залихи на авионско гориво, предизвикани од конфликтот во Иран, што може да ги наруши плановите за летните одмори низ континентот.
Европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен, изјави дека е многу веројатно дел од граѓаните да се соочат со откажани летови или значително поскапи авионски билети.
„Станува збор пред сè за ценовна криза, но постои реален ризик таа да прерасне и во криза со снабдување“, истакна Јоргенсен, додавајќи дека доколку нема гориво, нема да има ниту летови.
Тој предупреди дека дури и во најдобро сценарио, доколку наскоро повторно се отвори Ормутскиот теснец, притисокот врз цените може да продолжи подолг период. Според него, оштетената гасна инфраструктура ќе бара години за целосно закрепнување, што значи дека повисоките цени би можеле да траат со месеци или дури години.
Во меѓувреме, авио-компаниите веќе реагираат на нарушувањата на пазарот. Меѓународна агенција за енергија предупредува дека сериозни проблеми со снабдувањето може да се појават во следните пет до шест недели.
Германската групација Lufthansa најави откажување на околу 20.000 летови во наредните месеци, додека други авиокомпании веќе ги зголемуваат цените на билетите за долги релации за да ги покријат растечките трошоци за гориво.
Претседателот на италијанската Управа за цивилно воздухопловство, Пјерлуиџи ди Палма, им препорача на патниците да размислат за одмор во сопствените земји или да обезбедат дополнително осигурување во случај на доцнења и откажувања.
Европската унија најави и мерки за ублажување на последиците од енергетската криза, вклучително и забрзување на транзицијата кон обновливи извори на енергија, поттикнување на користење топлотни пумпи и соларни панели, како и намалување на даноците за електрична енергија со цел поголема употреба на електрични возила.
Извор: Sky News
Анализи
Од нафта до играчки: како војната ги поскапува секојдневните производи
Воениот конфликт на Блискиот Исток веќе доведе до поскапување на горивото и авионските билети, но економските последици се шират многу подлабоко – директно во секојдневните трошоци на граѓаните. Сè повеќе производи, од облека до детски играчки, стануваат поскапи бидејќи нивното производство е тесно поврзано со нафтата.
Плишаните играчки зависат од нафта
Иако на прв поглед изгледа нелогично, дури и детските играчки се дел од овој ланец. Компанија од САД веќе регистрира зголемување на цените на материјалите за 10 до 15 проценти само неколку недели по почетокот на конфликтот.
Причината е што најголем дел од играчките се изработуваат од материјали како полиестер и акрил – производи добиени од петрохемикалии, односно директни деривати на нафта.
Економија изградена врз деривати од нафта
Петрохемикалиите се користат во производство на повеќе од 6.000 производи, меѓу кои: електроника, козметика и детергенти, текстил и обувки, медицинска опрема и амбалажа.
Тоа значи дека современата економија не зависи од нафтата само како гориво, туку и како клучна суровина.
Како се создава ефектот на поскапување
Во рафинериите, нафтата се разложува на компоненти како етилен, пропилен и бензен – основа за пластика, најлон и полиестер. Иако околу 85 проценти од нафтата се користи како гориво, останатите 15 проценти имаат огромно влијание врз производството.
Кога цената на нафтата расте, тоа брзо се прелева во цените на материјалите, а потоа и во финалните производи.
Трошоците за материјали ја туркаат инфлацијата
Според консултантската компанија Kearney, материјалите сочинуваат околу 27 до 30 проценти од трошоците за производство на облека, додека трудот учествува со 10 до 30 проценти.
Последиците се шират и во здравството
Поскапувањето не застанува кај потрошувачките производи. Во секторот на медицинска опрема, компаниите најавуваат зголемување на цените до 15 проценти, додека нивните трошоци веќе пораснале за околу 20 проценти.
Производителите се обидуваат да го ублажат ударот преку зголемување на залихите, одложување на поскапувањата и барање нови добавувачи, но ефектот е ограничен.
Инфлацијата добива ново лице
Оваа ситуација покажува дека инфлацијата повеќе не е само резултат на монетарната политика или побарувачката. Сè повеќе таа е последица на: геополитички случувања, нарушени синџири на снабдување и структурата на глобалното производство.
Од нафта до плишани играчки – економскиот ланец е цврсто поврзан, а секое нарушување на неговиот почеток има широки и долготрајни последици.
Анализи
Платите продолжуваат да растат: Над 7% повисоки приходи во февруари
Просечната бруто и нето плата во земјава бележат значителен годишен раст во февруари 2026 година, покажуваат најновите официјални податоци.
Просечната месечна бруто-плата по вработен достигнала 69.371 денар, додека просечната нето-плата изнесувала 46.159 денари. Во споредба со февруари минатата година, бруто-платата е зголемена за 7,3 проценти, а нето-платата за 7,2 проценти.
Најголем придонес во растот имаат секторите административни и помошни услужни дејности, рударство и вадење камен, како и дејностите поврзани со снабдување со вода, управување со отпадни води и отпад.
Истовремено, на месечно ниво е забележано намалување на платите во неколку дејности. Пониски примања има во земјоделството, шумарството и рибарството, во другите услужни дејности, како и во секторот уметност, забава и рекреација.
Податоците укажуваат на континуиран тренд на раст на платите на годишно ниво, иако во одредени сектори се бележат краткорочни падови.
-
Интервјуапред 2 месециПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециЗошто е сменет директорот на Развојната банка и кој е неговиот наследник!?
-
Продуктипред 1 месецДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Банкипред 2 месециХалкбанк известува: Пензиите за февруари се достапни на пензионерите
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Павле Гацов | Готовината и сивата економија „јадат“ 500 милиони евра годишно




