Connect with us
no baners

Банки

НЛБ Банка воведува дигитално потпишување на кредитна документација за физички лица 

Објавено

на

Следејќи ја својата визија за дигитална трансформација во банкарското работење, НЛБ Банка како лидер во иновации во банкарскиот сектор, воведува ново решение за дигитално  потпишување на документите за кредитните продукти за физички лица во експозитурите. Имлементацијата на новиот начин на потпишување на банкарската документација значително го скратува времето на целиот кредитен процес и го унапредува клиентското искуство. Истовремено, ја намалува потрошувачката на хартија за повеќе од 25%, поддржувајќи ја посветеноста на Банката за одговорно банкарство и одржливо работење.

Станува збор за брз, безбеден и исклучително едноставен процес со кој физичкото потпишување и архивирање на хартиената кредитна документација „заминува во историјата“. Веќе во сите експозитури на НЛБ Банка во земјата, клиентите ќе потпишуваат договори за потрошувачки кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување на платежна сметка преку безбедни електронски уреди за потпишување (e-Pads), а целата документација ќе биде проследена до клиентот преку електронска пошта.

„Динамичниот начин на живот и напредокот на технологијата значително ги менуваат потребите на луѓето и корисничките навики.  Клиентите очекуваат брзи, ефикасни и сигурни банкарски услуги, а наша задача е тоа и да им го овозможиме. Воведувањето на дигиталниот потпис на кредитната документација за физички лица во експозитурите на Банката е уште еден чекор повеќе на нашиот пат кон дигитална трансформација на банкарското работење, а интеграцијата на ова решение е само една од многуте иницијативи кои имаат за цел да го направат искуството на нашите клиенти модерно, ефикасно и еколошки одговорно.“ – истакнуваат од НЛБ Банка.

Дигиталното потпишување на кредитна документација има бројни приодбивки. Значително ја подобрува ефикасноста и ефективноста на банкарските службеници кои работат на првата линија со клиентите, го скратува времето на чекање во експозитурите и потпишување на обемната хартиена документација. Воедно, драстично се намалува потребата од печатење на документите, што е исклучително важно за намалување на потрошувачката на хартија и електрична енергија, заштита на природните ресурси и минимизирање на отпечатокот врз животната средина.

Банки

Комерцијална банка ги награди победниците на натпреварот во раскажување книги со штедни книшки „Верверичка“

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје и оваа година го поддржа натпреварот во раскажување книги, организиран од Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, наградувајќи ги најуспешните учесници со штедни книшки „Верверичка“ и парични депозити.

Банката обезбеди награди за шесте победници во две категории, при што за освоено прво место беа доделени 10.000 денари, за второ место 6.000 денари, а за трето место 4.000 денари.

Од Комерцијална банка истакнуваат дека со оваа поддршка не само што се наградува успехот на младите љубители на книгата, туку се поттикнуваат и вредности како љубовта кон читањето, критичкото размислување и стремежот кон знаење.

Во време кога децата се сè повеќе изложени на содржини од социјалните мрежи, од Банката нагласуваат дека читањето придонесува за развој на фокусот, имагинацијата и способноста за формирање сопствен став.

Штедната книшка „Верверичка“, покрај симболиката поврзана со штедењето, претставува и прв чекор кон развивање здрави финансиски навики кај најмладите.

Комерцијална банка најавува дека и во иднина ќе продолжи да ги поддржува иницијативите кои ги мотивираат младите да учат, да создаваат и да инвестираат во својата иднина.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка организира нова сесија на Клубот на истражувачите

Објавено

на

Народната банка на 18 јуни (четврток) ќе ја одржи 58. сесија на Клубот на истражувачите, која ќе започне во 14 часот во просториите на институцијата.

На настанот ќе биде презентиран научноистражувачкиот труд „Поширок поглед врз стабилноста на банките: Дали нефункционалните кредити се значајни за земјите во развој?“, чиј автори се проф. д-р Бесиме Зибери и д-р Артина Беџети Бафтијари.

По презентацијата е предвидена отворена дискусија со учесниците.

Од Народната банка информираат дека Клубот на истражувачите претставува платформа за презентација и размена на научни и стручни согледувања од областа на монетарната политика, банкарството и макроекономијата. На сесиите се презентираат истражувања кои се темелат на современи научни методи, емпириски анализи и релевантни заклучоци.

Клубот е отворен за научната и стручната јавност, а членството е достапно за сите заинтересирани. Сесиите се јавни, а фотографии од настаните редовно се објавуваат на веб-страницата и на социјалните мрежи на Народната банка.

Продолжи со читање

Банки

Потпретседателот на ЕЦБ Борис Вујчиќ: Подлабоката монетарна интеграција може значително да ја намали финансиската ранливост на регионот

Објавено

на

Подлабоката монетарна интеграција може да одигра значајна улога во намалувањето на финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено имајќи ја предвид широко распространетата употреба на еврото во повеќе економии од регионот. Усвојувањето на заедничката валута го намалува ризикот од неусогласеност меѓу приходите во домашна валута и задолжувањето во странска валута, со што се олеснува управувањето со финансиските обврски на домаќинствата, компаниите и државите и се намалува можноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на валутните движења. Ова го истакнува потпретседателот на Европската централна банка и поранешен гувернер на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“ (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).

Според Вујчиќ, монетарната интеграција придонесува и за зајакнување на довербата кај инвеститорите, намалување на трошоците за финансирање и зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Тој нагласува дека со интеграцијата се продлабочуваат економските врски меѓу земјите преку трговијата, финансиите и заедничките институции, но посочува и дека таа не може да биде замена за стабилни економски политики, одржливи јавни финансии и ефикасни институции.

Осврнувајќи се на искуството на Хрватска со воведувањето на еврото, Вујчиќ оценува дека навременото усогласување со Европската централна банка било од огромна важност за успешниот и непречен премин кон еврозоната. Тој наведува дека со помош на усогласувањето во сферата на монетарната политика и банкарската супервизија, транзицијата се одвивала без нарушувања во финансискиот систем, а придобивките за граѓаните и за компаниите се видливи преку пониските трошоци за задолжување, намалените трансакциски трошоци и елиминирањето на валутниот ризик.

Во интервјуто, Вујчиќ посебно се осврнува и на соработката со Народната банка, оценувајќи ја како силна, конструктивна и заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на јакнењето на централнобанкарските капацитети и финансиската стабилност. Тој потсетува на успешно остварените заеднички проекти, вклучително и два твининг-проекта и три фази од програмата за јакнење на капацитетите на централните банки на Западен Балкан.

„Она што најмногу се издвојува во оваа соработка е професионализмот, посветеноста и експертизата на персоналот на Народната банка. Нивниот силен ангажман, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основните фактори за успехот на нашата заедничка работа“, истакнува Вујчиќ, додавајќи дека со нетрпение очекува продолжување на одличната соработка и во иднина.

Интервјуто со Борис Вујчиќ е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации. Преку овие интервјуа се овозможува потемелно разгледување на главните прашања од областа на централното банкарство и се создава релевантна експертска содржина со долгорочна институционална вредност.

Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/80-godini-centralno-bankarstvo.nspx

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange