Connect with us
no baners

Банки

НЛБ Банка го одбележа трудот и посветеноста на своите јубилејци и пензионери

Објавено

на

Во НЛБ Галерија се одржа традиционален настан посветен на јубилејците и пензионерите на НЛБ Банка, кои со посветеност, тимски дух и колегијалност ја градат организацијата повеќе од четири децении.

Оваа година, вкупно 64 вработени го прославуваат својот јубилеј:

  • 29 вработени со 10 години посветена работа
  • 35 вработени со 20 години континуиран придонес

Особено беше одбележан придонесот на 7 пензионирани вработени, кои низ децениите оставија значајна трага во развојот на НЛБ Банка.

На настанот присуствуваше Управата на Банката, која им упати искрена благодарност на сите колеги за нивниот труд и посветеност. Претседателот на Управниот одбор, Тони Стојановски, истакна дека мудроста, колегијалноста и силниот тимски дух на јубилејците и пензионерите се темелот врз кој Банката гради развој, иновации и успех повеќе од четири децении.

„Им честитаме на сите јубилејци и пензионери и од срце им благодариме за нивната улога во градењето на 40-годишната успешна приказна на Банката. Без нив, оваа приказна не би била истата. Сè што е создадено заедно ќе продолжи да се унапредува, како и секогаш – со силен тимски дух“, истакна Стојановски.

НЛБ Банка со благодарност им честита на сите јубилејци и пензионери, чиј придонес е неизбришлив дел од 40-годишната успешна приказна на Банката.

Банки

Именувана нова Генерална директорка за управување со ризици во Стопанска банка

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје објави дека на 28 јануари 2026 година соодветните регулаторни лиценци се издадени и е именувана д-р Емилија Стојанова Ивановска за Генерална директорка за управување со ризици и член на Управниот одбор на банката. 

Д-р Стојанова Ивановска е долгогодишен професионалец со повеќе од 20 години искуство во банкарскиот сектор, од кои 15 години на менаџерски позиции. Таа има длабоко аналитичко и стратешко знаење во областа на управување со кредитни, ликвидносни и пазарни ризици, како и во развојот на модели за оценување на кредити и политики за управување со ризици. 

Во текот на својата кариера, таа водела значајни проекти во делот на ризиците, вклучувајќи развој и подобрување на кредитни модели и учество во важни одбори на банката. Д-р Стојанова Ивановска е исто така активен учесник во професионални и академски форуми и често се појавува како гостин-говорник на високообразовни институции. 

Со ова именување, Стопанска банка повторно ја потврдува својата заложба за силно корпоративно управување и усвојување на највисоки стандарди во системот за управување со ризици, што е клучно за одржлив раст и стабилност на банката на пазарот. 

Продолжи со читање

Банки

Работилница на Народната банка во Стопанската комора: Практични аспекти и предизвици за компаниите при вршењето плаќања преку СЕПА

Објавено

на

Во соработка со Стопанската комора на Република Северна Македонија, Народната банка организира работилница за деловната заедница. Целта беше компаниите да се запознаат одблизу со новите услови и начинот на извршување на прекуграничните плаќања во евра, како и со конкретните придобивки од членството на земјата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Ова е прва ваква работилница наменета за деловната заедница, на која присуствуваа повеќе од 60 компании, главно од извозно-увозниот сектор. За нив СЕПА е од посебно значење, бидејќи голем дел од надворешната трговија и финансиските трансакции се остваруваат токму со земјите од СЕПА.

Работилницата е дел од активностите на Народната банка за појаснување на можностите за компаниите и за подобро искористување на придобивките по оперативното приклучување на домашните банки кон СЕПА. Покрај презентирање на практичните аспекти на плаќањата преку СЕПА, на настанот се одвиваше и директна дискусија со компаниите, размена на искуства и се увидоа предизвиците со кои се соочуваат при користењето на овие услуги.

Во текот на дискусијата се истакна дека СЕПА овозможува побрзи, поевтини и потранспарентни плаќања во евра, со предвидливи трошоци и поедноставени процедури. Имено, со плаќањата преку СЕПА, компаниите имаат во просек осумкратно пониски надоместоци за одливните плаќања, а тројно пониски надоместоци за приливите на износ од 20.000 евра во споредба со СВИФТ/кореспондентните трансфери. Ова носи заштеда од стотици до илјадници евра годишно за компаниите што редовно тргуваат со компании од четириесетте земји од СЕПА, што, пак, директно помага за подобро управување со ликвидноста и ја зголемува конкурентноста на македонските компании на меѓународните пазари.

Народната банка и понатаму ќе биде посветена на максимално искористување на придобивките од членството во СЕПА од страна на деловната заедница. Таа и во иднина ќе поведува вакви иницијативи, во тесна соработка со стопанските комори, банките и компаниите, за да се продлабочи интеграцијата на домашната економија во европскиот платежен простор.

Продолжи со читање

Банки

Германски банкарски гигант предвидува дека цената на златото ќе надмине 6.000 долари за унца до крајот на годинава!?

Објавено

на

„Deutsche Bank“ се приклучи на водечките финансиски институции на Волстрит кои ги ревидираат нагоре своите прогнози за цената на златото, во услови на силен и продолжен раст на овој благороден метал.

Германската банка објави дека ја зголемува својата прогноза за цената на златото на 6.000 долари за унца до крајот на годината, што претставува раст од 28% во однос на претходната проценка. Со ова, „Deutsche Bank“ се изедначува со прогнозата на „Société Générale“, додека „Goldman Sachs“ и „Morgan Stanley“ исто така неодамна ги зголемија своите ценовни прогнози.

Според аналитичарите на „Deutsche Bank“, клучната поента не е само повисоката целна цена, туку причините зад растот на златото.

„Кои се историските лекции што можат да се научат од претходните зголемувања на цената на златото и дали денешните мотиви на инвеститорите се разликуваат од оние во минатото?“, прашува аналитичарот Мајкл Хсју од Сингапур. Аналитичарите посочуваат дека во две третини од случаите на нагло поскапување на златото, цената продолжила да расте во наредните 6 до 12 месеци.

Анализата покажува дека, за разлика од 1980-тите години, денешните двигатели на растот се структурни, а не привремени. Меѓу нив се издвојуваат: централните банки ја намалуваат изложеноста поради страв од замрзнување на странски средства, зголемена побарувачка за недоларски и реални средства, како и долгорочните проекции за раст на јавниот долг во голем број економии во светот.

Фјучерсите на златото во вторникот се тргуваа стабилно, околу 5.077 долари за унца, по импресивен раст од 83% во последните 52 недели.

Позитивниот став на „Deutsche Bank“ и ревидирање на очекувањата има и за среброто, за кое банката ја зголеми прогнозата за 71 проценти односно на 100 долари за унца. Аналитичарите наведуваат дека од декември е забележан нов инвестициски прилив и дека е можно суверените фондови или централните банки да започнале алокации во сребро, што не мора јавно да биде објавено.

Дополнителен поттик за побарувачката за сребро доаѓа од:

  • напорите на Кина целосно да ги опфати со даноци офшор-инвестициите,
  • планот на Централната банка на Индија да дозволи среброто да се користи како колатерал за кредити.

Иако фјучерсите на среброто во вторникот паднаа за 3%, цената на овој метал бележи раст од дури 262% на годишно ниво.

Пораката од аналичарите на „Deutsche Bank“ е дека структурно повисокиот геополитички ризик ќе продолжи да ги поддржува повисоките цени на суровините, а со тоа и златото и среброто кои се сметаат за сигурно прибежиште на инвеститорите за заштита на капиталот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange