Анализи
Конфликтот на Блискиот Исток може да ги зголеми цените на храната – проблем во снабдувањето со ѓубрива преку Ормускиот теснец
Ескалацијата на конфликтот со Иран може да предизвика нов бран поскапувања на храната на глобално ниво, предупредуваат економските аналитичари. Причината не е само растот на цената на енергенсите, туку и ризикот од нарушување на испораките на ѓубрива преку Ормускиот теснец, една од најважните трговски рути во светот.
Додека вниманието на финансиските пазари главно е насочено кон нафтата, експертите посочуваат дека евентуалниот недостиг од ѓубрива може да има долгорочни последици врз земјоделството и цените на храната. Намалената достапност на овие производи ги зголемува трошоците за производство во земјоделството, што на крајот се пренесува и на потрошувачите.
Според економските проценки, ваквото нарушување на синџирите на снабдување може дополнително да ја зголеми инфлацијата на храната. Аналитичарите проценуваат дека само овој фактор би можел да ја зголеми инфлацијата на храната во САД за околу два процентни поени, со дополнителен ефект врз вкупната инфлација.
Ова се случува во период кога многу домаќинства веќе се соочуваат со високи трошоци за храна, енергија и домување.
Клучниот проблем е што Ормускиот теснец претставува критична рута за глобалната трговија со ѓубрива преку него поминува повеќе од една третина од светскиот извоз на овие производи. По почетокот на војната кон крајот на минатиот месец, комерцијалниот бродски сообраќај во регионот е сериозно нарушен, што ги прекина испораките токму во период кога земјоделците во северната хемисфера се подготвуваат за пролетната сеидба.
Времето е особено чувствително, бидејќи ѓубривата се користат на почетокот на земјоделскиот циклус и директно влијаат врз приносите на културите.
Пазарот веќе реагира на новонастанатата ситуација. Податоците од индустријата покажуваат дека цените на ѓубривата се зголемиле за околу 30 проценти само една недела по почетокот на конфликтот.
Особено значајни се азотните ѓубрива, кои се широко користени за подобрување на приносите во земјоделството и се меѓу најтргуваните производи што се транспортираат низ овој регион.
Соединетите Американски Држави, на пример, делумно зависат од увоз на ѓубрива, кој учествува со околу една петтина од вкупната потрошувачка. Азотните ѓубрива доаѓаат од различни земји, меѓу кои Канада, Тринидад и Тобаго и Русија.
Ако кризата во регионот продолжи и транспортот преку Ормускиот теснец остане ограничен, економистите предупредуваат дека глобалниот пазар на храна би можел да се соочи со нови притисоци врз цените во текот на следните месеци.
Анализи
Обврзниците закрепнаа по зголемувањето на каматите од Фед
Приносите на глобалните обврзници се намалија во четвртокот, откако американската централна банка ги зголеми каматните стапки и најави решителност во борбата со инфлацијата, што придонесе за смирување на пазарите.
Приносот на 10-годишните американски државни обврзници се намали за три базни поени, на 4,99 проценти, со што беше прекината осумдневната серија на раст. Намалување на приносите беше забележано и на други големи пазари.
Во текот на неделата, просечниот принос на државните обврзници во светот достигна највисоко ниво во последните 19 години, во услови на повисоки цени на нафтата и засилени инфлаторни очекувања.
Федералните резерви во средата ја зголемија каматната стапка за 0,25 процентни поени, а проекциите на официјалните претставници укажуваат на можност за уште едно зголемување до крајот на годината.
Инвеститорите воедно го насочија вниманието кон Банката на Јапонија, од која се очекува зголемување на референтната каматна стапка од 1 на 1,25 проценти.
Аналитичарите оценуваат дека идните сигнали од централните банки ќе бидат клучни за движењата на глобалниот пазар на обврзници, особено во услови на висока инфлација и зголемена пазарна нестабилност.
Анализи
18 септември – Меѓународен ден на еднакви плати: Родовиот јаз во платите е видлива последица на невидливите нееднаквости
По повод Меѓународниот ден на еднаква плати, Алијансата за родова еднаквост (GEA) потсетува дека, и покрај законските гаранции за еднаква плата за еднаква работа, жените и понатаму заработуваат помалку од мажите. Но, родовиот јаз во платите не започнува на денот кога се исплаќа платата, тој започнува многу порано.
Разликата во заработувачката е видлива последица на невидливите нееднаквости што се акумулираат во текот на целиот работен век на жените. Таа започнува со изборот на професија, продолжува преку ограничените можности за напредување, недоволната застапеност на раководни позиции, поголемата грижа за семејството и домот, нееднаквиот пристап до финансии и претприемништво, а на крајот се рефлектира и во висината на платата, пензијата и економската сигурност.
Принципот на еднаква плата за еднаква работа е утврден уште со Договорот од Рим во 1957 година и претставува едно од основните начела на Европската Унија. Сепак, и покрај повеќе од шест децении законски гаранции и политики за еднаков третман, напредокот во намалувањето на родовиот јаз во платите останува бавен.
Според Меѓународната организација на трудот (ILO), жените на глобално ниво и понатаму заработуваат околу 20% помалку од мажите, додека најновите податоци на Евростат покажуваат дека родовиот јаз во платите во Европската Унија во 2024 година изнесува 11,1%. Иако во последните години се бележи постепено намалување на разликите, тие остануваат значајни, особено кај жените на повисоки позиции и во најпродуктивниот дел од работниот век.
Во Македонија, последните официјални податоци покажуваат дека родовиот јаз во платите изнесува околу 12%, а најголемите разлики се забележуваат кај лицата со високо образование и кај вработените на возраст од 45 до 49 години. Ова покажува дека високото образование и професионалното искуство сами по себе не се доволни за да обезбедат еднаква економска положба на жените (ДЗС, Мажите и жените, 2025).
Важно е да се нагласи дека родовиот јаз во платите не значи дека секоја жена добива пониска плата од својот машки колега за истото работно место. Тој претставува разлика во просечните заработувачки на сите жени и мажи на пазарот на трудот и е резултат на комбинација од повеќе фактори – хоризонтална и вертикална сегрегација, недоволна застапеност на жените на раководни позиции, почести прекини во кариерата поради семејни обврски, нееднаква распределба на неплатената грижа, но и директна и индиректна дискриминација.
Во текот на изминатата година, анализите на Алијансата за родова еднаквост покажаа дека овие нееднаквости не се ограничени само на платите. Анализата „Родовиот јаз во пристапот до кредити: состојба и предизвици во Северна Македонија“, изработена врз основа на податоци од Народната банка, покажа дека само 13,78% од корпоративните кредити по број и 7,83% по вредност се одобрени на компании во претежна сопственост на жени. Дополнително, анализите за политичката застапеност и лидерството укажуваат дека жените и понатаму се недоволно застапени на позициите каде што се носат најважните економски и политички одлуки (овде двете соопштенија за жените во политиката и корпоративно управувавње). Овие фактори директно влијаат врз нивните можности за професионален развој, повисоки приходи и економска независност.
Родовата еднаквост не е само прашање на човекови права, туку и на економски развој. Истражувањата покажуваат дека поголемото учество на жените на пазарот на трудот, еднаквиот пристап до лидерски позиции и подобриот пристап до финансии придонесуваат за повисока продуктивност, поголема конкурентност на компаниите и поодржлив економски раст.
„Ако сакаме да го намалиме родовиот јаз во платите, мора да престанеме да го гледаме само како прашање на плата. Тој е резултат на сите нееднаквости што жените ги доживуваат во текот на кариерата – од образованието и првото вработување, преку пристапот до финансии и можностите за напредување, до учеството во носењето одлуки. Еднаквата плата е последица на еднаквите можности, а не обратно“, истакнуваат од Алијансата за родова еднаквост.
Алијансата за родова еднаквост апелира до институциите, работодавачите и креаторите на политики да креираат мерки и политики што ќе обезбедат поголема транспарентност на платите, еднакви можности за напредување, поголема застапеност на жените на лидерски позиции, подобар пристап до финансии за жените претприемачи и редовно следење на родово разделените статистички податоци. Само преку системски пристап може да се создаде пазар на труд на кој еднаквата плата нема да биде исклучок, туку правило.
Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA е иницијатива на
Асоцијацијата за е-трговија која е посветена на создавање инклузивна работна култура и
промовирање еднакви можности за сите. Алијансата се залага за три главни столба:
еднаква застапеност на мажи и жени на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста
работа и еднакви можности за напредок. Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys, Сава Пензиско, и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, IdeaLab, Евроинс Осигурување, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Publicis Groupe, EOS Matrix, Avenga Academy, Furnit и Fashion Group.
Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за
родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.
Анализи
Државата се задолжи 35,7 милиони евра, каматата до 5,2%
Македонија обезбеди нови 35,7 милиони евра преку домашниот пазар на државни хартии од вредност, при што каматата за долгорочното задолжување достигнува 5,2 проценти.
Министерството за финансии на аукциите одржани на 15 септември продаде државни хартии од вредност во вкупен износ од околу 2,17 милијарди денари.
Од оваа сума, околу 1,16 милијарди денари се обезбедени преку едногодишни државни записи. Тие доспеваат на 15 септември 2027 година, а каматната стапка изнесува 4,10 проценти.
Останатите нешто повеќе од една милијарда денари се обезбедени преку 15-годишни државни обврзници. Нивниот рок на достасување е 17 септември 2041 година, а купонската каматна стапка изнесува 5,20 проценти.
Побарувачката на двете аукции одговарала на понудениот износ, а целата понудена количина државни хартии била продадена.
Народната банка ги спроведува аукциите на државни хартии од вредност во име на Министерството за финансии преку тендери со износи, при што цената и купонот се однапред утврдени, а примарните дилери конкурираат со износите што сакаат да ги купат.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





