Connect with us

Банки

Главната економистка на НБ, Крстевска: Преку поттикнување на штедењето до стабилизација на инфлацијата

Објавено

на

„Централните банки ширум светот се во фаза на водење затегната монетарна политика, за справување со притисоците врз инфлацијата и инфлациските очекувања. Намалената или одложена потрошувачка во периоди на зголемени каматни стапки, при истовремено поттикнување на штедењето, придонесува за враќање на ценовната стабилност на долг рок, што е од клучно значење за животниот стандард на населението. Во моментов, инфлацијата во глобални рамки забавува, но ризиците и натаму постојат и потребна е натамошна внимателност“, посочи главнaтa економисткa на Народната банка, Анета Крстевска, во интервју за „Блумберг Адрија“.

Крстевска објасни дека затегнувањето на монетарната политика по дефиниција значи намалување на потрошувачката, заради соборување на инфлацијата и инфлациските очекувања. „Веруваме дека во периоди на повисока инфлација сите подобро го разбираме значењето на ценовната стабилност, односно на ниските и предвидливи стапки на инфлација. Постојната инфлација е предизвикана главно од глобални фактори – цените на храната и енергијата, но со секундарни ефекти на другите цени и на инфлациските очекувања“, истакна таа.

Осврнувајќи се на домашниот контекст, Крстевска истакна дека веќе осум месеци инфлацијата забавува, додека во последните неколку месеци тоа е придружено и со забавување кај базичната инфлација, а се забележуваат и позитивни трендови кај динамиката и валутната структура на депозитите. Движењето на инфлацијата засега е во согласност со последната проекција на Народната банка, според која инфлацијата оваа година би била 8 ‒ 9%, просечно, годишно (наспроти 14,2% лани), а ќе забавува и следната година. За движењата на девизниот пазар, главната економистка на Народната банка посочи дека се стабилни, а девизните резерви се на солидно ниво.

Во однос на следењето на монетарните сигнали од страна на банкарскиот систем, Крстевска посочи дека според Анкетата на Народната банка за кредитната активност на банките, одговорите добиени од банките укажуваат на зголемено влијание на монетарната политика врз политиките на банкарскиот сектор. Овие одговори соодветствуваат со нагорните промени на банкарските каматни стапки, вклучително и кај депозитите, што овозможи соодветно забрзување на депозитниот раст. „Промените кај новоодобрените кредити и новопримените депозити беа позабележителни, но со текот на времето таа промена стана видлива и кај вкупните кредити и депозити. Промените кај пасивните каматни стапки се постепени, но постојани веќе неколку месеци, што упатува на соодветно внимание на банките за каматниот принос на депозитите, како нивен основен извор на финансирање. Во секој случај, Народната банка водеше сметка промените во монетарната политика да бидат постепени, за да не настанат ненадејни промени во економијата“, истакнува Крстевска.

Во услови на глобална неизвесност и сѐ повисоки каматни стапки, исто како и во многу други земји од регионот и пошироко, кредитниот раст од почетокот на оваа година малку забави, но и натаму е умерен (6,5% годишно во мај). „Народната банка направи напори и во овие услови да се подобри структурата на кредитирањето, преку поттикнувањето на „зелените кредити“ кај банките заради поддршка на енергетската транзиција на економијата. За таа цел, Народната банка изминатиов период соодветно го приспособи расположливиот инструментариум, односно продолжи со користењето на задолжителната резерва за неконвенционални цели (ослободување од задолжителна резерва за кредити за обновливи извори на енергија), по што следеше проширување на банкарските портфолија со „зелени кредити“, посочи главната економистка на Народната банка.

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Банки

Фич: Кредибилната монетарна политика и стабилниот банкарски систем се клучни фактори за економската стабилност

Објавено

на

Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност. Фич воедно оценува дека девизните резерви остануваат стабилни и обезбедуваат соодветна покриеност на идните надворешни плаќања.

Во извештајот, „Фич“ наведува дека кредибилната и конзистентна монетарна политика придонесува за стабилноста на економијата. Во услови на повисоки инфлациски притисоци, Народната банка, во јуни 2026 година, ја зголеми основната каматна стапка за 25 базични поени на 4,25%. Според „Фич“, просечната инфлација во периодот јануари – август 2026 година изнесува 3,7%, при што повисоките цени на енергијата и растот на трошоците за труд и кредитната активност се меѓу факторите што влијаат врз ценовните движења.

Во однос на банкарскиот сектор, извештајот потврдува дека тој останува стабилен и добро капитализиран, со солидна ликвидност и отпорност. Во вториот квартал од 2026 година банките имаат висока адекватност на капиталот од 19,5%. Квалитетот на активата останува солиден, со нефункционални кредити од околу 2%.

Народната банка и натаму е посветена на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Во услови на променливи глобални економски услови и присутни инфлациски и надворешни ризици, централната банка внимателно ги следи инфлациските движења, кредитната активност и состојбата на финансискиот систем и соодветно ја приспособува монетарната политика.

Наодите на „Фич“ се потврда за важноста на кредибилната и соодветно водена монетарна политика, како и на стабилниот и добро капитализиран банкарски сектор, за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Банки

Септемвриските пензии преку Халкбанк се достапни на сметките на пензионерите!

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје информира дека од 29 септември 2026 година, пензиите се достапни на сметките на пензионерите кои својата пензија ја примаат преку банката.

Средствата пензионерите можат да ги користат во сите филијали на Халкбанк, преку банкоматите, како и преку електронското и мобилното банкарство.

Пензионерите кои претходно дале согласност, пензијата можат да ја подигнат и во поштенските единици на Пошта на Северна Македонија.

Од Халкбанк посочуваат дека пензионерите имаат повеќе можности за пристап до своите средства, зависно од начинот на користење на банкарските услуги.

„Важни се луѓето!“, порачуваат од Халкбанк АД Скопје.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange