Connect with us

Банки

Средба Ангеловска-Бежоска – Паолучи за новата Рамка за партнерство со Светската банка

Објавено

на

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи, во рамки на консултациите по повод новата четиригодишна Рамка за партнерство со Светската банка.

На средбата од страна на претставниците на Светската банка се разговараше за подготовката на новата Рамка за партнерство која има за цел поддршка за постигнување на инклузивен, одржлив и зелен раст на домашната економија. Народната банка, како еден од клучните носители на економски политики, дава поддршка при конципирањето на стратешките документи кои имаат за цел да придонесат кон подобрување на структурата и јакнењето на потенцијалот за раст на нашата економија. Притоа, Народната банка во континуитет има активна и успешна соработка со меѓународните финансиски институции, како Светската банка.

На средбата се разговараше за главните достигнувања, но и предизвици за развој на нашата економија, како што се продуктивноста, фискалната одржливост, човечкиот капитал, инфраструктурата, прилагодувањето кон климатските промени и добро управување со институциите. За време на средбата се дискутираше и за развојот на човечкиот капитал, како од аспект на квантитетот (вклученоста во работната сила), така и од аспект на квалитетот (вештините и продуктивноста), подобрувањето на пристапот до пазарите како и до финансиите, особено за малите и средни претпријатија, унапредувањето на инфраструктурата, како и справувањето со климатските предизвици и забрзувањето на зелената транзиција. Тоа би ја помогнало транзицијата на нашата земја кон конкурентен, одржлив и инклузивен модел на раст, кој ќе креира повеќе и подобри работни места, додека се одвива пристапниот процес кон ЕУ.

Од страна на гувернерката беше истакнато дека спроведувањето на структурните реформи во македонската економија и подобрата искористеност на трудот, капиталот и продуктивноста се единствениот начин за зголемување на потенцијалот на раст на нашата економија и забрзување на конвергенцијата. Оттука правилното утврдување на приоритетите, заедно со поддршката од меѓународните финансиски институции, како што е Светската банка за нивно исполнување се од клучно значење за економскиот напредок на нашата економија.

Банки

Халкбанк го нуди Halk Smart пакетот со повеќе банкарски услуги за 150 денари месечно

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје го промовира Halk Smart пакетот, кој на корисниците им овозможува користење повеќе банкарски и дополнителни услуги за месечен надоместок од 150 денари.

Во рамки на пакетот се вклучени одржување на платежна сметка, дебитна картичка, електронско и мобилно банкарство, како и СМС известувања.

Корисниците на Halk Smart имаат можност и за повлекување готовина без надоместок од банкоматите на сите банки во земјата.

Дополнително, во пакетот е вклучена и услугата ORYX Home Assistance, која обезбедува 24-часовна помош при штети и дефекти во домот.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Групацијата влегува во сопственичката структура на Дежелна Банка Словенија д.д

Објавено

на

НЛБ Групацијата склучи договор за купување акции со Скупина ПРВА д.д. и нејзините поврзани страни, за стекнување на 25.66% од акциите на Дежелна Банка Словенија д.д (ДБС), извести вчера НЛБ. Завршувањето на трансакцијата се очекува по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, најверојатно во втората половина од следната година. Покрај тоа, Групацијата ја разгледува и можноста за стекнување дополнителни акции во ДБС.

Со оваа планирана инвестиција, НЛБ Групацијата ја нагласува важноста на земјоделскиот сектор, област во која ДБС има значајно присуство преку своите производи и услуги. Во рамки на НЛБ Групацијата, земјоделството долго време се третира како сектор со пошироко општествено значење.

Во време кога светот се соочува со сè поголема неизвесност, можноста за обезбедување сигурен домашен синџир на снабдување со храна стана стратешко прашање. Словенечките земјоделци, производителите на храна, агро-прехранбените компании и земјоделскиот сектор во целина имаат клучна улога не само во обезбедувањето прехранбена сигурност, туку и во пошироката словенечка економија, националната отпорност, како и во зачувувањето на традицијата, идентитетот и иднината на нашето општество и словенечкиот пејзаж – истакнува Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.

Бродњак посочи дека, како водечка Банка во Словенија, НЛБ има улога на клучен развоен партнер и додаде дека целта на планираното стекнување на овој сопственички удел е   дополнително зајакнување на системската улога на НЛБ и нејзин придонес во обликувањето на иднината на Словенија.

Компаниите од Групацијата ПРВА поседуваат сопственички удел во ДБС првенствено преку нивната улога како управувачи со пензиски фондови, чии инвестициски портфолија вклучуваат акции од Банката. Акции од Банката се дел и од инвестициските портфолија на Групацијата ПРВА и ПРВА Финансии.

Продолжи со читање

Банки

ММФ: Независна Народна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност

Објавено

на

Независноста на централните банки е клучна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, особено во услови на висока глобална неизвесност, зголемен јавен долг, геополитички тензии и брзи технолошки промени, оценува Бо Ли, заменик-генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд.

Во интервју со НБРМ, посветено на улогата на централните банки, Ли посочува дека искуството од различни земји покажува оти независните монетарни институции се во подобра позиција да ја контролираат инфлацијата, да ги стабилизираат инфлациските очекувања и навремено да реагираат на економски шокови.

Според него, тоа особено се покажало во периодот по пандемијата, кога централните банки одговориле со заострување на монетарната политика во услови на инфлација каква што не била забележана со децении.

Ли предупредува дека политичките притисоци врз монетарната политика можат да создадат сериозни економски последици. Доколку каматните стапки се одржуваат на пониско ниво од она што го бара економската состојба, може да следуваат повисока и подолготрајна инфлација, зголемени премии за ризик, девизни притисоци и намалување на инвестициската активност.

Притоа, како што посочува, најголемиот товар од високата инфлација најчесто го чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.

„Доколку пазарите и јавноста стекнат впечаток дека одлуките се носат во функција на политички цели, наместо во согласност со законскиот мандат, се намалува довербата во институцијата, а со тоа и ефикасноста на монетарната политика“, предупредува Ли.

Тој нагласува дека независноста на централната банка не значи отсуство на отчетност. Напротив, таа мора да биде придружена со добро управување, транспарентност, јасна комуникација и силни механизми на отчетност.

Посебно внимание во интервјуто е посветено и на Северна Македонија. Според Ли, во мала и отворена економија со фиксен девизен курс, довербата во монетарните и финансиските институции има суштинска улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност и во создавањето услови за одржлив економски раст.

Тој оценува дека Народната банка во изминатите години континуирано ги зајакнувала рамките за носење политики, транспарентноста и комуникацијата, притоа задржувајќи јасен фокус на исполнувањето на својот мандат.

„Овие напори придонесоа за зајакнување на довербата на јавноста и за одржување на макроекономската стабилност, особено во периоди на зголемена глобална неизвесност“, посочува заменик-генералниот директор на ММФ.

Ли додава дека за малите економии институционалниот кредибилитет е особено важен при надворешни шокови, како нестабилни цени на примарните производи или промени во условите за надворешно финансирање.

За одржување на довербата, според него, потребни се јасен законски мандат, оперативна автономија, доследни политики, квалитетни податоци, професионален кадар и координација со останатите макроекономски политики.

ММФ, пак, ја поддржува независноста на централните банки преку совети за политики, техничка помош, обуки и истражувања.

Ли ја издвојува Северна Македонија и како позитивен пример во однос на транспарентноста. Земјата била меѓу првите во кои била спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, при што било утврдено дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.

Извор: NBRM

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange