Connect with us

Интервјуа

FinSight | Малинка Силјановска Николиќ: Договорени цени и нарушена конкуренција

Објавено

на

Картелското здружување, неоснованото зголемување на цените и притисокот врз добавувачите се сè почести теми во јавноста, особено во услови на висока инфлација и чувствителност на граѓаните на секое поскапување. Во новата епизода на FinSight, разговараме со Малинка Силјановска Николиќ, претставник на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), за тоа дали и како се изигрува Законот за заштита на конкуренцијата во Македонија.

Во фокусот на разговорот се практиките на одредени маркети, осигурителни компании и авто школи, кои, според КЗК, преку договорено однесување и неприфаќање на ценовниците на добавувачите, директно ја нарушуваат конкуренцијата на пазарот. Таквото однесување, како што посочува Комисијата, не само што ги оштетува добавувачите, туку на крајот се рефлектира и врз граѓаните преку повисоки малопродажни цени.

Во емисијата се отвора и прашањето за ефикасноста на казнената политика, односно дали сегашните глоби за картелско здружување се доволно високи за да имаат одвраќачки ефект или сепак, постои простор за нивно дополнително зголемување. Се анализира и примената на Законот за трговски маржи, како и начините на кои добавувачите можат да пријават злоупотреби и нефер однесување на пазарот.

Посебен акцент е ставен на Законот за нефер трговски практики и дилемата дали неговата доследна примена би можела да доведе до пониски малопродажни цени во маркетите. Одговорите на ова прашање се клучни, особено во контекст на јавните очекувања за поголема заштита на потрошувачите.

Во разговорот се осврнуваме и на неодамнешните казни изречени на 10 осигурителни компании, поради сомнежи за договарање на цените на задолжителното авто-осигурување (АО). Гледачите ќе дознаат на кој начин КЗК дошла до информациите за ваквото однесување и какви се следните чекори.

Отворено се зборува и за случајот со авто школите, кои според наодите, договарале зголемување на цената за полагање за возачка дозвола – прашање што директно ги засега илјадници граѓани.

На крајот, ја отвораме и пошироката слика: што може да се очекува во 2026 година?

Дали пазарните играчи ќе „се вразумат“ и ќе почнат доследно да ги почитуваат законите, или КЗК ќе мора уште поинтензивно да интервенира?

Новата епизода на FinSight носи аргументи, факти и јасни пораки за тоа кој и како ја „убива“ конкуренцијата – и што значи тоа за граѓаните и економијата.

Новинар: Наташа Мерсовска

Интервјуа

Македонија има сонце, вода и плодна почва, а увезува храна – вели Костовски во FinSight

Објавено

на

Во FinSight разговараме со бизнисменот Трифун Костовски, сопственик на Еуростандард банка, за економскиот потенцијал на Македонија и промените што се случиле во земјоделството низ децениите.

Костовски потсетува дека во минатото Македонија имала силна улога во производството на храна во рамки на поранешна Југославија.

„Во некои дамнешни времиња Македонија беше извозник на ран зеленчук и овошје. Ја хранеше цела Југославија“, вели тој.

Според него, денешната слика е сосема поинаква. Иако земјата има природни услови за производство, се повеќе зависи од увоз.

„Денес Македонија е мала земјоделско-сточарска земја која увезува храна, увезува зеленчук и овошје“, посочува Костовски.

Тој нагласува дека парадоксот е уште поголем ако се земат предвид природните ресурси со кои располага државата.

„Ние увезуваме, а Господ ни дал нешто најубаво во светот – прекрасна клима со повеќе од 280 сончеви денови во годината. Имаме вода, имаме прекрасна почва“, вели Костовски.

Според него, потенцијалот постои, но недостига визија и подобро управување со ресурсите.

„Господ ни дал сè, само малку ум ни недостасува“, заклучува Костовски во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Интервјуа

Костовски во FinSight: Лекциите од сиромаштијата што ме направија бизнисмен

Објавено

на

Во FinSight разговараме со бизнисменот Трифун Костовски, сопственик на Еуростандард банка, кој отворено зборува за своето детство, животниот пат и вредностите што, како што вели, не се мерат со пари.

На прашањето од Мерсовска дали неговиот успех е наследен или изграден, Костовски одговара дека потекнува од скромно семејство во поранешна Југославија.

„Какво богатство? Јас сум од скромно семејство. Татко ми беше административен работник во воена болница, а мајка ми беше домаќинка“, вели Костовски.

Тој се присетува дека детството било исполнето со скромност и моменти кога семејството немало многу.

„По некој пат немаше ни да јадеме она што треба. Честопати татко ми ќе донесеше сируп од работа, мајка ми ќе го намачкаше на леб и ние ќе излезевме надвор да играме и да јадеме за да ни биде малку послатко“, раскажува Костовски.

И покрај тешките услови, тој вели дека детството било убаво и исполнето.

„Животот беше тежок, но не се жалам – убав живот беше. Меѓутоа, сум бил сиромав, а денес сум богат“, додава тој.

Сепак, според Костовски, вистинското богатство не е материјално.

„Ќе ми го земат богатството, но богатството што го носам во себе никој не може да ми го земе“, вели тој.

Во разговорот испраќа и порака за односите меѓу луѓето.

„Почитувај го човекот и сакај го ако во него најдеш сопатник и соговорник со кој можете да создадете нешто заедничко. А од човек кој ти мисли лошо – тргни се“, порачува Костовски.

Тој додава дека токму со таквите предизвици често се соочувал и во Македонија.

„За жал, во Македонија не успеав да избегам од тоа“, заклучува Костовски во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Интервјуа

Костовски во FinSight: „Стечајот на Еуростандард можеше да се спречи, но некој имаше други интереси“

Објавено

на

Пет и пол години по згаснувањето на Еуростандард банка, случајот сѐ уште нема правна завршница. На 12 август 2020 година, поради неисполнување на минималните стандарди и несолвентност, Народната банка ѝ ја одзеде лиценцата на банката. Денес, постапката и натаму „тапка во место“, а одговорите на клучните прашања сѐ уште се очекуваат.

Во ексклузивно интервју за FinSight, сопственикот на банката, Трифун Костовски, тврди дека стечајот можел да биде спречен, но дека „некој имал други интереси“.

Костовски открива дека досега бил повикан во Обвинителството само двапати, и очекува што поскора разрешница – дури и ако тоа значи поднесување кривична пријава против него. Во меѓувреме, со замрзнат имот, вели дека изгубил околу 100 милиони евра.

Костовски дава одговори и за:

Дали причината за ликвидацијата е лош менаџмент или регулаторен притисок?

Дали обвинувањата за незаконско и високоризично кредитирање, систем на меѓусебни позајмици и злоупотреба на службена должност се основани?

Дали чувствува лична одговорност како сопственик?

Што се случува со истрагите против членови на Управниот и Надзорниот одбор?

Дали граѓаните и компаниите се целосно обесштетени?

Ова се дел од темите на кои Костовски одговара отворено и директно.

Од нула до милиони и повторно назад кон политиката?

Бизнисмен кој вели дека богатството го создал сам, Костовски зад себе има компании како Технометал, Порцеланка и меѓународни деловни ангажмани во Виена и Варшава. Беше и градоначалник на Скопје од 2005 до 2009 година.

И покрај финансиските загуби и замрзнатиот имот, порачува дека не се откажува од Македонија – земјата каде што, како што вели, почнал од нула и изградил успешна кариера. Најавува и можно враќање во политиката.

Дали ќе атакува на градоначалничка функција или на друга позиција?

Од која партија би барал поддршка?

И дали политиката му донела поголемо разочарување од бизнисот?

Одговорите – во новото издание на FinSight.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange