Connect with us
no baners

Интервјуа

Славески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година

Објавено

на

Во оваа епизода на FinSight, разговараме со Трајко Славески, гувернер на Народната банка, за најавените промени во банкарските провизии, законските измени во платниот промет и очекувањата за инфлацијата и каматните стапки во нарниот период.

Банките ја разбраа пораката и најголем дел од нив веќе ги намалија провизиите што им ги наплаќаа на граѓаните. Но, од следната година се очекуваат уште поголеми поволности, најавува гувернерот Славески во интервјуто за FinSight.

Со предложените измени на Законот за платен промет, граѓаните ќе добијат можност четири пати месечно бесплатно да подигаат по 2.000 денари од банкомат на друга банка, да извршуваат одреден број трансакции со минимален надомест, како и да имаат дозволено пречекорување (минус) на трансакциската сметка.

Направивме измени кои ги доставивме до Министерството за финансии, кое е законски надлежно да ги предложи до Собранието. Со тие измени се тргаат постојните ограничувања – ќе може да има пречекорување, да се користат и други сметки, а за фиксна и ниска месечна сума граѓаните ќе можат да извршуваат повеќе трансакции“, изјави гувернерот Славески.

Тој додава дека дополнителна значајна поволност ќе биде можноста, кога нема готовина на банкомат на сопствената банка, граѓаните четири пати месечно бесплатно да подигнат по 2.000 денари од банкомат на друга банка.

Сметаме дека ова ќе биде значајна дополнителна поволност за граѓаните“, истакнува Славески.

Гувернерот најави дека во првите месеци од новата година ќе следи дијалог со Министерството за финансии, по што очекува предложените законски измени да бидат усвоени.

Осврнувајќи се на макроекономските движења, Славески посочува дека следната година се очекува пад на инфлацијата, доколку индексирањето на платите и пензиите се спроведува согласно законските правила. Во таков случај, можно е и релаксирање на монетарната политика и постепено намалување на каматните стапки.

Доколку растот на платите е над законското усогласување, инфлацијата може повторно да забрза. Во таков случај, за да ја зачуваме ценовната стабилност, Народната банка ќе реагира соодветно“, порачува гувернерот на Народната банка.

Новинар: Наташа Мерсовска

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ: Пензиските фондови добиваат три инвестициски стратегии според возраста и ризикот

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за новите законски измени и промените во начинот на инвестирање на средствата во пензиските фондови.

Таа објаснува дека досега сите членови во пензискиот фонд биле опфатени со една заедничка инвестициска стратегија, без разлика на возраста или профилот на ризик.

„Средствата се инвестираа врз основа на единствена инвестициска стратегија која важеше за сите членови, независно од нивната возраст“, вели Станковиќ.

Со новите законски измени, во рамките на истиот пензиски фонд ќе се формираат различни под-фондови, односно портфолија со различен степен на ризик и инвестициски пристап.

„Сега се предвидуваат растечко, балансирано и конзервативно портфолио, чија суштина е различна инвестициска стратегија и различен ризик“, објаснува таа.

Кај растечкото портфолио, фокусот е ставен на долгорочни инвестиции и повисок потенцијал за принос.

„Растечкото портфолио подразбира инвестициска стратегија на долг рок со финансиски инструменти со повисока ризичност, што овозможува и повисоки приноси“, посочува Станковиќ.

Балансираното портфолио, додава таа, е комбинација од умерен ризик и умерен принос.

„Кај балансираното портфолио имаме умерена инвестициска стратегија и умерен ризик“, вели Станковиќ.

Конзервативното портфолио, пак, е наменето за членови кај кои сигурноста има најголемо значење.

„Тука фокусот е на заштита на средствата, особено за пензионерите или лицата пред пензија, кога ликвидноста и сигурноста се најважни“, нагласува таа.

Според Станковиќ, секоја од трите стратегии ќе има различна структура на инвестиции и различни ограничувања за финансиските инструменти во кои ќе може да се вложуваат средствата на членовите.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight со Дарко Дедиќ: Колку е важно животното осигурување за финансиската сигурност?

Објавено

на

Гостин во FinSight е Дарко Дедиќ, со кого разговараме за значењето на животното осигурување, финансиската заштита на семејствата и навиките на граѓаните кога станува збор за долгорочна сигурност.

Во интервјуто, Дедиќ објаснува што всушност опфаќа животното осигурување, кои се најчестите дилеми што ги имаат граѓаните и колку средства е потребно да се издвојуваат за една полиса. Разговараме и за тоа што се случува доколку осигуреникот во одреден период не може да ја плаќа полисата, дали таа престанува да важи и какви можности постојат за продолжување на осигурувањето.

Посебен акцент е ставен и на прашањето што добива осигуреникот по истекот на полисата, дали животното осигурување опфаќа само заштита на животот или и дополнителни покритија, како и што се случува со кредитните обврски во случај на смрт на осигуреникот.

Во разговорот се отвора и темата за развојот на животното осигурување во Македонија, споредбата со европските пазари и потребата од поголема финансиска едукација и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од оваа форма на финансиска заштита.

Следете го целото интервју со Дарко Дедиќ на YouTube каналот на FinSight.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ | Дали сме подготвени за новиот пензиски модел?

Објавено

на

Во новото издание на FinSight разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор во Сава пензиско за клучните измени што ќе го обликуваат пензискиот систем во наредниот период.

Пензискиот систем во земјава влегува во нова фаза на трансформација. Со најавените измени во Законот за задолжително пензиско осигурување се воведува нов концепт на управување со пензиските заштеди, кој треба да овозможи поголема флексибилност, но и поголема одговорност за осигурениците.

Во ова интервју, Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско, објаснува што конкретно носат реформите и како тие ќе се применуваат во пракса. Една од клучните новини е воведувањето на три инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, што отвора прашања околу тоа кој ќе ја носи одлуката за инвестирање и како ќе се распределуваат средствата во зависност од возраста и ризичниот профил на осигурениците.

Дополнително, се дискутира дали новите правила ќе ги опфатат и постоечките осигуреници, како и кои се потенцијалните предизвици во предложените законски решенија. Во разговорот се осврнуваме и на интересот за доброволниот (трет) пензиски столб, кој сè повеќе добива на значење во контекст на долгорочното финансиско планирање.

Покрај пензиските теми, интервјуто отвора и пошироки прашања за одржливоста на системот, финансиската писменост и навиките на младите генерации кога станува збор за пензиско планирање.

Воедно, како дел од GEA – Алијансата за родова еднаквост на работното место, се разговара и за родовиот јаз во финансискиот сектор, разликите во застапеноста и платите, како и за конкретните активности што треба да придонесат кон поголема еднаквост.

Ова интервју нуди релевантни погледи за сите кои сакаат да разберат како денешните реформи ќе влијаат врз нивната финансиска сигурност во иднина.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange