Банки
ФАНТАСТИЧНО ПОЛУГОДИЕ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – оствари добивка од 32,5 милиони евра за шест месеци во 2023 година
Во периодот од 01.01-30.06.2023 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.003,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.127,3 милиони денари што претставува зголемување за 77,7%. Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 131,4%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 50,4% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво.
Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари (особено заради случувањата во банкарските системи во САД и Швајцарија), сѐуште висока инфлација која бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.300,3 милиони денари и бележат зголемување од 32,0% во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2023 година истите бележат зголемување од 82,1% во однос на истиот период од минатата година, под влијание на затегнатата монетарна политика и зголемените каматни стапки. Притоа треба да се укаже дека најголемо влијание во зголемувањето на каматните приходи има порастот на каматата од нерезиденти, финансиски друштва и држава. Иако е остварен пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението, истиот е во помал обем споредено со претходните категории. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се речиси деветкратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Во првото полугодие од минатата година започна циклус на затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматните стапки, како во ЕУ и САД, така и кај нас. Така, каматната стапка Euribor, која во првата половина од 2022 година беше околу 0% или негативна, оваа година достигна околу 3,5% – 4%. Кај благајничките записи, каматната стапка започна да се зголемува во април 2022 година и на 30.06.2022 година изнесуваше 2,00%, додека на 30.06.2023 година истата достигна 6,00%. Истовремено, Народната банка ги зголемуваше каматните стапки на депозитите пласирани преку ноќ и до 7 дена, при што истата се зголеми од 0,40% и 0,45% соодветно во јуни 2022 година, на 3,90% и 3,95% соодветно во јуни 2023 година. Каматната стапка на државните записи од 0,40% се зголеми на 4,00%, или 5,25% кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7,00% кај последната еврообврзница. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странски банки со состојба 30.06.2023 г., споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 1,50% на 4,22%. Токму затоа, во билансот на Банката, приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55% од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 2,0% заклучно со крајот на првото полугодие од минатата година, на 3,43 % со 30.06.2023 година.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2023 година изнесуваат 538,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 4,7%. Планот за анализираниот период е остварен со 89,5%.
Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2023 година изнесуваат 181,5 милиони денари и бележат зголемување од 36,5%, како резултат на одржувањето на отворената девизна позиција (ОДП) на ниво кое овозможуваше да се максимизираат нетопозитивните курсни разлики од тековно работење без да се загрозат исполнувањето на вкупните капитални барања и потребите за девизи на клиентите, а исто така одредено влијание во оваа позиција има и евидентирањето на курсните разлики од арбитражи на девизен пазар и со странство, кои во истиот период минатата година се евидентирани во останати приходи/останати расходи, соодветно. Планот за анализираниот период е остварен со 149,4%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2023 година изнесуваат 166,6 милиони денари и бележат намалување од 68,6% во најголем дел како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 51,3%.
Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2023 година изнесуваат 1.028,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 3,9% како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот во два наврати (кон крајот на 2022 година и во вториот квартал од 2023 година), како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 98,4%.
Во периодот од 01.01-30.06.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1,4 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.
Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 266,8 милиони денари, наспроти 375,9 милиони денари во истиот период минатата година. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства е во согласност со намалувањето на цените на енергенсите во изминатиот период, што влијаеше за повторно нормализирање на работењето кај одредени компании, клиенти на Банката.
Биланс на состојба
Вкупната актива на Банката на 30.06.2023 година достигна износ од 155.895,8 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 3,3%. Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемувањето кај вложувањата во хартии од вредност, како и поради зголемените кредити на комитенти и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 101,0%.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 5,6%, во најголем дел заради намалувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци (како резултат на достасани депозити и нивно орочување на подолги рокови), како и намалувањето кај девизните тековни сметки во странски банки поради пренасочување на средствата во вложување во хартии од вредност. Планот е остварен со 92,3%.
Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 359,7 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 210,9%, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД. Планот е исполнет со 307,3%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 3,3% како резултат на зголемено кредитирање на секторите домаќинства и нефинансиски друштва. Планот е остварен со 101,2%.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 18,6% главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи, купени македонски еврообврзници и државни обврзници издадени од нерезиденти. Планот е остварен со 114,9%.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 55,9% по основ на платен данок на промет, но истите имаат минимално учество во вкупната актива од 0,05%.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 137.586,4 милиони денари и бележат зголемување од 3,1%. Планот е остварен со 101,2%.
Обврските по кредити изнесуваат 688,2 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 1,4%, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 112,5%.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2023 година достигнаа износ од 16.431,6 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележат зголемување од 5,7% како резултат на зголемените останати резерви и зголемената задржаната добивка согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот е реализиран со 99,5%.
Банки
Халкбанк со актива од 2,23 милијарди евра и 14% пазарно учество – меѓу четирите најголеми банки во Македонија
Халкбанк АД Скопје располага со вкупна актива од 2,23 милијарди евра, депозитна база од 1,67 милијарди евра и кредитно портфолио од 1,60 милијарди евра, покажуваат податоците презентирани од банката. Со пазарно учество од 14% според вкупните средства, Халкбанк е позиционирана на четвртото место во македонскиот банкарски сектор.
Според информациите прикажани во презентацијата на банката, Халкбанк продолжува да има значајна улога во домашниот финансиски систем, со развиена деловна мрежа, голем број банкомати и широка инфраструктура за безготовински плаќања.
Депозитите достигнуваат 1,67 милијарди евра, а кредитите 1,60 милијарди евра
Еден од клучните показатели за големината на банкарското работење е вредноста на вкупните средства, која според презентираните информации изнесува 2,23 милијарди евра.
Депозитите достигнуваат 1,67 милијарди евра, додека кредитното портфолио, означено во презентацијата како Cash Loans, изнесува 1,60 милијарди евра.
Овие податоци ја потврдуваат значајната улога на банката во прибирањето депозити и финансирањето на клиентите.
Односот меѓу прикажаното кредитно портфолио и депозитите изнесува приближно 96%, што укажува на значителен обем на кредитна активност во однос на депозитната база.
Сепак, за подетална проценка на ликвидноста и финансиската стабилност потребни се дополнителни показатели од официјалните финансиски извештаи.
Нето-добивка од 18,6 милиони евра заклучно со јули 2026 година
Во презентацијата е наведено дека Халкбанк остварила нето-добивка од 18,6 милиони евра заклучно со јули 2026 година.
Овој податок покажува позитивен финансиски резултат во прикажаниот период.
Сепак, важно е да се нагласи дека станува збор за податок заклучно со јули, а не за целосните девет месеци од годината.
За подетална анализа на профитабилноста би биле потребни информации за нето-приходите од камати, провизиите, оперативните расходи и трошоците за кредитен ризик.
Халкбанк четврта според вкупните средства
Според презентираните податоци за големината на активата, Халкбанк го зазема четвртото место на македонскиот банкарски пазар.
Пред неа се Комерцијална банка, Стопанска банка АД Скопје и НЛБ Банка.
Во презентацијата се прикажани следните вредности на вкупните средства:
Комерцијална банка располага со 3,20 милијарди евра и пазарно учество од 21%.
Стопанска банка АД Скопје има актива од 2,58 милијарди евра, со учество од 17%.
НЛБ Банка, исто така, располага со 2,58 милијарди евра и пазарно учество од 17%.
Халкбанк е позиционирана веднаш зад нив, со 2,23 милијарди евра и учество од 14%.
Оваа споредба го илустрира значењето на четирите банки во домашниот банкарски сектор.
Повеќе од 10.000 ПОС-терминали и 169 банкомати
Покрај финансиските показатели, презентацијата го прикажува и обемот на деловната инфраструктура на Халкбанк.

Според податоците, банката располага со 51 деловна единица, 169 банкомати и 10.392 ПОС-терминали.
Особено значајна е инфраструктурата за прифаќање картични плаќања, која овозможува безготовински трансакции кај трговците и услужните дејности.
Во презентацијата е наведено и пазарно учество од 24% кај ПОС-терминалите.
Широката мрежа на терминали има значење за развојот на електронските плаќања, особено кај малите и средните бизниси што прифаќаат плаќања со банкарски картички.
Банката располага и со 169 банкомати, преку кои клиентите имаат пристап до готовински и други банкарски услуги.
Над 900 вработени
Според презентацијата, Халкбанк има вкупно 904 вработени.
Човечките ресурси, заедно со физичката и дигиталната инфраструктура, претставуваат важен дел од капацитетот на банката да обезбедува финансиски услуги за граѓаните и компаниите.
Во услови на засилена дигитализација, банките сè повеќе ги комбинираат традиционалните филијали со мобилни и електронски услуги.
Развиената деловна мрежа и значителното присуство во сегментот на картичните плаќања ја позиционираат Халкбанк како еден од значајните учесници во банкарскиот сектор на Македонија.

Значајна позиција на домашниот банкарски пазар
Презентираните податоци покажуваат дека Халкбанк има значителна депозитна и кредитна активност, широка мрежа за прифаќање картични плаќања и позиција меѓу четирите најголеми банки во земјата според вкупните средства.
За клиентите, развиената банкарска инфраструктура значи поголема достапност на платежни и други финансиски услуги.
За компаниите, особено за трговците, мрежата на ПОС-терминали претставува важен дел од системот за безготовински плаќања.
Со актива од 2,23 милијарди евра, депозити од 1,67 милијарди евра и кредитно портфолио од 1,60 милијарди евра, Халкбанк ја потврдува својата значајна позиција на македонскиот банкарски пазар, според податоците претставени во презентацијата.
Банки
Стопанска банка наградува со милион денари: Секое плаќање со Mastercard носи шанса за парични награди
Стопанска банка АД – Скопје започна промотивна кампања „Мастерплан“, преку која корисниците на Mastercard платежните картички добиваат можност да освојат парични награди, вклучително и главна награда од еден милион денари.
Со секое плаќање со Mastercard картичка издадена од Стопанска банка, корисниците добиваат шанса да учествуваат во наградната кампања и да освојат една од предвидените парични награди.
Покрај главната награда од 1.000.000 денари, во рамки на кампањата се предвидени и награди во износ од 30.000, 50.000, 100.000, 300.000 и 500.000 денари.
Посебна поволност е предвидена за корисниците што своите Mastercard картички ги користат преку дигиталните паричници Google Pay и Apple Pay.
Според информациите објавени од банката, плаќањата преку овие дигитални сервиси носат двојна шанса за освојување награда, со што дополнително се поттикнува користењето на современите начини на безготовинско плаќање.
Кампањата „Мастерплан“ е насочена кон промовирање на картичните плаќања и дигиталните платежни решенија, кои овозможуваат брзо и едноставно извршување на секојдневните трансакции.
Од Стопанска банка ги повикуваат корисниците да ги користат своите Mastercard картички и да ја искористат можноста за освојување парични награди.
Банки
Светска банка предупредува: Цените на енергенсите ќе пораснат за 32%, нов ценовен удар врз глобалната економија
Глобалните цени на енергенсите годинава ќе забележат раст од дури 32 проценти, што претставува значително посилно поскапување од претходно очекуваното, покажуваат најновите прогнози на Светската банка. Енергетската криза, геополитичките тензии и нарушувањата во снабдувањето создаваат нови инфлациски притисоци, додека економиите ширум светот се соочуваат со зголемени трошоци и неизвесност.
Според најновите проценки, цените на енергенсите во 2026 година ќе пораснат за 32 проценти, наспроти растот од 24 проценти што Светската банка го прогнозираше во април.
Главната причина за ревидирањето на прогнозата е значителното поскапување на природниот гас во Европа, предизвикано од нарушувањата во глобалното снабдување поради конфликтите на Блискиот Исток.
Сепак, институцијата очекува постепено стабилизирање на енергетските пазари во наредниот период. За 2027 година се предвидува намалување на цените на енергенсите од 11,5 проценти, додека сличен пад се очекува и во 2028 година.
Нафтата останува скапа, производството бележи историски пад
Светската банка прогнозира дека глобалната понуда на нафта во 2026 година ќе се намали за 5,2 проценти, што би претставувало најголем пад во последните четири децении, доколку се исклучи кризата предизвикана од пандемијата во 2020 година.
Како последица на намаленото производство, цената на суровата нафта од типот Brent се очекува во просек да достигне 92 долари за барел во текот на годинава.
Според проценките, цените би можеле да бидат уште повисоки доколку не се очекуваше намалување на глобалната побарувачка за нафта од 2,5 проценти.
Особено загрижувачки се прогнозите за европскиот пазар на природен гас.
Поради намалените испораки на течен природен гас (LNG), Светската банка очекува цените на гасот во Европа годинава да пораснат за речиси 60 проценти.
За 2027 година се предвидува намалување од 8 проценти, додека во 2028 година се очекува дополнителен пад од околу 30 проценти, под претпоставка дека ќе дојде до нормализирање на состојбите на енергетските пазари.
Храната и вештачките ѓубрива под нов ценовен притисок
Енергетската криза се прелева и врз земјоделството и производството на храна.
Според прогнозите на Светската банка, цените на вештачките ѓубрива во 2026 година ќе пораснат за 14 проценти. Иако станува збор за значително зголемување, оваа прогноза е речиси двојно пониска од очекувањата објавени пред шест месеци.
Во 2027 година се очекува намалување на цените на ѓубривата од 12,4 проценти, а во 2028 година дополнителен пад од околу 8 проценти.
Во меѓувреме, цените на прехранбените суровини годинава би можеле да пораснат за повеќе од 10 проценти, а во 2027 година за дополнителни нешто над 7 проценти.
Светската банка предупредува дека комбинацијата од екстремни климатски појави, нарушувања во транспортот на жито преку Црното Море и дополнително заострување на геополитичките конфликти може да предизвика уште посериозен ценовен шок.
Во неповолно сценарио, цените на храната би можеле да бидат за 12 проценти повисоки од основните прогнози.
Таквиот развој би можел да предизвика нова глобална прехранбена криза, со особено сериозни последици за земјите со пониски приходи.
За 2028 година се прогнозира намалување на цените на храната од 5,2 проценти.
Металите поскапуваат, инвеститорите бараат сигурност
Покрај енергенсите и храната, значителен раст се очекува и кај индустриските метали.
Светската банка прогнозира дека цените на металите во 2026 година би можеле да се зголемат за 25 проценти и да достигнат рекордни нивоа.
Особено се издвојуваат алуминиумот, бакарот и калајот, чија побарувачка расте поради инвестициите во обновливи извори на енергија, електрични возила и дата-центри.
Истовремено, цените на благородните метали се очекува да пораснат за дури 40 проценти.
Главната причина е зголемениот интерес на инвеститорите за средства што традиционално се сметаат за побезбедни во периоди на геополитичка и економска неизвесност.
Што значат прогнозите за македонската економија?
За Македонија, како економија што е чувствителна на движењата на меѓународните цени на енергијата и суровините, ваквите прогнози претставуваат важен сигнал.
Повисоките цени на нафтата и природниот гас можат да ги зголемат трошоците за транспорт, производство и снабдување со енергија, што дополнително би ги оптоварило компаниите.
Поскапувањето на вештачките ѓубрива може да ги зголеми производствените трошоци во земјоделството, додека повисоките цени на прехранбените суровини можат да создадат дополнителен притисок врз цените на храната.
За банкарскиот сектор, продолжените инфлациски притисоци можат да влијаат врз кредитната побарувачка, финансиската состојба на компаниите и способноста на домаќинствата редовно да ги сервисираат своите обврски.
Сепак, реалното влијание врз домашната економија ќе зависи од движењето на увозните цени, девизните курсеви, домашната побарувачка и економските политики.
Иако Светската банка очекува постепено намалување на глобалните цени на енергенсите во 2027 и 2028 година, краткорочните ризици остануваат високи, а геополитичките конфликти и нарушувањата во снабдувањето продолжуваат да претставуваат сериозна закана за глобалната економска стабилност.
-
Банкипред 2 месеци10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатени пензиите за август, средствата се достапни веднаш
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Соработник за односи со клиенти (Loan officer) во Секторот за кредитирање на стопанство
-
Банкипред 2 месециАЛТА банка нуди потрошувачки кредит до 1 милион денари со одобрување за 24 часа
-
Банкипред 2 месециПо Охридска банка, Шпаркасе ја купува и УНИБанка?
-
Кариерапред 2 месециNLB Lease&Go вработува Советник за продажба
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивни камати до 3,5% за орочени депозити





