Connect with us

Банки

Стопанска банка АД – Скопје со нето-добивка од 679,5 милиони денари во првиот квартал од 2026 година

Објавено

на

Според предвидувањата на најрелевантите светски и домашни институции, 2026 година требаше да рефлектира период на закрепнување и подобрување на сите економски и финансиски перформанси, но почетокот на 2026 година беше обележан со зголемени геополитички тензии на Блискиот Исток, кои доведоа до раст на цените на енергенсите и повторно засилување на инфлаторните притисоци.

Најновиот конфликт кој започна во февруари 2026 помеѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, ги измести наведените очекувања. Иако иницијално се очекуваше овој конфликт да трае релативно краток временски период, реалноста покажува поинаква слика. За разлика од сите претходни причини за финансиска криза и влијание на геополитички контекст, овој конфликт се проценува дека ќе има одложено или задоцнето влијание, со оглед на фактот дека во главен фокус се цените на енергенсите, чиј ефект се пренесува во цените на сите производи и услуги, инфлацијата и генерално ги афектира синџирите на снабдување.

Најновите макроекономски показатели укажуваат на генерално стабилна економска состојба во земјата, во голема мера усогласена со проекциите за 2025 година, и покрај присутните флуктуации во надворешното окружување. Реалниот бруто-домашен производ оствари годишен раст од 3,5% заклучно со крајот на минатата година, што укажува на продолжување на умерената економска експанзија, главно поддржана од домашната побарувачка и стабилните услови на пазарот на труд. Стапката на невработеност се задржа на 11,5%, без значајни отстапувања во однос на претходната година.

Инфлацијата во почетокот на 2026 година бележеше нестабилни движења – од 2,9% во февруари се зголеми на 4,9% во март, главно под влијание на растечките цени на енергенсите и надворешните економски фактори. Како мала и отворена економија со значајна увозна зависност од енергенси, земјата е особено чувствителна на вакви ценовни шокови.

И покрај неизвесностите во глобалното економско окружување, Стопанска банка АД – Скопје во првиот квартал од 2026 година продолжи со стабилно работење и солидна профитабилност. Добивката пред оданочување во анализираниот период изнесува 799.419 илјади денари, и во однос на истиот период од минатата година е пониска за 18%, првенствено како резултат на регулаторните и пазарните услови, односно глобално намалените каматни стапки и провизии од платниот промет и меѓународните трансакции.

Биланс на успех

Нето-приходите од камати изнесуваат 1,26 милијарди денари, што е за 14% помалку во однос на истиот период лани. Намалувањето е резултат на трендот на опаѓање на каматните стапки и промените во референтните каматни индикатори. Најголемо учество во каматните приходи имаат кредитните активности, додека повисоките салда на депозити придонесоа за зголемени каматни расходи.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 221,7 милиони денари и се повисоки за 13%, главно поради намалување на расходите за провизии кон добавувачите на услуги.

Приходите од курсни разлики изнесуваат 50,5 милиони денари, што е намалување од 14% на годишно ниво, пред сè поради пониските маргини и намалената понуда на девизи од страна на компаниите.

Банката продолжи со внимателна контрола на оперативните трошоци. Трошоците за вработени изнесуваат 346,6 милиони денари, додека останатите расходи од дејноста достигнаа 280,2 милиони денари, при што умереното зголемување е резултат на инфлаторните движења.

За покривање на потенцијалните кредитни ризици, Банката издвои 140,2 милиони денари за исправка на вредност на финансиските средства и резервации за вонбилансна изложеност.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката на крајот на првиот квартал од 2026 година изнесува 157,5 милијарди денари и е на слично ниво како и на крајот на 2025 година.

Кредитите и побарувањата од клиенти достигнаа 110,9 милијарди денари, што претставува раст од 2% во однос на крајот на минатата година. Кредитите кон банки изнесуваат 387 милиони денари, со зголемување од 3%.

Вложувањата во хартии од вредност достигнуваат 19,7 милијарди денари, што претставува благо намалување од 2 % на годишно ниво.

Вкупните депозити на клиенти изнесуваат 120,2 милијарди денари и остануваат на стабилно ниво, додека капиталот и резервите достигнаа 29,3 милијарди денари, што претставува раст од 2%.

Недвижностите и опремата изнесуваат 1,19 милијарди денари, што е зголемување од 7 % во однос на крајот на минатата година, додека обврските по кредити изнесуваат 4,21 милијарди денари, со минимално зголемување од 1%.

Банки

Халкбанк го нуди Halk Smart пакетот со повеќе банкарски услуги за 150 денари месечно

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје го промовира Halk Smart пакетот, кој на корисниците им овозможува користење повеќе банкарски и дополнителни услуги за месечен надоместок од 150 денари.

Во рамки на пакетот се вклучени одржување на платежна сметка, дебитна картичка, електронско и мобилно банкарство, како и СМС известувања.

Корисниците на Halk Smart имаат можност и за повлекување готовина без надоместок од банкоматите на сите банки во земјата.

Дополнително, во пакетот е вклучена и услугата ORYX Home Assistance, која обезбедува 24-часовна помош при штети и дефекти во домот.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Групацијата влегува во сопственичката структура на Дежелна Банка Словенија д.д

Објавено

на

НЛБ Групацијата склучи договор за купување акции со Скупина ПРВА д.д. и нејзините поврзани страни, за стекнување на 25.66% од акциите на Дежелна Банка Словенија д.д (ДБС), извести вчера НЛБ. Завршувањето на трансакцијата се очекува по добивањето на сите потребни регулаторни одобренија, најверојатно во втората половина од следната година. Покрај тоа, Групацијата ја разгледува и можноста за стекнување дополнителни акции во ДБС.

Со оваа планирана инвестиција, НЛБ Групацијата ја нагласува важноста на земјоделскиот сектор, област во која ДБС има значајно присуство преку своите производи и услуги. Во рамки на НЛБ Групацијата, земјоделството долго време се третира како сектор со пошироко општествено значење.

Во време кога светот се соочува со сè поголема неизвесност, можноста за обезбедување сигурен домашен синџир на снабдување со храна стана стратешко прашање. Словенечките земјоделци, производителите на храна, агро-прехранбените компании и земјоделскиот сектор во целина имаат клучна улога не само во обезбедувањето прехранбена сигурност, туку и во пошироката словенечка економија, националната отпорност, како и во зачувувањето на традицијата, идентитетот и иднината на нашето општество и словенечкиот пејзаж – истакнува Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.

Бродњак посочи дека, како водечка Банка во Словенија, НЛБ има улога на клучен развоен партнер и додаде дека целта на планираното стекнување на овој сопственички удел е   дополнително зајакнување на системската улога на НЛБ и нејзин придонес во обликувањето на иднината на Словенија.

Компаниите од Групацијата ПРВА поседуваат сопственички удел во ДБС првенствено преку нивната улога како управувачи со пензиски фондови, чии инвестициски портфолија вклучуваат акции од Банката. Акции од Банката се дел и од инвестициските портфолија на Групацијата ПРВА и ПРВА Финансии.

Продолжи со читање

Банки

ММФ: Независна Народна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност

Објавено

на

Независноста на централните банки е клучна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, особено во услови на висока глобална неизвесност, зголемен јавен долг, геополитички тензии и брзи технолошки промени, оценува Бо Ли, заменик-генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд.

Во интервју со НБРМ, посветено на улогата на централните банки, Ли посочува дека искуството од различни земји покажува оти независните монетарни институции се во подобра позиција да ја контролираат инфлацијата, да ги стабилизираат инфлациските очекувања и навремено да реагираат на економски шокови.

Според него, тоа особено се покажало во периодот по пандемијата, кога централните банки одговориле со заострување на монетарната политика во услови на инфлација каква што не била забележана со децении.

Ли предупредува дека политичките притисоци врз монетарната политика можат да создадат сериозни економски последици. Доколку каматните стапки се одржуваат на пониско ниво од она што го бара економската состојба, може да следуваат повисока и подолготрајна инфлација, зголемени премии за ризик, девизни притисоци и намалување на инвестициската активност.

Притоа, како што посочува, најголемиот товар од високата инфлација најчесто го чувствуваат домаќинствата со најниски приходи.

„Доколку пазарите и јавноста стекнат впечаток дека одлуките се носат во функција на политички цели, наместо во согласност со законскиот мандат, се намалува довербата во институцијата, а со тоа и ефикасноста на монетарната политика“, предупредува Ли.

Тој нагласува дека независноста на централната банка не значи отсуство на отчетност. Напротив, таа мора да биде придружена со добро управување, транспарентност, јасна комуникација и силни механизми на отчетност.

Посебно внимание во интервјуто е посветено и на Северна Македонија. Според Ли, во мала и отворена економија со фиксен девизен курс, довербата во монетарните и финансиските институции има суштинска улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност и во создавањето услови за одржлив економски раст.

Тој оценува дека Народната банка во изминатите години континуирано ги зајакнувала рамките за носење политики, транспарентноста и комуникацијата, притоа задржувајќи јасен фокус на исполнувањето на својот мандат.

„Овие напори придонесоа за зајакнување на довербата на јавноста и за одржување на макроекономската стабилност, особено во периоди на зголемена глобална неизвесност“, посочува заменик-генералниот директор на ММФ.

Ли додава дека за малите економии институционалниот кредибилитет е особено важен при надворешни шокови, како нестабилни цени на примарните производи или промени во условите за надворешно финансирање.

За одржување на довербата, според него, потребни се јасен законски мандат, оперативна автономија, доследни политики, квалитетни податоци, професионален кадар и координација со останатите макроекономски политики.

ММФ, пак, ја поддржува независноста на централните банки преку совети за политики, техничка помош, обуки и истражувања.

Ли ја издвојува Северна Македонија и како позитивен пример во однос на транспарентноста. Земјата била меѓу првите во кои била спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, при што било утврдено дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.

Извор: NBRM

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange