Анализи
Домашните банки преку посебен Фонд ќе ја спасуваат секоја банка што ќе се најде во проблеми

Банките ќе мора да бидат солидарни и да ја спасуваат секоја банка во земјава што ќе се соочи со проблеми во работењето кои се закана за нејзиниот опстанок. Ова го предвидува новиот Закон за решавање на банки, кој како предлог доаѓа од Министерството за финансии, а е изработен во соработка со Народната банка и со домашни и меѓународни експерти.
Новото законско решение налага финансирање нова финансиска институција во земјава, а тоа е Фонд за решавање на банки, кој ќе се полни со придонеси што ќе ги уплаќаат сите банки. Целта на постоењето на Фондот е да интервенира за спасување на банка што ќе западне во криза и ќе спречи нејзино пропаѓање.
Секоја банка, согласно нејзината големина и ризичност, редовно ќе уплаќа на годишно ниво утврден износ на придонеси во Фондот, а по потреба може да треба да се изврши и вонредна уплата.
Ова е дополнителен трошок за банките во земјава, покрај редовниот што го уплаќаат во Фондот за осигурување на депозити. Колкав ќе биде овој трошок за банките засега не е познато. Во предлог- законот е прецизирано дека “средствата на Фондот за решавање на банки изнесуваат најмалку 1% од износот на вкупно покриените депозити во банките во Република Северна Македонија” и овој паричен фонд треба да се достигне во рок од 10 години од стапувањето во сила на овој закон.
Ако се земат предвид финансиските извештаи на Фондот за осигурување на депозити, каде што се чува фондот за сигурност на депозитите, излегува дека минималниот износ со кој треба да располага Фондот за решавање на банки е околу 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Според последниот јавно објавен Финансиски извештај и Извештај на независниот ревизор за 2021 година, Фондот за осигурување на депозити располагал со фонд за сигурност во вредност од 14.768.533.000 денари, а 1% од овој износ е 147.685.333 денари.
Доколку по достигнувањето на потребното ниво на Фондот за решавање на банки средствата на Фондот се намалат, банките ќе продолжат да уплаќаат придонеси се додека не се достигне потребното ниво. Доколку средствата на Фондот се намалат на ниво пониско од 2/3 од потребното, Фондот ја определува висината на придонесите со која ќе се обезбеди достигнување на утврденото ниво.
Средствата од Фондот се наменети за покривање загуби, трошоци и други расходи настанати од интервенција за решавање или спасување на некоја банка. Со ова законско решение, кое ја пресликува директивата 2014/59/EU на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ од 2014 година и со кое треба да се воспостави законска рамка за обновување и решавање на финансиски институции, практично се наметнува колективна обврска и солидарна одговорност на сите банки во земјава да се грижат за целокупната стабилност на домашниот банкарски сектор. Во крајна линија, и државата, односно Владата си зема за обврска да се вклучи во спасување на некоја банка доколку се процени дека ризикот од нејзиното пропаѓање е преголем, односно интересот од нејзино спасување е исклучителен и значаен за стабилноста на банкарскиот и финансискиот систем во земјава.
Оваа пракса не е непозната во земјите од ЕУ и само во последните две децении сведоци сме на повеќе примери на директни интервенции на одделни банки или влади за спасување на некоја банка. Последниот пример е спасoт на швајцарската Credit Suisse од страна на конкурентската UBS.
Анализи
Народна банка: Сѐ поголема употреба на дигиталните канали за плаќање во земјата

Дигитализацијата носи значајни промени во начинот на кој граѓаните ги извршуваат своите плаќања. Во последните години, употребата на дигиталните канали за плаќање во земјава се зголемува, а овој тренд се задржува и во 2024 година, што се потврдува и со најновите податоци за платежната статистика коишто ги прибира, ги обработува и ги објавува Народната банка.
Во текот на 2024 година, граѓаните повеќе ги користеле кредитните трансфери (т.н. платни налози) за извршување на плаќања во земјава во споредба со претходната година, забележувајќи годишен раст од 11,2% кај бројот и 16,3% кај вредноста. Притоа, менувањето на навиките на граѓаните, т.е. сѐ почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата се согледува преку високиот годишен раст од 40,2% кај бројот и 47,0% кај вредноста на плаќањата иницирани по електронски пат, во услови на значително понизок раст на плаќањата на хартија на шалтерите на банките (0,2% и 10,0%, соодветно). Кај електронските плаќања, на граѓаните им е сѐ поважна едноставноста и брзината на плаќањата, поради што користењето на мобилните апликации бележи годишен раст од 47,3% кај бројот, односно 72,1% кај вредноста на остварените трансакции.

Исто така, граѓаните сѐ почесто ги користат платежните картички за извршување на секојдневните плаќања во трговијата. Така, плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги во земјава во 2024 година забележаа годишен раст од 14,6% кај бројот и 15,4% кај вредноста. Растот на плаќањата со платежни картички е поддржан од широката распространетост на картичките во земјава коишто на крајот на 2024 година броеле 1,9 милиони. Притоа, 98,6% од платежните картички овозможуваат бесконтактни плаќања, што обезбедува удобност за граѓаните во извршувањето на плаќањата. Бројот на уредите за прифаќање плаќања со платежни картички на физичките места на продажба забележа годишен раст од 8,3% и достигна 34.778 уреди поставени кај 14.717 трговци. Притоа, 96,4% од овие уреди ја поддржуваат бесконтактната технологија што овозможува брзо и едноставно извршување на плаќањата во трговијата. Годишен раст од 4,4% е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажбата на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.
До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: https://www.nbrm.mk/platiezhna_statistika.nspx
Анализи
АЕТСМ: 709 милиони евра се потрошиле онлајн во 2024 – годишен раст од 9%

Согласно најновите објавени податоци на Народната Банка на Република Северна Македонија за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во 2024 година, вредноста на вкупните онлајн трансакции направени од Македонци кон домашни и странски е-трговци, како и од иматели на странски картички кон македонски е-трговци изнесува 43,629.2 милиони денари или 709.4 милиони евра, со што е остварен пораст од 9.3% во однос на 2023 година. При тоа, бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 21.6 милиони, односно е за 11.4% повеќе во однос на 2023 година.
Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2024 година изнесува скоро 33 евра и е помала за 0.7 евро од 2023 година. При тоа, кон македонските е-трговци од иматели на домашни и странски даватели на платежни услуги направени се 26,136.6 милиони денари или 425 милиони евра што преставува 60% од вкупната вредност на онлајн трансакции. 40% од вкупната вредност на онлајн трансакциите Македонците ја направиле во странство.

Извор: НБРСМ
Што се однесува до структурата на бројот на направените онлајн трансакции според потеклото на картичката и местото на направената трансакција кон македонските е-трговци, Македонците и странците со своите картички оствариле скоро 66% од трансакциите, додека во странство Македонците оствариле 34% од трансакциите.
Во 2024 година, согласно подaтоците на Народната банка има вкупно 1.666 трговци со виртуелни места на продажба, но активни е-продажни места се 1312 односно 15 повеќе во однос на минатата година (активно работење подразбира извршување најмалку една трансакција на продажно место на трговецот во текот на календарската година за којашто се известува).
Асоцијацијата за е-трговија неодамна направи унпаредување на регистарот на е-трговци, кој претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со 5те банки кои нудат процесирање на е-трансакции. Регистарот содржи и категоризација, односно може да се прегледаат сите активни е-трговци и може да се пребаруваат е-трговците.

“Вредноста и бројот на онлајн трансакциите бележи и во 2024 година пораст. Минатата година ја одбележа и унапредувањето на понудата односно побогата понуда и примамливи промоции од домашните е-трговци, како и зголемување на понудата за домашните купувачи од интернационални е-трговци како Тему каде единствена платежна опција е плаќањето со картичка. Ефектите врз порастот останува да ги видиме преку податоците за првиот квартал годинава, а секако граѓаните ќе ги менуваат навиките и ова ќе влијае на вештините за онлајн купување кои што еволуираат. Отворањето на интернационалната понуда, од друга страна уште повеќе го истакна главниот предизвик за домашните е-понудувачи односно предизвиците со доставата. Оваа година очекуваме овој придружен и клучен сектор да се унапредува како што расте онлајн купувањето и очекувањата на купувачите, како и плаќањата. Асоцијацијата за е-трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето. Преку активности како што е регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативните кампањи за јавноста влијаеме на поголема информираност, свесност и само-заштита на граѓаните со што придонесување и за унапредување на страната на побарувачката”, вели Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р. Нина Ангеловска Станков.
Анализи
ММФ: Војната во Украина може да се смири до крајот на годината, но ризиците остануваат високи

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во своето основно сценарио предвидува дека војната во Украина ќе почне да стивнува во последните месеци од оваа година.
„Иако ризиците остануваат екстремно високи, основното сценарио сепак претпоставува дека конфликтот ќе се смири во последните месеци од 2024 година“, се наведува во документот објавен на официјалната веб-страница на ММФ.
Сепак, пречките предизвикани од продолжувањето на војната – вклучувајќи ги неодамнешните масовни напади врз гасната инфраструктура и затворањето на клучниот рудник за јаглен – продолжуваат да влијаат врз економскиот раст во 2025 година, се истакнува во извештајот.
Песимистичко сценарио: Конфликтот може да трае до 2026 година
Во песимистичко сценарио, ММФ предупредува дека конфликтот би можел да се смири дури во вториот квартал на 2026 година, што дополнително би ја влошило економската состојба во регионот.
Аналитичарите проценуваат дека и Киев и Москва во моментов настојуваат да добијат што е можно повеќе стратешки предности на теренот пред евентуалното замрзнување на конфликтот. Ова, според експертите, го објаснува интензивирањето на борбите на границата – украинските сили се обидуваат да се задржат на упоришта во регионот Курск и да напредуваат кон Белгородска област, додека руските сили ги зајакнуваат операциите во регионот Суми.
Економските прогнози за Украина
Покрај политичко-воените предвидувања, ММФ ги ревидираше и економските прогнози за Украина. За 2024 година, се предвидува раст на БДП од само 2–3%, додека проекцијата за 2026 година е намалена за дополнителни 0,8%.
Останува неизвесно како ќе се одвива ситуацијата, но јасно е дека воените и економските последици ќе продолжат да влијаат врз регионот и пошироко.
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Фондовипред 2 месеци
КБ Прво пензиско друштво: Преземете чекор и направeте ажурирање на Вашите лични податоци!
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во Стопанска банка АД – Скопје
- Банкипред 1 месец
НОВО: Кредити од Комерцијална банка со намалени каматни стапки
- Колумнипред 1 месец
Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје