Интервјуа
Чадиковски за АЕТМ: Комерцијална банка докажа дека е пионер во воведувањето напредни и клучни дигитални решенија
Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја, вели во интервју за АЕТМ, Киро Чадиковски, Директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка.
Може да се забележи дека значителен дел од активностите за унапредување на услугите на Комерцијална банка се насочени кон подобрување на корисничкото искуство и воведување новитети во дигиталните услуги и во е-трговијата. Неодамна ја воведовте и услугата за електронска идентификација без посета на шалтер преку апликацијата OneID. Кои сѐ трансакции може да се извршат со електронска идентификација?
Киро Чадиковски: Грижата за клиенти и позитивното корисничко искуство се суштински елементи при градењето на релациите со клиентите, со цел да се изгради длабока, долгорочна и лојална клиентска база, што е впрочем цел на секој успешен бизнис. Во таа насока, покрај нови производи, Комерцијална банка континуирано развива нови и современи решенија, генерално базирани на нови технологии, со цел да излезе во пресрет на новите потреби и навики на клиентите. Можноста за верификација на дигиталниот идентитет, надополнета со можноста за електронски потпис е клучна пресвртница за целосна трансформација на дигитализацијата во нашата земја.
Комерцијална банка, како и многу пати до сега, покажа дека е пионер во имплементацијата на вакви клучни сервиси. Со апликацијата за електронска идентификација и можноста за ажурирање на личните податоци без посета на шалтер се отвори нова ера на можности, целосно дигитализирана банка без ограничувања. Банката започна со постепена имплементација и дигитализација на сите клучни процеси. Со задоволство можам да најавам дека клиентите наскоро од далечина ќе можат да активираат Интернет банка, да отворат платежна сметка и да поднесат барање преку Интернет банка за дозволено пречекорување на сметка.
Голем дел од овие услуги и досега беа делумно дигитализирани, но законските ограничувања во делот на идентификацијата или електронскиот потпис не дозволуваа целиот процес да се заокружи. Се надевам дека наскоро целосно ќе се дигитализираат повеќе институции во државата што ќе овозможи банката да може да ги „повлече“ или верификува сите потребни податоци (висина на примања на клиентите, висина на пензија, правно лице каде е вработен клиентот и статус на неговото вработување…) за да нема потреба од заверки на документација од страна на клиентите, односно ќе може буквално сѐ да биде достапно без посета на шалтер и ќе нема потреба од човечки фактор во целиот порцес. Напредната дигитализација и на институциите ќе помогне во заокружување на сите процеси за физички лица без посета на истите и без посета на банка. Кај правните лица, неопходна е дигитализација на Централниот регистар за да може да се користи дигиталниот идентитет на физичко лице при проверка на неговите овластувања во корпоративниот свет.
За целосна дигитализација на општеството, потребно е сите чинители и алки од процесот да се дигитализираат, а во овој момент, сите тие се на различно ниво на развој на сопствените дигитални процеси. Оттаму, реално целиот процес на дигитализација во земјава сѐ уште треба да се развива и тоа интегрирано кај сите чинители за да добиеме вистинско ниво на дигитализација.
Што можеме следно да очекуваме од Комерцијална банка во сегментот на дигиталните услуги и алатки наменети за клиентите, а особено за е-трговците?
Киро Чадиковски: Дигитализацијата е процес кој има почеток, но нема крај, без разлика дали се работи за внатрешни процеси во една компанија или за надворешни процеси кои директно ги користат клиентите. Една од стратешките определби на Комерцијална банка се иновациите. Тие се главните „виновници“ за нашиот успех и секогаш се во интерес на нашите клиенти. Постојано развиваме нови и подобрени решенија, водејќи сметка за елиминирање и на најмалите потенцијални ризици. На краток рок, како што веќе напоменав, банката работи на дигитализација на сите сервиси поврзани со електронскиот идентитет, проширување на услугите во киосците во нашите 24/7 зони во експозитурите, зголемување на бројот и видот на документи што може да се потпишуваат во дигиталниот портал за правни лица, што ќе вклучи и договор за започнување на користење услуга за електронска трговија.
На среден рок, поврзано со Законот за платежни услуги и платни системи, очекувано е партнерство со фин-тек компаниите, отворено банкарство и , пред сѐ засилена автентификација, особено во работењето со картички, вклучително и при плаќање на виртуелен ПОС-терминал. Оваа година ќе започнеме да ја нудиме и услугата плаќање со линк, што за одредени трговци ќе го олесни концептот на прифаќање картички преку виртуелни ПОС-терминали.
Согласно најновите податоци од НБРСМ за безготовински платежни трансакции на виртуелни места на продажба во првите три квартали од 2022 година, направени се вкупно 12,3 милиони онлајн трансакции, што е раст од 16,4% во однос на истиот период во минатата година. Вкупната вредност на трансакциите бележи раст од 28,25%, при што 68% од трансакциите се од домашни е-купувачи кон домашни е-трговци. Во која мера подобрените функционалности кои ги нудат банките влијаат на растот на е-трговијата? Дали сметате дека се користи целиот потенцијал за раст и развој?
Киро Чадиковски: Самата електронска трговија всушност е дигитално купување стоки или услуги. Во тој процес има повеќе чинители, а еден од нив се банките кои го овозможуваат делот на процесирање и обработка на плаќањето. Овој процес мора да биде безбеден, едноставен и брз, а токму тоа е суштината на делот што го покрива банката. Е-commerce услугата на Комерцијална банка е во согласност со 3D 2.0 Secure технологијата, развиена од страна на меѓународните платежни системи Visa International и Mastercard Worldwide, односно ги има имплементирано Verified by Visa и Mastercard Secure Code, кои може слободно да се наречат „златен стандард“ во овој сегмент. Зголемената безбедност обезбедува зголемена доверба, а со тоа и зголемен обем на плаќања преку овој канал.
Лично сметам дека и покрај континуираниот раст, сѐ уште сме далеку од можностите и потенцијалот, но сме на добар пат. Во нашата земја, од една страна, има солидна инфраструктура за е-трговија и квалитетна понуда, а од друга има и многу клиенти кои веќе имаат навика за онлајн плаќања. Останува да се работи на две клучни прашања: подобрување на корисничкото искуство и намалување на сивата економија. Доколку еден клиент се соочи со бавно вчитување на веб-страницата, бавна испорка (на пример од 2-3 дена) или скап транспорт или слична пречка, многу лесно ќе се откаже од онлајн купување бидејќи тоа во голем дел е импулсивна одлука (одлучувам тука и сега). Идејата е да се создаде простор каде клиентот од удобноста на својот дом ќе заштеди на време или цена, а ќе добие услуга на високо ниво. Дополнително, важна е и борбата со сивата економија, која ја поткопува довербата во легалната економија, особено во услови на дигитализација. За да се надмине едно негативно искуство, потребни се повеќе позитивни искуства. Двигател на растот и развојот, пред сѐ, треба да биде младата популација. Таа расте со ова секојдневие, сака брз и едноставен одговор, услуга веднаш, максимална заштеда на своето време, кое и е најдрагоцено.
Оваа година Комерцијална банка е златен партнер на изборот на најдобри е-трговци во македонската е-трговија, со што дава голема поддршка не само за овој настан, туку и за е-трговијата во земјава. Која е пораката што сакате да им ја испратите на најдобрите е-трговци во нашата држава?
Киро Чадиковски: Комерцијална банка веќе неколку години е спонзор на Конференцијата за е-трговија во организација на АЕТМ, а од годинава е спонзор и на изборот на најдобри е-трговци. Тоа само по себе покажува колку банката е посветена на овој сегмент од банкарското работење, колку верува во него и колку го поддржува. Пораката што ја праќаме е многу едноставна: е-трговците треба да веруваат во себе, како што и Банката верува во нивниот успех. Без разлика дали почнале пред неколку месеци или пред повеќе години, важен е фактот дека се осмелиле и почнале. Дефинитивно тој процес нема крај, но препорачливо е континуирано да се развиваат, надградуваат, да ги следат сите светски трендови бидејќи новите генерации, нивните потенцијални клиенти, растат со нив.
Една од значајните награди оваа година – наградата за категоријата „Мобилна апликација за е-трговија на годината“ е овозможена и ќе биде доделена од Комерцијална банка. Како директно инволвиран и добар познавач на состојбите во е-трговијата, дали мислите дека македонските е-трговци доволно ги следат трендовите во е-трговијата кои овозможуваат купување преку мобилни апликации? Што им нуди Комерцијална банка во овој домен и дали постојат одредени поволности што може да им користат на е-трговците за да се посветат на развој на онлајн продажба преку мобилни апликации?
Киро Чадиковски: Како што веќе посочив, сегментот што го покриваат банките во делот на електронската трговија се виртуелниот ПОС-терминал и процесот на плаќање. Комерцијална банка активно работи со своите клиенти на подобрување на перформансите на плаќањата, како на веб-портал, така и преку мобилна апликација. Меѓу нашите клиенти има одлични примери за тоа како еден е-трговец може квалитетно и ефикасно да ги развие и двата канали на виртуелна продажба. Улогата на банката е да го сподели целото знаење и да ги советува клиентите како да дојдат до подобро решение, концепт кој носи успех и профит. Големиот број постоечки клиенти и искуството на целиот тим на Банката кој работи во овој сегмент се значајни аспекти кои можат многу да придонесат за успех на електронската трговија како канал за продажба.
Искрено сметам дека има најмногу простор за развој во овој сегмент бидејќи најмал дел од плаќањата се преку мобилни апликации, иако неоспорен е фактот дека секој од нас поминува многу време со паметнен телефон во рака. Огромен број е-трговци се присутни само на веб порталите, што е многу ограничувачки фактор за подобра продажба. Инвестицијата во мобилна апликација е значително поголема, особено затоа што треба да се развиваат и одржуваат повеќе апликации паралелно заради оперативниот систем (IOS, Android и евентуално Huawei), континуирано надрадување, полнење со податоци итн. За жал, само мал сегмент на е-трговицте во моментов се спремни за таква инвестиција.
Мобилните апликации имаат значително повеќе предности споредено со веб–апликациите. Тие овозможуваат подобро корисничко искуство, опција да работат и офлајн, геолокација во макро и микро свет, нотификации со лична и персонализирана содржина, поголема брзината и едноставност, директната поврзаност со социјалните мрежи, како и користење дел од функциите на самиот телефон. Ова се најзначајните придобивки, кои за жал трговците не ги користат доволно во моментот и ги пропуштаат како шанса за зголемена продажба. Ако еден клиент веќе ја презел апликацијата на својот паметен телефон, трговецот е веќе дел од неговото секојдневие и има максимален потенцијал, односно неговиот производ и/или услуга е веќе во “раката“ на клиентот. Мобилните апликации се новото нормално, нашето секојдневие, тие се приказна без крај…
Интервјуа
FinSight | Малинка Силјановска Николиќ: Договорени цени и нарушена конкуренција
Картелското здружување, неоснованото зголемување на цените и притисокот врз добавувачите се сè почести теми во јавноста, особено во услови на висока инфлација и чувствителност на граѓаните на секое поскапување. Во новата епизода на FinSight, разговараме со Малинка Силјановска Николиќ, претставник на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), за тоа дали и како се изигрува Законот за заштита на конкуренцијата во Македонија.
Во фокусот на разговорот се практиките на одредени маркети, осигурителни компании и авто школи, кои, според КЗК, преку договорено однесување и неприфаќање на ценовниците на добавувачите, директно ја нарушуваат конкуренцијата на пазарот. Таквото однесување, како што посочува Комисијата, не само што ги оштетува добавувачите, туку на крајот се рефлектира и врз граѓаните преку повисоки малопродажни цени.
Во емисијата се отвора и прашањето за ефикасноста на казнената политика, односно дали сегашните глоби за картелско здружување се доволно високи за да имаат одвраќачки ефект или сепак, постои простор за нивно дополнително зголемување. Се анализира и примената на Законот за трговски маржи, како и начините на кои добавувачите можат да пријават злоупотреби и нефер однесување на пазарот.
Посебен акцент е ставен на Законот за нефер трговски практики и дилемата дали неговата доследна примена би можела да доведе до пониски малопродажни цени во маркетите. Одговорите на ова прашање се клучни, особено во контекст на јавните очекувања за поголема заштита на потрошувачите.
Во разговорот се осврнуваме и на неодамнешните казни изречени на 10 осигурителни компании, поради сомнежи за договарање на цените на задолжителното авто-осигурување (АО). Гледачите ќе дознаат на кој начин КЗК дошла до информациите за ваквото однесување и какви се следните чекори.
Отворено се зборува и за случајот со авто школите, кои според наодите, договарале зголемување на цената за полагање за возачка дозвола – прашање што директно ги засега илјадници граѓани.
На крајот, ја отвораме и пошироката слика: што може да се очекува во 2026 година?
Дали пазарните играчи ќе „се вразумат“ и ќе почнат доследно да ги почитуваат законите, или КЗК ќе мора уште поинтензивно да интервенира?
Новата епизода на FinSight носи аргументи, факти и јасни пораки за тоа кој и како ја „убива“ конкуренцијата – и што значи тоа за граѓаните и економијата.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Славески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
Во оваа епизода на FinSight, разговараме со Трајко Славески, гувернер на Народната банка, за најавените промени во банкарските провизии, законските измени во платниот промет и очекувањата за инфлацијата и каматните стапки во нарниот период.
Банките ја разбраа пораката и најголем дел од нив веќе ги намалија провизиите што им ги наплаќаа на граѓаните. Но, од следната година се очекуваат уште поголеми поволности, најавува гувернерот Славески во интервјуто за FinSight.
Со предложените измени на Законот за платен промет, граѓаните ќе добијат можност четири пати месечно бесплатно да подигаат по 2.000 денари од банкомат на друга банка, да извршуваат одреден број трансакции со минимален надомест, како и да имаат дозволено пречекорување (минус) на трансакциската сметка.
„Направивме измени кои ги доставивме до Министерството за финансии, кое е законски надлежно да ги предложи до Собранието. Со тие измени се тргаат постојните ограничувања – ќе може да има пречекорување, да се користат и други сметки, а за фиксна и ниска месечна сума граѓаните ќе можат да извршуваат повеќе трансакции“, изјави гувернерот Славески.
Тој додава дека дополнителна значајна поволност ќе биде можноста, кога нема готовина на банкомат на сопствената банка, граѓаните четири пати месечно бесплатно да подигнат по 2.000 денари од банкомат на друга банка.
„Сметаме дека ова ќе биде значајна дополнителна поволност за граѓаните“, истакнува Славески.
Гувернерот најави дека во првите месеци од новата година ќе следи дијалог со Министерството за финансии, по што очекува предложените законски измени да бидат усвоени.
Осврнувајќи се на макроекономските движења, Славески посочува дека следната година се очекува пад на инфлацијата, доколку индексирањето на платите и пензиите се спроведува согласно законските правила. Во таков случај, можно е и релаксирање на монетарната политика и постепено намалување на каматните стапки.
„Доколку растот на платите е над законското усогласување, инфлацијата може повторно да забрза. Во таков случај, за да ја зачуваме ценовната стабилност, Народната банка ќе реагира соодветно“, порачува гувернерот на Народната банка.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
Прашањето за растот на платите и минималната плата повторно е во фокусот на јавноста, во услови на зголемени трошоци за живот и притисок врз животниот стандард на работниците. Во најновото издание на емисијата FinSight, разговараме со Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за позициите на синдикатите, аргументите зад барањата за повисоки плати и можните сценарија доколку не дојде до корекција на минималната плата до крајот на годината.
Во разговорот, Трендафилов детално ги образложува следните чекори на ССМ доколку изостане договор за зголемување на минималецот, како и економската логика зад синдикалните барања. Посебен акцент се става на честата теза за продуктивноста – дали македонскиот работник е навистина помалку продуктивен и дали платите се во сооднос со создадената вредност.
Епизодата отвора и пошироки прашања за односот меѓу трудот и капиталот, улогата на државата во процесот на усогласување на платите и долгорочните ефекти врз пазарот на труд.
Разговорот нуди јасни ставови и конкретни аргументи, во момент кога темата за платите не е само економско, туку и социјално прашање.
-
Продуктипред 2 месециНова поволност со HalkEZ пакетот за млади: Бесплатни FitKit кредити за секој нов корисник
-
Продуктипред 2 месециГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Продуктипред 1 месецХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Продуктипред 1 месецПразници со 0% камата – Мастеркард кредитна картичка од ПроКредит Банка
-
Интервјуапред 1 месецИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Осигурувањепред 2 месециКЗК “удри” по осигурителните компании: Над 17 милиони денари казни за картелско однесување
-
Останатопред 2 месециЗапочна исплатата на повратот од „Мој ДДВ“, средствата до крајот на ноември
-
Останатопред 2 месециУЈП започна засилени проверки на приливи од странство остварени од 2020 година досега




