Connect with us

Останато

Асоцијацијата за е-трговија потпиша Меморандум за соработка со Кинеската комора за е-трговија

Објавено

на

Асоцијацијата за е-трговија на С. Македонија (АЕТСМ) и Кинеската комора за е-трговија (CECC) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставуваат основите за заедничка соработка и развој на партнерства во областа на е-трговијата и дигиталната економија. Потпишувањето претставува значаен чекор напред во насока на унапредување на прекуграничната е-трговија, размена на знаења и информации, и градење на долгорочни партнерства меѓу македонскaтa и кинеската бизнис заедница.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков, веќе извесен период престојува во Кина во рамки на работна посета, каде активно работи на воспоставување на партнерства и истражување можности за меѓународна соработка. Е-трговијата во Кина е меѓу најразвиените и најиновативните во светот, а можностите за остварување на соработки се големи. 

– “Екосистемот на е-трговија во Кина е неверојатно развиен и интегриран, од кој што има многу што да се научи. Купувањето онлајн е дел од секојдневие за милиони луѓе. Она што го прави исклучителен овој систем е тоа што целата инфраструктура – од нарачка, плаќање, складирање, па сè до достава е дигитално поврзана и автоматизирана. Технологијата е длабоко интегрирана во секој аспект од животот со цел да го направи функционирањето поефикасно и поорганзирано. Брзата испорака на пратки во толку големи градови е возможна благодарение на густата мрежа на магацини (fulfillment центри) што се поставени близу до градовите; автоматизација и роботизација во складиштата; интегрирани логистички системи; достава со лесни електрични возила. Покрај тоа мрежата на out-of-home delivery е широко распространета, со густа мрежа на пакетомати за самостојно подигнување на пратките.” – објасни Ангеловска Станков  

Во рамки на посетата, Ангеловска оствари повеќе средби со претставници од Кинеската комора за е-трговија, на кои беа разгледувани конкретни можности за соработка, размена на знаења и искуства, поддршка за македонските компании, како и отворање на нови канали за зголемување на увозот и извозот и пристап до нови пазари за членките на АЕТСМ.

Меморандумот со Кинеската комора за е-трговија (CECC) предвидува соработка во неколку клучни области, вклучувајќи промоција и поддршка на прекуграничната е-трговија помеѓу двете земји, размена на информации, добри практики и политики, како и организирање на заеднички настани, бизнис средби, вебинари и саеми. Дополнително, меморандумот опфаќа поддршка на извозно-увозни активности на членовите на двете организации и поттикнување на еднаквост и вклучување на жените во е-трговијата и дигиталната економија.

– „Овој Меморандум претставува значаен исчекор во нашата мисија да ја поттикнеме меѓународната соработка и да создадеме нови можности за македонските компании на глобалната сцена. Соработката со Кинеската стопанска комора за е-трговија отвора нови перспективи за размена на знаење, пристап до огромниот кинески пазар и унапредување на прекуграничната е-трговија. Во време кога дигиталната економија станува сѐ поцентрална за економскиот раст, потребно е да се градат мостови за подобри соработки и прогрес. Ова партнерство отвора врати за пристап до вредни ресурси и нови соработки, но и создава поттик за иновации преку директна поврзаност со еден од најиновативните и најдинамични пазари во светот – Кина.“, изјави д-р Ангеловска Станков.

Кинеската комора за е-трговија (CCEC) е национална корпоративна организација во електронската индустрија, составена од компании, здруженија и индустриски тела кои се занимаваат со производство, дистрибуција и истражување на електронски производи. Комората брои над 16.000 компании членки. 

– „Со овој меморандум воспоставуваме стратешко партнерство помеѓу Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија и Кинеската комора за е-трговија за унапредување на соработката во областа на е-трговијата и дигиталната трговија. Тој ги опфаќа областите на соработка како што се размена на експертиза, заеднички настани и поддршка за членовите, со заедничка посветеност на инклузивен раст и родова еднаквост во дигиталната економија.“, изјави Лин Ханџонг, Заменик генерален секретар на CECC.

Со овој меморандум за соработка, АЕТСМ го зацврстува своето меѓународно присуство и создава можности за соработка со една од најсилните и најразвиени економии во светот. Потпишаниот документ е доказ за заедничката заложба за продлабочување на односите, градење на доверба и отворање на нови можности за членовите на двете организации.

Ова партнерство претставува почеток на еден подинамичен и поинтегриран пристап кон глобалната е-трговија, со фокус на иновациите, конкурентноста и дигиталната трансформација.

Останато

Бакарот го надмина златото: Цената порасна за речиси 16%, а побарувачката продолжува да расте

Објавено

на

Бакарот годинава бележи значително подобри резултати од златото на светските пазари, поттикнат од зголемената побарувачка во секторите на вештачката интелигенција, енергетската инфраструктура и одбранбената индустрија. И покрај неизвесноста на технолошките берзи, инвеститорите сметаат дека растот на цената на овој индустриски метал има потенцијал да продолжи.

Според податоците што ги објави CNBC, цената на бакарот од почетокот на годинава пораснала за 15,8 отсто, додека во последните 12 месеци бележи раст од над 30 отсто. За споредба, фјучерсите на златото од почетокот на годината се намалени за 4,11 отсто, а во последните 12 месеци за 4,52 отсто.

Бакарот, кој има широка примена во електрониката, градежништвото, транспортот и енергетиката, сè повеќе добива стратешко значење за државите и индустриите. Растечката потреба од сигурно снабдување со овој метал е еден од главните фактори што ја поддржуваат неговата цена.

Вештачката интелигенција и одбранбената индустрија ја зголемуваат побарувачката

Извршниот директор на рударската компанија Ivanhoe Electric, Тејлор Мелвин, во изјава за CNBC посочува дека металите кои досега се сметаа за критични суровини сè повеќе стануваат стратешки ресурси за националната безбедност, економскиот развој и технолошката инфраструктура.

„Ова е навистина добар период за рударството на бакар на глобално ниво, а особено во САД“, изјави Мелвин, нагласувајќи дека земјите и компаниите сè повеќе настојуваат да обезбедат стабилен пристап до клучните метали.

Посебен придонес за растот на побарувачката имаат инвестициите во дата-центри и инфраструктура за вештачка интелигенција. Според Мелвин, побарувачката за бакар во овие сектори е релативно нееластична, односно помалку чувствителна на промените во неговата цена.

Тој објаснува дека големите технолошки компании тешко би се откажале од инвестиција во голем дата-центар само поради поскапувањето на бакарот.

Слична е ситуацијата и во одбранбената индустрија, каде што растечките буџети за национална безбедност создаваат дополнителна потреба од овој метал.

Иако во последниот период технолошките акции се соочуваат со притисок поради загриженоста на инвеститорите околу одржливоста на големите вложувања во вештачката интелигенција, Мелвин смета дека тоа не мора негативно да се одрази врз долгорочната побарувачка за бакар.

Според него, падот на берзанските вреднувања на технолошките компании не значи и запирање на инвестициите во инфраструктурата, кои продолжуваат да создаваат нови потреби од индустриски метали.

Американските царини дополнително го усложнуваат пазарот

Дополнителен фактор што влијае врз цената на бакарот е неизвесноста околу можните американски царини за увоз на рафиниран бакар.

Американското Министерство за трговија во 2025 година предложи воведување царина од 15 отсто, со почеток од 1 јануари 2027 година, но според информациите наведени во извештајот, сè уште нема јавно објавена конечна одлука.

Можноста за воведување царини веќе влијае врз глобалните текови на трговијата и складирањето на бакарот.

Иан Пајл, висок инвестициски директор во Aberdeen Investments, посочува дека поради очекувањата за царини значителен дел од светските резерви на бакар се складирани во САД, при што останува неизвесно колку од тие количини ќе бидат достапни за остатокот од глобалниот пазар.

Истовремено, резервите на бакар во Кина се на исклучително ниско ниво, додека премиите што купувачите ги плаќаат за физичка испорака растат.

Ограничената понуда може дополнително да ја зголеми цената

Според проценките на Aberdeen Investments, бакарот е еден од најизразените примери на пазар каде што понудата сè потешко успева да ја следи побарувачката.

Во анализата објавена на 15 октомври, Пајл оценува дека ќе бидат потребни повисоки и долгорочно одржливи цени за да се поттикнат доволно нови инвестиции во производството.

Иако постои ризик од краткорочни корекции на цената, особено во периодот на објавување одлуки за американските царини, инвестициските аналитичари остануваат оптимисти во однос на долгорочните пазарни изгледи.

Растечките инвестиции во електроенергетски мрежи, дата-центри, одбранбена инфраструктура и технолошки капацитети, во комбинација со ограничената понуда, би можеле дополнително да ја зацврстат позицијата на бакарот како еден од најзначајните стратешки метали во светската економија.

Со раст од речиси 16 отсто од почетокот на годината, бакарот засега го надминува златото според берзанските перформанси, потврдувајќи дека индустриските метали добиваат сè поголема важност во услови на забрзана технолошка трансформација и зголемени геополитички ризици.

Продолжи со читање

Останато

Од утре поевтинува бензинот, а дизелот поскапува за два денари – РКЕ ги објави новите цени на горивата

Објавено

на

Од полноќ нови цени на горивата во Македонија. Бензините поевтинуваат за 2,50 денари по литар, додека дизелот и екстра лесното масло за домаќинство поскапуваат за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 0,49 отсто во однос на претходната одлука од 13 октомври 2026 година.

Новите цени ќе стапат во сила од 20 октомври 2026 година, од 00:01 часот.

Според одлуката на РКЕ, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинуваат за 2,50 денари по литар, додека ЕУРОДИЗЕЛ и екстра лесното масло за домаќинство поскапуваат за два денари по литар.

Нови цени на горивата од 20 октомври

  • ЕУРОСУПЕР БС-95 – 96,00 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 98,00 денари за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 99,00 денари за литар
  • Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 110,50 денари за литар
  • Мазут М-1 НС – 53,579 денари за килограм

Цената на мазутот се зголемува за 1,837 денари по килограм.

Зошто бензините поевтинуваат, а дизелот поскапува?

Според податоците на РКЕ, промените во домашните цени се резултат на различните движења на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.

Во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините се намалени во просек за 4,142 отсто, додека кај дизелот е забележано зголемување од 2,966 отсто.

Кај екстра лесното масло зголемувањето изнесува 2,465 отсто, а кај мазутот 4,416 отсто.

Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој се користи при пресметувањето на цените, е повисок за 0,1648 отсто во споредба со претходната пресметка.

Во пресметката се применети намален ДДВ и акциза

РКЕ информира дека при утврдувањето на новите цени е применета владината одлука за намалена стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10 отсто за ЕУРОДИЗЕЛ.

Исто така, применето е намалување на акцизата за четири денари по литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и кај ЕУРОДИЗЕЛ.

Од Регулаторната комисија нагласуваат дека утврдените цени претставуваат максимални малопродажни цени, што значи дека трговците на големо и мало можат да продаваат горива и по пониски цени.

Продолжи со читање

Останато

Цената на златото над 4.170 долари – инвеститорите очекуваат ФЕД да ги задржи каматните стапки непроменети

Објавено

на

Цената на златото продолжи да расте во понеделникот, надминувајќи го нивото од 4.170 долари за унца, откако инвеститорите ги намалија очекувањата за зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка (ФЕД). Растот е поттикнат и од зголемената побарувачка за сигурни инвестиции во услови на неизвесност на глобалните финансиски пазари.

Позитивното движење на цената на благородниот метал следува по изјавите на претседателот на Федералните резерви, Кевин Ворш, кои пазарите ги протолкуваа како сигнал за повнимателен пристап кон монетарната политика.

Говорејќи на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Бангкок во петокот, Ворш не даде конкретни насоки за одлуката што ќе биде донесена на претстојниот состанок на ФЕД. Сепак, тој посочи дека инфлацијата, која се покажа повисока од очекувањата, не ја променила неговата проценка за состојбата на американската економија.

Во пресрет на состанокот закажан за 27 и 28 октомври, Федералните резерви влегоа во период на воздржување од јавни изјави за монетарната политика. Според пазарните очекувања, веројатноста каматните стапки да останат непроменети изнесува околу 84 отсто.

Дополнителна поддршка за растот на златото доаѓа од зголемената неизвесност на берзите. Загриженоста околу високите инвестиции во вештачката интелигенција предизвика продажен притисок врз акциите, додека приносите на обврзниците се намалија. Ваквите движења ја зголемија привлечноста на златото како традиционално сигурно прибежиште за капиталот.

Истовремено, ескалацијата на геополитичките тензии на Блискиот Исток и во Источна Европа придонесува за задржување на високите цени на нафтата, додека насилните протести во Франција и во други европски земји дополнително ја зголемуваат неизвесноста на меѓународните пазари.

Во вакви услови, златото останува во фокусот на инвеститорите, кои внимателно ги следат сигналите од ФЕД и глобалните економски и геополитички случувања. Одлуката за американските каматни стапки кон крајот на октомври би можела да има значително влијание врз натамошното движење на цената на благородниот метал.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange