Банки
Добивката на ТТК Банка порасна за 2,9% и дојде до 1,76 милиони евра во 2024 година
Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, ТТК Банка АД Скопје ја реализираше својата стратегија, работејќи во согласност со клучните цели и задачи утврдени во Деловната политика и во Финансискиот план за 2024 година.
Во текот на 2024 година, ТТК Банка АД Скопје успешно ги усогласи своите стратешки цели со променливите макроекономски услови, што доведе до зголемување на профитабилноста и обезбеди стабилна и континуирана вредност за сите засегнати страни – клиентите, вработените и акционерите.
Заклучно со 31 декември 2024 година, Банката забележа позитивен финансиски резултат од 108,3 милиони денари, што претставува пораст од 2,9% во споредба со истиот период минатата година. Овој успех е резултат на зголемените оперативни приходи од 3,6%, при што истовремено беа контролиран и расходите, кои пораснаа за 8,0%. Дополнително, исправките на вредноста на финансиските средства на нетооснова достигнаа 37,4 милиони денари, што ја потврдува финансиската стабилност на Банката и нејзината подготвеност да се справи со динамичните пазарни услови.
Финансиски остварувања на ТТК Банка
Во 2024 година, билансната сума на Банката достигна ниво од 11.015 милиони денари, што претставува значителен раст од 9,1% во споредба со претходната година. Планот е остварен со 105,5%.
Заклучно со 31.12.2024 година, евидентиран е пораст на кредитите и побарувања од други комитенти за 9,9% во однос на 31.12.2023 година. Порастот во најголем дел произлегува од зголемувањето на кредитирањето на физички лица за 13,1%, преку зголемени пласмани на потрошувачки и на станбените кредити. Планот за овој период е исполнет со 104,0%.
Депозитите на други комитенти изнесуваат 9.466 милиони денари и бележат пораст во однос на минатата година од 11,4%, што се должи на зголемувањето на депозитите по видување и на орочените депозити кај физичките лица за 13,8% и на зголемувањето на орочени депозити на финансиски друштва за 90,5%. Во однос на планот се остварени со 107,1%.
Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2024 до 31.12.2024 година изнесуваат 344,9 милиони денари и во однос на планот се остварени со 101,4%. Во однос на истиот период минатата година, зголемени се за 37,4 мил. денари или 12,2%. Порастот, во најголем дел, се должи на зголемените каматни приходи од секторот Банки и Финансиски институции, како резултат на повисоките каматни стапки поставени од монетарната политика на Централната банка при остварен раст и на приходите од камати од секторите стопанство и домаќинства.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 166,9 милиони денари. Најголемо учество во генерирањето на приходите од провизии имаат провизиите од домашниот платен промет, како и провизиите од картично работење. Приходите од провизија бележат годишен раст од 2,5%. Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во однос на планот за овој период се остварени со 84,8%.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 15,7 милиони денари и бележат годишен раст од 1,1% како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 96,8%.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 26,1 милиони денари и се пониски за 53,9% во однос на минатата година, како резултат, во најголем дел, од понискиот износ на приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства во тековната година. Во однос на планот се остварени со 48,5%.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 417,6 милиони денари и се за 8,0% повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат на зголемените трошоци за плати и вработени, што ја одразува стратегијата на Банката за континуирано инвестирање во човечките ресурси и задржување на квалификуваниот персонал, како и на повисоките трошоци за амортизација, кои се резултат на инвестиции во инфраструктурата и технологијата. Во однос на планот се остварени со 99,6%.
Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 37,4 милиони денари и таа соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката. Во споредба со истиот период од претходната година, овој износ е на пониско ниво за 10 милиони денари, што претставува намалување од 21,3%, што е резултат на засилените активности на Банката во наплатата на кредитните пласмани.
Во текот на 2024 година прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 1,1 милиони денари.
Очекувања за претстојниот период
Најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Оттука, централните банки почнаа да ги олабавуваат затегнатите монетарни политики, што сигнализира дека каматните стапки ќе продолжат постепено да се намалуваат и во претстојниот период. И натаму треба да се следат ризиците поврзани со надворешното окружување, пред сè, цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период.
Сегашната клима сугерира дека и во следниот период Банката и понатаму внимателно ќе ги анализира тековните макроекономски параметри, ќе ги следи мерките, активностите и предвидувањата на економските авторитети и на носителите на економските политики и на операторите, ќе ги усогласува интерните индикатори и ќе го приспособува нејзиното работење на пазарните услови, со фокус кон одржување на ликвидноста и на долгорочната стабилност.
Банката ќе продолжи да дејствува проактивно, фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и на предвидливи очекувања. Кредитната активност се очекува да продолжи да се реализира преку работата со населението и со малите и средни претпријатија, паралелно со севкупното зајакнување на економската активност и на зголемената побарувачка за кредити. Притоа, Банката ќе ги презема сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, конкурентноста и развојот на понудата на производи и услуги, како и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите.
Креирањето одржливи и ефикасни процеси, посветеноста кон зголемување на квалитетот и ефикасноста во клиентската услуга и зголеменото клиентско задоволство, реализацијата на планираниот обем на активности предвидени со деловната политика, понудата на зелени кредитни производи приспособени на потребите на клиентите, натамошниот развој на дигитализација на процесите, надградбата на производите и услугите достапни преку дигиталните канали како и потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе претставуваат основа на деловната стратегија на Банката за 2025 година, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.
Банки
Двојна победа на НЛБ Банка Скопје на наградите за банкарство на EMEA Finance Europe 2025
НЛБ Банка e добитник на две престижни признанија на финансискиот магазин EMEA Finance Europe од Лондон – осми пат „Најдобра банка“ во Македонија и за прв пат, „Најдобра дигитална банка“ во регионот на Централна и Источна Европа. Признанијата се потврда за извонредните перформанси и отпорноста, иновациите и трансформативната улога на Банката кон дигиталните технологии и вештачката интелигенција, како и обликувањето на иднината на банкарството во земјата и споменатиот регион.
Признанието за „Најдобра банка“ во Македонија ги одразува одличните финансиски перформанси, стабилноста и отпорноста во справувањето со динамичните и предизвикувачки услови на домашниот и меѓународните пазари, како и посветеноста на НЛБ Банка на супериорна услуга ориентирана кон клиентите, со истовремено одржување на највисоки стандарди за транспарентност, интегритет и одржливост.
Сепак, како што наведува EMEA Finance Europe, овогодишните признанија ја нагласуваат не само способноста на банките да се снајдат во сложени пазарни средини, туку и нивната посветеност на иновативни банкарски решенија и унапредување на дигиталната трансформација. Препознавајќи ја како лидер во дигитализацијата, благодарение на револуционерните иновации и реализацијата на бројни трансформативни проекти кои го редефинираат банкарството и ја приближуваат Банката кон остварување на нејзината амбициозна „Стратегија 2030“, токму НЛБ Банка Скопје е носител на признанието „Најдобра дигитална банка“ во регионот на Централна и Источна Европа.
„Искрена благодарност до EMEA Finance Europe за овие престижни признанија и огромна благодарност до нашиот посветен тим, клиентите и партнерите чија доверба и поддршка го овозможуваат нашиот успех. Двојното признание за НЛБ Банка е потврда за успешното работење на Банката, нашето континуирано инвестирање во најсовремени дигитални решенија и вештачка интелигенција, и нашиот непоколеблив фокус на обезбедување вредност за нашите клиенти. Подеднакво горди на двете признанија, со особена радост ја примивме веста за „Најдобра дигитална банка“ за Централна и Источна Европа. Ова е значајна пресвртница која ја позиционира нашата Банка на врвот на регионалната извонредност во дигиталното банкарство и го зајакнува угледот на Банката како лидер во дигиталната трансформација.“- истакнува Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Тони Стојановски.
Инаку, ЕМЕА Finance Europe e реномиран магазин кој во финансискиот свет е познат како „независен глас на финансиската заедница, нејзините клиенти и партнери“ во регионите на Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка. Наградите за финансии на EMEA се сметаат за едно од највисоките признанија во банкарската индустрија, со кое се признаваат институции кои поставуваат стандарди во оперативната извонредност, дигиталните иновации и одржливото финансирање. За потсетување, кон крајот на минатата година, на престижната церемонија на финансискиот магазин „The Banker“ во Лондон, НЛБ Банка по дванаесетти пат, ја понесе и титулата „Банка на годината“. Наградата претставува репер за квалитет и достигнувања во глобалната банкарска индустрија – признание за водечките банки ширум светот кои покажале исклучителни перформанси и лидерство на нивните пазари.
Банки
Гувернерот Славески: Монетарната политика обезбедува стабилен денар, контролирана инфлација и стабилен банкарски систем
Во гостувањето во емисијата „Вин-вин“ на телевизија „Телма“, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, истакна дека монетарната политика успешно ја исполнува својата основна цел – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност во земјата.
Гувернерот посочи дека стабилноста на девизниот курс на денарот и натаму е цврсто закотвена. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата, беше нагласено дека се бележи стабилизирање на ценовните движења, а во одредени месеци во текот на минатата година има и намалување на ценовното ниво на месечно ниво. Народната банка очекува дека во текот на оваа година инфлацијата и натаму ќе се намалува, што е во согласност со среднорочната цел за ценовна стабилност и приближување кон инфлацијата во еврозоната.
Гувернерот информира дека Народната банка воведе нова и поефикасна оперативна монетарна рамка, со што се унапредува преносот на сигналите од монетарната политика кон финансискиот систем. Во новата рамка, банките имаат можност да пласираат средства кај Народната банка на седум дена со каматна стапка од 4%, со дефиниран каматен коридор за краткорочните операции. Со ваквата поставеност се овозможува појасна насока за движењето на каматните стапки и се придонесува за одржување на стабилноста на финансискиот систем.
Беше истакнато дека банкарскиот систем располага со значителен вишок ликвидност, како и дека бележи постојан раст на штедењето кај населението. Во последните години се забележува и позитивен тренд на денаризација, односно раст на штедењето во домашна валута, што уште повеќе ја зајакнува стабилноста на денарот и довербата во домашниот финансиски систем.
Гувернерот нагласи дека девизните резерви се одржуваат на високо и сигурно ниво од околу 4,9 милијарди евра, што претставува силна гаранција за стабилноста на девизниот курс и за отпорноста на економијата на надворешни шокови.
Во гостувањето беше истакнато и дека постои широк општествен и економски консензус за придобивките од фиксниот девизен курс, што со децении успешно придонесува за стабилноста на македонската економија и претставува важен столб во процесот на европска интеграција и идното воведување на заедничката европска валута.
Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи економските движења и ќе спроведува политики насочени кон одржување на ценовната и финансиската стабилност, како важен предуслов за одржлив економски раст и за стабилност на економијата.
Банки
ХАЛКБАНК СО АТРАКТИВНА ДИГИТАЛНА КАМПАЊА: Отвори сметка онлајн и добиј 1.000 денари за гориво
Халкбанк АД Скопје од 1 февруари 2026 година започна нова кампања за онлајн отворање платежни сметки, реализирана во соработка со Макпетрол, со цел унапредување на дигиталното банкарство и поедноставување на пристапот до банкарските услуги.
Новите клиенти можат да станат дел од Халкбанк со само неколку клика, преку креирање електронска идентификација со мобилната апликација OneID, по што сметката се отвора целосно онлајн преку официјалната веб-страница на Банката.
Како дополнителен бенефит, првите 200 нови клиенти кои успешно ќе отворат сметка ќе добијат ваучер за гориво во вредност од 1.000 денари, кој може да се искористи на бензинските станици на Макпетрол. Деталите за подигнување на ваучерот ќе бидат доставени по електронски пат во рок од неколку дена.
Кампањата важи до исцрпување на предвидените 200 ваучери и се однесува исклучиво на лица кои досега немале отворена сметка во Халкбанк АД Скопје.
Со оваа иницијатива, Халкбанк продолжува да инвестира во дигитални решенија и корисничко искуство, овозможувајќи брз, безбеден и модерен пристап до банкарските услуги.
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Продуктипред 2 месециПразници со 0% камата – Мастеркард кредитна картичка од ПроКредит Банка
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Продуктипред 2 месециПразничен промо депозит од ПроКредит Банка – Повеќе добивка за одличен старт на 2026
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст



