Банки
Средба Ангеловска-Бежоска –Дејвид Гир: Членството во СЕПА е еден од приоритетите на ЕУ за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан
Амбасадорот Гир ги поздрави напорите на Народната банка за подготовка и поднесување на барањето за членството во СЕПА коешто е еден од седумте приоритети за зајакнување на економско интегрирање согласно Планот на Европската комисија за раст и побрза интеграција на регионот на Западен Балкан.
Поднесувањето на апликацијата за пристапување кон Единствената област за плаќање со евра СЕПА е историски значаен чекор што ќе ни овозможи пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тоа и пред земјава да биде членка на ЕУ. Ова беше констатирано на работната средба којашто гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ја имаше со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска потенцира дека придобивките од членството на земјава во СЕПА за граѓаните и за компаниите ќе бидат големи и ќе значи пред сѐ, поевтин, побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин (еднаков на националните плаќања) за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА. Гувернерката посочи дека земјава очекува позитивна одлука од Европскиот Совет за плаќања, по што би се случило ефективното пристапување со вклучување на домашните даватели на платежни услуги во платните системи во СЕПА.
На средбата беше разговарано и за повеќе актуелни прашања во делот на макроекономските остварувања, економските движења, инфлациските и девизните состојби, како и состојбите во банкарскиот сектор.
Банки
Гувернерот Славески: Од СЕПА кон инстант иднина – побрзи, поевтини и посигурни плаќања за сите
Приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА претставува историски чекор кон модерна, безбедна и европски интегрирана платежна инфраструктура. Оваа трансформација веќе носи конкретни придобивки за граѓаните и за компаниите, а тоа се побрзи, поедноставни и значително поевтини трансакции во евра. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во колумна за Билтенот на Македонската банкарска асоцијација истакнува дека СЕПА претставува „суштинска трансформација, а не само техничка промена“, којашто директно ги подобрува квалитетот и достапноста на платежните услуги.
Од 7 октомври, девет банки во земјава веќе извршуваат кредитни трансфери преку СЕПА, а до крајот на годината се очекува целосно приклучување на десет банки. Благодарение на членството во СЕПА, надоместоците за плаќања се намалија повеќекратно. Така, за трансакција од 500 евра граѓаните сега плаќаат околу 4 евра, наместо околу 25, а деловните субјекти за трансакција од 20.000 евра што чинеше околу 80 евра, сега плаќаат помалку од 10 евра. Овие промени претставуваат годишни заштеди од околу 20 милиони евра на ниво на економија, а времето за извршување на плаќањата се скрати од неколку дена на најчесто помалку од два часа.
По приклучувањето кон СЕПА, следната стратегиска цел е воспоставувањето инстант плаќања, односно трансакции што се извршуваат за неколку секунди, 24 часа дневно. Народната банка, заедно со централните банки од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, работи на заеднички регионален систем за инстант плаќања заснован на европската платформа ТИПС на Банката на Италија. Целта е создавање интероперабилен платежен простор меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, што ќе овозможи едноставни и брзи плаќања во денари во земјава, подобар обрт на средствата за фирмите, пониски трошоци за прекуграничните трансакции и инстант пристигнување на дознаките во евра.
Во периодот што следува, модернизацијата на платниот систем ќе биде насочена кон целосно искористување на новата инфраструктура, дигитализација на плаќањата, намалување на употребата на готовина и дополнително усогласување на регулативата со европските стандарди. Со ова се обезбедува поголема транспарентност, иновативни услуги, фер конкуренција и повисока заштита на корисниците. „Модернизацијата на плаќањата е инвестиција во конкурентноста на економијата. Но, зад секоја технологија мора да стои довербата, како во системот и во институциите, така и во стабилноста на валутата“, нагласува гувернерот Славески.
Реформите во платниот систем се вложување во подобар стандард на граѓаните, поефикасно работење на компаниите и посилна, европски интегрирана економија. СЕПА и инстант плаќањата ја отвораат вратата кон иднина во која секој трансфер е брз, сигурен и достапен, иднина што ја градиме за новите генерации и модерен европски платежен простор.
Банки
Операционализација на плаќањата преку СЕПА за државата и за државните институции
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, од една страна и претседателот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак и членот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Антонио Аргир, од друга, потпишаа договор за меѓусебна соработка којшто ѝ овозможува на Народната банка да започне со плаќања преку СЕПА.
Од 9 декември 2025 година, државата и државните институции ќе можат да плаќаат и да примаат средства во евра, согласно стандардите на СЕПА, побрзо, побезбедно и со пониски и фиксни надоместоци. Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра за плаќање преку кореспондентните банки, плаќањата преку СЕПА ќе чинат 3 евра за електронските налози и 5 евра за хартиените налози, а сите приливи преку СЕПА ќе се наплатуваат 3 евра. Имајќи предвид дека 80% од вкупните одливни плаќања и 90% од вкупните приливи на државата се во евра, пониските надоместоци директно ќе овозможат поголеми заштеди за државата и за државните органи.
„Со овој значаен чекор Народната банка, покрај регулаторната и надзорната улога во платежната сфера, ја потврдува и својата оперативна улога во обезбедувањето подобри и поквалитетни услуги за државата и за државните органи во извршувањето на прекуграничните плаќања“, истакна гувернерот Славески.

„Ни претставува чест што сме избрани за банка одговорна за обработка на плаќањата преку СЕПА за Народната банка на Република Северна Македонија и упатуваме искрена благодарност за укажаната доверба. Ова достигнување претставува значаен чекор кон подлабока интеграција со платниот систем на Европската Унија и ја поддржува пошироката цел за интеграција во ЕУ. Оваа пресвртница се надоврзува на нашето неодамнешно воведување на услугата „Епл пеј“ (Apple Pay) за сите наши клиенти во ЈИЕ и успешното влегување на „НЛБ банка“ Скопјe во шемата на кредитниот трансфер преку СЕПА, дополнително зајакнувајќи ја посветеноста на Групацијата НЛБ за поттикнување на финансискиот развој и иновациите во Северна Македонија“, изјави Блаж Бродњак, претседател на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана.

По пристапувањето на нашата земја кон СЕПА, со што за граѓаните и за компаниите веќе се овозможени побрзи, побезбедни и поевтини плаќања во евра, Народната банка како банкар на државата им овозможува и на државните институции да ги користат придобивките од СЕПА. На овој начин, ќе се овозможат значителни заштеди за државата и за државните институции при извршувањето на прекуграничните плаќања во евра со четириесетте земји членки на СЕПА.
Банки
Социо-економско влијание на НЛБ Банка: 675 милиони евра додадена вредност во домашната економија и над 23.400 поддржани работни места
Во 2024 година, НЛБ Банка креира над 675 милиони евра додадена вредност директно преку своите активности, како и преку кредитите и синџирот на добавувачи, што претставува значителни 4,3% од БДП на земјата. Активата на Банката изнесува 2 милијарди евра, односно 14% од БДП на земјата, што претставува 1/7 од националната економија. Со 1,4 милијарди евра вкупно кредитно портфолио и 18% учество во вкупните бруто кредити во земјата, над 471.000 активни клиенти и 22% во вкупниот платен промет реализиран од деловните банки во 2024 година, НЛБ Банка Скопје е столб на финансискиот систем и значаен фактор на долгорочниот економски развој на земјава. Директно вработува 970 луѓе, и активно поддржува над 23.400 работни места.
Ова се клучните наоди од Студијата за социо-економското влијание на НЛБ Банка за 2024 година, кои денеска беа презентирани на еден од панелите на меѓународната конференција „NLBNext“ на тема „Иднината на банкарството“, а по повод 40-годишнината на Банката. На панелот дискутираа Тони Стојановски, Претседател на УО на НЛБ Банка, Зоран Јовановски независен член на НО на НЛБ Банка и Академик Абдулменаф Беџети.
Присутните добија вредни перспективи за социо-економскиот придонес на НЛБ Банка, преточени во прва Студија од ваков вид направена за една банка во нашата земја. Студијата е изработена со техничка поддршка на PwC, согласно меѓународно признати методолошки пристапи и истата го квантификува директниот, индиректниот и индуцираниот ефект од работењето на Банката.

„Со 2 милијарди евра актива, која претставува 14% од БДП на земјата или 1/7 од националната економија, социо-економското влијание на НЛБ Банка е огромно. Банката придонесува со 211 милиони евра во даноци и социјални придонеси, што е околу 4% од вкупните јавни приходи“, го започна своето излагање, Тони Стојановски, претседател на УО на НЛБ Банка.
Стојановски истакна дека вкупното кредитно портфолио на крајот на 2024 година изнесува 1,4 милијарди евра, а само минатата година Банката пласирала 560 милиони евра. Од вкупното кредитно портфолио, 506 милиони евра или 35% се кредити за компании, од кои 44% се кредити за микро, мали и средни компании.
„Но, основната смисла на постоењето на НЛБ Банка оди подалеку од бројките, тоа е влијанието врз општеството, додадената вредност во исплатени плати, задржување на работни места и придонес за заедницата. Денес го славиме минатото, но силно сме фокусирани на иднината! Ја имплементираме стратегијата 2030, продолжувајќи со стабилен раст и развој, со иновации и дигитализација. Дел сме од амбициозна Групација што ни дава можност да донесеме искуствена економија во земјава. Ќе продолжиме и со вложувања во човечки капитал и поддршка на заедницата, подготвени за сѐ што следи“, заклучи Стојановски.

Методологијата на студијата е научно признаена, истакна Академик, Проф. д-р Абдулменаф Беџети, според кого НЛБ Банка e повеќе од само финансиска институција, таа е клучен столб на економијата и финансискиот сектор во земјата, партнер од доверба и поддршка на бројни семејства и бизниси. Со 1,7 милијарди евра во депозити, и 1,4 милијарди евра вкупно кредитно портфолио, НЛБ Банка дава силна поддршка на населението и растот на приватниот сектор, континуирано создавајќи нова вредност. НЛБ е системски важна банка, која со своето работење придонесува кон државните јавни расходи. Во 100 евра јавни расходи, НЛБ Банка учествува со 4 евра. Со 16% пазарен удел во средствата на банкарскиот сектор, Банката е длабоко интегрирана во локалната економија и активен учесник во поддршката на реалниот и граѓанскиот сектор.
Зоран Јовановски, член на НО на НЛБ Банка, ги потенцираше континуираните инвестиции во дигитализација и иновации, кои само во 2024 година изнесуваат 1,6 милиони евра.

„Во Банката имаат доверба над 471.000 активни клиенти од кои 453.000 физички лица и над 17.000 корпоративни клиенти. Преку НЛБ Банка 134.000 граѓани ја примаат својата плата (секој 4-ти вработен во земјата), 81.000 пензионери ја примаат својата пензија, а 42.000 корисници добиваат социјални надоместоци, што покажува колку е Банката интегрирана во секојдневниот живот на луѓето“, истакна Јовановски и додаде дека НЛБ Банката создаде одлична основа за иднината и како членка на најголемата банкарска и финансиска групација во нашиот регион, НЛБ Банка e силно посветена на унапредување на квалитетот на животот, придонесувајќи за одржлива економија.
НЛБ е лидер во почитувањето на ЕСГ стандардите – 2/3 од трансакциите се електронски, преполовена е употребата на хартија. Во 2024 година НЛБ Банка има вложено 500 илјади евра во над 50 општествено одговорни иницијативи и проекти. НЛБ е Банка која се грижи и за вработените, што сес потврдува со фактот, дека настрана од бенефициите и грижата за нивната добросостојба, само во 2024 се остварени 55,000 часови обука и инвестирани се 660.000 евра. Од мала финансиска организација основана во далечната 1985 година, НЛБ Банка се трансформираше во една од водечките банки во земјава, силна и стабилна институција со значаен придонес во економскиот развој на земјата.
-
Продуктипред 2 месециMastercard до 2030 ќе ги замени бројките на картичките со токени
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Осигурувањепред 2 месециДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување
-
Банкипред 2 месециСЕПА во Македонија: Брзи, поевтини и дигитални плаќања во Европа од 7 октомври
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Потрошувачките кредити повторно во фокус: пониски камати, промоции и полесно аплицирање
-
Банкипред 2 месециСрпската банка што ја купува Стопанска банка а.д. Битола најави изградба на облакодер од 35 ката за свое ново седиште!?
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит
-
Банкипред 2 месециЗа уште повеќе среќа – Потрошувачки кредит до 2.000.000 денари од Комерцијална банка со намалени каматни стапки






