Connect with us
no baners

Банки

ПРВО ПОЛУГОДИЕ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивка од 2,96 милијарди денари за шест месеци!

Објавено

на

Во периодот од 01.01. до 30.06.2025 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.960,1 милиони денари, наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 2.844,6 милиони денари, што претставува зголемување за 4,1%. Планираната бруто-добивка за првата половина од годинава е остварена со 114,9%.

Овој резултат е постигнат во услови на зголемени надворешни ризици, вклучително и геополитички тензии, нестабилност на светските пазари поради трговски бариери, и забавена економска активност кај главните трговски партнери на државата.

Кај домашната инфлација во последните месеци се забележува тренд на благо забрзување (во мај и јуни достигна ниво од 3,7% и 3,8% на годишно ниво), а Народната банка го задржа внимателниот пристап во водењето на монетарната политика.

Клучни показатели за профитабилност

  • Добивката пред исправка на вредност е 1,1% пониска од лани, главно поради:
    • Намалени капитални добивки од продажба на преземен имот
    • Загуби од тргување со хартии од вредност
    • Зголемени оперативни расходи
  • Вкупните приходи од работење изнесуваат 4.483,9 милиони денари (намалување од 0,4%)
  • Нето-приходите од камата бележат раст од 1,1% и планот е исполнет со 101,3%
  • Нето каматната маржа е намалена од 3,88% на 3,63% на годишно ниво
  • Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 1,5%, реализирани со 105,7% од планот
  • Приходите од курсни разлики бележат значителен пораст од 20,3%, реализирани со 137,3% од планот
Останати приходи и расходи
  • Останатите приходи од работење изнесуваат 663,6 милиони денари (намалување од 9,3%)
  • Оперативните расходи се зголемени за 1,4%, главно поради повисоки трошоци за вработените
  • Нето исправката на вредност на финансиските средства е намалена за 32,8%, што се должи на подобрена кредитна дисциплина
  • Прокнижена е загуба поради оштетување на нефинансиски средства од 4,9 милиони денари.
Биланс на состојба

Вкупна актива

На 30.06.2025 година, вкупната актива на Банката изнесува 181.598,4 милиони денари, што е раст од 1,7% во однос на декември 2024 година. Планот е реализиран со 99,1%.

  • Парични средства и еквиваленти: раст од 8,0%, најмногу поради зголемено пласирање во НБРСМ
  • Средства за тргување: пад од 45,2% поради продажба на акции и пазарно усогласување
  • Финансиски средства по објективна вредност: раст на вложувања во инвестициски фондови
  • Кредити на банки: пад од 3,8% поради доспевање на депозити и нивно репозиционирање
  • Кредити кон нефинансиски друштва и домаќинства: раст од 4,7%, главно кај правните лица
  • Вложувања во хартии од вредност: намалени за 7,7% поради достасани обврзници
  • Преземени средства по ненаплатени побарувања: пад од 49,9%, со минимално учество во активата.
  • Обврски и капитал
  • Вкупни депозити: 156.685,2 милиони денари (раст од 1,3%), доминантно од домаќинства
  • Обврски по кредити: значителен пораст од 83,9%, главно од нови повлекувања преку различни кредитни линии, вклучувајќи GEFF III, GFF и ИФАД 2. Учество во вкупните обврски останува ниско (1,7%)
  • Акционерски капитал и резерви: достигнуваат 20.977,4 милиони денари (раст од 0,6%), со прераспределба на добивка од 2024 година.
Очекувања за претстојниот период

Макроекономските услови во кои Банката ја остварува својата активност во текот на 2025 година се условени од домашните политички случувања и од неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент.

Иако генералните очекувања се дека движењата во рамки на домашната економија ќе
имаат позитивна насока, притисоците и зголемената неизвесност во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2025 година, при што се земени предвид проекциите објавени од
Министерството за финансии, Народната банка на Република С Македонија, ММФ и Светската банка.

Најновите макроекономски проекции на Народната банка, објавени во јуни 2025 година, прогнозираат раст на економијата од 3,0 % во 2025 година, во услови на понеповолно надворешно окружување. Се очекува главен носител на растот да бидат инвестициите,
потпомогнати од најавениот јавен инфраструктурен циклус, но и од приливот на странски инвестиции и солидната кредитна поддршка на корпоративниот сектор од страна на банките.

И понатаму се очекува макроекономската стабилност да се остварува преку одржување
на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во
однос на еврото. Во 2024 година просечната годишна инфлација достигна 3,5%, додека
за 2025 година најновите оцени на Народната банка упатуваат на проектирана стапка на
инфлација од 3,0%, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5%.

Нагорните ризици околу инфлацијата се поврзани главно со цените на примарните
производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст, климатските фактори и глобалните протекционистички трговски политики, како и со домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката.

Се очекува дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка, во услови на постепено забрзување на економскиот раст и стабилизирање на очекувањата. Кредитниот раст на крајот на 2024 година достигна 11,2%, додека согласно
најновите проекции од НБРСМ за 2025 година е проектиран на околу 9,0%. Како резултат на стимулативните услови за штедење, растот на расположливиот доход на населението, стабилните очекувања и јакнењето на довербата, како и мерките преземени од страна на Народната банка за натамошно поттикнување на штедењето, депозитите, како најзначаен извор на финансирање, на крајот од 2024 година остварија солиден годишен раст од 12,4 %, а во 2025 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,5 %.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон
новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на
одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на
барањата на клиентите, на ефикасно управување со трошоците, натамошна
дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, на навремено
усогласување со техничките барања за процесирање на плаќањата преку единствената
европска платежна област – СЕПА, на прилагодување на деловните процеси во
согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со
регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите
на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, на имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.

Банки

Народна банка: Претпазлива монетарна политика во услови на сѐ поголема светска неизвесност – каматната стапка е непроменета

Објавено

на

На 24 март 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На оваа седница, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4%. На аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 25 март, понудата ќе изнесува 36 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Досегашните измени во задолжителната резерва, макропрудентните мерки поврзани со критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, како и одлуките за управување со системските ризици, обезбедуваат дополнителна поддршка за претпазливата поставеност на монетарната политика.

Одлуката за монетарната политика се носи во услови на исклучително зголемена светска неизвесност и непредвидливост, предизвикана од неодамнешното избувнување на воениот конфликт на Блискиот Исток. Првичните ефекти се видливи преку нарушувањето на снабдувањето со нафта во светот и растот на цените на енергентите. Севкупните ефекти врз светската економија се условени од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток. Евентуалнотоподолго времетраење, како и проширување на воените дејства ќе предизвикаат подолготрајни нарушувања на пазарот на енергенти, посилно зголемување на нивните цени, пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи. Во ваков контекст, ЕЦБ на последниот состанок за монетарната политика ја задржа истата каматна стапка, правејќи нагорна корекција на очекуваната инфлација и надолна на растот.

Во домашната економија, инфлацијата и натаму забавува во согласност со очекувањата, а годишната стапка на инфлација се сведе на 2,9% во февруари. Значително забавување бележи и базичната компонента на инфлацијата, којашто е послаба од очекувањата. Наспроти досегашниот поволен тренд кај домашната инфлација, ризиците околу нејзината идна динамика се зголемени. Тие се поврзани со последните воени случувања и прекините во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот. Пазарните оцени за цените на нафтата во следниот период се ревидирани поизразено во нагорна насока, на кус рок. Подолгорочните ефекти врз светските цени, а со тоа и врз домашната инфлација се условени од силината и времетраењето на воените дејства на Блискиот Исток.

На крајот на февруари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.558 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година што, според сите релевантни меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви, се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во 2025 година, надворешната позиција на економијата гледана преку билансот на плаќања беше подобра од очекувањата. Тоа е видливо преку повисокото ниво на девизните резерви на крајот на годината во однос на проекциите, што овозможува и подобра појдовна позиција за справување со шоковите. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, во јануари 2026 година, трговскиот дефицит главно е во согласност со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Заклучно со февруари, остварувањата на менувачкиот пазар упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал.

Во изминатата година, домашната економија се покажа генерално отпорна на неизвесното и променливо надворешно окружување и забележа забрзан економски раст, под влијание на домашната инвестициска активност, но и на солидниот извоз, а остварувањата се во согласност со проекциите. Така, економски раст од 3,8% беше забележан и во последниот квартал од 2025 година, со што растот за целата година изнесуваше 3,5%. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, односно со зголемената неизвесност што произлегува од тековниот конфликт на Блискиот Исток. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти претставуваат едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.

Движењата во монетарниот сектор и натаму се солидни. Податоците за депозитите и кредитите на банките во февруари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките. Кредитната активност и натаму расте, но забавено, умерено над очекувањата за првиот квартал од годината.

Општо земено, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици се особено изразени поради неизвесноста во однос на интензитетот и времетраењето на воениот конфликт на Блискиот Исток. Се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка внимателно ги следи сите случувања и редовно ги оценува ризиците од можните ефекти врз домашната економија и е подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да презема соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

Продолжи со читање

Банки

Алта Банка го комплетираше Управниот одбор – Зарије Коралија нов член

Објавено

на

АЛТА Банка АД Битола успешно го комплетираше составот на Управниот одбор, откако Народна банка на Република Северна Македонија даде согласност за именување на нов член.

Станува збор за г-дин Зарије Коралија, кој е назначен за член на Управниот одбор со мандат од една година.

„АЛТА банка АД Битола ја информира јавноста дека согласно одлуката за именување од страна на Надзорниот одбор од 23 јануари 2026 година и добиената согласност од Извршниот одбор на Народната банка од 19 март 2026 година, г-дин Зарије Коралија се именува за член на Управниот одбор на Банката, со мандат од една година“, се наведува во соопштението објавено на Македонска берза.

Со комплетирањето на составот на Управниот одбор, м-р Борислав Атанасовски повеќе не ја извршува функцијата вршител на должност член на Управниот одбор на Банката.

Во моментов Управниот одбор на Банката го сочинуваат:

  • Александра Радевска – претседател и член на Управниот одбор
  • Зарије Коралија – член на Управниот одбор
Продолжи со читање

Банки

Народната банка: Предлозите за вицегувернери се доставени, изборот е во надлежност на Собранието

Објавено

на

Народната банка ја информира јавноста дека предлозите за вицегувернери се доставени до Собранието по завршување на јавниот повик и во согласност со законските процедури.

Во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието. Категорично ги отфрламе тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери или дека функционирањето на Народната банка е доведено во прашање.

Согласно член 55, став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова обезбедува континуитет во работењето и гарантира стабилност и непречено функционирање на институцијата, што е во согласност и со насоките на Меѓународниот монетарен фонд

Ваква ситуација не е новост и одредени пролонгирања се забележани и во претходни избори на членови на Советот на Народната банка. Потсетуваме дека во 2018 година, кога СДСМ заедно со својот коалициски партнер ДУИ го имаа мнозинството во Собранието, Советот на Народна банка повеќе месеци функционираше во нецелосен состав, што не е случај сега.

Законот и сегашната практика јасно обезбедуваат континуитет и стабилност во работењето на Народната банка до избор на нови носители на функциите.

Народната банка изразува загриженост, што преку неосновани и селективни информации пласирани во јавноста се доведува во прашање работењето на една високопрофесионална и одговорна институција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange