Бизнис
Pepco влегува на македонскиот пазар, првите продавници во Скопје од јуни
Европскиот дисконтер Pepco најави влез на пазарот во Северна Македонија, при што првите продавници ќе бидат отворени во Скопје во јуни годинава.
Од компанијата информираат дека проширувањето во земјава е дел од нивната поширока стратегија за раст, која вклучува отворање нови продавници на постојните и на нови пазари.
„Северна Македонија веќе некое време е дел од нашата стратегија за експанзија. Влегувањето на овој пазар е природен следен чекор, имајќи ја предвид нашата силна позиција во Централна и Источна Европа и во соседните земји“, изјави Марцин Станко, оперативен директор на Pepco за регионот на ЦИЕ.
Pepco веќе е присутен во неколку земји од регионот, меѓу кои Србија, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија, Романија и Босна и Херцеговина, а со влезот во Северна Македонија дополнително ја зајакнува својата регионална мрежа.
Групацијата Pepco, со седиште во Лондон и регистрирана во Холандија, управува со повеќе од 4.000 продавници во 18 европски земји, а во своето портфолио ги има брендовите Pepco, Dealz и Poundland.
Бизнис
УЈП на терен со засилени контроли за фискализација: Извршени 257 надзори, изречени 139 санкции
Управата за јавни приходи (УЈП) во периодот од 27 март до 26 април 2026 година спровела засилени теренски контроли за фискализација низ целата држава, при што биле извршени вкупно 257 контроли.
Според податоците на Управа за јавни приходи, од контролираните објекти 59 биле трговски, 118 угостителски, 78 услужни, а 2 од дејноста игри на среќа.
Од вкупниот број контроли, кај 118 објекти не биле утврдени неправилности, додека биле изречени 139 санкции. Во пет случаи биле преземени мерки за привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите.
Во текот на акцијата, УЈП евидентирала и 198 пријави од граѓани, од кои 153 биле доставени по електронска пошта, а 45 преку телефонската линија 198.
Најголем број контроли биле спроведени во Скопје – 111, при што биле утврдени 68 неправилности. Следуваат Тетово со 22 контроли и 10 неправилности, Куманово со 17 контроли и исто толку утврдени неправилности, како и Битола со 31 контрола и 13 неправилности.
Контроли биле извршени и во други градови низ државата, меѓу кои Гостивар, Охрид, Кичево, Прилеп, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Кратово, Пробиштип и Свети Николе, со различен број утврдени неправилности.
Бизнис
Македонски Телеком со стабилен раст на почетокот на 2026: Повеќе корисници, повисоки приходи и нови инвестиции
Македонски Телеком го отвори првиот квартал од 2026 година со позитивни трендови во работењето, при што се забележува раст на корисничката база, зголемени вложувања во инфраструктурата и подобрување на финансиските резултати.
Капиталните инвестиции на компанијата достигнале 411 милиони денари, додека оперативната добивка (EBITDA) е повисока за 2,8 проценти во однос на лани. Нето добивката е зголемена за 0,6 проценти, а приходите од продажба бележат раст од 5,8 проценти.
Компанијата повторно ја доби наградата за најдобра мрежа во земјава од Ookla, врз основа на мерењата во втората половина на 2025 година. Според резултатите, мрежата се издвојува по брзината, стабилноста и квалитетот на корисничкото искуство во повеќе категории.
Покриеноста со 5G достигнува 97 проценти од населението, со високи интернет брзини достапни во најголем дел од градовите. Воедно, продолжуваат инвестициите во оптичката мрежа, при што бројот на оптички приклучоци достигнал 377 илјади, што е раст од 7,6 проценти на годишно ниво.
Раст е забележан и кај корисниците. Бројот на претплатници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,5 проценти и изнесува 226,5 илјади, додека вкупниот број интернет пристапи е повисок за 3 проценти. Во мобилниот сегмент, бројот на корисници достигнал 1,284 милиони, што е раст од 1,9 проценти.
Компанијата ја задржува водечката позиција во фиксната телефонија со 239 илјади корисници, како и на ТВ пазарот со удел од 38,4 проценти. Дигиталната платформа MagentaTV продолжува да расте и достигнува 171 илјади корисници, што претставува зголемување од 6,1 проценти.
Во текот на кварталот се воведени нови пакети Magenta 1 Unlimited и Magenta 1 Business Unlimited, како и програмата за лојалност Magenta Moments, која брои 420 илјади корисници. Според TRI*M индексот, компанијата е рангирана како водечки телекомуникациски бренд според задоволството на корисниците.
Дополнително, приходите од системска ИТ интеграција се зголемени за 17,1 проценти.
Покрај деловните резултати, Македонски Телеком продолжува со активности насочени кон општествена одговорност, заштита на животната средина и унапредување на условите за вработените. Во првиот квартал од годината, компанијата ја доби и наградата за најпосакуван работодавач во телекомуникацискиот сектор на национално ниво.
Бизнис
Македонски Телеком во Скопје организираше бизнис конференција за сајбер безбедност: Новиот закон и европските стандарди во фокусот
Во Скопје се одржа бизнис конференција посветена на дигиталната безбедност, која ги собра на едно место претставници од деловниот сектор, институциите и експерти од областа на сајбер заштитата. Настанот, организиран од Македонски Телеком, беше насочен кон актуелните предизвици, новата регулатива и современите решенија за справување со сајбер заканите.
Во центарот на дискусиите беше новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, кој е усогласен со европската NIS2 директива и се смета за значаен чекор кон зајакнување на националната сајбер безбедност.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ, порача дека сајбер безбедноста повеќе не е избор, туку неопходност, нагласувајќи дека компанијата ќе продолжи да делува како партнер во дигиталната трансформација преку сигурни и напредни решенија.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека новиот закон за првпат воспоставува сеопфатна и усогласена рамка која ќе обезбеди подобра заштита за институциите, бизнисите и граѓаните, како и усогласување со европските стандарди.
На конференцијата беа презентирани и глобалните трендови во сајбер безбедност од страна на експерти од Дојче Телеком, кои споделија практики и решенија за заштита од современите закани. Дополнително, претставници од надлежното министерство говореа за имплементацијата на NIS2 директивата, додека индустриските експерти дадоа осврт на најновите техники на сајбер напади.
Настанот привлече повеќе од 300 посетители, кои имаа можност да разменат искуства и да се информираат за актуелните регулативи и трендови во дигиталната безбедност.
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Продуктипред 2 месециДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Кариерапред 2 месециНародна банка бара аналитичари: плата до 83 илјади денари и двегодишен договор
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 1 месецАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 2 месециХалк банка нуди потрошувачки кредит до 2,5 милиони денари
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Интервјуапред 1 месецИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје




