Connect with us

Останато

Нина Ангеловска избрана за прв претседател на Балканската Алијанса за е-трговија

Објавено

на

Асоцијациите за е-трговија на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, потпишаа Меморандум за формирање на Балканска Алијанса за е-трговија која ќе се залага за олесување и унапредување на регионалната е-трговија. Формирањето на Балканската алијанса беше поддржaнo од Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија, спроведен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), поддржан од Германија и ЕУ, во чии канцеларии беше потпишан меморандумот.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска Станков, беше изгласана за прв Претседател на Балканската Алијанса за е-трговија (анг. BECA – Balkan eCommerce Alliance). Ангеловска заедно со тимот на АЕТМ како прв претседател ќе ја предводи работата во првата година. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија е воедно прво формирана асоцијација во регионот, со најголемо искуство и подготовеност, а изборот на Ангеловска го поддржаа сите Асоцијации.

Петте Асоцијации за е-трговија од Балканот, потписници на меморандумот се основачи и членки на Управниот одбор на Балкaнската алијанса за е-трговија и тоа  од  Асоцијацијата за е-трговија во Србија – Иван Танасковиќ, Асоцијацијата за е-трговија во Албанија – Валер Пиндери, Асоцијацијата за е-трговија од Босна и Херцеговина – Орхан Газибеговиќ и Асоцијација за интернет трговија „eComm“ од Босна и Херцеговина – Алма Ахмиќ  и Асоцијација за е-трговија на Македонија – Нина Ангеловска. Алијансата се состои од следните органи на управување – Собрание, Управен одбор, Претседател на Управниот одбор и на Собранието, главен координатор и национални координатори за секоја земја.

Е-трговијата како интегрален дел на дигиталната економија може да одигра значајна улога за економскиот раст на регионот. Сите земји гледано сами за себе се фрагментирани и мали пазари, а за да може да се отклчи потенцијалот потребно е да можеме да ги гледаме сите земји како еден интегриран пазар. Меѓу главните предизвици се скапата прекугранична испорака, царински давачи и процедури, административни потешкотии и неунифицирани правила и прописи. Веќе долго време се прават напори за поместување, но прогресот оди многу бавно. Воопшто сите земји од регионот се најниско рангирани споредено со европските кога станува збор за е-трговија. Единствно со холистички пристап и здружени сили можеме да направиме прогрес. Верувам дека Балканската алијанса за е-трговија може да одигра значајна улога во трасирањето на патот кон подобра иднина за развој на е-трговија на Балканот и верувам дека за многу брзо време ќе стане препознаена како „глас на е-трговијата“ на Балканот. Ќе ми претставува задоволство да ја водам Алијансата на самите почетоци при поставување на основите за просперитетна работа и благодарна сум на довербата.“ – изјави д–р Нина Ангеловска, Претседателката на АЕТМ и BECA.

Активностите на BECA ќе бидат насочени кон создавање на подобра иднина на прекуграничната е-трговија на Балканот, преку креирање политики поврзани со е-трговија и лобирање за промени, но исто така ќе се работи и на решавање на различни предизвици од синџирот на е-трговија. Ова вклучува решавање на прашања поврзани со царинските такси, административни пречки, заеднички стратегии за испорака, регулаторни рамки и многу повеќе. Алијансата ќе служи и како основа за споделување информации, знаења, мислења и практики помеѓу членките.

Основачките асоцијации веќе имаат воспоставено одлична меѓусебна соработка, а со здружувањето во BECA очекуваат дека само со здружени сили може да се оствари прогрес и раст на регионалната е-трговија. Еден од најзачајните иницијативи за региононалната е-трговија е платформата ecommerce4all.eu (ресурсен и информативен центар за водење е-трговија во ЦЕФТА), која се лансираше преку проект поддржан од ГИЗ а имплементиран од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а во соработка со сите асоцијации. Во рамки на овој проект, беше развиен модул наменет за првиот Регионален беџ за доверба во е-трговија, кој ќе продолжи да се развива во рамки на Балакнската алијанса за е-трговија.

„Формирањето на Балканската алијанса за е-трговија е резултат на неодложните барања за унифицирана застапеност на секторот за е-трговија на Балканскиот регион. Преку своите членки – Асоцијациите за е-трговија, Алијансата ги застапува потребите на околу 450 компании и ќе има за цел да го искористи трговскиот потенцијал во ЦЕФТА регионот и ЕУ. Алијансата, исто така, се стреми да промовира бизнис вмрежување, да го олесни споделувањето на знаењето и се залага за градење на екосистем погоден за бизнисите и на национално и на регионално ниво.” – изјави Флоријан Брутинг, раководител на компонентата за е-трговија во Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – надворешна трговија.

Инаку, на Балканот до сега не постоеше едно регионално тело чиј домен е токму прекуграничната е-трговија и нејзинот развој, а во иднина, BECA ќе биде отворена за членови и од останатите Балкански земји и регионот.

Останато

Државата ќе издаде државни записи од 57 милиони евра на 7 април

Објавено

на

Министерството за финансии на Северна Македонија ќе понуди едногодишни државни записи во вкупен износ од 3,5 милијарди денари (околу 56,8 милиони евра) на аукција закажана за 7 април, покажуваат податоците на централната банка.

Државните записи ќе доспеваат на 7 април 2027 година и ќе имаат каматна стапка од 4%, се наведува во објавата за аукцијата.

Продажбата на хартии од вредност ќе ја спроведе централната банка во име на Министерството за финансии, преку т.н. волуменска аукција, при што цената и купонската стапка се однапред утврдени, а примарните дилери учествуваат со понуди за износите што сакаат да ги купат.

Според курсот, едно евро изнесува 61,63 денари.

Продолжи со читање

Бизнис

Велика Британија бара поблиски економски врски со ЕУ поради војната со Иран

Објавено

на

Велика Британија ќе се стреми кон зајакнување на економската соработка со Европската Унија во услови на зголемена глобална нестабилност предизвикана од војната со Иран, изјави британскиот премиер Кир Стармер.

Тој најави дека на претстојниот самит со ЕУ подоцна годинава ќе побара поголема соработка во областа на економијата, безбедноста и енергетиката. Според него, актуелниот конфликт веќе има значително влијание врз економските перспективи, особено преку растот на цените на нафтата и гасот.

Премиерот предупреди дека продолжената блокада на Ормутскиот теснец, еден од најважните глобални транспортни коридори за нафта може дополнително да ги зголеми цените на енергијата и да ги оптовари домашните буџети на граѓаните. Воедно, најави дека Владата ќе продолжи со мерки за ублажување на трошоците за живот, вклучително и корекции на енергетските давачки и зголемување на минималната плата.

Според проценките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Велика Британија би можела да биде меѓу најпогодените економии од конфликтот, со забавување на економскиот раст.

Во меѓувреме, опозициските партии бараат дополнителни мерки за заштита на граѓаните, како што се укинување на ДДВ за сметките за струја и одложување на зголемувањето на акцизите за гориво.

Стармер нагласи дека зајакнувањето на односите со Европа е во долгорочен интерес на земјата, посочувајќи дека и покрај Брегзит, постојат значајни можности за економска и безбедносна соработка. Сепак, тој повтори дека Владата нема планови за повторно приклучување кон единствениот пазар или царинската унија.

Во однос на односите со САД, британскиот премиер истакна дека Лондон нема намера да избира меѓу Вашингтон и Брисел, туку ќе работи на одржување на силни врски со двата партнери.

Продолжи со читање

Бизнис

Годишно собрание на АЕТМ: 950 милиони евра потрошени онлајн во 2025 – раст од 32%

Објавено

на

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТСМ на 31 март 2026 година го одржа своето Годишно собрание, во присуство на членови, партнери и соработници од бизнис заедницата и институциите.

На Собранието беа презентирани извештаите за работењето во 2025 година, како и планот и програмата за работа за 2026 година, кои беа едногласно усвоени од присутните членови. Во рамки на дискусиите беше истакната важноста на развојот на е-трговијата и улогата на Асоцијацијата за е-трговија како клучен двигател на овој процес во земјата.

„Е-трговијата бележи континуиран раст. Во 2025 година се реализирани онлајн
трансакции вредни 950 милиони евра, што претставува годишен раст од 32%. Ова е јасен показател за зголемената доверба во онлајн купувањето, растот на понудата и развојот на дигиталните плаќања, но и поттик да продолжиме со унапредување на условите за понатамошен раст.“
– посочи претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Ангеловска Станков, во своето поздравно обраќање.

Поздравно обраќање имаше и м-р Елена Петрова, директорка на Управата за јавни приходи, која ја истакна важноста на институционалната поддршка и дигиталната трансформација за развојот на економијата.

„Дигитализацијата на фискалните процеси е клучна за понатамошен развој на е- трговијата и за создавање фер и транспарентен пазар. Како институција, остануваме посветени на изнаоѓање практични и лесно применливи решенија за е-фискализација, во тесна соработка со бизнис заедницата. Нашата цел е да овозможиме раст на секторот, притоа намалувајќи ја сивата економија и зајакнувајќи ја довербата кај потрошувачите” – изјави м-р Елена Петрова, во своето поздравно обраќање.

Пред работниот дел од Собранието, за членовите беше организирана и презентација од страна на претставници на Народната банка на Република Северна Македонија за придобивките, практичните аспекти и предизвиците за компаниите од членството на земјата во СЕПА при што беше истакнато значењето за унапредување на платежната инфраструктура, олеснување на прекуграничните трансакции и поголема интеграција на домашните компании на европскиот пазар.

На Собранието беше и официјално најавено 9-тото издание на регионалната конференција за е-трговија, кое ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет, а се очекува да собере повеќе од 900 учесници од целиот Западен Балкан.

Дополнително, на Собранието беа презентирани и активностите на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, подружница на АЕТСМ, при што беше истакнато дека во 2025 година се реализирани бројни иницијативи за унапредување на родовата еднаквост, а за 2026 година е најавено и 5-тото јубилејно издание на конференцијата EqualXchange, кое ќе се одржи на 19 мај.

АЕТСМ и во наредниот период ќе продолжи активно да придонесува кон унапредување на е-трговијата, деловното окружување и регулативата, во интерес на своите членови и развојот на секторот. Во фокусот на асоцијацијата ќе останат унапредувањето и проширувањето на понудата во е-трговијата и придружните индустрии, зајакнувањето на дигиталните вештини, градењето стратешки партнерства за раст, намалувањето на сивата економија, како и продлабочувањето на соработката со институциите преку јавнo-приватен дијалог и развојот на дигиталните плаќања. Значаен фокус ќе биде ставен и на јакнење на регионалната соработка и поттикнување на прекуграничната е-трговија, со цел подобра интеграција на домашните компании на регионалните и европските пазари.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange