Connect with us

Колумни

Кон дигиталната ера: Електронскиот потпис, норма и неопходност на модерното банкарство

Објавено

на

Автор: Александра Костовска-Вангеловска, Директор на Центар за организација, бизнис процеси и проектна канцеларија во НЛБ Банка

Во време кога технологијата навлегува во секој аспект од нашите животи, и потписот, оној обичен на хартија, добива своја трансформација. Во дигиталнатa ера кога брзината и флексибилноста се клучни, електронското потпишување станува норма и неопходност, а на ова првпат бевме сведоци за време на пандемијата кога дигиталните услуги, преку ноќ, станаа повеќе од потреба. Електронскиот потпис е применлив во низа дејности и индустрии вклучувајќи го и банкарскиот сектор, дотолку повеќе што комплетно го олеснува процесот на потпишување и архивирање на документацијата.

Електронското потпишување кај нас е регулирано со Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Законот е во согласност со регулативата eIDAS(EU), што овозможува признавање на квалификуваните електронски потписи, т.е „квалификуваниот електронски потпис има иста правна сила како и рачно напишаниот“.Тоа значи дека, електронски потпишаните договори за кредит, изјавите за отворање на платежна сметка или кој било друг документ се подеднакво валидни и обврзувачки како и документите потпишани со пенкало во хартиена форма. Оваа законска основа, усогласена со европските стандарди, уште повеќе им ги отвори вратите на банките да ги дигитализираат своите процеси.

Од почетокот на оваа година, во сите експозитури на НЛБ Банка во земјата, клиентите можат да ја потпишуваат документацијата за договори за потрошувачки кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување на платежна сметка преку електронски уреди за потпишување (E-pads). Целокупната документација клиентите ја добиваат преку електронска пошта (во облик на задача со безбеден пристап до документацијата), а чувањето на истата се обезбедува кај квалификуван архивски центар за е-архива.

Зошто електронско потпишување?

Електронското потпишување носи многу придобивки. Електронските потписи се многу побезбедни од обичниот потпис на хартија. Тие користат напредно шифрирање – секој чекор се логира, секој документ има траг кој го потврдува потписникот и времето на потпис, што значи фалсификувањето или неовластеното менување е речиси невозможно, а што пак е основа за довербата во дигиталното банкарство.

За клиентите, искуството со електронскиот потпис доживува револуција. Нема повеќе „повелете потпишете тука… и тука… и тука“ на бескрајни страници, нема повеќе одење од шалтер до шалтер и долго потпишување на обемната банкарска документација. Документацијата се испраќа до клиентот преку е-пошта или преку апликација, клиентот ја прегледува и со само неколку клика ја потпишува електронски. Ефикасноста е огромна. Она што порано бараше координација со физичка средба или достава на документи, сега се сведува на едноставна процедура – сè благодарение на електронскиот потпис и електронската размена на документи. Електронските потписи значат побрзи и поефикасни процеси, и секако подобра услуга за клиентите. Доколку некогаш обработката на еден кредит бараше денови чекање за одобрување, како и долго рачно потпишување на документацијата, сега сето ова може да се заврши за само неколку минути.

Од аспект на придобивките за банките пак, електронскиот потпис значи побрза услуга, поширок досег, заштеда на хартија, заштита на животната средина и можност да се сервисираат клиенти и надвор од местата каде што банките имаат свои експозитури.

Сепак, предизвиците не изостануваат. Еден од најголемите е дигитална писменост и страв од безбедносни ризици. Многу од клиентите сè уште не се запознаени со тоа како функционира електронското потпишување и имаат страв од потенцијалните ризици. Затоа заедно со своите партнери вложуваме во кампањи за зголемување на свеста на клиентите преку едукација за функционирањето, безбедноста, едноставноста, како и заштедата на време од користењето на оваа технологија.

Електронско потпишување основа на дигитално банкарство

Јасно е дека иднината на банкарските услуги е во електронската автентикација и потпишување. Со разјаснување на регулаторните предизвици и со докажани успешни пилот-проекти, сега е време електронскиот потпис да стане основна опција за повеќето услуги. Тоа не значи дека хартијата веднаш ќе исчезне од банките – но ќе стане резервна, второстепена варијанта, додека примарно ќе се потпишува електронски.

Во НЛБ Групацијата долгорочно се заложивме за работење без хартија како дел од нашите стратешки цели. Наместо со употреба на хартија, постепено се префрлуваме кон дигитално делување и користење на напредни технолошки решенија, а во исто време ја заштитуваме животната средина – го намалуваме и т.н. јаглероден отпечаток. Нашата нова реалност е дигитализирање на документацијата, заштеда на хартија, а воедно и заштеда на средства. Покрај заштедите, оваа промена има дополнителна цел да го ослободи просторот за работа во нашите канцеларии и да ја подобри работната енергија, со поголем фокус кон продуктивноста, здравите навики и креативните идеи.

НЛБ Банка е пионер и еден од двигателите на дигиталната трансформација во земјата. Уште пред неколку години, односно во 2021 година започна соработката на Банката со партнери кои нудат услуга за дигитална идентификација и потпишување. За прв пат кај нас граѓаните добија алатка да склучуваат банкарски услуги без физичко присуство. Со ова на клиентите им се нуди супериорно корисничко искуство и целосна флексибилност да ги завршуваат работите кога ним им одговара.

НЛБ Банка не застанува тука. Како лидер во дигитализацијата на пазарот, согласно локалната регулатива, НЛБ Банка воведува безбедни платформи со соодветна автентикација за дигитално потпишување на потребната документација, при тоа внимавајќи на сигурноста и безбедноста на соодветното архивирање на документацијата.

Од неодамна НЛБ Банка овозможува дополнителен, дигитален канал за ажурирање на личните податоци на клиентите дури и при промена на документ за лична идентификација, преку веб страницата на Банката, овозможена со електронска идентификација на клиентот преку OneID на КИБС. Ажурирањето на личните податоци со електронски идентитет, на веб страната е брза и едноставна постапка без посета на физичка локација на банката.

Македонските банки се на добар пат кон дигиталната ера – останува само храбро да чекорат напред ера, каде што документите се потпишуваат со допир на екран, а не со притисок на пенкало. Хартијата полека заминува во историјата и добива повеќе сентиментално значење, а дигиталното банкарство е веќе реалност во која живееме и постојано ја унапредуваме. Клиентите очекуваат брзи, ефикасни и сигурни банкарски услуги, а наша задача е тоа и да им го овозможиме. Воведувањето на електронскиот потпис на кредитната документација за физички лица во експозитурите на НЛБ Банка е уште еден чекор повеќе на нашиот пат кон дигитална трансформација на банкарското работење, а интеграцијата на ова решение е само една од многуте иницијативи кои имаат за цел да го направат искуството на нашите клиенти модерно, ефикасно и еколошки одговорно.

Колумни

Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?

Објавено

на

Автор: Светлана Богоески, Раководител на Служба за картички и дигитални сервиси во НЛБ Банка

Автор: Светлана Богоески, Раководител на Служба за картички и дигитални сервиси во НЛБ Банка

Дигитално банкарство – засилената автентикација, безбедносна мерка за превенција од злоупотреби

Во актуелниот животен ритам, кога динамиката налага сѐ да биде на дофат на рака, потребата за брз и лесен пристап до финансиски средства станува сѐ поприсутна. Сѐ поголем број на корисници бараат брз и лесен начин да купуваат, плаќаат и управуваат со своите пари, без да дојдат во банка или на физичко продажно место. Со експанзијата на е-трговијата и постепеното напуштање на традиционалните форми на економија, сѐ повеќе и трговците и клиентите ја прифаќаат дигитализацијата, особено во банкарските услуги. Овој тренд на користење на новите технологии, како што се мобилните апликации и платформи за онлајн плаќање, донесе промена и во навиките на луѓето. Но, зголемената леснотија која ја овозможува дигитализацијата, ги зголемува и безбедносните ризици, неизбежно и очекувано. Од тие причини, ефикасната заштита на личните податоци и средствата на клиентите станува клучен приоритет во дигиталното банкарство.

Во последните години, банките и финтек компаниите го олеснија пристапот до финансиски услуги, па така сега можеме да aктивираме услуга „мобилно банкарство“ без физичко да дојдеме во банка, да аплицираме онлајн за кредит без потреба од приложување на физичка документација, да префрлиме средства онлајн на пријател преку неговиот број на мобилен телефон, да префрлиме средства од/на штедна сметка и уште многу други финасиски услуги достапни само со неколку клика.

Зошто засилената автентикација е неопходна во дигиталното банкарство?

Забрзаниот и модерен развој на дигиталните банкарски услуги е одличен за корисничкото искуство, но создава нови безбедносни ризици. Зголемените ризици одонлајн измами на корисници и злоупотреба на лични податоци земаат замав и сѐ пoприсутни во секое дигитално општество. Нашето општество не е исклучок.

Во банкарството, автентикацијата која ја побарува банката е всушност потврда на идентитетот на клиентот пред да му се овозможи пристап до одредени финансиски услуги. Тоа е критична безбедносна мерка со цел да се превенира измама, неовластен пристап, кражба на идентитет. Засилената автентикација, односно двофакторската автентикација, е метод кој овозможува преку соодветно комбинирање на елементи за автентикација да се потврди корисникот дека е тој што пристапува до дигиталните сервиси. На овој начин се намалува веројатноста од злоупотреба и неовластен пристап до дигиталните канали од страна на сајбер измнамниците, а со тоа и до личните финансиски средства.

Нејчеста форма на злоупотреба е фишингот, каде „сајбер измамникот“ се обидува да го измами корисникот да му ги открие своите лични податоци, како што се лозинки или броеви на кредитни картички, користејќи лажни веб-страници или пораки, како и преку директна телефонска комуникација. Секојдневно се појавуваат нови форми на измами.

Едни од најчестите измами кои ги напаѓаат корисниците на дигиталните платформи вклучуваат: лажни понуди на социјалните мрежи – измамници често користат популарни платформи како Facebook или Instagram за да постават лажни понуди за „награда или подарок”, кои водат до фалсификувани веб-страници каде корисниците внесуваат лични податоци; лажни финансиски советници – преку директна телефонска комуникација или социјални мрежи се нудат лажни услуги за инвестирање кои бараат лични податоци или пристап до финансиски средства; фалсификувани онлајн продавници – понуди за стоки или услуги, најчесто брендови по ниски цени односно „премногу добри за да се вистинити” кои во реалноста не постојат или не се доставуваат, а корисниците влегуваат на лажни страници каде ги внесуваат своите банкарски податоци; лажни технички поддршки – измамници кои се претставуваат како дел од техничка поддршка за банка или популарни платформи, бараат пристап до личните податоци или компјутерски уреди за да превземат информации.

Од сето ова произлегува потребата за градење на безбедни дигитални сервиси кои не само што ќе ги задоволат регулаторните барања, туку и ќе обезбедат максимална заштита на корисниците. Па така, засилената автентикација станува задолжителна во дигиталното банкарство затоа што ја зајакнува безбедноста, ги намалува злоупотребите, ги штити корисниците во дигиталниот свет и обезбедува регулаторна усогласеност.

Во согласност со локалната регулатива, која е во и во согласност со европската Директива за платежни услуги (PSD2), НЛБ Банка пристапи кон имплементација на засилената автентикација како регулаторно барање, притоа следејќи ги искуствата и праксата од европскиот регион.

Засилената автентикација како регулатива во рамките на Директивата за платежни услуги PSD2, но и пракса е застапена и на европско ниво. Revolut, N26 и други финтке компании, како и европските банки, веќе ја имплементираа засилената автентикација, што резултираше со значително намалување на бројот на успешни измами. Европската банкарска агенција (ЕБА) забележа значително намалување на измамите во плаќањето по имплементацијата на засилена автентикација на клиенти (SCA) според PSD2. Поточно, за време на периодот на миграција во SCA во 2020-2021 година, ЕБА забележа намалување на просечната стапка на измама до 60% за плаќања со картички.

Како засилената автентикација ја подобрува безбедноста без да го наруши корисничкото искуство?

Како најбезбедни и најчесто користени методи на засилена автентикација кои и ние како НЛБ Банка ги користиме, а се општо прифатени и во светот се Push нотификација и биометриска автентикација – брзо, лесно и безбедно.

Push нотификација е безбедносен механизам, каде преку мобилна апликација се испраќа порака/известување до корисникот, при секоја трансакција или обид за пристап до неговиот кориснички профил. Тоа е порака што се појавува на мобилниот уред на корисникот и бара потврда (често преку едноставен клик). Овој метод е популарен бидејќи е брз и лесен за користење. За разлика од традиционалните методи кои бараат внесување на лозинки, push нотификациите им овозможуваат на корисниците да потврдат дека тие се вистинскиот иницијатор на трансакцијата, без внесување на комплексни лозинки или кодови.

Биометриската автентикација е друга форма на засилена автентикација, која користи
уникатни физички карактеристики на корисникот, како што се отпечаток од прст, препознавање на лице или ирис. Овие биометриски податоци е исклучително тешко да се фалсификуваат, што ја прави оваа метода многу сигурна. Но, безбедноста не е единствната карактерисика на биометриската автентикација Таа, истовремено е и многу удобна за корисниците, бидејќи не мораат да запишуваат или паметат лозинки. Со интеграцијата на биометриските технологии во мобилните уреди и апликации, корисниците можат лесно и брзо да потврдат свои финансиски трансакции без потреба за дополнителни чекори.

Колку е подготвен просечниот корисник?

Истражувањата, а и нашето искуство, покажуваат дека многу корисници не сакаат дополнителни чекори при користење на дигиталните услуги бидејќи ги сметаат за комплицирани.

Голем број граѓани сè уште користат едноставни лозинки и користат исти лозинки за повеќе услуги. Уште повеќе што лозинките ги запишуваат на своите незаштитени уреди и често ги споделуваат со своите најблиски. Овој начин на постапување и навики на корисниците директно влијаат и на безбедноста на дигиталните банкарски сервиси. Меѓутоа, со воведувањето на засилената автентикација од страна на банката, корисникот добива поголема заштита и сигурност, каде е намалена веројатноста за пристап до неговите лични и финансиски податоци од страна на измамници, и ја намалува можноста за одлив на средства преку неговите дигитални платежни услуги. Но сепак, начинот на користење на засилената автентикација како и финансиските дигитални сервиси во најголема мера зависат од корисникот.

Оттука и потребата од контиунирано советување и едукација на корисниците во врска со засилената автентикација и потребата од заштита на своите податоци во дигиталниот свет. Пристапот до мобилниот уред, или друг уред на кој се чуваат лични податоци и финансиски апликации, пристапот до картичните податоци, e-mail адреси, треба да е заштитен соодветно, односно да се поими на ист начин и на исто ниво како што се третира пристапот до нашите домови или автомобили. Вообичаено, ние не прифаќаме некој непознат така лесно да влезе во нашиот дом и не одобруваме пристап во нашиот дом со цел „хигиена на домот за само 1 евро”. Исто така, не одобруваме некој непознат да пристапи до нашиот дом и побара електричните уреди да ги дадеме за да добиеме „голема крипто-инвестиција, која ќе ни донесе огромна заработка за само неколку дена”. Не одобруваме непознато лице да влезе во нашиот дом и ни понуди „бесплатно патување само доколку му ги дадеме картичните податоци”. Истото треба да го аплицираме и во дигиталниот свет, колку и да звучи понудата нереално.

Со зголеменото користење на дигиталните услуги банките мора да ја зголемат безбедноста, а корисниците да станат посвесни за ризиците. Засилената автентикација не е само регулаторно барање – таа е неопходен чекор за безбедно и модерно банкарство, а безбедноста не треба да биде избор, туку стандард.

Продолжи со читање

Колумни

Интервју во банка: Вашиот таен рецепт за успех!

Објавено

на

Интервјуата за работа во банкарскиот сектор се меѓу најинтензивните и најдетално структурирани процеси за селекција на кадри. Банката, како финансиска институција, бара висок степен на професионализам, познавање на индустријата и вештини за комуникација со клиенти.

Во продолжение споделуваме неколку важни чекори кои ќе ви помогнат да дојдете добро подготвени на интервју за работа во банка:

1. Истражување на банката

Првиот чекор кон успешна подготовка е да истражите што повеќе информации за банката каде што аплицирате. 

Ова вклучува:

Податоци за институцијата: Кога е основана банката? Кои се нејзините главни услуги и клиенти?

Корпоративна култура: Какви вредности и принципи ја водат банката? Ова е важно бидејќи ќе покаже дека сте запознаени со нејзините приоритети и дека вашите цели се усогласени со нејзината мисија.

Познавање на продуктите и услугите: Познавањето на банкарските продукти како кредитите, депозитите, електронското банкарство и корпоративните услуги може да биде клучно за да покажете дека разбирате како функционираат финансиските услуги во Македонија.

2. Разбирање на регулаторната средина

Во банкарството, особено во Македонија, е клучно да се разберат законските и регулаторните рамки. Централната банка и другите регулатори играат важна улога во поставувањето на стандарди за управување со ризик, заштита на клиентите и финансиска стабилност. 

Улогата на Народна банка на Македонија: Кои се активностите што ги контролира и како тоа влијае на работењето на комерцијалните банки.

Закон за банки и други релевантни прописи: Познавањето на правната рамка е знак дека сте сериозно заинтересирани за оваа индустрија и дека разбирате колку е важно да се работи во согласност со законите.

3. Спремност за технички прашања

Во зависност од позицијата за која аплицирате, може да очекувате технички прашања поврзани со финансии, сметководство, анализа на ризик или управување со клиенти. 

На пример, може да бидат поставени прашања за:

Анализа на финансиски извештаи: Разбирање на биланс на состојба, биланс на успех и парични текови.

Управување со ризици: Основни концепти за кредитен, ликвидносен и оперативен ризик.

Финансиски производи: Дали разбирате како функционираат различни типови кредити, депозитни продукти и инвестициски услуги?

Ако аплицирате за позиција во контакт со клиенти, како што е личен банкар или кредитен службеник, може да очекувате прашања за тоа како да препорачувате продукти на клиентите и како да ги решавате нивните проблеми.

4. Прашања за меки вештини

Меките вештини, како комуникација, тимска работа и организација, играат важна улога во банкарската работа. 

На интервју, веројатно ќе ви постават сценарија за тоа како би постапиле во одредени ситуации, како на пример:

Како би се справиле со незадоволен клиент?

Како приоритизирате задачи во време на зголемен обем на работа?

Подгответе примери од вашето претходно искуство кои ќе покажат дека знаете како да се носите со притисок и како да управувате со различни клиенти.

5. Спремност за тестирање на аналитички способности

Банките често користат тестови за аналитички и математички способности. Ова е важно бидејќи прецизноста и способноста за анализа на податоци се клучни вештини за вработените во банките. Прегледајте ги основните математички концепти и бидете подготвени за прашања кои бараат логичко размислување.

6. Правилно однесување и изглед

Банкарскиот сектор е познат по својата формалност, па затоа е важно да оставите професионален впечаток:

Формално облекување: Одберете деловна облека која одговара на културата на банката.

Јасна комуникација: Бидете концизни, јасни и уверени во вашите одговори. Покажете дека сте мотивирани за работата и дека знаете зошто би биле одличен кандидат за таа позиција.

7. Подгответе прашања за интервјуто

На крајот од интервјуто, секогаш се очекува да поставите неколку прашања. Ова е можност да покажете дека сте сериозно заинтересирани за позицијата и да дознаете повеќе за тимот, проектите или работната средина. 

Пример за прашања може да бидат:

Какви се можностите за напредување во банката?

Како би се опишала корпоративната култура и како банката ги поддржува вработените во нивниот професионален развој?

Заклучок

Подготовката за интервју во банка не подразбира само разбирање на банкарските производи и процеси, туку и докажување на вашите аналитички и комуникациски вештини. Преку истражување на банката, регулаторната средина и потенцијалните технички прашања, ќе можете да се претставите како компетентен и добро подготвен кандидат.


Напомена: “Оваа колумна е напишана со помош на вештачка интелигенција, со цел да се обезбедат актуелни информации и корисни совети за подготовка за интервју во банка. Сите идеи и предлози се резултат на соработка помеѓу авторот и AI технологијата.”

Продолжи со читање

Колумни

Д-р Катерина Бошевска: Сите бизниси ќе имаат корист од поголемата еднаквост на жените лидери

Објавено

на

Според еден податок на којшто наидов неодамна, децениски студии и истражувања покажуваат дека жените лидери помагаат да се зголеми продуктивноста, да се подобри соработката, да се инспирира организациската посветеност и да се подобри правичноста. И покрај овие придобивки, само 10% од Форчн 500 (Fortune 500) компаниите се предводени од жени. (повеќе…)

Продолжи со читање

Популарно