Connect with us

Банки

НЛБ Банка Скопје со силни финансиски резултати за 2025 година

Објавено

на

НЛБ Банка успешно ја заврши 2025 година, покажува анализата на финансиските резултати на Банката за периодот од 01.01.2025 до 31.12.2025 година.  Работејќи согласно усвоениот план и стратешките иницијативи од „Стратегијата 2030“, во услови на променливо макроекономско опкружување на домашниот и меѓународните пазари, НЛБ Банка покажа посветеност кон иновации и трансформација и забележа раст во сите сегменти од деловното работење. 

Финансиски индикатори

Како резултат на успешното спроведување на активностите и високо прудентното управување со ризиците и кредитното портфолио на Банката, НЛБ Банка оствари нето добивка по оданочување од 4.879.441 илјади МКД. Вкупната актива на Банката достигна 156.931.074 илјади МКД и бележи годишен раст од 19,6%. Кредитите кај небанкарскиот сектор достигнаа 102.554.659 илјади МКД, што претставува значително зголемување од 21,9% на годишно ниво. Зголемување на кредитната активност ја истакнува растечката улога на Банката во поддршката на бизнисите и населението и придонесот во економијата. Вкупните депозити на Банката изнесуваат 121.709.074 илјади МКД и истите бележат зголемување за 13,8% споредено со претходната година. Растот на депозитите е поттикнат од зголемениот обем на депозити по видување и орочени депозити од домаќинства, зголемувањето на депозитите од корпоративни клиенти, како и од зголемувањето на бројот на иматели на сметки и приматели на пензии во Банката.

Во 2025, НЛБ Банка постигна значајна пресвртница, достигнувајќи доминантен пазарен удел кај кредитите за население и остварувајќи една од клучните стратешки цели на Банката.

Иновации и дигитализација

За НЛБ Банка, 2025 е година на револуционерни иновации што го редефинираа банкарскиот  сектор во земјата. Со реализирани 38 трансформативни проекти во различни деловни области, минатата година за НЛБ Банка означи не само напредок, туку и значајно приближување кон остварување на амбициозната „Стратегија 2030“. Со лансирање на услугата Apple Pay, платформите „Digital first“ и „Mobile first“ –  сеопфатна дигитална интеграција на сите банкарски услуги во динамичната банкарска апликација НЛБ мКлик, како и овозможувањето услуги во европскиот систем за плаќање SEPA, Банката им овозможи на своите клиенти беспрекорно, безбедно и иновативно финансиско искуство.

Истовремено, НЛБ Банка успешно ја заврши првата фаза од модернизацијата и трансформацијата на деловната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и консалтинг, и продажба на интегрирани финансиски решенија.  

Јубилејна година со осврт на социо-економскиот придонес

Во 2025, НЛБ Банка одбележа значаен јубилеј, 40 години од своето основање. Институцијата која  во далечната 1985 година започна како мала финансиска организација, денес е една од трите водечки банки во македонскиот банкарски сектор која поставува стандарди во дигиталното банкарство, корпоративното управување и одржливото финансирање. Во јубилејната година НЛБ Банка, со техничка поддршка од Прајсватерхаускуперс Ревизија Скопје, ја издаде првата Студија за социо-економско влијание направена за една банка во Република С. Македонија, која го квантификува директниот, индиректниот и индуцираниот ефект од работењето на Банката. Согласно наодите во студијата, засновани на податоци од 2024 година: ,,НЛБ Банка креира над 675 милиони евра додадена вредност директно преку своите активности, како и преку кредитите и синџирот на добавувачи, што претставува значителни 4,3% од БДП на земјата. Банката придонесува со 211 милиони евра во даноци и социјални придонеси, што е околу 4% од вкупните јавни приходи. Директно вработува 970 луѓе и активно поддржува над 23.400 работни места“.

Признание за извонредност

Кон крајот на годината, на престижната церемонија на финансискиот магазин „The Banker“ во Лондон, НЛБ Банка по дванаесетти пат, ја понесе титулата „Банка на годината“. Ова признание ја потврдува континуираната посветеност на Банката кон извонредност, иновации и услуга на клиентите во банкарскиот сектор. Наградата претставува репер за квалитет и достигнувања во глобалната банкарска индустрија – признание за водечките банки ширум светот кои покажале исклучителни перформанси и лидерство на нивните пазари во насока на стратешки иницијативи, технолошки иновации, програми за одржливост и услуга за клиентите.

Агенда 2026: Дигититална трансформација и одржливо работење

НЛБ Банка ќе продолжи да ја зајакнува својата позиција како водечки иноватор во банкарскиот сектор, со јасен фокус на дигитализација и унапредување на корисничкото искуство преку современи дигитални канали и Контакт-центарот. Во рамки на „Стратегијата 2030“, Банката ќе реализира клучни иницијативи поврзани со дигитално вклучување на правните лица, дигитални платформи за кредитирање на МСП и микро клиенти, нов портал за трговци, инстант плаќања, надградба на Контакт-центарот и имплементација на вештачка интелигенција.

Во 2026 година продолжуваат и активностите за модернизација на деловната мрежа, развој на луѓе и таленти, како и инвестициите во заедницата преку поддршка на спортот, културата и образованието. Банката останува силно посветена и на одржливото финансирање, преку поддршка на „зелени кредити“ и доследна примена на ESG принципите, со цел долгорочно позитивно влијание врз заедницата.

Банки

ЕБОР и ЕУ со 233 милиони евра за зелени инвестиции на компаниите од Западен Балкан

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со поддршка од Европската Унија, ја проширува програмата „SME Go Green“ на Западен Балкан, со што дополнителни можности за зелено финансирање ќе добијат и малите и средни претпријатија во Северна Македонија.

Програмата, која се спроведува со поддршка на ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Во втората фаза се очекува да бидат обезбедени до 233 милиони евра кредитни линии од ЕБОР преку партнерски финансиски институции. Дополнително, предвидени се до 23,3 милиони евра инвестициски стимулации за компаниите што ги исполнуваат условите, како и 5,6 милиони евра за техничка помош.

Средствата треба да им помогнат на малите и средни компании да инвестираат во технологии и решенија со кои ќе го намалат влијанието врз животната средина, ќе ја подобрат енергетската и ресурсната ефикасност и ќе ја зголемат отпорноста на климатските промени и конкурентноста.

Програмата функционира преку локални партнерски финансиски институции, кои средствата од ЕБОР ги пласираат до компаниите. Инвестициските стимулации поддржани од ЕУ треба да ги намалат трошоците за зелените инвестиции, додека техничката помош е наменета за подготовка и проверка на проектите, подигнување на свеста и градење капацитети.

Посебен акцент е ставен на земјоделството и агробизнисот, обновливите извори на енергија и компаниите предводени од жени. Целта е истовремено да им се помогне на компаниите да се усогласат со стандардите на ЕУ и полесно да пристапат до нови пазари.

Програмата „SME Go Green“ беше започната во 2023 година. До средината на 2025 година ЕБОР веќе имаше пласирано 110 милиони евра преку 15 партнерски финансиски институции за поддршка на зелени инвестиции на малите и средните претпријатија низ регионот.

Продолжи со читање

Банки

„BACK TO YOU“ со NLB Next: Есенски попусти и поволности за враќање во форма

Објавено

на

NLB Banka Скопје ја продолжува кампањата „BACK TO YOU“, преку која корисниците на NLB Next можат да искористат есенски попусти и поволности поврзани со фитнес, активен живот и грижа за себе.

Кампањата е насочена кон враќање на здравите навики и мотивацијата за физичка активност, а банката преку своите канали ги претстави поволностите кај повеќе партнери.

Меѓу нив се FitActive, Natura Therapy, Magnus Fitness, Hardcore и FitHub, со понуди поврзани со тренинг, физичка активност, енергија и грижа за себе.

„Уште малку мотивација да продолжиш таму каде што застана. Врати се во форма, наполни се со енергија и направи нешто добро за себе“, порачуваат од NLB Banka.

Новите есенски попусти и поволности се достапни во рамки на NLB Next, како дел од кампањата „BACK TO YOU“.

Продолжи со читање

Банки

Комерцбанк бара договор меѓу УниКредит и германската влада за можната аквизиција

Објавено

на

Извршната директорка на Комерцбанк, Бетина Орлоп, ја нагласи важноста германската влада да биде вклучена во разговорите за евентуалното преземање на банката од страна на италијанската УниКредит.

„Важно е да има разговори меѓу двата големи акционери“, изјави Орлоп на конференција на Barclays, осврнувајќи се на средбата меѓу германскиот министер за финансии и првиот човек на УниКредит.

Според неа, евентуалната трансакција може непречено да се реализира само доколку постои договор и со вториот по големина акционер во Комерцбанк.

Орлоп и извршниот директор на УниКредит, Андреа Орчел, веќе водат формални разговори, додека можноста за преземање на германската банка станува сè поактуелна. Сепак, првите разговори покажале дека договор нема лесно да се постигне, бидејќи двете страни и натаму ги бранат сопствените стратегии.

Германската влада поседува околу 13 проценти од Комерцбанк, удел кој го задржа по спасувањето на банката за време на финансиската криза, и досега ѝ даваше поддршка на Орлоп.

Во понеделникот се одржаа и првите директни разговори меѓу Орчел и германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл за можната трансакција.

„Очекуваме Комерцбанк да остане берзанска компанија со седиште во Франкфурт и да продолжи со своето силно работење со средните компании, и во Германија и на меѓународно ниво“, изјави Клингбајл по средбата.

УниКредит веќе обезбеди удел од речиси 50 проценти во Комерцбанк. Доколку ги добие потребните регулаторни одобренија за целосно преземање на понудените акции, италијанската банка би можела да располага со мнозинство од гласовите на акционерските собранија.

Орчел претходно најави дека по евентуалното преземање би можел да го промени Надзорниот одбор на Комерцбанк, а потоа и највисокото раководство. Тој планира и намалување на меѓународната мрежа на германската банка, предлог на кој Орлоп се спротивставува.

Орлоп, пак, посочи дека Комерцбанк мора јасно да знае во која насока ќе се движи и каква стратегија ќе следи во иднина.

Извор: De.yahoo.com

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange