Connect with us

Банки

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Објавено

на

И покрај повеќето кризи стабилноста на финансискиот систем е задржана, а ризиците останаа на умерено ниво. Минатата година финансиските институции работеа во поповолен макроамбиент и остварија солидни резултати и продлабочена финансиска интермедијација. Но сепак, и натаму постојат ризици и неизвесности главно поврзани со надворешното окружување и влијанието на геополитичките превирања и геоекономската фрагментација. Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, којшто се одржа во Народната банка.

Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски. На седницата беше разгледан Извештајот за финансиска стабилност во 2023 година, при што беше истакнато дека билансите на домаќинствата и на корпоративниот сектор се со солиден капацитет, што обезбедува отпорност на шоковите и на затегнатите услови на финансирање. Сепак, со оглед на растот на задолженоста има потреба од натамошна внимателност и од страна на финансиските институции и од страна на финансиските регулатори при водењето на макропрудентните политики на, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во следниот период.

Говорејќи за банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска посочи дека и минатата година адекватноста на капиталот продолжи да се зајакнува што е предуслов за повисок кредитен раст, но и за поголема отпорност на банкарскиот сектор од кризи. Ова е резултат и на внимателното однесување на самите банки, но и на регулаторните мерки во услови на позитивни финансиски резултати во работењето. Со тоа беше остварено и натамошно приближување кон стапката на адекватност на капиталот во ЕУ, која  е повисока од нашата. Квалитетот на кредитно портфолио на банкарскиот систем се задржа на ниво кое  е подобро во споредба со преткризниот период. Како резултат на добрата билансна позиција на банкарскиот систем продолжи да забрзува и кредитниот раст за поддршка на компаниите и граѓаните. Сепак, со оглед на присутните ризици, потребно е внимателно следење на состојбите и натамошно градење на отпорноста на банкарскиот систем.

„Комитетот за финансиска стабилност во нов состав, којшто ги опфаќа членовите од Министерството за финансии, и натаму ќе игра значајна улога во одржувањето на финансиската стабилност во земјата. Комитетот за финансиска стабилност ќе постапува во согласност со законските одредби и ќе ги утврдува и ќе ги следи системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем со цел надлежните органи да преземаат макропрудентни мерки заради одржување на финансиската стабилност во земјава, којашто e потврдена со презентираниот извештај“, рече министерката за финансии.

„Останувајќи доследни во спроведувањето на јавните овластувања, Комисијата за хартии од вредност продолжува да врши надзор  и да го регулира пазарот на капитал,  да ги мониторира и да ги превенира  потенцијалните пазарни ризици и да ја обезбедува стабилноста на пазарот на капитал. Свесноста дека финансиските институции не делуваат во институционален вакуум, а притоа имајќи ги предвид  растечките ризици кои произлегуваат од зголемената зависност на финансиските институции од дигитални технологии, во иднина се повеќе треба да се посветиме на важноста на дигиталната отпорност за критичната пазарна инфраструктура како основа за стабилноста на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина“, истакна претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека МАПАС обезбедува постојано функционирање, развој и унапредување на вториот и третиот столб, транспарентост и ефикасна супервизија на вториот по големина сегмент во финансискиот сектор во земјава. МАПАС внимателно ги следи состојбите во капитално финасираното пензиско осигурување и потенцијалните ризици во вториот и третиот столб, воопшто, и секако со посебен акцент на глобалните состојби и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики со цел остварување на највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови. Тој истакна и дека Агенцијата како регулатор и супервизор посветено работи и кон промоција на пензискиот систем и финансиската писменост и инклузија за развивање на свеста на јавноста и соработува со институциите вклучени во пензиското осигурување и релевантните институции од финансиската област за остварување на својата мисија – заштита на интересите на членовите на пензиските фондови и поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски, посочи дека осигурителниот пазар во првите девет месеци годинава бележи интензивен раст на вложувањата во осигурување и умерено зголемување на исплатените штети покриени со осигурување. Вкупниот износ на вложувања во осигурителни производи надминува 12 милијарди денари. За истиот период граѓани, компании и институции од друштвата за осигурување наплатиле над 4 милијарди денари за осигурани штети. Сите друштва за осигурување во целост ги исполнуваат законски пропишаните барања и располагаат со доволно средства за покривање на техничките односно математичките резерви.

На седницата беше истакнато дека финансиските регулатори ќе продолжат со натамошно координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамките на надлежностите на својот мандат. Сите регулатори на финансискиот систем имаат доволно инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде задржана и во следниот период.

Банки

Народната банка ја оживува историјата: Архивски документи сведочат за 80 години централно банкарство во Македонија

Објавено

на

Осум децении институционален развој, економски промени и монетарни предизвици се зачувани низ архивските фондови на Народната банка. По повод јубилејот „80 години централно банкарство“, институцијата потсетува на значењето на историските документи кои го сведочат развојот на централното банкарство во Македонија, од неговите институционални почетоци во 1946 година до современиот финансиски систем.

Преку објавата „Низ архивските фондови“, Народната банка го насочува вниманието кон историските записи што претставуваат сведоштво за развојот на една од најзначајните финансиски институции во земјата.

Архивската документација овозможува да се проследат институционалните промени, развојните процеси и историските околности во кои се обликувало централното банкарство во изминатите осум децении.

Од 1946 година до современа централна банка

Почетоците на институционализираното централно банкарство во Македонија се поврзуваат со 1946 година.

На 25 септември таа година, со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор, Македонската стопанска банка била определена како Централа на Народната банка на Федеративна Народна Република Југославија за Народна Република Македонија.

Институционалниот процес бил дополнително зацврстен на 19 октомври 1946 година, со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ.

Овие историски настани ги поставиле темелите на организираното централнобанкарско работење во Македонија.

Низ следните децении, централното банкарство поминувало низ различни фази на институционален развој, во согласност со промените во економскиот и општествениот систем.

Една од најзначајните пресвртници настапила во април 1992 година, со прогласувањето на монетарната самостојност на Македонија.

Со овој историски чекор, Народната банка ја презела улогата на самостојна централна банка, со надлежности за водење на монетарната политика и остварување на основните функции на современото централно банкарство.

Архивските фондови како сведоштво за монетарната историја

Архивските документи имаат значајна улога во зачувувањето на институционалната меморија.

Преку нив може да се проследи како се менувале организацијата, надлежностите и начините на функционирање на централнобанкарските институции во различни историски периоди.

Овие записи имаат вредност не само за институцијата, туку и за истражувачите, економистите, историчарите и пошироката јавност заинтересирана за економската историја на земјата.

Тие создаваат основа за подобро разбирање на процесите што го обликувале националниот монетарен и финансиски систем.

Зачувувањето и претставувањето на ваквите материјали придонесува за поголема достапност на историското знаење и за подобро разбирање на институционалниот континуитет.

Осум децении институционални промени

Од своите почетоци до денес, централното банкарство во Македонија поминало низ различни економски и општествени околности.

Особено значаен период претставува монетарното осамостојување, кога биле поставени основите на самостојната монетарна политика.

Во наредните децении, Народната банка ги развивала своите функции во областа на монетарната политика, банкарската супервизија, платните системи и финансиската статистика.

Денес, одржувањето на ценовната и финансиската стабилност останува во основата на нејзиниот институционален мандат.

Историската документација овозможува овие промени да се разгледуваат во поширок контекст и да се согледа развојот од првичните институционални структури до современата централна банка.

Јубилејот како потсетник на значењето на институционалната меморија

Одбележувањето на 80 години централно банкарство претставува можност да се потсетиме на историјата на институцијата, но и на значењето на континуитетот во развојот на финансискиот систем.

Со тематската објава „Низ архивските фондови“, Народната банка го истакнува значењето на сочуваните историски записи како извор на знаење за институционалните промени низ децениите.

Архивското наследство е сведоштво за патот што го поминало централното банкарство во Македонија – од институционалните темели поставени во 1946 година, преку монетарното осамостојување во 1992 година, до денешното функционирање на Народната банка како самостојна централна финансиска институција.

Во годината на големиот јубилеј, ваквите содржини придонесуваат за зачувување и доближување на монетарната историја до пошироката јавност.

Продолжи со читање

Банки

Европа подготвува нови стандарди за заштита на банкарските депозити: Заврши рокот за четири јавни консултации

Објавено

на

На 23 октомври истече објавениот рок за доставување коментари во рамките на четири јавни консултации што Европската банкарска агенција ги започна во јули.

Консултациите се однесуваат на дополнително усогласување на европските правила за заштита на депозитите.

Предложените стандарди опфаќаат информации што банките треба да им ги доставуваат на депонентите, размена на податоци меѓу институциите, третман на одредени клиентски средства и управување со средствата на системите за гарантирање депозити.

Една од предложените насоки се однесува на инвестирањето на средствата со кои располагаат фондовите за гарантирање депозити.

Целта е да се обезбеди соодветна ликвидност, диверзификација и можност за брзо користење на средствата кога е потребно обесштетување на депонентите.

Продолжи со читање

Банки

Црна Гора тестираше сценарио за банкарска криза: Околу 50 претставници на институции учествуваа во симулација

Објавено

на

Централна банка на Црна Гора, во соработка со советодавниот центар FinSAC на Светска банка, спровела симулација на санација на фиктивна кредитна институција.

Целта била да се провери подготвеноста на институциите за координирано постапување во случај на банкарска криза.

Во симулацијата учествувале околу 50 претставници од повеќе институции, меѓу кои централната банка, Министерството за финансии, Фондот за заштита на депозитите, Комисијата за пазарот на капитал и Агенцијата за заштита на конкуренцијата.

Учесниците добивале нови информации во реално време и морале да носат одлуки под временски притисок.

Биле тестирани внатрешните процедури, размената на информации и координацијата при подготовка на клучните одлуки.

Според централната банка, симулацијата покажала висок степен на институционална подготвеност.

Активноста е дел од подготовките на Црна Гора за идно учество во европската Банкарска унија и исполнување на обврските од Поглавјето 9 – Финансиски услуги.

Ваквите симулации се важни за заштитата на депозитите и ограничувањето на последиците од евентуална банкарска криза. Македонските институции можат да го разгледаат црногорскиот пристап како регионално искуство, но резултатите од симулацијата не докажуваат дека постои проблем кај конкретна банка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange