Connect with us
no baners

Банки

Комерцијална банка со добивка од 4,25 милијарди денари во првите девет месеци од 2025 година

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје во периодот од 01.01. до 30.09.2025 година оствари позитивен финансиски резултат од 4.250,1 милион денари, што претставува намалување од 3,9% во однос на истиот период минатата година, кога добивката изнесуваше 4.422,6 милиони денари. И покрај ова мало намалување, планираната бруто-добивка за трите квартали е надмината за 10%, што ја потврдува стабилноста и ефикасноста на работењето на Банката во услови на зголемени глобални и локални предизвици.

Резултатите се остварени во услови на засилени геополитички ризици, осцилации на меѓународните пазари поради трговските политики на САД, како и намалена економска активност на главните трговски партнери на државата. Во домашната економија, инфлацијата за првите девет месеци се задржа на 4,0% кумулативно, над проектираното ниво.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 4,8% пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот во однос на претходната година), a во помал обем и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции.

Биланс на успех, приходи, расходи и оперативна ефикасност

Вкупните приходи од работењето на Комерцијална банка изнесуваат 6.453,7 милиони денари, што е намалување од 2,6% во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата, како најголема компонента на вкупните приходи, бележат раст од 1,1%, со исполнетост на планот од 101,7%. Приходите од камата се зголемени за 1,7%, најмногу поради зголемените пласмани кај домаќинствата и нефинансиските друштва, додека расходите по основ на камата се зголемени за 6,7% поради порастот на орочените депозити.

Нето каматната маржа на Банката на крајот на третиот квартал изнесува 3,58%, во споредба со 3,87% во истиот период минатата година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци достигнаа 904,7 милиони денари, што е раст од 3,3% и остварување на планот со 102,7%, пред сè како резултат на зголемениот обем на трансакции со платежни картички.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 323,9 милиони денари, што е раст од 20,9%, благодарение на оптималното управување со девизната позиција.

Од друга страна, останатите приходи од работењето изнесуваат 730,1 милиони денари и се помали за 26,1% во однос на истиот период лани, главно поради помал износ на наплатени отпишани побарувања и помалку капитални добивки од продажба на преземен имот.

Оперативните расходи изнесуваат 1.785,8 милиони денари, што претставува раст од 3,7% во однос на истиот период минатата година, првенствено поради зголемени трошоци за плати и вработени.

Исправката на вредност на финансиските средства изнесува 412,9 милиони денари, што е намалување од 13,6%, резултат на добра финансиска дисциплина и редовно сервисирање на кредитните обврски од страна на клиентите.

Биланс на состојба, стабилен раст на активата и кредитното портфолио

Вкупната актива на Комерцијална банка на 30 септември 2025 година достигна 186,7 милијарди денари, што претставува раст од 4,5% во однос на крајот на 2024 година, со исполнетост на планот од 100,7%.

Зголемувањето најмногу се должи на пораст на паричните средства и кредитите на комитенти.

Кредитното портфолио бележи раст од 6,4%, како резултат на зголемено кредитирање на домаќинствата и нефинансиските друштва, со исполнетост на планот од 102,2%.
Депозитната база достигна 159,8 милијарди денари, што е раст од 3,4%, најмногу поради зголемените депозити на физички лица.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2025 година изнесуваат 22,25 милијарди денари, што претставува раст од 6,7% во однос на декември 2024 година, како резултат на прераспределба на дел од добивката за 2024 година и зголемени останати резерви.

Потврда на стабилност и отпорност

И покрај умерениот пад на добивката во однос на минатата година, Комерцијална банка продолжува да ја демонстрира својата стабилност, оперативна дисциплина и силен капацитет за одржлив раст.

Со постојан фокус на ефикасно управување со ризиците, рационализација на трошоците и одговорно кредитирање, Банката ја задржува својата позиција како една од најпрофитабилните и најсолидни финансиски институции во земјата.

Банки

Комерцијална банка со кредитна линија за зелени инвестиции и енергетска ефикасност на бизнисите

Објавено

на

Малите и средни претпријатија во Македонија добиваат можност за инвестирање во зелени технологии и енергетска ефикасност преку наменска кредитна поддршка што ја нуди Комерцијална банка. Оваа финансиска поддршка има цел да им помогне на компаниите да ги намалат трошоците, да ја зголемат оперативната ефикасност и да придонесат за заштита на животната средина.

Кредитната линија е финансирана преку програмата GFF Македонија на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и е наменета за мали и средни бизниси кои сакаат да инвестираат во одржливи решенија и модерни технологии со пониска потрошувачка на енергија.

Во рамки на оваа програма, компаниите можат да добијат кредит до 1.000.000 евра по клиент, со рок на отплата до 10 години и грејс период до 2 години. Дополнително, на располагање им стои бесплатна техничка помош и индивидуален пристап при подготовка и реализација на проектите.

По успешната реализација на инвестицијата, компаниите можат да добијат и финансиска стимулација до 10 проценти од вредноста на проектот.

Кредитната линија е обезбедена со заем од Европската банка за обнова и развој во рамките на заедничкиот Зелен финансиски фонд (Green Finance Facility), поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Обединетите нации, Заедничкиот SDG фонд, Владата на Република Северна Македонија и ЕБОР.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на веб-страницата на Комерцијална банка.

Продолжи со читање

Банки

Од првите самостојни плаќања до дигитални трансакции, Mastercard Debit Junior ги учи децата на финансиска одговорност

Објавено

на

Растењето на децата е исполнето со мали, но значајни моменти во кои постепено учат да носат сопствени одлуки. Дел од тие искуства е и начинот на кој се запознаваат со вредноста на парите, како да ги користат, како да штедат и како одговорно да располагаат со нив.

Во време кога дигиталните плаќања се сè почести, родителите бараат начин како децата да ги научат овие навики постепено и безбедно, со доволно слобода за учење, но и со родителски надзор.

Токму со оваа цел, Халкбанк ја нуди Mastercard Debit Junior, платежна дебитна картичка наменета за деца од 9 до 15 години, која на едноставен и практичен начин ги воведува младите во светот на современите плаќања.

Практична картичка за секојдневни ситуации

Mastercard Debit Junior се издава со име и презиме на детето и е поврзана со негова платежна сметка. Со картичката децата можат да плаќаат на ПОС терминали, да подигнуваат средства од банкомати и да вршат интернет трансакции, како и бесконтактни плаќањана сите означени места. На овој начин, картичката станува дел од нивното секојдневие, без разлика дали станува збор за шопинг, училишни потреби или активности со пријателите.

Родителите секогаш имаат контрола

За дополнителна сигурност, дневниот лимит е поставен на 2.000 денари по канал, но родителите или старателите можат да го прилагодат во секое време преку електронското или мобилното банкарство или преку контакт центарот на банката. Истовремено, тие имаат постојан увид во трошењето на детето преку електронското и мобилното банкарство, а за секоја извршена трансакција добиваат СМС известување. Доколку картичката се изгуби, таа може веднаш да се блокира преку електронското банкарство.

Кога плаќањето станува уште поедноставно

Mastercard Debit Junior може да се дигитализира преку Apple Pay, Google Pay и Fidesmo Pay, што овозможува брзи и безбедни бесконтактни плаќања. На овој начин картичката може да се користи и преку мобилен телефон или друг дигитален уред, што ја прави уште попрактична за секојдневна употреба.

Без трошоци за првата година и со повеќе погодности

Отворањето, водењето и одржувањето на платежната сметка за малолетно лице се без трошоци, а средствата од сметката на родителот може бесплатно да се префрлат на сметката на детето. Дополнително, до 31 март 2026 година картичката се издава без надоместок за уписнина.

За Mastercard Debit Junior може да се аплицира во филијалите на Халкбанк во присуство на двајцата родители или старатели, со приложување на потребната документација.

На овој начин, Банката им помага на младите уште од најрана возраст да изградат одговорен однос кон парите и постепено да ги стекнат навиките што ќе им бидат важни и во иднина.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка АД – Скопје предупредува: Сајбер измамниците користат лажни пораки и веб-страници за кражба на лични податоци

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје предупредува на сè почестите обиди за финансиски измами на интернет и апелира граѓаните да бидат внимателни при користење на електронските услуги.

Од банката посочуваат дека сајбер измамниците постојано осмислуваат нови начини за злоупотреба на лични и финансиски податоци. Најчесто се работи за лажни електронски пораки за наводни пратки, пораки за наградни игри или понуди со нереално високи попусти, кои ги насочуваат корисниците кон лажни веб-страници.

Целта на овие измами, нагласуваат од Стопанска банка, е да се добијат лични информации и податоци од платежни картички. Поради тоа, граѓаните се советуваат да не кликаат веднаш на сомнителни линкови, внимателно да ја прочитаат пораката, да го проверат изворот и никогаш да не внесуваат лични податоци на веб-страници за кои не се сигурни дека се веродостојни.

Доколку постои сомнеж за можна злоупотреба, од банката советуваат граѓаните веднаш да се јават на телефонскиот број (02) 3100 109, каде што можат да добијат дополнителни информации и поддршка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange