Connect with us

Бизнис

Групацијата Триглав, заедно со ЕБОР, стекнува удел восопственоста на полски „insurtech“ партнер

Објавено

на

Триглав го зајакнува своето присуство на полскиот пазар во согласност со
своите стратешки амбиции

Триглав, преку капитална инвестиција, во следните 24 месеци ќе стекне до 24,8% сопственички удел во HPI GMA S.A., брзорастечка „insurtech“ компанија, со која што соработува на полскиот пазар во областа на осигурување на моторни возила. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), исто така, ќе стекне малцински удел во сопственоста. Со оваа инвестиција, Триглав го зајакнува своето присуство на полскиот пазар, во согласност со својата стратешка амбиција за интернационализација на своите операции.

Групацијата Триглав, на полскиот пазар на осигурување на моторни возила, соработува со HPI GMA S.A., осигурителна агенција основана во 2019-та година, која што работи под брендот Trasti.

Оваа брзорастечка осигурителна компанија, со 700.000 клиенти, дистрибуира и издава полиси во име на Триглав, за осигурување на моторни возила на полскиот пазар. Со капиталната инвестиција од Триглав и ЕБОР, Trasti ќе го финансира понатамошниот раст на својот претежно дигитален бизнис и ќе ги оствари своите деловни цели.

Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав: „Нашите
стратешки амбиции се фокусирани на проширување надвор од нашите постоечки пазари и зајакнување на нашата меѓународна видливост. Перспективниот полски пазар нуди значајна можност за тоа, бидејќи соработуваме со нашиот амбициозен партнер, Trasti, кој успешно комбинира модерен, технолошки управуван пристап со длабинско познавање на локалниот пазар. Преку оваа капитална инвестиција, заедно со ЕБОР, го поддржуваме неговиот понатамошен раст и го зајакнуваме нашето партнерство.“

Janusz Wojtas, главен извршен директор на Trasti: „Trasti е модерна, подготвена за иднината, дигитална осигурителна компанија, која благодарение на технологијата и експертизата на својот тим, е способна да создава локални производи базирани на универзални процеси, со што имплементира вистински подобрувања на корисничкото искуство. Инвестицијата на ЕБОР и Триглав не е само финансиска поддршка за нас, туку и потврда дека нашиот модел функционира и дава резултати. Ќе ги искористиме овие средства за понатамошни смели иновации и преиспитување на воспоставените модели. Секој ден се прашуваме не само дали можеме да направиме нешто поинаку, туку и дали можеме да го направиме сосема одново.“

Tamas Nagy, ко-раководител на Одделот за приватен капитал во ЕБОР: „Trasti е одличен пример за технолошки ориентирана компанија со висок потенцијал, во која што сакаме да инвестираме во Полска. Задоволни сме што успеавме да привлечеме искусен меѓународен инвеститор како Триглав со оваа трансакција и уверени сме дека нашето партнерство ќе му овозможи на Trasti да созрее во лидер на пазарот.“

Andreea Moraru, регионален раководител на ЕБОР за Полска и балтичките земји: „Како еден од најбрзо растечките осигурителни посредници во Полска, Trasti е во одлична позиција да поттикне понатамошни иновации, поголема конкурентност и подобар квалитет на услугите во осигурителниот брокерски сектор во Полска. Горди сме што го поддржуваме неговиот континуиран раст.“

Групација Триглав

Групација Триглав, со своето знаење, искуство и финансиска стабилност, веќе 125 години ја оправдува довербата на клиентите и другите засегнати страни. Нејзината мисија е да гради побезбедна иднина. Таа е најголемата осигурителна и финансиска групација во регионот Адриа и една од водечките во југоисточна Европа, која што работи во шест земји и на седум пазари, а на меѓународно ниво е присутна преку партнерства со посреднички, застапнички и реосигурителни компании. Клучните столбови на нејзиното работење се осигурувањето и управувањето со средства. Групацијата вработува околу 5.200 луѓе. Триглав одржува силна финансиска стабилност, висока капитална адекватност и профитабилност во работењето, што е потврдено со високите „А“ кредитни рејтинзи од две реномирани кредитни агенции. Главните вредности на друштвото се агилност, едноставност и доверливост. Нејзината визија е насочена кон зајакнување на својот идентитет и видливост како меѓународна осигурителна и финансиска групација. Со одржлив деловен пристап, Триглав создава развојно ориентирана средина за своите вработени, гради силни партнерства и претставува стабилна, сигурна и профитабилна инвестиција за инвеститорите. Матичната компанија на Групација Триглав е Заваровалница Триглав, издавач на примарниот пазар на Љубљанската берза.

Бизнис

Г7 ќе разговара за ослободување на итните нафтени резерви по растот на цената над 100 долари

Објавено

на

Министрите за финансии на земјите од групата Г7 се подготвуваат да разговараат за можноста за ослободување на итните нафтени резерви, откако војната меѓу САД и Израел со Иран ја турна цената на суровата нафта над 100 долари за барел, највисоко ниво од 2022 година.

Според извештај на „Фајненшл тајмс“, разговорите ќе се одржат на итен телефонски состанок координиран од Меѓународната агенција за енергија (IEA). Состанокот е закажан за 8:30 часот по њујоршко време и ќе се фокусира на последиците од конфликтот во Иран врз глобалниот енергетски пазар.

Досега три земји од Г7, меѓу кои и САД, наводно изразиле поддршка за ослободување на дел од резервите. Стратешките резерви ги чуваат 32 земји членки на Меѓународната агенција за енергија како дел од систем за итни интервенции при енергетски кризи.

Американските власти сметаат дека соодветно би било на пазарот да се пуштат меѓу 300 и 400 милиони барели нафта, што претставува околу 25 до 35 проценти од вкупните резерви од 1,2 милијарди барели.

Во меѓувреме, Европската унија најави дека координациските групи за снабдување со нафта и гас ќе одржат состанок за да го следат влијанието на конфликтот врз европските енергетски резерви. Земјите членки на ЕУ се обврзани да одржуваат резерви што покриваат најмалку 90 дена потрошувачка.

Пазарите веќе реагираа на ескалацијата на Блискиот Исток. Цената на нафтата Брент во раното тргување во понеделникот скокна за дури 29 проценти и достигна 119,50 долари за барел, што е највисоко ниво во последните четири години. Подоцна, по веста за можниот состанок на Г7, цената се стабилизираше на околу 106,73 долари за барел, што претставува раст од околу 15 проценти.

Растот на цените на енергенсите предизвика пад на берзите во Азија и Европа. Британскиот индекс FTSE 100 се намали за 1,9 проценти, германскиот DAX падна за речиси 1 процент, додека францускиот CAC 40 загуби околу 0,7 проценти. Индексот Stoxx Europe 600, кој ги следи најголемите компании во Европа, се намали за 1,5 проценти.

Дополнителна загриженост на пазарите предизвика и ситуацијата во Ормутскиот теснец, преку кој обично минува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас по море, а кој практично е затворен веќе една недела.

Во меѓувреме, најмалку пет енергетски објекти во и околу Техеран биле погодени во напади, додека националната нафтена компанија на Кувајт соопшти дека привремено го намалува производството како превентивна мерка поради зголемените безбедносни ризици.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека растот на цената на нафтата е „многу мала цена“ што треба да се плати за безбедноста и мирот во светот, оценувајќи дека станува збор за краткорочна последица од војната со Иран.

Од иранската Револуционерна гарда, пак, предупредија дека нападите врз енергетската инфраструктура можат дополнително да ги зголемат цените на нафтата, порачувајќи дека доколку светот може да издржи цена од над 200 долари за барел, тогаш конфликтот може да продолжи.

Системот за итни нафтени резерви беше воспоставен во 1974 година со создавањето на Меѓународната агенција за енергија, по арапското нафтено ембарго кое тогаш предизвика глобална енергетска криза. Од тогаш до денес, IEA координирала пет заеднички ослободувања на резервите, од кои последните две беа како одговор на руската инвазија врз Украина.

Продолжи со читање

Бизнис

Србија го забрани извозот на нафта и нафтени деривати за погон на мотори

Објавено

на

Владата на Србија на утринската вонредна седница донесе одлука за забрана на извоз на нафта и сите нафтени деривати за погон на мотори, со цел да се заштити домашниот пазар од можни недостиг и раст на цените.

Одлуката се однесува на извозот на дизел, бензин и сурова нафта преку сите видови транспорт, а мерката ќе важи до 19 март, по што ќе бидат донесени дополнителни одлуки.

„Суштината на оваа забрана е заштита на домашниот пазар од недостиг и раст на цените, како последица на глобалните нарушувања на светскиот пазар“, изјави министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, пренесува РТС.

Министерката потсети дека Србија е меѓу земјите во кои граѓаните плаќаат нафтени деривати по пониски цени во споредба со нивната реална берзанска вредност, додавајќи дека државата презема мерки за заштита на граѓаните и економијата.

Продолжи со читање

Бизнис

Андоновски: Ќе се појасни законската рамка за инфлуенсерите, ЕУ прави јасна разлика меѓу платформи и креатори на содржини

Објавено

на

Министерството за дигитална трансформација е во завршна фаза на усогласување на домашната регулатива со европските правила за воведување на моделот „Роаминг како дома“ со Европската Унија, а паралелно се отвора и прашањето за појасна законска рамка за инфлуенсерите и креаторите на дигитални содржини.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информираше дека Европската комисија пред две недели официјално го започнала процесот за сите земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Според него, секоја држава ќе мора поединечно да ги исполни условите пред да започнат билатералните преговори.

Тој посочи дека државата веќе ги доставила измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации до Европската комисија, со кои се врши целосно усогласување со европските барања во делот на безбедноста, фер користењето на роаминг услугите, како и утврдувањето на прекуграничните цени. По добивањето на коментарите од Европската комисија, предлог-законот ќе биде испратен во Собранието.

Андоновски изрази очекување дека Северна Македонија ќе биде првата земја од регионот што ќе ги исполни сите критериуми за воведување на „роаминг како дома“. Потоа, како што појасни, ќе следуваат преговори со Европската комисија, која ќе биде посредник меѓу земјата и европските телекомуникациски оператори. Според неговите очекувања, договорите би можеле да се постигнат во текот на 2026 година, но динамиката ќе зависи од Европската комисија.

Во меѓувреме, институциите разгледуваат и можности за регулирање на статусот на инфлуенсерите и креаторите на содржини. Министерот соопшти дека веќе се одржала средба со претставници на Здружението на инфлуенсери, а планиран е и состанок со директорот на Агенцијата за аудио-визуелни медиумски услуги.

Според него, во постојната законска рамка постои недореченост, бидејќи Законот за аудио-визуелни медиумски услуги не прави јасна разлика меѓу платформите и креаторите на содржина. Во Европската Унија, како што нагласи, јасно се прави дистинкција меѓу платформи како Инстаграм, Фејсбук или Јутјуб и поединечните креатори кои ги користат тие платформи за објавување содржини.

Во наредниот период ќе се разгледува дали ова прашање ќе се решава со измени на правилниците или ќе биде потребна законска измена за целосно усогласување со европските стандарди.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange