Интервјуа
FinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
Прашањето за растот на платите и минималната плата повторно е во фокусот на јавноста, во услови на зголемени трошоци за живот и притисок врз животниот стандард на работниците. Во најновото издание на емисијата FinSight, разговараме со Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за позициите на синдикатите, аргументите зад барањата за повисоки плати и можните сценарија доколку не дојде до корекција на минималната плата до крајот на годината.
Во разговорот, Трендафилов детално ги образложува следните чекори на ССМ доколку изостане договор за зголемување на минималецот, како и економската логика зад синдикалните барања. Посебен акцент се става на честата теза за продуктивноста – дали македонскиот работник е навистина помалку продуктивен и дали платите се во сооднос со создадената вредност.
Епизодата отвора и пошироки прашања за односот меѓу трудот и капиталот, улогата на државата во процесот на усогласување на платите и долгорочните ефекти врз пазарот на труд.
Разговорот нуди јасни ставови и конкретни аргументи, во момент кога темата за платите не е само економско, туку и социјално прашање.
Интервјуа
Гацов во FinSight: Една неиздадена сметка значи над 60% загуба за државата
Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за реалната цена на сивата економија и ефектот од неиздавањето фискални сметки врз јавните финансии.
Според него, најчесто јавноста ја сведува штетата на 18% ДДВ, но вистинската загуба е далеку поголема.
„Неиздавањето фискални сметки не значи само губење на 18% ДДВ. Тоа е само првиот слој на проблемот“, посочува Гацов.
Доколку истиот износ влезе во формалната економија, на него дополнително би се платил персонален данок на доход од 10%, данок на добивка од 10%, како и социјални придонеси од околу 28%.
„Кога ќе ги собереме сите овие ставки на неоданоченост, државата губи повеќе од 60% на секоја неиздадена фискална сметка“, објаснува тој.
Ова, според него, е клучен податок кој често се игнорира во јавната дебата.
„Овој податок треба да се знае секогаш кога некој зборува лефтерно за неиздавање сметки. Зад тоа стои лавина од неплатени јавни давачки“, вели Гацов.
Проблемот не застанува само на фискалниот аспект. Средствата кои остануваат надвор од системот, додава тој, често се користат за исплата на плати „во плико“, но и за поттикнување на пошироки форми на корупција, од мито до злоупотреби во јавните набавки.
Прашањето што останува е: колку навистина ја чини државата секоја неиздадена фискална сметка и кој на крајот ја плаќа таа цена?
Интервјуа
Пензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за актуелните трендови во исплатата на плати и нивното влијание врз одржливоста на пензискиот систем.
Според него, исплатата на плата „во плико“ останува сериозен проблем, особено за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
„Кога констатираме дека се исплаќа плата во плико, тоа е сериозен проблем и за фондот за пензиско“, вели Гацов.
Но, тој забележува и нов тренд кај помладата генерација, кој не е нужно нелегален, но отвора системски прашања.
„Гледам дека младите се економски многу внимателни, за разлика од нас, постарата генерација која сакавме да ја заштитиме државата“, посочува тој.
Како функционира моделот? Работниците се пријавуваат на минимална плата и на тој износ плаќаат социјални придонеси, додека остатокот од средствата го насочуваат кон доброволни пензиски фондови или животни осигурувања.
„Стартуваат со регистрација на минимална плата и разликата ја уплатуваат во доброволни пензиски фондови или животни осигурувања“, објаснува Гацов.
Објаснувањето кое го даваат младите е прагматично.
„Велат: 15 години ќе плаќаме минимална плата, бидејќи државата гарантира минимална пензија. Со многу малку уплатено, добиваш повеќе“, вели тој.
Сепак, според Гацов, доколку овој тренд продолжи, последиците би можеле да бидат сериозни за јавните финансии.
„Ако продолжи овој тренд, изворите што генерираат приходи, односно платите врз кои се плаќаат придонеси ќе се намалуваат. Граѓаните препознаваат лоша економска логика во формирањето на пензискиот систем“, предупредува тој.
Дали станува збор за рационално однесување на поединците или за сигнал дека системот бара реформа?
Интервјуа
Давачка од 0,2% до 0,5% за готовина? Гацов во FinSight за просторот што државата го пропушта
Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за можноста да се воведе мала давачка при подигнување готовина – мерка која, според него, може да има значаен фискален и системски ефект.
Гацов посочува дека клучната институција која може да ја направи прецизната анализа е Народната банка.
„Народната банка може многу подобро да ја направи оваа анализа“, вели Гацов.
Според него, во минатото биле предлагани стапки од 0,2% до 0,5% за подигнување готовина, но недостасуваат клучни податоци.
„Ние сме предлагале од 0,2% до 0,5%, но го немаме податокот за дневниот промет за подигнување готовина“, објаснува тој.
Токму примената на таа стапка врз вкупниот промет би го дала реалниот ефект врз буџетот.
„Стапката применета на прометот за подигнување готовина ќе го даде ефектот во државата“, нагласува Гацов.
Според него, бидејќи државата не го покрива овој простор со сопствена политика, банките практично почнале да го покриваат преку сопствени надоместоци.
„Наместо средствата да одат во буџетот, тие одат во профитите на банките“, посочува тој.
Ова, според Гацов, создава институционален вакуум.
„Создаден е простор некој да се позиционира на тоа место. Државата ја губи можноста да го заземе тој простор и да го канализира процесот на истиснување на готовината“, заклучува тој.
Дали мала давачка би значела дополнителен товар за граѓаните или системско решение за намалување на готовинските трансакции?
Целата анализа – на YouTube каналот на FinSight.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециПредности и поволности на новата Халки картичка за деца
-
Продуктипред 1 месецШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 1 месецКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 4 неделиУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 2 месециНародна банка: Натамошен динамичен раст на дигиталните плаќања
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година

