Connect with us

Банки

Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за третиот квартал од 2025 година

Објавено

на

На редовната седница на Советот на Народната банка е усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за третиот квартал од 2025 година.

Во Извештајот се оценува дека и во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор работи стабилно и сигурно, со висока солвентност, подобрена ликвидност и со подобар квалитет на кредитното портфолио. Стапката на адекватност на капиталот е стабилна и изнесува  19,5%, а ликвидносната позиција зајакна со што покрива значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. Квалитетот на кредитното портфолио дополнително се подобри, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,3%. Резултатите од стрес-тестовите укажуваат на висока отпорност на банкарскиот систем на потенцијални шокови.

Растот на депозитите и натаму е солиден, иако е благо забавен, при што значителен придонес имаат денарските и долгорочните депозити. Кредитниот раст на нефинансиските сектори забави на квартална основа, додека годишната стапка на раст на вкупните кредити благо се зголеми и изнесува 14,9%.

И во првите девет месеци од 2025 година, банкарскиот сектор остваруваше добивка од работењето, иако таа благо се намали, но показателите за профитабилноста и натаму се на солидно ниво.

Во време кога сѐ уште постојат надворешни и домашни ризици, се очекува дека тековната поставеност на монетарната политика и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за одржување на ценовната стабилност, стабилноста на девизниот курс и на финансиската стабилност. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки за остварување на своите законски цели.

На истата седница беа разгледани и усвоени повеќе материјали поврзани со работата на Народната банка.

Банки

НЛБ успешно ја утврди цената на новите субординирани обврзници од ред 2 (Tier 2)

Објавено

на

НЛБ успешно го заврши процесот на прибирање понуди од инвеститорите за нови субординирани обврзници од ред 2 (Tier 2), во вкупен износ од 400 милиони евра, со што дополнително ја зајакнува својата капитална позиција и ги поддржува амбициите за раст на Групацијата. Трансакцијата предизвика голем интерес кај широк круг институционални инвеститори, при што побарувачката за обврзниците во својот највисок момент беше 2,3 пати поголема од понудениот износ.

Во понудата учествуваа глобални и регионални инвеститори, вклучувајќи друштва за управување со средства, пензиски фондови, осигурителни компании, финансиски институции и други инвеститори. Според географската распределба, инвеститорите потекнуваа од Франција (32%), Обединетото Кралство (20%), Германија (15%), земјите од Бенелукс (12%), Словенија (3%) и други пазари.

„Оваа трансакција уште еднаш ја потврдува позицијата на НЛБ како редовен и доверлив издавач на пазарите на капитал, со постепено зголемување на износите на емисиите на обврзници (овие обврзници претставуваат најголема емисија на субординирани обврзници на НЛБ досега), и ја одразува силната доверба на инвеститорите во идниот потенцијал на нашето работење. Нашата Групација е добро подготвена за следната фаза на раст“, истакна Арчибалд Кремсер, главен финансиски директор на НЛБ.

„Силната побарувачка од инвеститорите, особено во услови на предизвикувачко пазарно опкружување, испраќа јасна порака за довербата во НЛБ Групацијата и стратегијата што ја спроведуваме. Изградивме силна, профитабилна и отпорна регионална банкарска групација, цврсто втемелена во нашиот матичен регион. Оваа трансакција го поддржува понатамошниот раст на Групацијата и нашите амбиции за спојувања и преземања“, посочи Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.

Се очекува обврзниците да бидат издадени на 20 октомври 2026 година, со датум на достасување на 20 октомври 2036 година, при што издавачот има право на предвремен откуп на 20 октомври 2031 година.

Каматата на обврзниците ќе се пресметува по годишна каматна стапка од 5,232%. На обврзниците им е доделен кредитен рејтинг Baa2 од страна на агенцијата Moody’s Ratings.

Продолжи со читање

Банки

„Банка на Америка“ казнета со 1,21 милијарда долари поради пропусти во спречувањето перење пари

Објавено

на

Американските регулатори ѝ изрекоа казни во вкупен износ од 1,21 милијарда долари на „Банка на Америка“ (Bank of America) поради сериозни пропусти во откривањето и пријавувањето сомнителни финансиски трансакции, вклучително и активности поврзани со можно перење пари и прекршување на меѓународните санкции, пренесува „Ројтерс“.

Според американското Министерство за финансии, станува збор за третата највисока казна во историјата на оваа институција, откако било утврдено дека втората најголема банка во САД не пријавила сомнителни трансакции во вредност од над пет милијарди долари.

Од нив, околу една милијарда долари се однесувале на активности што претставувале потенцијален ризик за националната безбедност и други приоритетни области во борбата против незаконските финансиски текови.

Регулаторите утврдиле дека банката немала доволно ефикасни механизми за откривање сомнителни трансакции и дека при спроведувањето на контролите прекумерно се потпирала на информации од органите за спроведување на законот и други финансиски институции, наместо на сопствените системи за надзор.

Американските власти оцениле дека банката при развивањето на програмите за усогласување со прописите им давала предност на приходите во однос на соодветното управување со ризиците.

Рекордна казна од 750 милиони долари

Во рамките на регулаторната постапка, Канцеларијата на контролорот на валутата (OCC) ѝ изрекла на банката парична казна од 750 милиони долари, што претставува највисока казна во историјата на ова регулаторно тело.

Утврдено е дека „Банка на Америка“ не ги отстранила навреме недостатоците во системот за спречување перење пари, за кои била предупредена уште во 2024 година.

Системот за следење на трансакциите бил оценет како неефикасен, бидејќи овозможил значителни доцнења во пријавувањето сомнителни активности во кои биле вклучени милијарди долари.

Дополнително, банката се согласила да плати 11,6 милиони долари во рамките на спогодба со Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), поради повеќе од 400 можни прекршувања на американските санкциски програми.

Според Министерството за финансии, банката по грешка обработила трансакции вредни повеќе милиони долари, кои биле во спротивност со санкциите воведени, меѓу другите, против Русија и Иран.

Казната ќе ја намали кварталната добивка на банката

„Банка на Америка“ соопштила дека поради регулаторните мерки во финансиските резултати за третиот квартал ќе евидентира трошок од приближно 1,2 милијарди долари, кој нема да биде даночно признаен.

Се проценува дека овој трошок ќе ја намали кварталната заработка на банката за околу 17 центи по акција.

Од банката истакнале дека сериозно ги сфаќаат обврските во борбата против финансискиот криминал и дека во изминатиот период инвестирале милијарди долари во технологија и ангажирале илјадници вработени за подобрување на системите за контрола.

Сепак, регулаторите побарале дополнителни мерки, меѓу кои и ангажирање независна трета страна која ќе ги анализира претходните трансакции, ќе ги идентификува непријавените сомнителни активности и ќе достави соодветни извештаи до американската Мрежа за спречување финансиски криминал (FinCEN).

Објавувањето на казните негативно се одразило и врз акциите на банката, кои во тргувањето по затворањето на берзата паднале за 2,7 отсто, по претходниот дневен пад од 1,1 отсто.

Аналитичарката на УБС, Ерика Наџаријан, предупредила дека регулаторните санкции би можеле дополнително да го влошат расположението на инвеститорите и да отворат прашања за идните трошоци на работењето, како и за способноста на банката да продолжи со откупот на сопствените акции со досегашното темпо.

Новите мерки против „Банка на Америка“ следуваат само неколку дена откако и „Американ експрес“ (American Express) беше казнета со 350 милиони долари поради слични недостатоци во системите за спречување перење пари, наведува „Ројтерс“.

Продолжи со читање

Банки

Светската банка ќе ја поддржи Македонија во воведувањето инстант плаќања и поврзувањето со европскиот платен систем

Објавено

на

Македонија ќе добие поддршка од Светската банка за модернизација на платната инфраструктура, воведување национален систем за инстант плаќања и негово поврзување со платните системи во Западен Балкан и Европската Унија.

Ова било една од главните теми на разговорите што гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ги остварил со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на оваа меѓународна финансиска институција за Конституенцата во која членува Македонија, Јуџин Ругенат.

Средбите се одржале во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светската банка, а во фокусот биле дигитализацијата на плаќањата, усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди и натамошното интегрирање на македонскиот финансиски систем во европската платежна инфраструктура.

Еден од клучните проекти на Народната банка е воспоставувањето национална платформа за инстант плаќања, по моделот на европскиот систем ТИПС, кој функционира во рамките на Европската централна банка. Целта е да се овозможат побрзи и поефикасни трансакции, а во следната фаза и инстант прекугранични плаќања.

Планирано е најнапред новиот систем да профункционира на домашниот пазар, по што ќе следува негово поврзување со соодветните системи во земјите од Западен Балкан. Крајната цел е интеграција во поширокиот европски платежен простор, што би придонело за полесно финансиско поврзување на граѓаните и компаниите со регионалните и европските пазари.

На средбите Славески се осврнал и на придобивките од приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Според гувернерот, една година по приклучувањето, СЕПА веќе станала водечки канал за прекугранични плаќања во евра, со позитивни ефекти врз граѓаните, компаниите и економијата.

Претставниците на Светската банка ја потврдиле поддршката за продолжување на реформите во платежниот сектор, но и за другите активности насочени кон јакнење на финансиската стабилност и отпорноста на банкарскиот систем.

Соработката меѓу двете институции опфаќа и техничка помош за унапредување на регулативата и супервизијата, развој на макропрудентните политики и подобрување на механизмите за управување со ризиците.

Од Народната банка оценуваат дека продолжувањето на партнерството со Светската банка ќе биде значајно за понатамошната дигитализација на финансиските услуги, зголемувањето на ефикасноста на плаќањата и поблиското поврзување на Македонија со европскиот финансиски пазар.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange