Connect with us
no baners

Анализи

Дали заврши времето на евтини потрошувачки кредити? Каматите се движат кон нивото од 2015 година!

Објавено

на

Полека, но сигурно се губи атрактивноста на потрошувачките кредити на банките како „куповна моќ“ на граѓаните за задоволување на некакви желби и потреби од секојдневието. Дефинитивно веќе не е време на примамливи каматни стапки, кои ги правеа потрошувачките кредити „евтино“ решение за обезбедување финансиски средства за некое патување, опремување на домот, школување… Дали времето на „евтините“ потрошувачки кредити дефинитивно заврши или пак ова е само привремен тренд наметнат од инфлаторните притисоци на пазарите?

Тешко е да се прогнозира бидејќи проекциите и изјавите од највисоките монетарни кругови постојано се менуваат. Иако се очекуваше есенва да запре растот на инфлацијата и на референтните каматни стапки, се чини повторно се појавија песимистички сценарија. 

Каматните стапки на денарските кредити во Македонија се во постојан раст од декември 2021 година, а на потрошувачките кредити од декември минатата година, иако може да се забележи дека нагорниот тренд практично започнал уште во декември 2020 година. Со мали осцилации, каматите на денарските потрошувачки кредити без валутна клаузула, на пример, од крајот на 2020 година се во зона на раст.

Банкарство.мк ги анализираше каматните стапки на потрошувачките кредити од 2015 година досега, а анализата покажа неколку интересни факти.

Нашата анализа на движењето на каматните стапки на денарските потрошувачки кредити за физички лица без валутна клаузула, врз основа на податоците од Народната банка достапни до 2015 година, покажа дека актуелните каматни стапки се движат кон нивото од 2015 година, кое за овој период од осум години било највисоко. Во септември 2015 година, оваа каматна стапка имаше свој максимум и изнесуваше 6,87%. Оттогаш почнува да паѓа и најниско ниво достигнува во декември 2020 година (5,16%), потоа уште едно во декември 2021 година (5,05%) и повторно во декември 2022 година (5,05%). За шест месеци оваа година бележи најголем раст во споредба со останатите години. Во 2021 година за шест месеци пораснала од 5,16% на 5,22%. Во 2022 година за шест месеци пораснала од 5,05% на 5,22%. А, во 2023 година за шест месеци порасна од 5,05% на 6,01%. 

Моментално ниво од 6,01% е веќе во зоната на каматни стапки во периодот 2015-2018 година, кога не се спуштаа под 6%. 

Според податоците од Народната банка, во јуни годинава, просечната каматна стапка на вкупните кредити забележа месечен раст од 0,03 п.п. и изнесува 5,12%. На годишна основа, оваа каматна стапка е зголемена за 0,85 п.п. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јуни е намалена за 0,06 п.п. на месечна основа и изнесува 5,26%, додека на годишна основа бележи раст за 1,27 п.п. „Во јуни, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата оствари минимален месечен раст од 0,01 п.п. и изнесува 5,35%. Промената во целост се должи на растот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.), во услови кога каматните стапки на кредитите во странска валута се непроменети, а каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула бележат минимален пад за 0,01 п.п.. Анализирано на годишно ниво, оваа каматна стапка оствари раст за 0,31 п.п.. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата овој месец изнесува 5,27% и е повисока за 0,02 п.п. на месечно ниво. Промената произлегува од повисоките каматни стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити без валутна клаузула (за 0,36 п.п. и 0,11 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула се намалени (за 0,07 п.п.). Споредено на годишно ниво, оваа каматна е зголемена за 0,76 п.п.“, утврди Народната банка.

  • 6,87% е највиското ниво на каматните стапки на денарските потрошувачки кредити за физички лица без валутна клаузула во последните осум години, достигнато во септември 2015 година.
  • од 5,05% на 6,01% пораснаа каматните стапки на денарските потрошувачки кредити за физички лица без валутна клаузула за шест месеци оваа година, што е најголем шестмесечен раст од 2015 година досега.
  • 1.000 денари најмногу е зголемена месечната рата за потрошувачки кредит од 618.000 денари (10.000 евра) со рок на отплата од 36 месеци споредено со 2000 година.
  • 18.800 денари изнесува отприлика месечната рата во првите две години (период на фиксна каматна стапка), а за останатиот период е околу 19.400 денари.

Дали потрошувачките кредити се навистина луксуз за граѓаните?

Направивме уште една дополнителна анализа за да видиме колкав издаток од месечниот буџет се потрошувачките кредити за граѓаните? Споредивме и со 2020 година и бројките покажаа дека месечната рата за потрошувачки кредит од 618.000 денари (10.000 евра) со рок на отплата од 36 месеци пораснала за најмногу за 1.000 денари. 

Висината на месечната рата за овој кредит во 2020 година се движела околу 18.500 денари во периодот со фиксна каматна стапка, кој најчесто е за првите две години од отплатата на кредитот. По истекот на овој период, банките пресметувале променлива каматна стапка и месечната рата се движела околу 19.000 денари. Во 2023 година, месечната рата во првите две години (период на фиксна каматна стапка) се движи околу 18.800 денари, а во останатиот период со променлива каматна стапка околу 19.400 денари.

Банка Кредит Каматна стапка во 2020 Каматна стапка во 2023 Месечна рата (2020)  Месечна рата (2023)
Комерцијална банка Потрошувачки кредит до 2.000.000 МКД нема податок 5,7% фиксна 2 години/6,13% променлива нема податок 18.736 МКД /18.779 МКД
Стопанска банка Скопје Потрошувачки кредит до 1.500.000 денари нема податок 5,80% фиксна 2 години/10,70% променлива нема податок 18.744 МКД /20.145 МКД
НЛБ банка НЛБ потрошувачки кредит 5,20% фиксна  8,52% 18.577 МКД 19.515 МКД
Халк банка Потрошувачки кредит со животно осигурување  5,00% фиксна 2 години/7,75% променлива 6% фиксна 2 години/10,50% променлива 18.522 МКД /19.295 МКД 18.800 МКД /20.086 МКД
Шпаркасе банка S Plus потрошувачки кредит 5,25% фиксна 2 години/7,55% променлива 5,2% фиксна 2 години/6,5% променлива  18.591 МКД /19.238 МКД 18.578 МКД /18.707 МКД
УНИ банка Потрошувачки кредит 4,75% фиксна 2 години/6,75% променлива 4,75% фиксна 2 години/6,75% променлива  18.453 МКД /19.011 МКД 18.458 МКД /18.660 МКД
Стопанска банка Битола Потрошувачки кредит за вработени во приватни фирми 5,50% фиксна 1 година/7,24% променлива 7,30% фиксна 1 година/10,50% променлива 18.661 МКД /19.150 МКД 19.166 МКД /20.086 МКД
ТТК банка СМАРТ потрошувачки кредит 4,85% фиксна 2 години/7,23% променлива 5,20% фиксна 2 години/6,76% променлива 18.480 МКД /19.147 МКД 18.577 МКД /18.731 МКД
Силк Роуд Банка Потрошувачки кредит 5,20% фиксна 2 години/7,50% променлива 5,40% фиксна 2 години/7,25% променлива 18.577 МКД /19.223 МКД 18.633 МКД /18.768 МКД
Централна кооперативна банка Стандарден потрошувачки кредит 4,70% фиксна за 2 години/ 5,80% променлива 5,90% фиксна 1 година/6,90% променлива 18.439 МКД /18.745 МКД 18.772 МКД /19.054 МКД

*Податоците се ориентациони и не служат за точни пресметки, кои може да се добијат само од банка.

Анализи

Раст на цените на горивата во ЕУ: дизелот поскапе до 19,8 отсто

Објавено

на

Цените на горивата во Европската унија бележат значителен раст во март, по неколкумесечен пад во повеќето земји членки, покажуваат податоците на Евростат.

Според статистиката, горивото и мазивата за личен транспорт на годишно ниво поскапеле за 12,9 отсто, при што речиси сите земји од ЕУ регистрирале зголемување на цените во споредба со истиот месец лани.

Најголем раст е забележан во Германија со 19,8 отсто, а следуваат Романија (19,6%), Холандија (18,8%), Летонија (18,5%) и Австрија (17,2%).

Од друга страна, пад на цените е забележан во Унгарија и Словенија, каде горивата поевтиниле за 2,7, односно 5,9 отсто на годишно ниво.

Кога станува збор за поединечните деривати, цената на дизелот во ЕУ пораснала за 19,8 отсто на годишно ниво, додека бензинот поскапел за 9,4 отсто. На месечно ниво, дизелот бележи раст од 19,1 отсто, а бензинот од 10,6 отсто.

Најголемо зголемување на цената на дизелот е регистрирано во Чешка и Шведска (27,6%), додека најмал раст има во Словенија (2,9%), како и во Словачка и Унгарија (по околу 7%).

Кај бензинот, највисоки поскапувања се забележани во Белгија (15,1%), Шведска (15%), Австрија (14,8%) и Чешка (14,6%).

Во меѓувреме, дел од земјите преземаат мерки за контрола на цените. Во Словенија, по укинувањето на дел од регулациите во март, цените пораснале, додека во некои случаи биле воведени и ограничувања за точење гориво поради таканаречениот „бензински туризам“.

И покрај растот на цените на европско ниво, во Хрватска владата одлучи привремено да ги намали малопродажните цени на горивата во наредниот период, со цел да го ублажи притисокот врз граѓаните.

Продолжи со читање

Анализи

Најновите податоци од Народна банка покажуваат дека паричната маса расте, а кредитирањето се забрзува

Објавено

на

Паричната маса во земјава продолжува да расте, додека кредитната активност на банките бележи стабилно зголемување, покажуваат најновите податоци на Народна банка за март 2026 година.

Според соопштението, монетарниот агрегат М3 е зголемен за 1,7 проценти на месечно ниво, пред сè поради растот на краткорочните депозити. На годишна основа, пак, е забележан раст од 11,6 проценти, што главно се должи на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити.

Вкупните депозити во март се зголемени за 1,8 проценти во однос на претходниот месец, при што растот доаѓа исклучиво од корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата бележат благ пад. На годишно ниво, депозитите пораснале за 11,3 проценти, со поголем придонес од домаќинствата.

Кредитната активност исто така бележи раст. Вкупните кредити се зголемени за 1,4 проценти на месечно и за 13,1 проценти на годишно ниво, при што поголем дел од растот се должи на кредитирањето на корпоративниот сектор.

Кај компаниите, депозитите во март пораснале за 7,5 проценти на месечно ниво, додека кредитите бележат раст од 1,5 проценти. На годишна основа, кредитирањето на корпоративниот сектор е зголемено за 15 проценти.

Кај домаќинствата, депозитите се намалени за 0,4 проценти на месечно ниво, но на годишна основа и натаму растат со стапка од 11 проценти. Кредитите за домаќинствата бележат раст од 1,3 проценти месечно и 11,5 проценти на годишно ниво.

Анализирано според намената, потрошувачките и станбените кредити остануваат најзастапени и во март бележат раст од 1,2 и 1,5 проценти на месечно ниво, со годишен раст од 10,9 и 15,9 проценти.

Овие податоци укажуваат на стабилна банкарска активност и континуирано зголемување на штедењето и кредитирањето, што е значаен сигнал за движењата во домашната економија.

Продолжи со читање

Анализи

Волстрит во пад, неизвесноста околу Иран ги потресе пазарите

Објавено

на

Американските берзи забележаа пад во вторникот, додека инвеститорите стануваат сè попретпазливи поради неизвесноста околу можниот мировен договор меѓу САД и Иран, чија реализација е доведена во прашање пред истекот на примирјето.

Индексот S&P 500 се намали за 0,63 отсто, затворајќи на 7.064,01 поен, додека Nasdaq Composite ослабе за 0,59 отсто на 24.259,96 поени. Dow Jones Industrial Average изгуби 293,18 поени, односно 0,59 отсто, завршувајќи на 49.149,38 поени.

Зголемената загриженост дополнително ја поттикнаа извештаите на The New York Times и Axios, според кои патувањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на преговори со Иран било одложено поради недостиг на подготвеност на Техеран за компромис.

Ситуацијата дополнително ја искомплицира претседателот Доналд Трамп, кој најави можност за продолжување на примирјето, но и порача дека американската војска е подготвена за воена акција доколку не се постигне договор. Претходно во текот на денот, тој го обвини Иран дека повеќепати го прекршил прекинот на огнот.

На стоковите пазари, цените на нафтата го променија трендот по повеќедневниот пад. Американската нафта (WTI) порасна за 2,81 отсто на 92,13 долари за барел, додека Brent crude зајакна за 3,14 отсто на 98,48 долари.

Според Брајан Малбери од Zacks Investment Management, пазарот се соочува со длабока недоверба во однос на долгорочната одржливост на евентуален договор со Иран, имајќи ги предвид сложените политички и воени структури во земјата.

И покрај краткорочните потреси, дел од аналитичарите остануваат оптимисти. Силните квартални резултати на компаниите и очекуваниот двоцифрен раст на заработката и натаму обезбедуваат поддршка за пазарот, што укажува дека актуелниот пад би можел да биде привремен.

Потсетување дека во претходната недела S&P 500 и Nasdaq Composite достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од надежите дека конфликтот на Блискиот Исток наскоро би можел да заврши. Воедно, Nasdaq ја прекина серијата од 13 последователни дена раст, најдолга од 1992 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange