Connect with us

Банки

ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 100%!

Објавено

на

Во периодот од 01.01-31.03.2023 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.039,7 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 522,6 милиони денари што претставува зголемување за 98,9%.

Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 136,4 %. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 67,9% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност на пазарите, сѐуште висока инфлација која забележа мало забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.580,3 милиони денари и бележат зголемување од 40,6 % во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2023 година истите бележат зголемување од 82,6 % во однос на истиот период од минатата година. Притоа, треба да се укаже дека заради затегнувањето на монетарната политика и зголемените каматни стапки, остварен е пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението, но тој пораст е значително, дури неколкукратно помал од порастот на приходите од камати кај нерезидентите, кај финансиските друштва, па и кај државата. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени кај финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се и над четиринаесеткратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Тоа е затоа што во првиот квартал од минатата година каматната стапка Euribor беше околу 0 % или негативна, а оваа година достигна околу 3,5 % – 4 %. Кај благајничките записи, каматите се зголемија од 1,25 % на најновите 5,50%, а на државните записи од 0,40 % на 3,70 %, или 5,25 % кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7,14 % кај последната еврообврзница. Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странска валута, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 0,25 % на 4,39 %, додека просечната пондерирана каматна стапка на пласманите во НБРСМ од 0,31 % на 3,63 %. Токму затоа, во билансот на Банката, за прв пат приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Или пак, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се значително поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55 % од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи. Како резултат на ваквите движења, нетокаматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 1,9 % во првиот квартал од минатата година, на 3,3 % во истиот период од оваа година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2023 година изнесуваат 267,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 6,8 % како резултат на зголемен обем на активности кој продолжува од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 89,2 %.

Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2023 година изнесуваат 96,7 милиони денари и бележат зголемување од 68,8 %, во најголем дел како резултат на зголемениот промет на девизен пазар со правни лица, како и по основ на методолошка промена на евидентирањето на приходите од девизно работење почнувајќи од 01.01.2023 година. Планот за анализираниот период е остварен со 159,2 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2023 година изнесуваат 66,6 милиони денари и бележат намалување од 64,4 % во најголем дел како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 40,6 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.03.2023 година изнесуваат 485 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,9 % како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот кон крајот на 2022 година, како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 92,8 %.

Во периодот од 01.01-31.03.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1 милион денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 54,6 милиони денари, наспроти 128,8 милиони денари во истиот период минатата година.

Вкупната актива на Банката на 31.03.2023 година достигна износ од 152.815,1 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 1,2%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемувањето кај вложувањата во хартии од вредност, а во помал дел и поради зголемените кредити на и побарувања од банки и зголемените кредити на и побарувања од други комитенти. Планот е остварен со 100,1%.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 9,6%, во најголем дел заради намалената состојба на пласираните депозити преку ноќ во НБРСМ, намалувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци (како резултат на достасани депозити во валута УСД и нивно орочување на подолги рокови), како и намалувањето кај девизните тековни сметки во странски банки поради пренасочување на средствата во вложување во хартии од вредност. Планот е остварен со 89,4 %.

Средствата за тргување бележат зголемување од 3,1% како резултат на купени акции.

Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 357,8 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 209,7%, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД. Планот е исполнет со 308,6%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 0,7% како резултат на зголемено кредитирање, пред сѐ на секторот домаќинства. Планот е остварен со 99,6%.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 21,1 % главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи и купени македонски еврообврзници. Планот е остварен со 119,3 %.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 58,6% и имаат минимално учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 134.074,6 милиони денари и бележат зголемување од 0,4 %. Планот е остварен со 99,5%.

Обврските по кредити изнесуваат 678,3 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 2,8%, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 103,7%.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.03.2023 година достигнаа износ од 15.462,4 милиони денари. Во нивната структура, останатите резерви бележат пораст од 8,6 %, додека задржаната добивка е намалена, согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот е реализиран со 96,5%.

Банки

Народната банка ја оживува историјата: Архивски документи сведочат за 80 години централно банкарство во Македонија

Објавено

на

Осум децении институционален развој, економски промени и монетарни предизвици се зачувани низ архивските фондови на Народната банка. По повод јубилејот „80 години централно банкарство“, институцијата потсетува на значењето на историските документи кои го сведочат развојот на централното банкарство во Македонија, од неговите институционални почетоци во 1946 година до современиот финансиски систем.

Преку објавата „Низ архивските фондови“, Народната банка го насочува вниманието кон историските записи што претставуваат сведоштво за развојот на една од најзначајните финансиски институции во земјата.

Архивската документација овозможува да се проследат институционалните промени, развојните процеси и историските околности во кои се обликувало централното банкарство во изминатите осум децении.

Од 1946 година до современа централна банка

Почетоците на институционализираното централно банкарство во Македонија се поврзуваат со 1946 година.

На 25 септември таа година, со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор, Македонската стопанска банка била определена како Централа на Народната банка на Федеративна Народна Република Југославија за Народна Република Македонија.

Институционалниот процес бил дополнително зацврстен на 19 октомври 1946 година, со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ.

Овие историски настани ги поставиле темелите на организираното централнобанкарско работење во Македонија.

Низ следните децении, централното банкарство поминувало низ различни фази на институционален развој, во согласност со промените во економскиот и општествениот систем.

Една од најзначајните пресвртници настапила во април 1992 година, со прогласувањето на монетарната самостојност на Македонија.

Со овој историски чекор, Народната банка ја презела улогата на самостојна централна банка, со надлежности за водење на монетарната политика и остварување на основните функции на современото централно банкарство.

Архивските фондови како сведоштво за монетарната историја

Архивските документи имаат значајна улога во зачувувањето на институционалната меморија.

Преку нив може да се проследи како се менувале организацијата, надлежностите и начините на функционирање на централнобанкарските институции во различни историски периоди.

Овие записи имаат вредност не само за институцијата, туку и за истражувачите, економистите, историчарите и пошироката јавност заинтересирана за економската историја на земјата.

Тие создаваат основа за подобро разбирање на процесите што го обликувале националниот монетарен и финансиски систем.

Зачувувањето и претставувањето на ваквите материјали придонесува за поголема достапност на историското знаење и за подобро разбирање на институционалниот континуитет.

Осум децении институционални промени

Од своите почетоци до денес, централното банкарство во Македонија поминало низ различни економски и општествени околности.

Особено значаен период претставува монетарното осамостојување, кога биле поставени основите на самостојната монетарна политика.

Во наредните децении, Народната банка ги развивала своите функции во областа на монетарната политика, банкарската супервизија, платните системи и финансиската статистика.

Денес, одржувањето на ценовната и финансиската стабилност останува во основата на нејзиниот институционален мандат.

Историската документација овозможува овие промени да се разгледуваат во поширок контекст и да се согледа развојот од првичните институционални структури до современата централна банка.

Јубилејот како потсетник на значењето на институционалната меморија

Одбележувањето на 80 години централно банкарство претставува можност да се потсетиме на историјата на институцијата, но и на значењето на континуитетот во развојот на финансискиот систем.

Со тематската објава „Низ архивските фондови“, Народната банка го истакнува значењето на сочуваните историски записи како извор на знаење за институционалните промени низ децениите.

Архивското наследство е сведоштво за патот што го поминало централното банкарство во Македонија – од институционалните темели поставени во 1946 година, преку монетарното осамостојување во 1992 година, до денешното функционирање на Народната банка како самостојна централна финансиска институција.

Во годината на големиот јубилеј, ваквите содржини придонесуваат за зачувување и доближување на монетарната историја до пошироката јавност.

Продолжи со читање

Банки

Европа подготвува нови стандарди за заштита на банкарските депозити: Заврши рокот за четири јавни консултации

Објавено

на

На 23 октомври истече објавениот рок за доставување коментари во рамките на четири јавни консултации што Европската банкарска агенција ги започна во јули.

Консултациите се однесуваат на дополнително усогласување на европските правила за заштита на депозитите.

Предложените стандарди опфаќаат информации што банките треба да им ги доставуваат на депонентите, размена на податоци меѓу институциите, третман на одредени клиентски средства и управување со средствата на системите за гарантирање депозити.

Една од предложените насоки се однесува на инвестирањето на средствата со кои располагаат фондовите за гарантирање депозити.

Целта е да се обезбеди соодветна ликвидност, диверзификација и можност за брзо користење на средствата кога е потребно обесштетување на депонентите.

Продолжи со читање

Банки

Црна Гора тестираше сценарио за банкарска криза: Околу 50 претставници на институции учествуваа во симулација

Објавено

на

Централна банка на Црна Гора, во соработка со советодавниот центар FinSAC на Светска банка, спровела симулација на санација на фиктивна кредитна институција.

Целта била да се провери подготвеноста на институциите за координирано постапување во случај на банкарска криза.

Во симулацијата учествувале околу 50 претставници од повеќе институции, меѓу кои централната банка, Министерството за финансии, Фондот за заштита на депозитите, Комисијата за пазарот на капитал и Агенцијата за заштита на конкуренцијата.

Учесниците добивале нови информации во реално време и морале да носат одлуки под временски притисок.

Биле тестирани внатрешните процедури, размената на информации и координацијата при подготовка на клучните одлуки.

Според централната банка, симулацијата покажала висок степен на институционална подготвеност.

Активноста е дел од подготовките на Црна Гора за идно учество во европската Банкарска унија и исполнување на обврските од Поглавјето 9 – Финансиски услуги.

Ваквите симулации се важни за заштитата на депозитите и ограничувањето на последиците од евентуална банкарска криза. Македонските институции можат да го разгледаат црногорскиот пристап како регионално искуство, но резултатите од симулацијата не докажуваат дека постои проблем кај конкретна банка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange