Connect with us
no baners

Банки

Аплауз, смеа, љубопитни прашања, мудри одговори во полната сала на конференцијата „Чувари на мудроста“

Објавено

на

Со бурни аплаузи младите ги поздравија учесниците на првата конференција „Чувари на мудроста“ која во петокот се одржа во малата сала на Филхармонијата на РСМ, во организација на Халкбанк АД Скопје. Полно беше гледалиштето кое собира 300 посетители. Многу позитивна енергија, смеа, љубопитни прашања и интересни одговори добиваа присутните од панелистите Никола Пановски, Симон Наумоски, Таки Фити, Благој Чоревски, Винка Саздова, Костадин Танчев Динка, Катерина Цаневска и Лилјана Грџо Дамовска.

Конференцијата беше поделена на три теми – економија, култура и комуникации. Панелите ги модерираа новинарите Горан Теменугов и Сребра Ѓорѓијевска кои ги насочуваа говорниците да ги споделат своите животни искуства со младите, да им раскажуваат анегдоти од кои може да научат нешто, им даваа мудри совети.

Присутните ги поздрави Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк.

„Со денешната конференција ја постигнуваме најголемата вредност на кампањата „Чувари на мудроста“, бидејќи денес на сцената имаме големи експерти со непроценливо животно искуство, мудрост и знаење, а во публиката, младите, кои се вистински жедни за од нив да научат. На овој начин правиме спој на двете исклучително важни генерации за нашето општество, а воедно и докажуваме дека годините никако не се пречка, туку извор на мудрост кој треба да го почитуваме” – им порача Наумовска-Савеска на присутните.

Теменугов ја отвори конференцијата со академик Таки Фити, врвен економист, професор на Економскиот факултет во Скопје, поранешен претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Препознавајќи многу свои студенти во публиката Фити рече дека има многу дефиниции за мудроста. Мудри се оние луѓе што поседуваат длабоко знаење, способност за добро промислување, а особено значајно е искуството.

„Не постојат вистински претприемачи, ако тие не преземаат ризици. Но, тоа се пресметани ризици, не е ризик на коцкар. Затоа, бидете проактивни и свесни дека секоја професија има своја тежина. И читајте, многу читајте, постојано надградувајте се. Мудроста треба да се применува во секојдневното работење. Најважно од сè е да имате афинитет и љубов, да го сакате тоа што го студирате” – им порача Фити на младите.

Симон Наумоски го раскажа својот животен пат, од школувањето во родниот Прилеп, преку студирањето на Технолошко-металуршкиот факултет и вработувањето во фабриката позната како Пиперана која прераснува во „Витаминка“, една од најуспешните компании во Македонија. Тој вели, кога ќе ги видиш проблемите си правиш сам концепт како да почнеш да ги решаваш. Затоа, многу е важно на секој факултет барем еден семестар да се изучуваат основи на економијата.

„Јас лутав низ светот за да купам идеја и да ја искористам во работата. Работев по 16-18 часа. Кога ќе ми зовриеше во глава, излегував и шетав низ полињата за да најдам решение за проблемот. Учете, многу да учите, од тоа зијан нема, и немојте никогаш со лаги да се служите” – ѝ порача Наумоски на публиката.

Никола Пановски, микробиолог, борец за „Балкан без граници“ и политички активист рече дека во
неговото семејство тешкиот пат го оделе неговите родители, кои во тешки услови успеале во животот и станале универзитетски професори. Сепак, има многу примери, каде тоа што го создале родителите, децата го уништиле.

„Јас сум првиот доктор во моето семејство. Сиот живот се борев, и сè уште се борам за правилно користење на антибиотиците. Во минатото тоа многу се злоупотребуваше. Во 2016 година успеавме да дојдеме до 50 отсто намалување на непотребното користење на антибиотици, но со ковидот нешата отидоа во неконтролиран правец. Како професор, студентите ми се пред сè. Сум бил и функционер кратко време. Важно е да знаете, ако сте на функција, бидете спремни утре да ја напуштите за да ја сочувате својата чест” – рече Пановски.

Чоревски, Саздова и Танчев ги понесоа младите во светот на културата. Ѓорѓијевска посочи дека иако се сите во пензија, активно работат секој на свето поле: Чоревски уште активно игра во претстави, Саздова пишува, а Танчев создава дизајн.

Саздова, една од најчитаните авторки кај нас, е основач на Издавачкиот центар ТРИ. По дипломирањето не можела да се вработи како психолог, па почнала како новинар во култура, продолжила во издавачка куќа додека не одлучила сама да почне свој бизнис во издаваштвото. Сите ѝ се чуделе зошто од сите удобности на големата компанија решила на почне од нула.

„Мене многу ми беше важна слободата. Без слобода, нема креација. Кога синовите пораснаа, го презедоа цел издавачки бизнис, а јас конечно можев да го правам тоа што најмногу сакам – да пишувам и да шетам по планините” – рече Саздова и им порача на младите дека нема поинаков пат – сè се учи на своја кожа.

Танчев-Динка раскажа како од Училиштето за применета уметност во Скопје продолжил на студии во Белград. Таму учествувал на осум конкурси и сите ги добил. Професор му бил Милош Ќириќ кој го постави концептот на визуелната уметност. Динка им порача на младите дека дизајнот е многу широк поим, има огромна примена.

„Јас отсекогаш бев многу тврдоглав, секогаш свој на своето. Не се сеќавам дека некогаш сум направил отстапки и секогаш сум давал само едно решение за нарачан дизајн. Денес нештата се поинакви. Неопходна ни е темелна реформа на образовниот систем. А дизајнот, тој е понижен, стана сервисна дејност” – рече Динка, кој по завршувањето на панелот уште еден час разговараше со студентите пред Филхармонијата.

Чоревски, еден од најнаградуваните актери во историјата на македонскиот театар, вели додека го држи умот и телото, нема да престане да игра. Роден во актерско семејство, откако знае за себе, тој е дел од театарот. А за да бидеш глумец, треба Бог да ти даде, но не треба да оставите само на Бога.

„Ние живеевме во други времиња, имавме поинаква дисциплина. Сè уште одам во театар 1,5 час пред да почне претставата, проверувам сè, дали е на место. Улогата не се гради едноставно, нема тука лага, морате да влезете во неа. Младите секогаш ги поддржувам, но за да се нафатам да подготвувам некого, мора да постои талент. Страшно е да подготвуваш некого што не го бидува и да го внесеш во уметноста. Ќе му направите голема штета” – рече тој.

На третиот панел Ѓорѓијевска и Теменугов разговараа со Цаневска и Дамовска за состојбите во новинарството и комуникациите денес. Панелот прерасна во интерактивен разговор со публиката, а младите се интересираа за принципите на новинарското работење, етиката, дезинформациите.

Цаневска рече дека професијата воопшто не е едноставна и лесна, но ако го сакаат новинарството, да не се откажуваат на првиот предизвик. Според Дамовска, професијата секогаш тежела, но адреналинот да се работи новинарство секогаш постоел. Двете направија споредба на работењето во оваа професија пред 20 години и денес и ги посоветуваа младите за вистинскиот правец за градење на нивната кариера како новинари, но и како следачи на информации и вести во денешното море на објави.

Банки

ТТК Банка: Известување за исплата на паричните права од социјална, детска и цивилна заштита од 8 мај 2026 година

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје ги информира своите клиенти дека исплатата на паричните права од социјална, детска и цивилна заштита за месец април 2026 година е извршена на 8 мај 2026 година.

Корисниците кои поседуваат платежни картички, средствата можат да ги користат преку банкоматите и трговската мрежа, додека за клиентите кои не користат картички, исплатата се реализира преку сите отворени филијали и експозитури на Банката.

Од ТТК Банка посочуваат дека исплатата е достапна од денес, согласно утврдениот распоред.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со пет награди на BalCannes и признание за најдобар огласувач во Македонија

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје освои пет награди на регионалниот фестивал „BalCannes“, како и признанието „Best Advertiser of Macedonia“, со што уште еднаш ја потврди успешноста на своите креативни и општествено одговорни кампањи.

Најголем успех постигна кампањата „Made in Shade“, која освои три златни и една сребрена награда. Златните признанија беа доделени во категориите „Finance & Insurance“, „Best TV Spot & Film“ и „Environment & Sustainability“, додека сребрената награда беше освоена во категоријата „Best Online Video“.

Дополнително, Халкбанк доби и бронзена награда за проектот „Музички џез во вез ритам“ во категоријата Best Print (Ad, Publication, Poster).

Од банката посочуваат дека овие признанија претставуваат потврда за силата на идеите кои носат јасна порака и оставаат вистинско влијание во јавноста.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка ги презентира пролетните макроекономски проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации

Објавено

на

Последиците и зголемената неизвесност во светското окружување поврзани со воениот конфликт на Блискиот Исток условија умерена надолна ревизија на проекциите за растот на домашната економија, побавно враќање на инфлацијата кон историскиот просек и понеповолна надворешна позиција, пред сè под влијание на енергетската компонента. Ова го истакна гувернерот д-р Трајко Славески при презентацијата на најновите пролетни макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2026 ‒ 2028 година пред претставниците на дипломатскиот кор и на меѓународните институции. На настанот присуствуваа претставници на амбасадите на Германија, Грција, Италија, Јапонија, Кина, Косово, САД, Унгарија, Холандија, Хрватска и Швајцарија, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Настанот традиционално се организира по секој циклус макроекономски проекции на Народната банка.

Во презентацијата беше наведено дека домашната инфлација ќе бележи натамошна постепена стабилизација, но побавна, имајќи ги предвид понеповолните надворешни услови и растот на светските цени на енергентите и храната. Според најновите проекции, во 2026 година, просечната инфлација ќе изнесува 4%, а потоа ќе забави сведувајќи се на 3% во 2027 година и на 2% на среден рок. Притоа, беше истакнато дека Народната банка продолжува со претпазливо водење на монетарната политика. Воедно, Народната банка и во иднина ќе биде подготвена за соодветна реакција доколку се зголемат инфлациските притисоци или притисоците на девизниот пазар.

Во рамките на пролетниот циклус проекции, растот на економијата е проектиран на 3,5% за 2026 година, со забрзување во 2027 година кога би достигнал 3,8% и 4% во 2028 година. И натаму се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот двигател на растот, со поддршка и од кредитната активност. Во однос на надворешната позиција, за 2026 година се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе достигне 5,7% од БДП, главно поради повисоките трошоци за увоз на енергија, додека на среден рок се очекува негово постепено намалување. Истовремено, се очекуваат солидни приливи во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви и одржување на стабилноста на домашната валута.

Беше посочено и дека банкарскиот систем и натаму е стабилен, при солидна кредитна и депозитна активност. Во светското окружување сѐ уште владее висока неизвесност и ризици, поради што Народната банка внимателно ќе ги следи движењата и ќе реагира соодветно, во согласност со својата основна цел ‒ одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange