Uncategorized
Мастеркард отвора претставништво во Скопје и назначува нов генерален директор за Југоисточна Европа
Технолошкиот лидер „Мастеркард“ (Mastercard) преку огранокот за Европа го отвoра своето долгоочекувано претставништво во Скопје.
„Мастеркард беше првата платежна картичка издадена во Република Северна Македонија и во изминатите дваесет и пет години увидовме дека земјата се издвојува како иновативно и напредно општество на Балканот, посветено на развој на дигиталната економија, корисничко искуство (UX) со врвен квалитет за потрошувачите. и услуги за електронското банкарство. Горди сме што Мастеркард континуирано инвестираше во развојот на инфраструктурата за бесконтактни NFC плаќања и економскиот еко-систем како стабилна мрежа на меѓусебно поврзани фирми и институции, така што сега можеме да одбележиме прифаќање на 100% бесконтактните платежни уреди во земјата. Мастеркард се гордее и со извонредниот впечаток и изградениот однос со сите клучни чинители на пазарот.
Ние сме ко-основачи и главен поддржувач на Македонската асоцијација за е-трговија, стремејќи се кон врвен квалитет на дигиталното искуство и безгрижност при секојдневните плаќања на сите македонски граѓани. Отворањето на локалното претставништво е природна еволуција и е со нетрпение очекувано од нашите вредни партнери во Република Северна Македонија“, изјави Вања Манова, менаџерка на Мастеркард за Северна Македонија, Бугарија, Албанија и Косово.
Партнерството со Комерцијална банка АД Скопје, што бележи континуиран развој почнувајќи од 1995 година, е одличен пример за локалната соработка на Мастеркард на македонскиот пазар:
„Во декември 1995 година, како водечка банка во иновациите и платежната технологија, Комерцијална банка АД Скопје беше првата банка која издаде картичка од меѓународен бренд – брендираната Мастеркард. Нашата банка во 1996 година ги воведе и првиот банкомат и платежен уред во земјава, кога беше извршено првото дигитално плаќање“, изјави м-р Киро Чадиковски, раководител на Одделот за картички и платежни сметки при Комерцијална банка АД Скопје, додавајќи дека:
„Во текот на сите овие години, додека пазарот има тенденција да развива неограничени можности во областа на банкарството, картичките и дигитализацијата, благодарение на цврстата соработка, поддршка и партнерство со Мастеркард, нашата банка продолжи да воведува нови банкарски решенија одржувајќи ја водечка позиција на македонскиот пазар во областа. на дигиталната трансформација и платежните картички“.
Според истражувањето и анализата на трендови спроведено од Мастеркард, плаќањето со картички во Република Северна Македонија расте со двоцифрена стапка на годишно ниво, а вредноста на плаќањата со дебитни картички е речиси двојно зголемена од 2019 година навака.
Мастеркард со задоволство го објавува и назначувањето на Бартош Чиолковски за генерален директор за Југоисточна Европа, со Северна Македонија меѓу десетте пазари во овој бизнис регион што бележат континуиран раст. Во својата нова функција, г-динот Чиолковски ќе биде одговорен за спроведување на стратегијата за развој на електронските плаќања и работа со деловни и институционални партнери. Г-дин Чиолковски се приклучи на Мастеркард во 2005 година, а пред да биде назначен на оваа функција ја извршуваше улогата на генерален директор за Полска, каде што значително придонесе за динамичен развој на секторот за електронски плаќања преку воведување иновативни решенија и производи, како и проширување на мрежата за прифаќање на новитетите. Тој одигра клучна улога во основањето на Cashless Poland Фондацијата и во инвестицијата на Мастеркард во Polish Payment Standard (PSP), сопственик на BLIK.
Uncategorized
ЦКБ со умерен раст и зголемена претпазливост оствари добивка од 13,6 милиони денари во 2025 година
Централна кооперативна банка АД Скопје ја заврши 2025 година со добивка од 13,64 милиони денари, остварена во четвртото тримесечје, во услови на сложено макроекономско опкружување, растечка инфлација и зголемени каматни стапки. Банката работеше во средина на стабилен раст на потрошувачката и инфраструктурни инвестиции, но и под влијание на геополитички ризици и рестриктивна монетарна политика.
Силен раст на билансот и солидна кредитна активност
Во текот на 2025 година, вкупната актива и пасива пораснаа за 17%, со што е остварување од 108% од деловниот план. Кредитите и побарувањата од комитенти бележат раст од 5%, при што планот е исполнет со 97%, а најголем дел од растот произлегува од кредитирање на физички лица.
Паричните средства и паричните еквиваленти се зголемени за 17%, додека вложувањата во хартии од вредност бележат значително повисоко ниво и се 46% над планираното, што укажува на повисока ликвидносна заштита и конзервативен пристап во управувањето со средствата.
Раст на депозитите, но и на каматните расходи
Депозитната база на Банката е зголемена за 20% во однос на крајот на 2024 година и за 10% над планот, како резултат на зголемените каматни стапки на депозитите. Овој тренд директно се одрази и врз трошоците, оттука расходите за камати се повисоки за 15% на годишно ниво и за 9% над планираното.
И покрај тоа, Банката оствари раст на вкупните приходи од камати од 9%, а нето-каматниот приход е зголемен за 6%, што укажува на релативно успешно менаџирање на каматниот маргин во услови на силна конкуренција.
Провизии, трошоци и влијание на МСФИ 16
Приходите од провизии бележат годишен раст од 7%, но остануваат 6% под планот, додека нето-приходите од провизии се зголемени симболично за 1%. Трошоците за вработени се повисоки за 12%, во линија со планираното, а останатите оперативни расходи се зголемени за 8%.
Значителен раст е забележан кај расходите за амортизација (+69%), како резултат на примената на МСФИ 16, што влијаеше и врз растот на недвижностите и опремата од 25% на годишно ниво.
Зголемени резервации и судски ефект
Во текот на 2025 година, Банката издвои 10,67 милиони денари нето резервации за кредитен ризик, што претставува зголемување од 5,21 милиони денари во однос на претходната година. Дополнително, еден судски спор имал материјално значајно негативно влијание врз финансискиот резултат.
Без дивиденда и фокус на стабилност
ЦКБ во 2025 година не исплати дивиденда, задржувајќи конзервативна политика на капитал и ликвидност. Во делот на задолжувањата, Банката користела кредитна линија од Развојната банка на СМ во износ од 27,5 милиони денари.
Очекувања: претпазлив оптимизам и фокус на квалитет
За наредниот период, ЦКБ очекува постепена стабилизација на макроекономските услови и внимателно олеснување на монетарната политика. Банката најавува задржување на високата претпазливост при кредитирањето, фокус на квалитетот на портфолиото, модернизација на технолошката платформа и зајакнување на клиентското искуство.
Uncategorized
Стопанска банка овозможи дигитално ажурирање на лични податоци преку OneID
Стопанска банка АД – Скопје им овозможува на своите клиенти кои поседуваат дигитална електронска идентификација OneID да ги ажурираат своите лични податоци во Банката лесно, брзо и безбедно, во секое време и без посета на филијала.
Постапката е едноставна: започнува со посета на веб-страницата https://id.stb.com.mk/ и паралелно користење на мобилната апликација OneID. Со оваа нова дигитална услуга, Банката им овозможува едноставен и удобен начин на клиентите да ја исполнат нивната законска обврска за ажурирање на личните податоци.
„Флексибилноста и зголемената достапност на нашите производи и услуги се императив за новите функционалности кои ги развиваме и планираме за претстојниот период“ – истакнуваат од Стопанска банка АД – Скопје.
Повеќе информации за сервисот можете да најдете на следниот линк. Банката подготви и видео упатство за користење на оваа нова услуга.
Uncategorized
Стабилен банкарски систем и рекордно ниски ризици – Народната банка го усвои извештајот за вториот квартал од 2025
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, го усвои извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од 2025 година.
Во услови на забрзан раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6%, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. И квалитетот на кредитното портфолио се подобри во овој квартал, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,4%.
Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот раст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата, којшто на квартална основа изнесува 3,1% и 4,3%, соодветно. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите.
Народната банка и во иднина ќе биде внимателна во водењето на монетарната и макропрудентната политика, во време кога сè уште има изразена надворешна и домашна неизвесност. Се нагласува потребата од претпазливост и постојано следење на ризиците заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.
Советот на Народната банка ја усвои рамката за одржливост со што се поставува основата за систематско воведување одржливи практики во секојдневното работење. Рамката за одржливост има за цел да придонесе кон поголема енергетска ефикасност, одговорно користење на ресурсите, поттикнување зелени финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и кон подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливото работење.
Со нејзиното усвојување, Народната банка ќе продолжи со активностите насочени кон унапредување на еколошките практики, финансиската писменост и одговорното делување, заради долгорочна економска стабилност и општествена благосостојба.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециПредности и поволности на новата Халки картичка за деца
-
Продуктипред 1 месецШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 1 месецКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 4 неделиУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 2 месециНародна банка: Натамошен динамичен раст на дигиталните плаќања
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година

