Connect with us

Банки

Поголема транспарентност и поширок опфат на податоци од банките, како поддршка на финансиската стабилност

Објавено

на

Советот на Народната банка, на својата редовна седница, ја донесе Одлуката за објавување извештаи и податоци од страна на банките, со која се вршат позначителни промени за зголемување на опфатот на податоците коишто ги објавуваат банките и на фреквенцијата на објавите. Промените се однесуваат на зголемување на транспарентноста на банките, како кон супервизорските органи, така и кон јавноста. Со ова се врши натамошно усогласување со европските регулативи, но и со подзаконската банкарска регулатива донесена од страна на Народната банка во изминатиот период за зголемување на претпазливоста.

Со Одлуката се воведуваат нови барања за објавување на квалитативните и квантитативните показатели за работењето на банките и особено за управувањето со ризиците и корпоративното управување. Согласно заложбите на Народната банка за придонес во справувањето со ризиците од климатските промени, во рамките на Одлуката се пропишуваат нови барања коишто се однесуваат на објавувањето податоци и информации за ризиците поврзани со климатските промени и еколошките, социјалните и управувачките ризици.

Банките се обврзани да ги објавуваат најзначајните показатели со полугодишна динамика, додека останатите податоци на годишна основа. Исклучок од правилото се системски значајните банки коишто ќе имаат обврска за почесто известување и објавување. Заради споредливост и подобро информирање на јавноста, извештаите ќе се објавуваат во пропишаната форма, додека поради потребата од значителни промени во системите на банките, примената на најголемиот дел од извештаите ќе започне од 1 јануари 2025 година.

На седницата, Советот на Народната банка го усвои и Кварталниот извештај, којшто се однесува на последниот квартал од 2022 година. И во текот на последното тримесечје на 2022 година, Народната банка ја приспособува монетарната политика, со што започна уште од крајот на минатата година. Притоа, основната каматна стапка беше дополнително зголемена во три наврати, за вкупно 1,75 п.п., достигнувајќи го нивото од 4,75% на крајот на 2022 година. Затегнувањето на монетарната политика има за цел да ги стабилизира инфлациските очекувања и да ги намали ценовните притисоци, предизвикани од надворешни шокови, коишто се присутни подолг период. Сепак, од ноември па наваму се забележува постепено намалување на годишната стапка на инфлација. Домашната економска активност во првите три квартали на 2022 година е во согласност со проектираната патека, а тековните изгледи се во склад со очекувањата за натамошно забавување на растот под влијание на енергетската криза, отежнатото снабдување и кризата на трошоци на животот којашто наметна затегнување на финансиските услови во глобални рамки. Банките и натаму обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, но поумерено и во склад со очекувањата, додека благодарение на надворешната позиција на економијата, девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Сепак, неизвесноста и ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок и понатаму се нагласени, а војната во Украина сѐ уште е главниот извор на ризик, особено на пазарите на енергија и прехранбени производи. Народната банка продолжува со внимателно следење на клучните економски параметри и на потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на монетарната политика и одржување на ценовната стабилност на среден рок.

Банки

Вицегувернерката Митреска: Народната банка ја зајакнува поддршката за жените во економијата и претприемаштвото

Објавено

на

„Во услови на светски економски предизвици, зголемувањето на учеството на жените на пазарот на труд носи значителни економски и општествени придобивки. Намалувањето на родовите разлики придонесува за поголема иновативност, поефикасно искористување на човечкиот капитал и за намалување на јазот во приходите. Сепак, жените и натаму се соочуваат со предизвици, како што се пониска застапеност на раководните позиции и ограничен пристап до финансиски услуги“, истакна вицегувернерката Ана Митреска во своето обраќање на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенцијата „Марили“.

Таа посочи дека, во услови на забрзана технолошка трансформација и развој на вештачката интелигенција, неопходни се соодветни политики за заштита и унапредување на родовата еднаквост на пазарот на труд. Според некои процени, околу 75% од работните места на жените се во занимања со висока изложеност на вештачка интелигенција, што укажува на потребата од навремено приспособување и дополнителна поддршка.

„Светскиот извештај за родовиот јаз за 2025 година покажува дека има натамошен напредок кон родова еднаквост, но тој е бавен и со нерамномерно темпо. На светско ниво, родовиот јаз е затворен за околу две третини, а за постигнување целосна еднаквост, со сегашната динамика, ќе бидат потребни уште 123 години. Нашата земја е рангирана на 90-тото место од вкупно 148 земји, додека во делот на економското учество и можности, се наоѓа на 119-тото место. Јазот во платите изнесува околу 12%, а разликата во учеството на пазарот на труд е околу 18 процентни поени во корист на мажите. Во однос на финансиската вклученост, податоците од „Финдекс“ (2024) покажуваат дека 77% од жените и 92% од мажите имаат сметка. Овие разлики упатуваат на родов јаз во финансиската вклученост од околу 10 процентни поени“, посочи Митреска.

Таа нагласи дека Народната банка активно работи на унапредување на финансиската едукација и вклученост, како и на поддршка на женското претприемаштво преку Кодексот за финансирање жени претприемачи.

„Иако учеството на фирмите што се во сопственост на жени во вкупните кредити сè уште е ниско, тие покажуваат висока финансиска дисциплина, со нефункционални кредити од 1,54%, во споредба со 2,76% кај фирмите што се во сопственост на мажи. Во наредниот период, активностите ќе бидат насочени кон проширување на коалицијата, подобрување на податоците и осмислување системски решенија за зголемена финансиска поддршка на жените претприемачи“, истакна Митреска.

На крајот, таа им упати честитки на наградените жени менаџерки, посочувајќи дека нивниот успех претставува инспирација за идните генерации и значаен придонес за развојот на современата економија.

Продолжи со читање

Банки

Капитал банка нуди станбени кредити со фиксна камата од 3,75 проценти

Објавено

на

Капитал банка АД Скопје нуди станбени кредити со услови насочени кон полесно решавање на станбеното прашање за граѓаните.

Според информациите, кредитот вклучува фиксна каматна стапка од 3,75 проценти во првите десет години, што овозможува стабилност и предвидливост на месечните обврски. Рокот на отплата може да достигне до 25 години, додека минималното учество за купување ново живеалиште изнесува 10 проценти.

Од банката посочуваат дека понудата е наменета за клиентите кои бараат сигурност и јасни услови при финансирање на својот дом, во услови на променливи пазарни движења.

Дополнителни информации за кредитните услови се достапни во експозитурите на банката и преку нивните контакт канали.

Продолжи со читање

Банки

Нова понуда од УНИБанка: лојалност без обврска за префрлање на плата

Објавено

на

УНИБанка воведе флексибилна програма за лојалност „УНИПлус“, која им овозможува на клиентите пристап до различни банкарски поволности без да имаат обврска платата да ја примаат преку оваа банка.

За да се приклучат на програмата, клиентите треба да отворат платежна сметка во УНИБанка и да обезбедат месечни приливи од најмалку 24.000 денари, односно 15.000 денари за пензионери. Во овие приливи може да влезат приходи од кирии, хонорари, договори за дело, девизни трансакции или уплати од трети лица.

Програмата нуди низа бенефити, меѓу кои пониски каматни стапки за кредити, повисоки камати за депозити, бесплатно интернет банкарство, алатки за управување со личните финансии, како и можности за инвестирање во благородни метали.

Од банката посочуваат дека овој модел претставува отстапување од вообичаената пракса во секторот, каде што лојалноста најчесто е условена со префрлање на плата. Според нив, целта е да се понуди поголема флексибилност и подобро корисничко искуство, особено за клиенти кои веќе имаат финансиски обврски во други банки.

Во пресметката на месечните приливи не се вклучуваат трансакции поврзани со отплата на кредити, преорочување на депозити и интерни трансфери меѓу сметки на ист клиент.

Финансиските експерти оценуваат дека со оваа програма УНИБанка дополнително ја зајакнува својата позиција како модерна и клиентски ориентирана институција, во услови на засилена конкуренција на банкарскиот пазар. Истовремено, банката продолжува да инвестира во безбедноста на своите услуги и дигиталните решенија.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange