Банки
Комерцијална банка со добивка од 4,25 милијарди денари во првите девет месеци од 2025 година
Комерцијална банка АД Скопје во периодот од 01.01. до 30.09.2025 година оствари позитивен финансиски резултат од 4.250,1 милион денари, што претставува намалување од 3,9% во однос на истиот период минатата година, кога добивката изнесуваше 4.422,6 милиони денари. И покрај ова мало намалување, планираната бруто-добивка за трите квартали е надмината за 10%, што ја потврдува стабилноста и ефикасноста на работењето на Банката во услови на зголемени глобални и локални предизвици.
Резултатите се остварени во услови на засилени геополитички ризици, осцилации на меѓународните пазари поради трговските политики на САД, како и намалена економска активност на главните трговски партнери на државата. Во домашната економија, инфлацијата за првите девет месеци се задржа на 4,0% кумулативно, над проектираното ниво.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 4,8% пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот во однос на претходната година), a во помал обем и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции.
Биланс на успех, приходи, расходи и оперативна ефикасност
Вкупните приходи од работењето на Комерцијална банка изнесуваат 6.453,7 милиони денари, што е намалување од 2,6% во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камата, како најголема компонента на вкупните приходи, бележат раст од 1,1%, со исполнетост на планот од 101,7%. Приходите од камата се зголемени за 1,7%, најмногу поради зголемените пласмани кај домаќинствата и нефинансиските друштва, додека расходите по основ на камата се зголемени за 6,7% поради порастот на орочените депозити.
Нето каматната маржа на Банката на крајот на третиот квартал изнесува 3,58%, во споредба со 3,87% во истиот период минатата година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци достигнаа 904,7 милиони денари, што е раст од 3,3% и остварување на планот со 102,7%, пред сè како резултат на зголемениот обем на трансакции со платежни картички.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 323,9 милиони денари, што е раст од 20,9%, благодарение на оптималното управување со девизната позиција.
Од друга страна, останатите приходи од работењето изнесуваат 730,1 милиони денари и се помали за 26,1% во однос на истиот период лани, главно поради помал износ на наплатени отпишани побарувања и помалку капитални добивки од продажба на преземен имот.
Оперативните расходи изнесуваат 1.785,8 милиони денари, што претставува раст од 3,7% во однос на истиот период минатата година, првенствено поради зголемени трошоци за плати и вработени.
Исправката на вредност на финансиските средства изнесува 412,9 милиони денари, што е намалување од 13,6%, резултат на добра финансиска дисциплина и редовно сервисирање на кредитните обврски од страна на клиентите.
Биланс на состојба, стабилен раст на активата и кредитното портфолио
Вкупната актива на Комерцијална банка на 30 септември 2025 година достигна 186,7 милијарди денари, што претставува раст од 4,5% во однос на крајот на 2024 година, со исполнетост на планот од 100,7%.
Зголемувањето најмногу се должи на пораст на паричните средства и кредитите на комитенти.
Кредитното портфолио бележи раст од 6,4%, како резултат на зголемено кредитирање на домаќинствата и нефинансиските друштва, со исполнетост на планот од 102,2%.
Депозитната база достигна 159,8 милијарди денари, што е раст од 3,4%, најмногу поради зголемените депозити на физички лица.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2025 година изнесуваат 22,25 милијарди денари, што претставува раст од 6,7% во однос на декември 2024 година, како резултат на прераспределба на дел од добивката за 2024 година и зголемени останати резерви.
Потврда на стабилност и отпорност
И покрај умерениот пад на добивката во однос на минатата година, Комерцијална банка продолжува да ја демонстрира својата стабилност, оперативна дисциплина и силен капацитет за одржлив раст.
Со постојан фокус на ефикасно управување со ризиците, рационализација на трошоците и одговорно кредитирање, Банката ја задржува својата позиција како една од најпрофитабилните и најсолидни финансиски институции во земјата.
Банки
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2% и во четвртото тримесечје од 2027 година
Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.
Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.
Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.
Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката.
Банки
ТТК Банка ја исплати првата годишна камата на третата емисија корпоративни обврзници
ТТК Банка АД Скопје на 18 септември 2026 година ја исплати првата годишна камата на сопствениците на корпоративни обврзници од третата емисија, со ISIN MKTTKS200038 и шифра TTKO3.
Пресметката на камата е извршена по фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво. Право на исплата на камата имаа сите лица регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница – трета емисија во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 17 септември 2026 година.
Третата емисија на корпоративни обврзници ТТК Банка ја реализираше во септември 2025 година од коишто за кратко време се запишаа и уплатија 100% од понудените 1.000 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од шест години, а во вкупна вредност од 1.000.000 евра и фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво.
Со исплатата на првата годишна камата, ТТК Банка ја реализира првата каматна обврска кон инвеститорите по основ на оваа емисија корпоративни обврзници.
Банки
Стопанска банка и годинава поддржувач на фестивалот „Браќа Манаки“
Стопанска банка АД – Скопје и годинава ја продолжува својата поддршка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој од 19 до 25 септември ќе се одржува во Битола.
Фестивалот, кој веќе 47 години ја слави филмската уметност, традиционално ги собира врвните кинематографери од целиот свет, претставувајќи ги нивната визија, креативност и придонес во создавањето на филмската магија.
Под мотото „На страната на филмот“, Стопанска банка и оваа година е пријател и поддржувач на престижната културна манифестација.

Од Банката ги повикуваат љубителите на седмата уметност од 19 до 25 септември во Битола заедно да ја споделат магијата на филмот.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 1 месецОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





