Криптовалути
Вашето утринско кафе во крипто светот вреди повеќе отколку што мислите – еве зошто!
Митот дека за да се инвестира во биткоин мора да се купи цела монета сѐ повеќе се руши. Денес, благодарение на можноста за фракционално поседување, доволно е износ еквивалентен на цената на една шолја кафе за да се стане сопственик на дел од најпознатата криптовалута во светот.
Имено, еден биткоин може да се подели на 100 милиони единици, познати како „satoshi“ (1 Bitcoin = 100 милиони сатоши). Тоа значи дека секој заинтересиран може да започне со мала инвестиција, без потреба од вложување на големи финансиски средства.
Според Binance, најголемата светска крипто берза, овој пристап ја прави криптовалутата попристапна и го руши митот и впечатокот дека таа е наменета само за богатите или за искусните инвеститори.
„Не мора да поседувате цел биткоин за да бидете дел од крипто економијата. Напротив, секојдневните мали износи можат да бидат прв чекор во разбирањето и користењето на дигиталните средства“, порачуваат од компанијата.
Со оваа практика, криптовалутите стануваат сѐ поприсутни во секојдневниот живот. Малите вложувања нудат можност за учење, за постепено градење на доверба и за учество во еден од најбрзо растечките финансиски сектори.
Експертите предупредуваат дека, како и кај секоја инвестиција, постои ризик и потребна е информираност. Но, почетокот со симболични суми – како цената на едно макијато, им овозможува на многумина да ја почувствуваат крипто економијата без големи ризици.
„Оваа стратегија го отвара крипто светот за широка јавност и ја прави финансиската технологија попристапна и појасна од кога и да е. И сето тоа започнува со тоа што можеби секој од нас го прави секојдневно: уживање во шолја кафе“, велат од Binance.
Берза
Берзите во паника, технолошките акции и криптовалутите во слободен пад, инвеститорите го чувствуваат стравот
Американските акции доживеаа пад по тргувањето во четврток, откако инвеститорите се повлекоа од ризични позиции, што влијаеше и на технолошкиот сектор и на криптовалутите.
„Dow Jones“ изгуби 592,58 поени (-1,20%) и заврши на 48.908,72, додека „S&P 500“ падна за 1,23% на 6.798,40, а „Nasdaq Composite“ се намали за 1,59% на 22.540,59.
Пазарот на криптовалути, исто така, забележа остар пад и од ден на ден добива се поголем интензитет драматично намалувајќи ја пазарната капитализација. Енормна количина на паричен капитал се одлева од овој сектор, а криптовалутите се во слободен пад.
Најголемата криптовалута во светот, биткоинот се спушти под 64.000 долари, пад за повеќе од 12%, достигнувајќи најниско ниво од октомври 2024 година, бришејќи ги речиси сите добивки од растот остварен во претходните неколку месеци. Овие движења покажуваат колку ранливи можат да бидат криптовалутите кога инвеститорите се одвраќаат од ризикот.
Биткоинот и другите алткоини почнаа да доживуваат забележителен пад на пазарот кон крајот на минатата недела. Крипто аналитичарите обезбедија клучни пазарни нивоа што биткоинот треба да ги задржи за да се избегне најлошото. Некои аналитичари рекоа дека задржувањето на 80.000 долари би било клучно, додека други рекоа дека 70.000 долари.
Аналитичарите предупредуваат дека паѓање под тие нивоа, би можело да доведе до понатамошен пад, бидејќи инвеститорите се стремат да ги продадат своите средства.
Во секторот на скапоцени метали, среброто ја заврши дводневната корекција со пад од 16%, по претходниот двојно поголем пад од речиси 30%.
Пазарите покажуваат значителна нервоза, што се одразува и на инвеститорите. Индексот Fear & Greed бележи екстремен страв, дури поголем од оној забележан за време на пост-ковид кризата, што ја потенцира несигурноста и ризиците на сегашните финансиски пазари.
Криптовалути
БИТКОИН ПОД СИЛЕН ПРИТИСОК: негативен почеток на 2026 година и зголемена претпазливост и страв кај инвеститорите
Најпознатата криптовалута биткоинот, продолжува да ја губи атрактивноста кај инвеститорите и влезе во 2026 година со изразено негативен тренд. Водечката криптовалута бележи пад од околу 11% од почетокот на годината и се тргува за речиси 40% под рекордното ниво од октомври 2025 година.
Според податоците на „Bloomberg“, биткоинот се спушти на најниско ниво откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата претседател на САД, продолжувајќи го четиримесечниот пад и практично ги избриша добивките остварени по неговата изборна победа. Цената падна под 74.425 долари, што претставува најниско ниво во 2025 година и најслаба точка од октомври 2024 година.
Техничка слика: негативен тренд на краток и среден рок
Според автоматската техничка анализа на норвешката аналитичка компанија „Investtech“, која е специјализирана за техничка анализа на финансиските пазари преку автоматизирани квантитативни модели и проучување на пазарната психологија, состојбата на биткоин (BTC), заклучно со 4 февруари 2026 година е негативна на краток и среден рок. Криптовалутата се наоѓа во изразен паден тренд, со силно негативен моментум и зголемен песимизам кај инвеститорите.
Иако не се исклучуваат краткорочни корекции нагоре поради препродадени нивоа, доминантниот надолен притисок останува присутен. На долг рок, техничката слика е поблага односно биткоин тестира значајни нивоа на поддршка, кои доколку се пробијат, би можеле дополнително да го влошат сентиментот на пазарот.
Макроекономски и пазарни причини за падот на биткоинот
Падот на биткоин е резултат на комбинација од технички, макроекономски и пазарни фактори. Како ризична актива, биткоин е исклучително чувствителен на каматните стапки, ликвидноста и монетарната политика на САД.
На почетокот на 2026 година, пазарите се соочија со:
- очекувања за порестриктивна монетарна политика на ФЕД,
- зајакнување на американскиот долар,
- ограничена глобална ликвидност.
Овие фактори доведоа до принудни ликвидации на позиции со левериџ и зголемена ценовна нестабилност. Дополнително, геополитичките тензии, регулаторната неизвесност и промените во институционалното учество ја зголемија претпазливоста. Индексите на страв и алчност (fear and greed) сигнализираат изразен страв, што традиционално не оди во прилог на ризичните средства.
Што може да го смени трендот во 2026 година?
Иако краткорочната и среднорочната слика остануваат негативни, аналитичарите оценуваат дека идниот развој ќе зависи првенствено од макроекономските услови. Потенцијално олеснување на монетарната политика, подобрување на ликвидноста и појасна регулаторна рамка би можеле постепено да ја вратат довербата.
Во основното сценарио, пазарот би можел да влезе во фаза на стабилизација и тргување во ограничен опсег, додека во позитивно сценарио, со зголемено институционално учество, се остава простор за повисоки нивоа подоцна во текот на годината. Сепак, ризикот од понатамошна слабост останува реален доколку макропритисоците продолжат.
Порака до просечниот инвеститор: 2026 е година на дисциплина
За просечниот инвеститор, 2026 година носи порака за претпазливост и управување со ризикот. Брзите добивки стануваат поретки, а пазарите наградуваат трпеливост, стратегија и дисциплина, наместо агресивен пристап.
Аналитичките сигнали укажуваат дека:
- ниските цени не мора да значат пазарно дно,
- ризичните средства може подолго да се движат во паден или страничен тренд,
- постепеното вложување и поделбата на капиталот се поразумен пристап од еднократни вложувања.
Во ваква средина, внимателното следење на каматните стапки, ликвидноста и монетарната политика останува клучно за навремено препознавање на евентуален пресврт на трендот.
Криптовалути
НОВ ИСТОРИСКИ МАКСИМУМ – Биткоинот ја надмина границата од 125.000 долари!
Цената на најпознатата криптовалута – биткоинот надмина вредност од 125.000 долари, додека златото се приближи до 4.000 долари за унца, поттикнати од продолженото затворање на американската влада и зголемениот интерес на институционалните инвеститори.
Аналитичарите истакнуваат дека приливите во ЕТФ-фондовите, регулаторната јасност и влезот на големите банки во крипто-секторот го поттикнаа растот на биткоинот, додека довербата во традиционалните финансиски институции ја зголеми побарувачката за злато како сигурна инвестиција.
Во меѓувреме, американскиот долар ослабе, додека берзанските индекси „S&P 500“ и „Nasdaq“ покажаа благо зголемување, демонстрирајќи делумна отпорност на пазарите на политичката неизвесност.
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Продуктипред 2 месециПразници со 0% камата – Мастеркард кредитна картичка од ПроКредит Банка
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Продуктипред 2 месециПразничен промо депозит од ПроКредит Банка – Повеќе добивка за одличен старт на 2026
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст



