Connect with us
no baners

Анализи

Ова се десетте најбогати земји во светот според БДП по жител

Објавено

на

Меѓународните споредби покажуваат дека богатството на една земја не се мери само преку вкупниот бруто домашен производ (БДП), туку и преку БДП по жител, кој се смета за клучен показател за економската сила и животниот стандард. Според најновите податоци од извештајот World Economic Outlook на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), објавен во октомври 2025 година, составена е листата на десетте најбогати земји во светот за 2026 година.

На десеттото место се наоѓа Холандија, со БДП по жител од 77.880 долари, благодарение на стабилниот услужен сектор, силната надворешна трговија и високата продуктивност.

Деветтото место го држи Данска, со 82.710 долари по жител, задржувајќи ја својата позиција од претходната година и позиционирајќи се како една од најбогатите земји во Европската унија.

Соединетите Американски Држави се на осмото место со 92.880 долари по жител. Иако имаат најголем вкупен БДП во светот, по овој критериум се рангирани пониско. Воедно, токму во САД живее најголем дел од најбогатите луѓе во светот.

Норвешка е на седмото место со 96.580 долари по жител, задржувајќи ја својата позиција и стабилниот економски раст.

На шестото место е Сингапур со 99.040 долари по жител. И покрај недостатокот на природни ресурси, оваа град-држава се издвојува како глобален центар за трговија, логистика, финансии и технологија.

Исланд се наоѓа на петтото место со 108.590 долари по жител. По тешката финансиска криза во 2008 година, земјата успеа да се опорави и повторно да се позиционира меѓу најразвиените економии.

Четвртото место ѝ припаѓа на Швајцарија, со БДП по жител од 118.170 долари, позната по силниот банкарски сектор и стабилната економија.

На третото место е Ирска со 135.250 долари по жител. Сепак, овој резултат често се доведува во прашање поради даночните политики што привлекуваат големи мултинационални компании, кои таму пријавуваат високи приходи.

Втора најбогата земја е Луксембург, со 154.120 долари по жител, што е значително повеќе од, на пример, Германија, која со 63.600 долари се наоѓа дури на 19-тото место.

На врвот на листата е Лихтенштајн, со убедливо највисок БДП по жител од 246.740 долари. Оваа мала европска држава својата економска моќ ја темели на високо специјализирана и конкурентна индустрија на глобално ниво.

Анализи

Биткоинот падна под 60.000 долари под притисок од ФЕД, ETF одливите и бумот на вештачката интелигенција

Објавено

на

Биткоинот накратко се спушти под границата од 60.000 долари, достигнувајќи го најниското ниво од крајот на 2024 година, покажува анализата на „Дојче банк“. Според банката, падот е резултат на комбинација од макроекономски фактори и промени на пазарот, при што најголемата криптовалута сè повеќе се однесува како институционална ризична актива отколку како шпекулативна инвестиција водена од малите инвеститори.

Аналитичарите посочуваат три главни причини за распродажбата: очекувањата за поостра монетарна политика на американските Федерални резерви (ФЕД), континуираните одливи од американските спот ETF фондови поврзани со биткоин и пренасочувањето на капиталот кон инвестиции поврзани со вештачката интелигенција.

На состанокот одржан на 18 јуни, ФЕД ги задржа каматните стапки во опсег од 3,50 до 3,75 проценти, но сигнализираше можност за идни зголемувања наместо претходно очекуваните намалувања. Пазарите сега проценуваат дека веројатноста за ново зголемување на стапките до крајот на годината е околу 77 проценти.

Дополнителен притисок врз цената создаваат и ETF фондовите. Според податоците на „Дојче банк“, американските спот ETF фондови за биткоин бележат шест последователни недели на нето-одливи, во вкупен износ од околу шест милијарди долари. Само на 22 јуни одливите достигнале 68,2 милиони долари.

Во меѓувреме, инвеститорите сè повеќе го насочуваат вниманието кон секторот на вештачката интелигенција. Се очекува американските технолошки компании во 2026 година да инвестираат повеќе од 700 милијарди долари во AI инфраструктура, што дополнително ја намалува привлечноста на ризичните вложувања во криптовалути.

Негативно влијание врз расположението на пазарот имаше и одлуката на компанијата Strategy (поранешен MicroStrategy) за првпат од 2022 година да продаде дел од своите биткоин средства. Иако компанијата истовремено продолжи да ги зголемува резервите, потегот предизвика дополнителна неизвесност кај инвеститорите.

Аналитичарите предупредуваат дека нова нестабилност може да предизвика и истекувањето на опциски договори во вредност од 10,6 милијарди долари на берзата Deribit на 26 јуни, како и претстојниот американски извештај за инфлацијата преку индексот на лична потрошувачка (PCE).

Во моментот на објавување на анализата, биткоинот се тргуваше околу 62.600 долари, што претставува дневен пад од 3,5 проценти и повеќе од 50 проценти под рекордното ниво достигнато во октомври 2025 година.

Продолжи со читање

Анализи

НБРСМ: Бруто надворешниот долг достигна 12,94 милијарди евра во првиот квартал

Објавено

на

Бруто надворешниот долг на Северна Македонија на крајот на првиот квартал од 2026 година изнесува 12,943 милијарди евра, што претставува 70,5 отсто од проектираниот БДП, соопшти Народната банка.

Според податоците, во однос на претходниот квартал, бруто надворешниот долг е зголемен за 742 милиона евра, односно за 6,1 отсто. Доколку се изземе влијанието на специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, зголемувањето изнесува 743 милиони евра.

Кварталниот раст, според Народната банка, е резултат на зголемениот јавен долг за 463 милиони евра и приватниот долг за 280 милиони евра. Кај јавниот надворешен долг, растот главно произлегува од зголемувањето на долгот на секторот „држава“ за 498 милиони евра, поради издавањето нова емисија на еврообврзници.

Бруто надворешните побарувања на крајот на првиот квартал изнесуваат 8,139 милијарди евра, или 44,3 отсто од проектираниот БДП, и се зголемени за 523 милиони евра, односно за 6,9 отсто.

Поради поголемото зголемување на обврските во однос на побарувањата, нето надворешниот долг се зголемил за 218 милиони евра и на крајот на март изнесува 4,804 милијарди евра, или 26,2 отсто од проектираниот БДП.

Народната банка наведува дека приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг, со 68 отсто.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција на крајот на март 2026 година изнесува 9,009 милијарди евра, или 49,1 отсто од проектираниот БДП. Во текот на првиот квартал таа е зголемена за 259 милиони евра, како резултат на поголемото зголемување на обврските во однос на средствата.

Продолжи со читање

Анализи

Волстрит под притисок: Nasdaq потона, Micron најголем губитник на денот

Објавено

на

S&P 500 и Nasdaq Composite во вторникот завршија во минус, откако распродажбата на технолошките акции, започната во претходната сесија, дополнително се засили. Притисокот се прелеа и на азиските пазари, каде инвеститорите реагираа на падот на акциите поврзани со мемориски чипови.

Поширокиот пазарен индекс S&P 500 се намали за 1,44 отсто, на 7.365,46 поени, додека технолошкиот Nasdaq загуби 2,21 отсто и затвори на 25.587,04 поени. Dow Jones Industrial Average го заврши денот со пад од 45,87 поени, односно 0,09 отсто, на 51.666,84 поени.

Главните индекси сепак успеаја делумно да се опорават од најниските нивоа во текот на денот. Раст забележаа дел од технолошките акции надвор од секторот на производители на чипови, како Microsoft и Amazon, но и дефанзивните компании Walmart, Procter & Gamble и Johnson & Johnson. Акциите на International Business Machines пораснаа за 5 отсто, откако JPMorgan го зголеми рејтингот на компанијата на „overweight“, додека добивки забележаа и Sherwin-Williams и Merck.

Nasdaq во понеделникот веќе падна за 1,3 отсто, најмногу под влијание на акциите на Alphabet. Потоа распродажбата се прошири и на глобалните пазари, при што јужнокорејскиот индекс Kospi ги предводеше загубите во регионот. Акциите на SK Hynix, водечки производител на мемориски чипови и една од компаниите што ја поттикнуваа инвестициската еуфорија поврзана со вештачката интелигенција во Јужна Кореја, паднаа за повеќе од 12 отсто.

Јужнокорејскиот референтен индекс, кој годинава бележеше раст од 95 отсто, се намали за речиси 10 отсто, додека јапонскиот Nikkei 225 загуби 3,55 отсто, со што беше прекината серијата од осум последователни сесии на раст.

Во САД, силен пад во вторникот забележаа и акциите на Micron Technology. Производителот на мемориски чипови загуби 13 отсто и беше меѓу најголемите губитници на денот. Sandisk исто така падна за 13 отсто, додека Seagate Technology ослабе за повеќе од 5 отсто. Intel се намали за 6 отсто, а Advanced Micro Devices и Qualcomm загубија речиси 6, односно 8 отсто.

State Street Technology Select Sector SPDR ETF (XLK) падна за 4 отсто, додека VanEck Semiconductor ETF (SMH) загуби 7 отсто. Во меѓувреме, SpaceX забележа раст од околу 1 отсто.

Alphabet продолжи да бележи загуби, со пад од 1 отсто. Акциите на компанијата во понеделникот се намалија за 5 отсто поради загриженоста околу заминувањето на истакнати експерти за вештачка интелигенција од компанијата.

„Акциите на компаниите што профитираа од бранот на вештачката интелигенција сега се под притисок на распродажба. Не мислам дека се скапи, но тргувањето со нив стана премногу пренатрупано“, изјави Ендру Слимон, висок портфолио менаџер во Morgan Stanley Investment Management, во емисијата „Squawk Box“ на CNBC.

Според него, ваквата ситуација го привлекла вниманието на momentum трговците, што доведува до остри распродажби како сегашната.

„Би рекол дека ова е здраво“, додаде Слимон, пренесува Seebiz.eu.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange