Connect with us
no baners

Банки

ТТК Банка оствари добивка од 78,1 милиони денари за девет месеци во 2024 година

Објавено

на

Во периодот од 1.1.2024 година до 30.9.2024 година, ТТК Банка АД Скопје дејствуваше во насока на остварување на своите приоритетни цели и задачи дефинирани во Деловната политика и во Финансискиот план на Банката за 2024 годинa.

Преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 117,7 милиони денари, како резултат на остварените оперативни приходи во износ од 421,2 милиони денари и остварените оперативни трошоци во износ од 303,5 милиони денари. Во истиот период, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува 38,6 милиони денари. Финансискиот резултат, заклучно со 30.9.2024 година, изнесува 78,1 милиони денари, што претставува остварување коешто е за 34,2% или 19,9 милиони денари над планираното ниво за крајот од третото тромесечје од 2024 година.

ТТК Банка АД Скопје како активен, стабилен и етаблиран учесник на македонскиот финансиски пазар, на 10.5.2024 година, успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда и го зголеми својот почетен капитал (основна главнина) за износ од 67.587.000 денари.

Вкупниот капитал по извршената скрип емисија на 1.033.173 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари изнесува 1.033.173.000 денари, со што дополнително се зајакна билансот на состојбата на Банката.

Сето ова ја одразува посветеноста на ТТК Банка АД Скопје кон обезбедување иновативни решенија за своите акционери, за создавање дополнителна вредност за нив и посветеност да им обезбеди нови можности и придобивки од нивните инвестиции во Банката на долг рок.

Финансиски остварувања на ТТК Банка

Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2024 до 30.9.2024 година изнесуваат 256,3 милиони денари и бележат пораст од 13,4% во однос на истиот период од претходната година. Порастот, во најголем дел, се должи на зголемените каматни приходи од секторот Банки и Финансиски институции, како резултат на повисоките каматни стапки поставени од монетарната политика на Централната банка при остварен раст и на приходите од камати од секторите стопанство и домаќинства. Нето-приходите од камати во однос на планот за овој период се остварени со 100,7%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 125,4 милиони денари. Најголем придонес во генерирањето на приходите од провизии имаат провизиите од домашниот платен промет, како и провизиите од картичното работење, кои бележат пораст, во најголем дел, заради зголемените приходи од провизии од услугите реализирани преку проширената мрежа банкомати и зголемениот обем на работењето со картичките. Во однос на планот, нето-приходите од провизии се остварени со 89,2%.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 12,2 милиони денари и бележат годишен раст од 7,9%, како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 102,5%.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 13,9 милиони денари и се пониски за 66,7% во однос на минатата година, како резултат, во најголем дел, од помалиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства во тековната година. Во однос на планот се остварени со 72,5%.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 303,5 милиони денари и се за 9,8% повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел, на повисоките трошоци за плати и вработени и трошоци за амортизација. Во однос на планот се остварени со 98,7%.

Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 38,6 милиони денари и таа соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.

Заклучно со 30.9.2023 година, прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 1,1 милиони денари.

Исплатени дивиденди

Во извештајниот период, Банката објави повик за учество на Годишното собрание на акционери. Годишното собрание на акционери на Банката се одржа на 29.3.2024 година. На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датумите на исплата на дивидендата, со којашто се определува исплата на дивиденда за 2023 година.

Дивидендата за 2023 година се исплати дел во акции, преку издавање емисија на акции по пат на приватна понуда наменета за акционерите, и дел во пари (на платежни сметки на акционерите), сразмерно на учеството на нивните акции во дотогашната основна главнина. Висината на бруто-дивиденда по акција изнесува 108,00 денари, односно 10,8% од номиналната вредност на акциите којашто изнесува 1.000 денари.

Банки

Гувернерот Славески: Младите сѐ порано почнуваат да користат финансиски услуги – финансиската едукација мора да биде дел од образованието

Објавено

на

„Младите денес сѐ порано стануваат корисници на финансиски услуги, поради што финансиската едукација треба да биде системски интегрирана во образовниот процес“, истакна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на настан посветен на финансиската едукација во образованието, организиран по повод 15 март – Меѓународниот ден за правата на потрошувачите, од страна на Бирото за развој на образованието.

Според податоците на ОЕЦД, повеќе од две третини од 15-годишниците веќе користат финансиски производи, како што се платежните сметки или платежните картички, што ја нагласува важноста од нивното навремено финансиско едуцирање. Гувернерот посочи дека во услови на брз технолошки развој, дигитализација на финансиските услуги и сè посложените финансиски производи, финансиската писменост станува неопходна вештина за секој човек. Оттука, образовните системи сè повеќе треба да ја препознаваат финансиската едукација како важен дел од наставниот процес, бидејќи таа не претставува само дополнително знаење, туку основа за одговорно и свесно управување со личните финансии.

Народната банка постојано спроведува бројни активности за унапредување на финансиската писменост, насочени кон учениците и студентите, како и кон пошироката јавност. Во изминатите години се одржани бројни едукативни предавања, изработени се печатени и електронски материјали, видеосодржини и едукативни игри, како и активности преку социјалните мрежи.

Гувернерот најави дека, и оваа година, Народната банка со повеќе едукативни активности ќе ја одбележи Глобалната недела на парите, насочена кон подигнување на финансиската свесност кај младите.

Гувернерот Славески посочи дека финансиската едукација е важна, но самата по себе не е доволна за да им овозможи на граѓаните поефикасно управување со доходите, поголема финансиска сигурност и подобро планирање на иднината, поради што Народната банка, во соработка со банките, ќе иницира и конкретни измени во финансискиот систем со цел тој да стане поправичен и посеопфатен. За таа цел, до Министерството за финансии веќе е поднесена иницијатива за измени во Законот за платни системи и платежни услуги, со која се предлага проширување на опфатот на платежната сметка за основни функции, што ќе овозможи пониски трошоци и бесплатни основни трансакции за граѓаните. Исто така, заедно со банките ќе се разгледа и можноста за воведување посебна штедна сметка за вонредни потреби, со стимулативни услови, т. е. со цел да се поттикне создавање финансиска резерва кај граѓаните и да се зајакне културата на штедење.

Продолжи со читање

Банки

Шпаркасе Банка со поддршка на финансиската писменост: бесплатни курсеви на платформата vibeonedu.mk по повод Неделата на парите

Објавено

на

Неделата на парите е глобална иницијатива која има за цел да ја подигне свеста за важноста на финансиската писменост кај младите и да ги поттикне навреме да стекнат знаења за управување со личните финансии. Токму оваа иницијатива потсетува дека разбирањето на основните финансиски концепти како планирање на буџет, штедење, инвестиции и користење на современи банкарски услуги е една од најважните животни вештини што може да се развие уште во младоста.

Во рамки на оваа тема, младите и сите заинтересирани граѓани можат да ги подобрат своите знаења преку платформата vibeonedu.mk, која претставува прва платформа за финансиска едукација во Македонија. На платформата се достапни бесплатни курсеви кои на едноставен и интерактивен начин објаснуваат како се планира личен буџет, како да се штеди поефикасно и како функционираат инвестициите, кредитите и дигиталното банкарство.

Целта на платформата е да им помогне на корисниците да донесуваат подобри финансиски одлуки и да изградат стабилна основа за управување со личните финансии во иднина.

Платформата vibeonedu.mk е достапна на три јазици – македонски, англиски и албански јазик, што овозможува поширока достапност на финансиската едукација за младите и за сите заинтересирани корисници.

Повеќе информации за курсевите и содржините може да се најдат на www.vibeonedu.mk.

Продолжи со читање

Банки

Приспособи ја ратата според твојот буџет со новиот потрошувачки кредит на Шпаркасе Банка

Објавено

на

Шпаркасе Банка им нуди на клиентите потрошувачки кредит до 2.400.000 денари со каматна стапка од 4,9% и флексибилни рати преку моделот „Рати по твој избор“.

Со ова решение, клиентите можат однапред да го прилагодат износот на месечната рата според своите финансиски обврски, сезонски трошоци или лични приоритети.

Дополнителна предност е што поволната каматна стапка од 4,9% е достапна при користење пакет-понуда која вклучува Visa кредитна картичка и дозволено пречекорување по платежна сметка, со што клиентите добиваат комплетно и интегрирано банкарско решение за управување со своите финансии.

Кредитот е наменет за нови планови, реновирање, патување или другите значајни животни чекори.

Рати по твој избор – само во Шпаркасе Банка.

За повеќе информации, посетете ја најблиската експозитура, контактирајте го Сервисниот центар на бројот 02 15 050 или информирајте се преку официјалната веб-страница на Банката – www.sparkasse.mk

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange