Connect with us

Банки

Стопанска банка а.д. Битола продолжува како и во изминатите 76 години – стабилно и сигурно!

Објавено

на

Стабилноста и сигурноста на Стопанска банка а.д. Битола е на највисоко ниво, а депозитите на населението и правните лица и на населението постојано растат, изјавија од Битолската банка за првпат откако понудата за преземање што им беше дадена од Комерцијална банка АД Скопје беше прогласена како неуспешна.

“Согласно добиеното Решениe од Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија бр. УП 1/РА1 10-66 од 27.9.2024 година, а во врска со понудата на Комерцијална банка АД Скопје за преземање на акции издадени од Стопанска банка а.д. Битола, ги известуваме клиентите и пошироката јавност дека истата се утврдува за нeуспешна, а Банката продолжува да функционира како самостоен правен субјект, како и до сега, со сите редовни активности.” – се вели во соопштението.

Стабилноста и сигурноста на Стопанска банка а.д. Битола е на највисоко ниво, а депозитите на правните лица и населението се сигурни и постојано растат.

Банката има исклучително силна капитална и ликвидносна позиција, што претставува сидро на стабилноста за понатамошните активности.

 Стапката на адекватност на капиталот, којашто е мерка за солвентноста на банката тековно изнесува 26,1% (на крајот од вториот квартал на 2024 година беше 24,57%). За споредба, стапката на адекватност на капиталот на крајот на вториот квартал на годината на ниво на банкарски систем изнесуваше 19,04%, а кај групата на мали банки изнесуваше 20,82%. Ова е доказ дека банката има висок износ на капитал и резерви, усогласени и надфрлени од капиталните барања на Народната банка и од оние на ниво на банкарски систем. 

Воедно, ликвидноста на банка, којашто е мерка за редовното сервисирање на обврските, е висока. 

Учеството на високо ликвидна актива во вкупната актива тековно изнесува 40%, што е двојно повисоко од нивото на банкарскиот систем од 21% (со Кв.1 2024 година). Редовната исплата на сите обврски се одвива непречено. Населението продолжува да штеди и да ги орочува своите заштеди во банката, а кредитирањето кое се одвиваше со намалено темпо, ќе се засили во наредниот период. 

Сите финансиските показатели на Стопанска банка а.д. Битола укажуваат на сигурност и стабилност во работењето, а заклучно со 30.6.2024 година Банката оствари позитивен финансиски резултат од 51,01 милион денари што е значајно подобрување во однос на 30.6.2023 година кога Банката оствари загуба од 53,69 милиони денари. Воедно со 30.6.2024 година е остварен позитивен оперативен резултат од 75,92 милиони денари што покажува позитивно оперативно работење на Банката.  

Подетални информации за финансиските перформанси на Банката со последен квартал 30.6.2024 година се објавени на СЕИ-Нет на Македонска берза АД Скопје на следниот линк SEI Net V2.

Од банката се заблагодаруваат на своите клиенти за досегашната укажана доверба и соработка која ќе продолжат да ја негуваат.  

Банки

Развојната банка и ЕИБ разговараа за нови кредитни линии за поддршка на македонските компании

Објавено

на

Проширување на финансиската поддршка за малите и средни претпријатија, зелената транзиција, дигитализацијата и женското претприемништво биле главните теми на средбата меѓу претставници на Развојната банка на Северна Македонија и Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Членовите на Управниот одбор на Развојната банка на Северна Македонија, д-р Ефимија Димовска и Бесим Небиу, оствариле средба со заменик-претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Грот, на која разговарале за продолжување и унапредување на меѓусебната соработка.

На средбата била потврдена долгогодишната успешна соработка меѓу двете финансиски институции, во чии рамки досега се реализирани бројни проекти насочени кон поддршка на малите и средни претпријатија и поттикнување на развојот на домашната економија.

Посебен акцент во разговорите бил ставен на можностите за воведување нови поволни кредитни линии, со кои би се обезбедила дополнителна финансиска поддршка за македонските компании. Како приоритетни области биле посочени финансирањето на зелената транзиција, дигиталната трансформација и поттикнувањето на женското претприемништво.

Дополнително, се разговарало и за можноста Европската инвестициска банка да обезбеди техничка помош, со цел полесно идентификување, подготовка, развој и реализација на квалитетни проекти што би придонеле за економскиот раст.

Од Развојната банка истакнуваат дека Европската инвестициска банка останува еден од нејзините најзначајни стратешки партнери и дека соработката ќе продолжи во насока на создавање поповолни услови за финансирање на домашниот бизнис-сектор.

Во фокусот на заедничките активности и натаму ќе бидат малите и средни претпријатија, кои имаат клучна улога во обезбедувањето долгорочен и одржлив раст на македонската економија.

Продолжи со читање

Банки

Странскиот капитал учествува со 82,1% во македонските банки: Како се менува капиталната структура на секторот?

Објавено

на

Македонскиот банкарски сектор останува доминантно во странска сопственост, при што последните објавени показатели на Македонската банкарска асоцијација покажуваат дека учеството на странскиот капитал во вкупниот банкарски капитал на крајот од јуни 2026 година изнесувало 82,1 процент.

Во споредба со истиот период минатата година, кога учеството изнесувало 80,47 проценти, станува збор за зголемување од 1,63 процентни поени.

Истовремено, вкупниот капитал и резервите на банкарскиот сектор се зголемиле од 114,95 милијарди денари на крајот од јуни 2025 година на 130,75 милијарди денари една година подоцна.

Тоа претставува зголемување од приближно 15,8 милијарди денари, односно околу 13,7 проценти, што покажува дека капиталната основа на банкарскиот сектор расте паралелно со неговата актива.

Високото учество на странскиот капитал е важна структурна карактеристика на домашното банкарство. Голем дел од банките работат како дел од меѓународни финансиски групации, што може да обезбеди пристап до експертиза, технологии и развиени системи за управување со ризици.

Сепак, странската сопственост сама по себе не претставува гаранција за подобра финансиска успешност или пониски трошоци за клиентите. За таква проценка потребно е да се споредат профитабилноста, капиталната адекватност, квалитетот на кредитите и оперативната ефикасност на поединечните банки.

Дополнително, промените во сопственичката структура можат да произлезат од докапитализации, трансакции со акции и други корпоративни активности, поради што зголемувањето на процентуалното учество на странскиот капитал не треба автоматски да се толкува како влез на нов странски инвеститор.

Во октомври 2026 година, на домашниот пазар се актуелни и капиталните активности на поединечни банки. Силк Роуд Банка неодамна реализираше нова емисија акции во вредност од приближно 3,57 милиони евра, додека претходно беше објавена и намерата на австриската Штаермеркише Шпаркасе групација за преземање на УНИ Банка.

Овие активности се различни по својата природа. Докапитализацијата претставува зголемување на капиталот на постојна банка, додека преземањето се однесува на промена на контролата врз сопственоста и може да биде условено со регулаторни одобренија.

Од аспект на финансиската стабилност, најважно е дека банкарскиот сектор на крајот од јуни 2026 година имал стапка на адекватност на капиталот од 19,52 проценти, што претставува значајна капитална основа за покривање на ризиците.

За домашниот пазар, идните промени во сопственичката структура ќе бидат важни не само од аспект на концентрацијата, туку и поради нивното потенцијално влијание врз конкуренцијата, цените на банкарските услуги и достапноста на финансирањето.

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Банки

НЛБ успешно ја утврди цената на новите субординирани обврзници од ред 2 (Tier 2)

Објавено

на

НЛБ успешно го заврши процесот на прибирање понуди од инвеститорите за нови субординирани обврзници од ред 2 (Tier 2), во вкупен износ од 400 милиони евра, со што дополнително ја зајакнува својата капитална позиција и ги поддржува амбициите за раст на Групацијата. Трансакцијата предизвика голем интерес кај широк круг институционални инвеститори, при што побарувачката за обврзниците во својот највисок момент беше 2,3 пати поголема од понудениот износ.

Во понудата учествуваа глобални и регионални инвеститори, вклучувајќи друштва за управување со средства, пензиски фондови, осигурителни компании, финансиски институции и други инвеститори. Според географската распределба, инвеститорите потекнуваа од Франција (32%), Обединетото Кралство (20%), Германија (15%), земјите од Бенелукс (12%), Словенија (3%) и други пазари.

„Оваа трансакција уште еднаш ја потврдува позицијата на НЛБ како редовен и доверлив издавач на пазарите на капитал, со постепено зголемување на износите на емисиите на обврзници (овие обврзници претставуваат најголема емисија на субординирани обврзници на НЛБ досега), и ја одразува силната доверба на инвеститорите во идниот потенцијал на нашето работење. Нашата Групација е добро подготвена за следната фаза на раст“, истакна Арчибалд Кремсер, главен финансиски директор на НЛБ.

„Силната побарувачка од инвеститорите, особено во услови на предизвикувачко пазарно опкружување, испраќа јасна порака за довербата во НЛБ Групацијата и стратегијата што ја спроведуваме. Изградивме силна, профитабилна и отпорна регионална банкарска групација, цврсто втемелена во нашиот матичен регион. Оваа трансакција го поддржува понатамошниот раст на Групацијата и нашите амбиции за спојувања и преземања“, посочи Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.

Се очекува обврзниците да бидат издадени на 20 октомври 2026 година, со датум на достасување на 20 октомври 2036 година, при што издавачот има право на предвремен откуп на 20 октомври 2031 година.

Каматата на обврзниците ќе се пресметува по годишна каматна стапка од 5,232%. На обврзниците им е доделен кредитен рејтинг Baa2 од страна на агенцијата Moody’s Ratings.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange