Банки
Стопанска банка а.д. Битола оствари добивка во износ од 42,69 милиони денари во првите 9 месеци од 2024 година
Стопанска банка а.д. Битола, заклучно со третиот квартал од 2024 година го продолжи трендот на остварување позитивни финансиски резултати. И понатаму фокусот на работењето на Банката беше ставен врз остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2024 – 2026 година, приспособувајќи го своето работење на промените во домашните економски услови, модерните банкарски текови и глобалните пазарни случувања.
Финансиски перформанси на Банката
Во првите девет месеци од тековната година, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат, односно добивка во износ од 42,69 милиони денари, што претставува значајно подобро остварување споредено со истиот период од минатата година, кога работеше со загуба од 122,54 милиони денари. Позитивниот финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 100,28 милиони денари), засилената активност за наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година.
Нето-приходите од камати бележат зголемување за 11,54 милиони денари, односно 3,44% во однос на остварувањето од минатата година. Приходите од камати се повисоки за 25,34 милиони денари, односно 5,88%, додека расходите за камати бележат годишно зголемување од 13,80 милиони денари, односно 14,35% во услови на засилено штедење на населението во Банката, коeшто започна уште во 2023 година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 77,83 милиони денари и се пониски за 19,24 милиони денари, односно за 19,82% споредено со остварувањето од истиот период од минатата година, што главно се должи на зголемените тарифи на добавувачите на услуги на Банката.
Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 14,66 милиони денари и пониски за 2,93 милиони денари, односно 16,64% споредено со истите од минатата година.
Останатите приходи од дејноста се повисоки за 1,30 милиони денари односно, 6,87% споредено со периодот 1.1.2023-30.9.2023 година поради остварени поголеми капитални добивки од продажба на преземен имот.
Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа во периодот 1.1.2024 – 30.9.2024 година е значително пониска споредено со истиот период од 2023 година, и тоа за 61,61%. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа изнесува -6,56 милиони денари, што во целост произлегува од оштетување за преземениот имот.
Трошоците за вработените бележат намалување од 5,99 милиони денари, односно за 4,06% споредено со претходната година, што главно се должи на раст на продуктивноста на вработените и оптимизација на трошоците. Исто така, активностите за оптимизација на трошоците резултираа и со годишно намалување на останатите расходи од дејноста за 20,13 милиони денари, односно 13,08%, додека амортизацијата е пониска за 7,87 милиони денари односно 15,59%.
Одразувајќи ги движењата на приходни и расходни билансни позиции, Банката во периодот 1.1.2024 – 30.9.2024 година оствари одлични ликвидносни и капитална показатели. Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 30.9.2024 година изнесува 26,35%, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 41,39% и истите се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор. Силната капитализираност и ликвидност на Банката претставуваат главен предуслов за
одржување на долгорочна финансиска стабилност и идно успешно работење.
Очекувања за претстојниот период
Приспособувајќи го своето работење на деловната клима и потребите на клиентите, Банката и во претстојниот период ќе ги презема неопходните мерки и активности за реализирање на поставените стратегиски и деловни цели од Деловната политика, развојниот и финансискиот план. Воедно, со своето работење во целост останува насочена кон задоволување на потребите на клиентите преку понуда на иновативни производи и услуги со фокус на понатамошна дигитализација во работењето, умерен раст на кредитната активност при истовремено интензивирање на активностите за
наплата на нефункционални кредити, континуирано следење на редовното портфолио
и одржување на оптимално ниво на депозитен потенцијал, како од аспект на ликвидност
така и од аспект на профитабилност во работењето, со што ќе се создадат неопходните предуслови за генерирање на позитивни финансиски резултати при прифатливо ниво на ризик.
Банки
Гувернерот Славески: Инфлацијата ќе се движи по патека на надолно приспособување и ќе има натамошен економски раст со солидно закрепнување
„Домашната економија досега покажува релативна отпорност на светските ризици и ќе бележи солидно закрепнување и во наредниот период. Ваквите позитивни трендови се очекуваат и годинава, заедно со постепеното закрепнување на економиите на нашите најзначајни трговски партнери, како и засиленото остварување на инфраструктурните инвестиции во земјава“. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во изјава за бизнис-магазинот „Економија и бизнис“, нагласувајќи дека јавните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, како и инфраструктурните проекти на локално ниво, ќе имаат важна улога во поддршката на економскиот раст.
Гувернерот Славески посочи дека значителен придонес кон економската активност ќе имаат и приватните инвестиции, особено во производствениот и енергетскиот сектор, поттикнати од солидниот прилив на странски директни инвестиции. Умерениот раст на расположливиот доход на домаќинствата, заедно со стабилната кредитна активност на банките, ќе обезбеди солидна лична потрошувачка. Покрај ова, постепената стабилизација на економиите на надворешните партнери и поповолните услови на размена би довеле до закрепнување на извозот на стоки и услуги, со што ќе се зајакнат позитивните економски движења.
„Сите овие фактори упатуваат на добри изгледи за годинава, со очекуван економски раст од околу 4%. Инфлацијата ќе се движи по патека на надолно приспособување и се очекува дека ќе се сведе на 2,5% годинава, по што постепено ќе се врати на својот историски просек од околу 2%“, истакна гувернерот Славески, посочувајќи дека главните фактори за ваквите очекувања се поволните движења на светските цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка. Натамошната стабилизација на надворешната позиција на економијата ќе обезбеди дополнителен девизен потенцијал и соодветно ниво на девизни резерви, неопходни за одржувањето на стабилноста на домашната валута. Гувернерот истакна дека високата светска променливост и неизвесност и понатаму постојат. Народната банка внимателно ќе ги следи економските остварувања со цел да ја зачува ценовната и финансиската стабилност, а воедно и за да обезбеди поддршка за одржлив економски раст во наредниот период.
Банки
Предности и поволности на новата Халки картичка за деца
Сите деца на возраст од 9 до 15 години сега може да имаат своја банкарска картичка која ќе им помогне да научат одговорно да располагаат со парите и да штедат, но и да им се најде во ситуации кога итно им требаат пари, а родителите не се дома. Првата картичка за деца во земјава, која ја воведе Халкбанк пред неколку недели, е корисно и практично решение и за најмалдите и за нивните родители.
Дебитната картичка Халки може да се добие преку брза и едноставна процедура во која било филијала на Халкбанк во Македонија со присуство на двајцата родители/старатели. Таа овозможува низа предности и поволности за брзи, едноставни и безбедни трансакции преку интернет и во малопродажба. Особено е важно што, за разлика од користењето готовина, родителите имаат целосна контрола колку средства троши нивното дете и за која намена.
Во продолжение наведуваме дел од главните карактеристики на Mastercard Junior
картичката на Халкбанк наменета за деца на возраст од 9 до 15 години.
- Нула денари трошоци за отворање, водење и одржување сметка
- Бесплатни СМС известувања за родителот/старателот за секоја трансакција
- Можност за одредување лимит на дневна сума на платежната картичка
- Повлекување готовина без надоместок од сите банкомати во земјата и странство
- Бесплатен трансфер на средства од сметката на родителот на сметката на детето
- Можност за дигитализирање на картичката на Apple Pay/Google Pay/Fidesmo Pay
- Без надоместок за издавање на платежната картичка до 31.03.2026 година
Еден од најголемите бенефити од користењето сопствена картичка е поттикнувањето финансиска писменост на децата. На овој начин тие може да научат како да располагаат со месечен буџет, да штедат, да плаќаат безбедно на интернет и генерално како одговорно да ги трошат финансиските средства.
Исто така, поседувањето картичка овозможува префрлање пари од сметката на родителот на сметката на детето за само неколку минути. Ова е особено корисно кога родителот е на работа или на патување, а на детето итно му требаат пари за некоја намена или кога едноставно заборавило да понесе готовина со себе.
Во време на дигитализација и брз начин на живот, Халки картичката за деца е иновативно и корисно решение креирано за специфичните потреби и на децата и на родителите. Халкбанк постојано работи и инвестира во зголемување на финансиската писменост на децата, а оваа активност е дел токму од тие напори на банката.
Банки
Естонската групација Иуте го доби државниот тендер во Украина за основање на дигитална банка
Групацијата Иуте – дигитална банкарска групација основана во Естонија под чијашто капа работи Иуте Македонија, го доби државниот тендер во Украина за преземање на средства и депозитни обврски на RWS Bank Украина, банка со повеќе од 30 години историја која во минатото беше дел од Swedbank групацијата, со што официјално го означува својот влез на украинскиот пазар и отпочнување на процесот за основање целосно дигитална банка, по официјалното регулаторно одобрување кое следи наскоро.
IuteBank ќе биде основана како целосно лиценцирана дигитална банка, изградена од темел и под супервизија на Народната Банка на Украина. Вкупната инвестиција на Иуте во Украина ќе изнесува 15 милиони евра.
Финализирањето на трансакцијата, вклучително и преносот на околу 13.000 клиенти, ќе биде спроведено по финалното одобрување од Народната банка на Украина, кое се очекува до крајот на месецов.
Според Извршниот директор на групацијата, Тармо Силд, овој чекор е дел од долгорочната стратегија на групацијата за поставување на темелите на дигитална банка, при што географската експанзија претставува природна еволуција на бизнисот.
„Влезот во Украина се темели на нашата доверба во иднината на земјата и нејзината интеграција во европскиот економски простор. Украина ја гледаме како значајна можност за раст – и за Иуте и за Европа. Војната ја трансформираше земјата во еден од најдигитализираните финансиски пазари, со шеста најголема популација во Европа и со значајна промена во националниот менталитет. Верувам дека Украина ќе го предводи растот во следните пет години, благодарение на храброста на нејзиниот народ,“ изјави Силд.

„IuteBank ја градиме од почеток – преземаме внимателно селектирани средства и соодветни депозитни обврски од RWS Bank. Овој пристап резултира со ниска почетна актива, под 10 милиони евра,“ појасни Силд.
Новата банка ќе работи под името IuteBank и ќе биде под супервизија на Народната Банка на Украина, со целосна банкарска лиценца што овозможува нудење на основни банкарски услуги за физички и правни лица, вклучувајќи сметки, картички, депозити, кредити, плаќања, девизно работење, како и готовински и клиринг услуги.
IuteBank ќе ја предводи Артур Муравицки, искусен банкарски професионалец од Украина со повеќе од 22 години искуство во финансискиот сектор. Според Муравицки, фокусот е на изградба на целосно дигитална банка уште од првиот ден.
„Следните чекори вклучуваат докапитализација на банката, формирање на клучниот тим и исполнување на сите барања на Народната Банка на Украина за започнување со редовно работење. Од самиот почеток, процесот е поддржан од Фондот за гарантирање на депозити и од Националната банка на Украина, чија соработка беше од суштинско значење за напредокот на проектот,“ изјави Муравицки.

Во првата година, фокусот ќе биде ставен на лансирање на дигиталната апликација и клучните финансиски производи, како и на иницијално привлекување клиенти. Во следната фаза, банката ќе се насочи кон еволуирање на бизнисот, зголемување на обемот и проширување на понудата на производи и услуги.
Иуте нагласува дека експанзијата во Украина се спроведува со истата дисциплина во управувањето со ризикот, како и на сите други пазари на кои групацијата е присутна.
„Ризиците во Украина ги третираме на ист начин како и во секоја друга земја. Поставивме внатрешен праг според кој вкупната инвестиција во Украина нема да надмине 15 милиони евра, сè додека не се постигнат одредени прагови на приходи и профитабилност и додека не заврши војната. За 2026 година, очекуваме нето-загубата на банката да не надмине 3 милиони евра,“ додаде Силд.
Започнува ново поглавје за групацијата Иуте и сите земји подружници.
-
Продуктипред 2 месециНова поволност со HalkEZ пакетот за млади: Бесплатни FitKit кредити за секој нов корисник
-
Продуктипред 1 месецГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Продуктипред 2 месециПоволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба дазнаете?
-
Продуктипред 1 месецХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Анализипред 2 месециМинималецот во Македонија далеку зад регионот – синдикатите бараат итни реформи
-
Осигурувањепред 1 месецКЗК “удри” по осигурителните компании: Над 17 милиони денари казни за картелско однесување
-
Продуктипред 1 месецПразници со 0% камата – Мастеркард кредитна картичка од ПроКредит Банка
-
Интервјуапред 1 месецИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите





