Connect with us
no baners

Банки

Народна банка: Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања

Објавено

на

Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.

Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето.

Засилената автентикацијаму овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.

Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.

Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците.

Банки

Народната банка го објави Конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2027 година

Објавено

на

Народната банка го објави Конкурсот за доделување на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2027 година. Наградата се доделува со цел да се поттикне развојот на научната мисла и изработката на истражувачки трудови од областа на макроекономијата, банките и банкарските системи, како и да се афирмираат млади и стручни кадри.

Право на учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество.

Трудот со кој се конкурира треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празни места (без фусноти, прилози, графикони, табели, апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување.

Авторите можат да конкурираат и со труд којшто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2025 година. При поднесувањето на веќе објавен труд, потребно е да се наведе кога и каде е објавен.

Трудовите се доставуваат по електронски пат, во форматот „Word“, на електронската адреса: [email protected], со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Еден автор може да поднесе само еден труд. Трудовите може да бидат напишани на македонски, албански или англиски јазик.

Трудовите ќе се оценуваат според повеќе критериуми, меѓу кои се релевантноста на истражуваното подрачје за македонскиот контекст, квалитетот на освртот на литературата, јасноста на дефинирањето на проблемот и целите на истражувањето, соодветноста на анализата и применетите методи, како и квалитетот на заклучоците и препораките.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2027 година.

Наградата е во парична форма. За првонаградениот труд се доделува награда во износ од 130.000 денари, а за второнаградениот труд наградата изнесува 65.000 денари.

Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.

Продолжи со читање

Банки

Девизните резерви достигнаа 5,21 милијарди евра на крајот од мај

Објавено

на

Девизните резерви на државата на крајот од мај 2026 година изнесувале 5,21 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Според структурата на резервите, најголем удел имаат вложувањата во хартии од вредност, кои сочинуваат 68,5 проценти од вкупните девизни резерви. Монетарното злато учествува со 16,6 проценти, додека валутите и депозитите имаат удел од 14,9 проценти.

Девизните резерви претставуваат важен показател за финансиската стабилност на земјата и нејзината способност да одговори на надворешни економски предизвици.

Продолжи со читање

Банки

Унапредувањето на институционалната соработка во фокусот на средбата меѓу гувернерот Славески и гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг

Објавено

на

Во рамките на меѓународниот симпозиум во организација на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина, одржан во Шангај, гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, на покана на гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг, оствари билатерална средба со својот кинески колега.

За време на средбата беа разменети мислења за актуелните светски економски и финансиски текови, како и за предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на засилена неизвесност во меѓународното окружување. Воедно, беа споделени искуства поврзани со спроведувањето на монетарната политика и зачувувањето на финансиската стабилност.

Во рамките на разговорите им беше посветено внимание на трговските и на финансиските односи меѓу двете земји, при што беа разгледани и можностите за нивно понатамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка. Притоа, беше нагласена долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, како и подготвеноста на Народната банка за натамошно засилување на дијалогот и размената на искуства со Народната банка на Кина.

Исто така, соговорниците се осврнаа на можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, како и јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики.

Славески и Гонгшенгсе согласија дека постои потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете централни банки.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange