Connect with us
no baners

Банки

Revolut ќе отвори нова централа во Париз и ќе креира 400 нови работни места

Објавено

на

Финтек компанијата Revolut најави значително проширување на своето присуство во Европа преку отворање на нова регионална централа во Париз, креирање на 400 нови работни места и аплицирање за француска банкарска лиценца. Оваа стратегија е дел од планот на компанијата за инвестиции во вредност од над една милијарда евра во Франција во наредните три години.

Новата централа во Париз ќе служи како хаб за Западна Европа и ќе ги покрива операциите на Revolut во Франција, Германија, Шпанија, Италија, Португалија и Ирска. Одлуката за формирање на штаб во Франција е поткрепена со силниот раст на францускиот пазар, каде Revolut има повеќе од пет милиони корисници, и со поддршката од локалните институции.

Во рамки на проширувањето, компанијата планира да вработи најмалку 200 луѓе само во Франција, зголемувајќи го вкупниот број на вработени во земјата на над 500. Дополнително, се предвидува трансфер на околу 600 постојни вработени од други земји во Франција, со фокус на сектори како што се корисничка поддршка, развој на производи и кредитни услуги. Новите вработувања ќе бидат распределени и во останатите западноевропски пазари.

Revolut веќе поседува банкарска лиценца од Литванија, која ѝ овозможува да нуди основни банкарски услуги низ ЕУ. Меѓутоа, добивањето на француска банкарска лиценца би ѝ овозможило на компанијата да понуди поширок спектар на производи, како што се хипотекарни кредити, оврдрафт, инвестициски производи и мобилни услуги специфични за францускиот пазар.

Компанијата исто така најави назначување на Беатрис Коса-Думургиер, поранешен член на управни одбори на Сосиете Женерсл и БНП Парибас, за извршен директор на новата западноевропска централа. Таа ќе ја води експанзијата во регионот и ќе ја предводи комуникацијата со француските регулатори.

Со отворањето на регионална централа во Франција и поднесувањето апликација за локална банкарска лиценца, Revolut испраќа јасен сигнал за своите долгорочни намери на европскиот пазар и зајакнување на своето позиционирање како конкурентен играч во банкарскиот сектор. Оваа стратегија е исто така дел од поширокиот напор за подобро усогласување со регулаторните барања и за поддршка на растот на клиентската база, која само во Франција се очекува да достигне 10 милиони до 2026 година.

Останува да се види дали францускиот регулатор, ќе ја одобри лиценцата, но засега Revolut демонстрира решителност за продлабочување на своето присуство на еден од клучните европски пазари.

Банки

Германски банкарски гигант предвидува дека цената на златото ќе надмине 6.000 долари за унца до крајот на годинава!?

Објавено

на

„Deutsche Bank“ се приклучи на водечките финансиски институции на Волстрит кои ги ревидираат нагоре своите прогнози за цената на златото, во услови на силен и продолжен раст на овој благороден метал.

Германската банка објави дека ја зголемува својата прогноза за цената на златото на 6.000 долари за унца до крајот на годината, што претставува раст од 28% во однос на претходната проценка. Со ова, „Deutsche Bank“ се изедначува со прогнозата на „Société Générale“, додека „Goldman Sachs“ и „Morgan Stanley“ исто така неодамна ги зголемија своите ценовни прогнози.

Според аналитичарите на „Deutsche Bank“, клучната поента не е само повисоката целна цена, туку причините зад растот на златото.

„Кои се историските лекции што можат да се научат од претходните зголемувања на цената на златото и дали денешните мотиви на инвеститорите се разликуваат од оние во минатото?“, прашува аналитичарот Мајкл Хсју од Сингапур. Аналитичарите посочуваат дека во две третини од случаите на нагло поскапување на златото, цената продолжила да расте во наредните 6 до 12 месеци.

Анализата покажува дека, за разлика од 1980-тите години, денешните двигатели на растот се структурни, а не привремени. Меѓу нив се издвојуваат: централните банки ја намалуваат изложеноста поради страв од замрзнување на странски средства, зголемена побарувачка за недоларски и реални средства, како и долгорочните проекции за раст на јавниот долг во голем број економии во светот.

Фјучерсите на златото во вторникот се тргуваа стабилно, околу 5.077 долари за унца, по импресивен раст од 83% во последните 52 недели.

Позитивниот став на „Deutsche Bank“ и ревидирање на очекувањата има и за среброто, за кое банката ја зголеми прогнозата за 71 проценти односно на 100 долари за унца. Аналитичарите наведуваат дека од декември е забележан нов инвестициски прилив и дека е можно суверените фондови или централните банки да започнале алокации во сребро, што не мора јавно да биде објавено.

Дополнителен поттик за побарувачката за сребро доаѓа од:

  • напорите на Кина целосно да ги опфати со даноци офшор-инвестициите,
  • планот на Централната банка на Индија да дозволи среброто да се користи како колатерал за кредити.

Иако фјучерсите на среброто во вторникот паднаа за 3%, цената на овој метал бележи раст од дури 262% на годишно ниво.

Пораката од аналичарите на „Deutsche Bank“ е дека структурно повисокиот геополитички ризик ќе продолжи да ги поддржува повисоките цени на суровините, а со тоа и златото и среброто кои се сметаат за сигурно прибежиште на инвеститорите за заштита на капиталот.

Продолжи со читање

Банки

Кристијан Василевски – пример за лидерство и посветеност во банкарството и спортот

Објавено

на

Кристијан Василевски, раководителот на Експозитурата Ѓорче Петров во НЛБ Банка АД Скопје е пример за успешен баланс меѓу професионалниот и спортскиот живот. Со девет години работно искуство во банкарството, неговата посветеност, професионалност и лидерски способности секојдневно се одразуваат во резултатите што ги постигнува со својот тим.

Освен во банкарството, Кристијан е активен и на спортската сцена. Од најмали години се занимава со ракомет, настапувајќи за клубовите Бутел Скопје, Вардар, Тинекс Пролет, Работнички и Преспа. Како дел од РК Бутел Скопје, тој настапи и на европската сцена во EHF Cup во сезоната 2019/20 и EHF European League во сезоните 2020/21 и 2022/23..

Во спортот, Кристијан се истакнува како пивот и централна точка во одбраната, потврдувајќи ја дисциплината, посветеноста и високите стандарди што ги применува и во професионалниот живот. Меѓу неговите најзначајни успеси се: шампионската титула во младинска категорија со РК Вардар, седум настапи за младинската репрезентација на Македонија, како и изборот за најдобар ракометар на четвртото коло во Супер машката лига 2021, кога се најде пред големи имиња од светската ракометна сцена.

Кристијан е лиценциран ракометен тренер со трета категорија, со искуство како тренер на пионерската екипа и помошник тренер во првиот тим на РК Бутел. Неговиот следен професионален предизвик е да се стекне со реномираната европска лиценца Master Coach.

Од НЛБ Банка го истакнуваат како пример за професионалец кој успешно ги спојува дисциплината и тимската работа, како во спортот, така и во професионалниот живот, инспирирајќи ги своите колеги и младите спортски таленти.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк дел од тенискиот турнир „Bankers meet Diplomats – 2026“

Објавено

на

Во духот на спортот, соработката и фер-плејот, Халкбанк АД Скопје учествуваше на Зимскиот тениски турнир „Bankers meet Diplomats – 2026“, кој се одржа на 24 јануари во ТК „Тенис Парк Поинтер“.

Настанот беше организиран во соработка со Министерството за надворешни работи и амбасадите во Република Северна Македонија и претставуваше платформа за поврзување на банкарскиот сектор и дипломатската заедница преку спортот како универзален јазик. Турнирот се одвиваше во пријателска, но натпреварувачка атмосфера, овозможувајќи размена на искуства и унапредување на меѓусебната соработка надвор од секојдневните професионални обврски.

Посебен успех за Халкбанк претставува и одличниот пласман на Влатко Блажевски, вработен во Банката, кој го освои третото место во конкуренција од 20 учесници, демонстрирајќи посветеност, спортски дух и фер-натпреварување.

Како општествено одговорна финансиска институција, Халкбанк континуирано поддржува иницијативи кои негуваат здрави животни навики, соработка и меѓусебна почит, препознавајќи ја важноста на спортот како средство за градење доверба и зајакнување на партнерствата меѓу институциите.

Халкбанк и во иднина ќе продолжи активно да учествува и да поддржува настани кои придонесуваат за позитивна корпоративна култура и поврзување на заедницата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange