Connect with us

Банки

Органскиот раст на активата и успешното раководење на бизнис-линиите резултираше со 9% згоемување на добивката на Стопанска банка АД – Скопје

Објавено

на

Во првите девет месеци од 2024 година макроекономското окружување покажува позитивни знаци на стабилизација и раст. Сепак, предизвиците од инфлацијата, трговскиот биланс и структурата на пазарот на труд остануваат важни области кои треба да се следат со внимание. Долгорочните стратегии за економски развој, како и структурните реформи ќе бидат клучни за одржлив раст во иднина. Економските активности во анализираниот период се одвиваа во услови на раст на бруто-домашниот производ од 2,3% во вториот квартал и стапка на инфлација која во септември изнесуваше 2,6%, при што се забележаа намалувања на извозните активности на ниво на државата, кои имаа свој одраз врз активностите на компаниите во банкарскиот сектор.

Каматните стапки сè уште се одржуваат на релативно повисоко ниво, без промени на условите на домашната сцена, додека во еврозоната беше забележано трикратно намалување на референтната каматна стапка, во очекување дека трендот ќе продолжи и понатаму. Ова е прво последователно намалување на стапката во последната деценија, што укажува на промена на фокусот на ЕЦБ од намалување на инфлацијата кон заштита на економскиот раст. Во првата половина на годината се реализираа и редовните парламентарни и претседателски избори, што дополнително доведе до забавување на инвестициите и одложување на крупни проекти. Геополитичката состојба е непроменета, со сè уште присутните воени конфликти на Русија и Украина, Израел и Палестина, кои имаат свој одраз врз финансиските и политичките текови.

И покрај изразените предизвици и неизвесности, во трите квартали од 2024 година Стопанска банка АД Скопје продолжи со остварување на солидни резултати и висока профитабилност, капитализирајќи ги развојните можности втемелени врз здравата основа на Банката, видно од сите клучни индикатори.

Добивката пред оданочување и исправка на вредност изнесува 4.021.514 илјади денари, што е 9% повеќе споредено со истиот период од претходната година. Во согласност со стратегијата на Групацијата и Банката како нејзин дел за одржување висок квалитет на активата и ниска стапка на нефункционални побарувања, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 922.253 илјади денари, што е за 2% помалку споредено со минатата година, која покрај исправката за нефункционалните побарувања, вклучува и дел за покривање на ризиците и на редовното портфолио, како превентива од неочекувани движења.

Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2024 година изнесува 3.099.261 илјади денари. Наведениот резултат е последица како на органскиот раст на активата така и на успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик.

Во натамошниот текст ќе бидат претставени одделните позиции од билансот на успех и од билансот на состојба на Банката.

Биланс на успех

Нето-приходите од камати изнесуваат 4.644.564 илјади денари и се зголемени за 11% во однос на истиот период од минатата година, резултат во кој најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности и каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои забележаа пораст како резултат на зголемената ликвидност на Банката која произлегува од депозитите.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 644.601 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 117.084 илјади денари и се зголемени за 5% споредено со истиот период од минатата година.

Останатите приходи од дејноста изнесуваат 342.789 илјади денари.

И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа, останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 775.069 илјади денари и 863.316 илјади денари, респективно и се нешто повисоки во однос на истиот период од претходната година.

Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управување со кредитниот ризик е една од приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на третиот квартал од 2024 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 922.253 илјади денари.

Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и исправка на вредност изнесува 4.021.514 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 30.09.2024 година изнесува 3.099.261 илјади денари и е за 13% повисока во однос на истиот период минатата година.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 136.059.970 илјади денари, односно е повисока во однос со крајот на годината за 4% или 4.697.045 илјади денари.

Паричните средства и парични еквиваленти споредени со крајот на 2023 година се пониски за 1.981.569 илјади денари, како резултат на пренасочување на овие средства во вложувања во хартии од вредност.

Кредитите на и побарувања од други комитенти нето изнесуваат 94.427.049 илјади денари и се поголеми за 2%, односно за 2.119.965 илјади денари во однос на 31.12.2023 г.

Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 377.053 илјади денари и бележат зголемување за 15% споредено со крајот на минатата година.

Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 15.345.585 илјади денари и забележаа зголемување од 35% споредено со крајот на минатата година, како што беше споменато, поради поголемиот пораст на депозитни од кредитни активности, пред сè во делот на депозити на населението.

Останатите побарувања изнесуваат 1.911.063 илјади денари, што претставува зголемување од 39% во однос на крајот на 2023 година.

Вкупните депозити на други комитенти изнесуваат 101.996.965 илјади денари.

Капиталот и резервите изнесуваат 28.503.587 илјади денари, што претставува зголемување за 11% во однос на крајот на 2023 година. Дополнително, Банката пренамени износ од 2.460.000 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот, која изнесува приближно 19%. Во согласност со Одлуката за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 31.05.2024 година, добивката од претходната година се распредели во задржаната добивка расположлива за распределба во иднина во износ од 2.569.600 илјади денари и задржана добивка за инвестиции во износ од 900.000 илјади денари. И понатаму Банката е посветена да остварува добивка која ќе биде генератор на капиталот, кој се очекува и натаму да се зголемува покрај порастот на активностите и како резултат на регулаторните барања поставени од страна на централната банка.

Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Недвижностите и опремата изнесуваат 953.984 илјади денари и бележат зголемување за 3% споредено со крајот на минатата година.

Обврските по кредити изнесуваат 2.589.601 илјади денари и во однос на крајот на 2023 година се намалени за 5%.

Очекувања за претстојниот период

Очекувањата за економската активност во претстојниот период се во значителна мера обележани од политичката стабилност, глобалните економски трендови и домашните реформски напори. Економските фундаменти се движат во позитивна насока, со намалување на инфлацијата, невработеноста, зголемување на стапката на раст на бруто-домашниот производ, кои ветуваат позитивен амбиент за економските субјекти. Во иста насока е и проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд, кој предвидува закрепнување на домашната економија и зајакнување на растот во 2024 година, поттикнат од планираните јавни инвестиции, особено од започнувањето на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како и постепено намалување на инфлацијата. Девизните резерви се одржуваат на солидно ниво, со обезбедување на 4-6 месеци покриеност на увозот. Банкарскиот сектор е ликвиден, добро капитализиран, профитабилен, при што нефункционалните кредити се стабилни и се на историски ниско ниво.

Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување висока стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè во делот на дигитализацијата и трансформацијата за подобра услуга кон клиентите, поефикасно интерно работење и оптимизација на процесите, понуда на нови услуги и зајакнување на конкурентската позиција на пазарот. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27% во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите.

Оваа година Стопанска банка прославува 80 години од основањето и следствено целиот натамошен период ќе биде исполнет со многубројни новитети и изненадувања на задоволство на нашите клиенти и соработници, но и на пошироката заедница.

Стопанска банка е позната по поддршката што ја дава низ многу проекти и настани во општеството, здравството, социјалната и животната средина, кои не само што ќе продолжат туку и ќе се интензивираат за подобрување на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите.

Банки

Остануваат уште три дена: Народната банка доделува 60.000 денари за најдобро креативно видео

Објавено

на

Граѓаните имаат уште три дена да учествуваат во конкурсот на Народната банка „Што значи за мене Народната банка?“ и да се натпреваруваат за парична награда од 60.000 денари нето. За учество потребно е да се сними оригинално видео во времетраење до три минути и јавно да се објави на Фејсбук или Инстаграм најдоцна до 31 октомври 2026 година, со хаштагот #МојатаНБ.

Народната банка повторно ги повика граѓаните да ја покажат својата креативност и преку кратко видео да раскажат што за нив значи централната банка и како нејзиното работење влијае врз секојдневниот живот.

Конкурсот се организира по повод одбележувањето на 80 години централно банкарство во Македонија, а неговата цел е на едноставен и интересен начин да ја доближи улогата на Народната банка до јавноста.

Три минути за приказна за денарот, цените и финансиската сигурност

Учесниците имаат можност сами да ја изберат темата и начинот на кој ќе ја претстават својата идеја.

Видеото може да се однесува на стабилноста на денарот, движењето на цените, сигурноста на банкарскиот систем, девизниот курс, современите начини на плаќање или на значењето на централната банка за економијата.

Народната банка нагласува дека учесниците не мора да бидат економисти или професионални видеопродуценти.

Дозволени се различни креативни формати, вклучувајќи кратка приказна, интервју, скеч, анимација или документарен видеозапис.

Најважно е видеоматеријалот да содржи оригинална идеја, јасна порака и креативен пристап.

Кој може да учествува?

Право на учество имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија, со исклучок на членовите на Советот на Народната банка, вработените во институцијата и членовите на нивните семејства.

Секој учесник може да пријави најмногу пет видеоматеријали.

Видеата треба да бидат оригинални авторски дела, изработени на македонски или на албански јазик, со времетраење до три минути.

Се препорачува видеоматеријалите да содржат и вградени титлови.

Како се учествува во конкурсот?

За учество, заинтересираните треба да го објават видеото на сопствениот профил на Фејсбук или Инстаграм, со задолжително користење на хаштагот #МојатаНБ и означување на официјалниот профил на Народната банка.

На Фејсбук треба да се означи профилот @narodnatabanka, а на Инстаграм @narodnabanka.mkd.

Објавата мора да биде јавно достапна во текот на конкурсот.

Крајниот рок за објавување на видеоматеријалите е 31 октомври 2026 година.

Награда од 60.000 денари за најдобриот автор

За авторот на најдобриот видеоматеријал е предвидена парична награда од 60.000 денари нето, при што персоналниот данок на доход е на товар на Народната банка.

При оценувањето ќе се земат предвид оригиналноста на идејата, јасноста на пораката, придонесот кон разбирањето на работата на Народната банка, како и креативноста и техничката изработка.

Со овој конкурс, централната банка настојува да ја поттикне заинтересираноста на јавноста за економските и финансиските прашања и да ја претстави својата улога на начин разбирлив за пошироката публика.

Рокот истекува на 31 октомври, а за учество не е потребна професионална видеоопрема – туку оригинална идеја претставена во најмногу три минути.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка воведе две нови премиум кредитни картички: Бесплатен пристап до аеродромски салони, патничко осигурување и специјални поволности

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје ја прошири својата понуда со две нови премиум кредитни картички – Visa Platinum и Visa Signature, кои на корисниците им овозможуваат дополнителни погодности при патувања, пристап до аеродромски салони, забрзано поминување низ аеродромските контроли, мобилен интернет во странство и осигурителна заштита. Картичките се разликуваат според обемот на привилегиите, а банката нуди и промотивна фиксна каматна стапка од 5,9% за безготовински плаќања до 31 декември 2026 година.

НЛБ Банка на 27 октомври официјално ги претстави Visa Platinum и Visa Signature, со што дополнително го проширува сегментот на премиум банкарски услуги.

Новите картички се наменети за клиенти што сакаат покрај стандардните платежни функционалности да користат и дополнителни услуги, особено при патувања во странство.

Двете картички се меѓународни револвинг кредитни картички и можат да се добијат самостојно или како дел од премиум пакетите на банката.

Visa Platinum: Четири бесплатни посети на аеродромски салони годишно

Со кредитната картичка Visa Platinum, корисниците добиваат можност за четири бесплатни посети годишно во мрежа од повеќе од 1.200 аеродромски салони низ светот.

Дополнително, картичката вклучува два меѓународни Fast Track пристапи и десет Fast Track пристапи на аеродромот во Скопје.

Оваа услуга овозможува побрзо поминување низ определени аеродромски контролни процедури, во согласност со условите на аеродромот и давателот на услугата.

Visa Platinum вклучува и 3 GB мобилен интернет во странство годишно, осигурителни поволности при купување, доцнење на лет и багаж, како и пристап до одбрани меѓународни партнерски понуди.

Картичката е насочена кон корисници што патуваат повремено, но сакаат дополнителна удобност и услуги надвор од стандардното кредитно плаќање.

Visa Signature: До 12 бесплатни посети и поширока осигурителна заштита

Visa Signature нуди поширок пакет привилегии, наменет особено за клиентите што почесто патуваат.

Корисниците добиваат 12 бесплатни посети годишно во повеќе од 1.200 аеродромски салони, како и десет меѓународни Fast Track пристапи.

На аеродромот во Скопје, картичката овозможува неограничен Fast Track пристап за имателот и тројца гости, согласно важечките услови.

Во понудата е вклучен и пакет од 6 GB мобилен интернет во странство, преку соодветните дигитални услуги.

Една од позначајните поволности е патничко-здравственото осигурување, кое според официјалното соопштение на НЛБ Банка обезбедува покритие до 750.000 американски долари за медицински трошоци и определени непредвидени ситуации поврзани со патувањето.

Дополнително, предвидена е осигурителна заштита на купени производи при кражба или случајно оштетување во рок од 365 дена, согласно условите на осигурувањето.

Корисниците имаат пристап и до одбрани меѓународни понуди за хотели, изнајмување автомобили и патувања, како и до глобална корисничка поддршка достапна 24 часа дневно.

Промотивна камата од 5,9% до крајот на годината

Покрај патничките и осигурителните погодности, НЛБ Банка на официјалната страница за новите премиум картички наведува и промотивни услови.

За безготовинските плаќања е наведена фиксна каматна стапка од 5,9% до 31 декември 2026 година.

Истовремено, банката нуди можност за аплицирање без надоместок до истиот датум.

Бидејќи станува збор за кредитни картички, клиентите треба да ги проверат условите за отплата, начинот на пресметка на каматата, редовните надоместоци и евентуалните трошоци по истекот на промотивниот период.

Наведената промотивна стапка не треба да се поистоветува со вкупниот трошок за користење на картичката.

Дигитален пристап до меѓународните привилегии

НЛБ Банка наведува дека дел од погодностите се користат преку дигиталните канали на Visa, кои овозможуваат пристап до информациите за аеродромските услуги, мобилниот интернет и осигурителните поволности.

На располагање е и Visa ChatBot, кој функционира преку Viber и Telegram и овозможува пристап до информации и определени услуги за премиум корисниците.

Банката нагласува дека користењето на придобивките зависи од важечките услови, лимитите, исклучоците и достапноста на конкретните услуги.

Затоа бројот на бесплатни посети, осигурителното покритие и дополнителните погодности треба да се разгледуваат во согласност со условите на соодветната картичка.

Што значат новите картички за корисниците?

Со Visa Platinum и Visa Signature, НЛБ Банка го проширува изборот на кредитни производи што комбинираат платежни функционалности со дополнителни услуги.

Ваквите картички можат да бидат особено интересни за деловните корисници и физичките лица што често патуваат и редовно користат аеродромски услуги.

Сепак, при изборот на премиум кредитна картичка, важно е корисникот да направи споредба меѓу реално потребните привилегии и трошоците за користење.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка со специјална понуда за детско штедење: Камата до 3,8% за депозитите „ПЧЕЛКА“

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје промовира специјална понуда за детскиот штеден депозит „ПЧЕЛКА“, со гарантирана годишна каматна стапка од 3,8% за денарските депозити и 2,8% за депозитите во евра. Понудата важи за депозити отворени во периодот од 26 до 31 октомври 2026 година, со рок на орочување од 36 месеци и можност за дополнителни уплати во текот на штедењето.

По повод Светскиот ден на штедењето, кој се одбележува на 31 октомври, Стопанска банка им нуди на родителите можност да започнат долгорочно штедење за своите деца под промотивни услови.

Со производот „ПЧЕЛКА“, банката овозможува постепено создавање заштеди што можат да бидат наменети за идните потреби на детето, образованието или други семејни планови.

Гарантирана каматна стапка за три години

Според промотивната понуда, детскиот депозит „ПЧЕЛКА“ може да се отвори во денари или во евра, со рок на орочување од 36 месеци.

За денарските депозити е предвидена годишна каматна стапка од 3,8%, додека за депозитите во евра каматата изнесува 2,8% годишно.

Каматните стапки се гарантирани за целиот период на орочување, што им овозможува на штедачите однапред да ги знаат договорените каматни услови.

Ова е особено значајно за семејствата што сакаат да планираат долгорочно штедење без изложеност на промени на договорената каматна стапка во текот на трите години.

Минимален влог од 3.000 денари или 50 евра

Според официјалните информации на Стопанска банка, минималниот износ потребен за отворање на депозитот „ПЧЕЛКА“ е 3.000 денари или 50 евра, во зависност од избраната валута.

Една од карактеристиките на производот е можноста за дополнителни уплати во текот на целиот период на орочување.

Дополнителните вложувања не се ограничени со минимален износ и можат да се вршат без раскинување на постојниот депозит.

Тоа значи дека родителите можат постепено да ги зголемуваат заштедите, во согласност со своите финансиски можности.

За дополнително вложените средства каматата се пресметува од моментот на уплатата до датумот на достасување на депозитот.

Дополнителните уплати не го продолжуваат договорениот рок на орочување.

Каматата се пресметува дневно, а средствата се достапни на крајот од орочувањето

Според условите на депозитниот производ, каматата се пресметува на дневна основа и се капитализира на 31 декември секоја година.

Депонентот располага со вложените средства и пресметаната камата на датумот на достасување на депозитот.

Банката предвидува и можност за предвремено раскинување на договорот, но во таков случај каматата се пресметува според условите за депозити по видување, а не според првично договорената каматна стапка за целиот период.

Затоа, пред отворањето на депозитот, важно е клиентите да се запознаат со условите за предвремено повлекување на средствата.

Кој може да отвори детски депозит?

Депозитот „ПЧЕЛКА“ е наменет за малолетни лица, а го отвораат нивните законски застапници или старатели, во согласност со условите на банката.

За отворање се потребни важечки документи за лична идентификација на законските застапници и извод од матичната книга на родените за детето.

Банката предвидува и можност дополнителни средства на депозитот да уплатуваат трети лица, согласно законските прописи.

По отворањето на депозитот, клиентот добива договор за депозит, а штедна книшка може да се издаде на барање.

Штедењето како прв чекор кон финансиска сигурност

Детските штедни депозити претставуваат еден од начините преку кои родителите можат постепено да издвојуваат средства за идните потреби на своите деца.

Можноста за дополнителни уплати овозможува штедењето да не биде ограничено само на почетниот влог, туку да се надополнува во согласност со семејниот буџет.

Истовремено, редовното издвојување средства може да придонесе и за развивање позитивни финансиски навики кај најмладите.

За семејствата што размислуваат за ваков вид штедење, важно е да ги споредат каматните стапки, рокот на орочување и условите за располагање со средствата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange