Интервјуа
Очекувања 2023 година | МИЛКА ТОДОРОВА, УНИБанка АД СКОПЈЕ
На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Милка Тодорова, Претседател на Управниот одбор и Извршен директор на УНИБанка АД Скопје.
Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?
Милка Тодорова: 2022 година беше уште една невообичаена година, овој пат под влијание на повеќе фактори – воен конфликт на нашиот континент, енергетска криза, висока инфлација. Истото резултираше со потешкотии за сите учесници во економскиот живот и силно рефлектираше и во банкарскиот систем. И покрај кризната состојба, УНИбанка успеа да се справи со тешкотиите и забележа уште една успешна година, во која успешно издадовме втор хибриден инструмент за 2,5 милиони евра дополнителен капитал, наменет за одржување на нашите стратешки цели. За прв пат во историјата на банката исплативме дивиденда на акционерите во бруто износ од 120 милиони денари или 219,78 денари бруто износ по акција, што претставува дивиденден тековен принос од 6,64 %, што е наjвисок за исплатените дивиденди на банките во РСМ за 2021 година.
Годината ја завршуваме со раст во сите делови од работењето – зголемени спрема мината година: добивка, капитал, како и клиенти и кредитно портфолио.
Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?
Милка Тодорова: Во 2023 очекувам продолжување на брзо растечкиот тренд на дигитализацијата на услугите во банкарскиот систем, кој започна на почетокот на пандемијата, но продолжи и во текот на наредните години. Дигиталните услуги носат – поголема достапност, пониски провизии, значаjно го скратуваат времето за завршување на сите видови банкарски трансакции и на тоj начин граѓаните заштедуваат време и пари, а истовременно jа унапредуваат и своjата финансиска активност . Очекувам во оваа година далечинската идентификација на постоечки и нови клиенти, заедно со електронското потпишување на сите видови документи и договори, да отвори нови страници во банкарските услуги.
Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.
Милка Тодорова: Повеќе од 10 години гледаме континуиран тренд на намалување на каматните стапки. Тие достигнаа не само 0, туку и негативни вредности во повеќето развиени економии. Кај нас не видовме негативни стапки, но до минатата година просечните каматни стапки на депозитите беа 1,34 % во денари и 0,84% во евра. Во 2022 година од повеќе причини – (енергетска криза, висока инфлација) трендот се промени, и тоа значително во месец ноември разгледувавме понуди за 3,5% годишна каматна стапка на депозитите, а каматната стапка на благаjничките записи се зголеми од 1,25% на 4,75%. Повисоките каматни стапки се алатка на централната банка за справување со инфлацијата. И покрај податоците за слабеење на инфлацискиот притисок во последните два месеци, сметам дека ќе треба да го почекаме летото пред да бидеме спокоjни. Во моментов инфлацијата се корегира поради пониските цени во енергетскиот сектор, но не ја исклучувам можноста за нов инфлаторен бран. Порастот на каматите имаше влијание на олабавување на инфлаторниот притисок, но ефектот сеуште не е видлив во целост, за што ќе бидат потребни барем уште 6 месеци Сето ова влијае на цената на ресурсот на банките – трошокот за камата на парите на клиентите на трансакциските сметки и депозити. Каматните стапки на кредитите директно зависат од цената на ресурсот и премијата за ризик на конкретниот клиент и проект. Тоа значи дека доколку сите останати услови се еднакви, во 2023 година клиентите ќе добиваат кредити со повисоки каматни стапки.

Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?
Милка Тодорова: Со донесувањето на новиот Закон се направи напор да се усогласи локалната регулатива со европските директиви и најдобри практики во доменот на платежните услуги, како и да се пополни “регулаторниот вакум” создаден како резултат на развојот на технологијата, која е се поприсутна во овој процес.
Генерално, измените се насочени кон воведување на нови платежни услуги понудени од постоечките и нови платежни институции. Законот ќе предизвика промени во конкуренцијата, иновациите, заштита на потрошувачите, транспарентноста, безбедноста и заштитата на податоците.
Имајќи го во предвид сето ова, јасно е дека главниот предизвик пред банкарскиот сектор е успешната имплементација и прилагодувања на измените во релативно краткиот временски период кој ни следи.
Нашето видување е дека промените кои треба да ги направиме не се цел сами по себе, а се во корист на нашите клиенти. УНИБанка непрекинато ги развива и подобрува своите производи и услуги. Иновациите во делот на понуда на пакети со најкористените банкарски услуги, кои на клиентите им овозможуваат значителна заштеда на трошоци по основ на провизии, потоа, можност за користење на сите наши производи и услуги без потреба од посета во експозитура, воведување на највисоки стандарди во однос на безбедноста на плаќањата преку електронските сервиси на Банката со потврда на идентитетот на клиентот со биометриски податоци, се проекти кои се имплементирани или се во завршна фаза и се во правец на почитување на стандардите и правилата кои се предвидени со новиот Закон.
Банкарство: Наведете еден новитет што УНИБанка АД Скопје ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?
Милка Тодорова: Во 2023 година на нашите клиенти ќе им понудиме значително подобрени електронски услуги. Уште на почетокот на годината ќе овозможиме далечинска идентификација на постоечки и нови клиенти и користење на сите наши производи и услуги – отворање сметка, кредити, депозити и др., без потреба од посета во експозитура, вклучително и од странство.
Исто така, ќе го продолжиме нагорниот развоен тренд. Планираме да растеме стабилно и одржливо, фокусирајќи се на ефикасноста и доброто управување со ризикот. Ќе го зголемиме нашиот удел на пазарот преку привлекување на нови клиенти, со подобрување на корисничкото искуство и нашата иновативност.
Интервјуа
Гацов во FinSight: Една неиздадена сметка значи над 60% загуба за државата
Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за реалната цена на сивата економија и ефектот од неиздавањето фискални сметки врз јавните финансии.
Според него, најчесто јавноста ја сведува штетата на 18% ДДВ, но вистинската загуба е далеку поголема.
„Неиздавањето фискални сметки не значи само губење на 18% ДДВ. Тоа е само првиот слој на проблемот“, посочува Гацов.
Доколку истиот износ влезе во формалната економија, на него дополнително би се платил персонален данок на доход од 10%, данок на добивка од 10%, како и социјални придонеси од околу 28%.
„Кога ќе ги собереме сите овие ставки на неоданоченост, државата губи повеќе од 60% на секоја неиздадена фискална сметка“, објаснува тој.
Ова, според него, е клучен податок кој често се игнорира во јавната дебата.
„Овој податок треба да се знае секогаш кога некој зборува лефтерно за неиздавање сметки. Зад тоа стои лавина од неплатени јавни давачки“, вели Гацов.
Проблемот не застанува само на фискалниот аспект. Средствата кои остануваат надвор од системот, додава тој, често се користат за исплата на плати „во плико“, но и за поттикнување на пошироки форми на корупција, од мито до злоупотреби во јавните набавки.
Прашањето што останува е: колку навистина ја чини државата секоја неиздадена фискална сметка и кој на крајот ја плаќа таа цена?
Интервјуа
Пензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за актуелните трендови во исплатата на плати и нивното влијание врз одржливоста на пензискиот систем.
Според него, исплатата на плата „во плико“ останува сериозен проблем, особено за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
„Кога констатираме дека се исплаќа плата во плико, тоа е сериозен проблем и за фондот за пензиско“, вели Гацов.
Но, тој забележува и нов тренд кај помладата генерација, кој не е нужно нелегален, но отвора системски прашања.
„Гледам дека младите се економски многу внимателни, за разлика од нас, постарата генерација која сакавме да ја заштитиме државата“, посочува тој.
Како функционира моделот? Работниците се пријавуваат на минимална плата и на тој износ плаќаат социјални придонеси, додека остатокот од средствата го насочуваат кон доброволни пензиски фондови или животни осигурувања.
„Стартуваат со регистрација на минимална плата и разликата ја уплатуваат во доброволни пензиски фондови или животни осигурувања“, објаснува Гацов.
Објаснувањето кое го даваат младите е прагматично.
„Велат: 15 години ќе плаќаме минимална плата, бидејќи државата гарантира минимална пензија. Со многу малку уплатено, добиваш повеќе“, вели тој.
Сепак, според Гацов, доколку овој тренд продолжи, последиците би можеле да бидат сериозни за јавните финансии.
„Ако продолжи овој тренд, изворите што генерираат приходи, односно платите врз кои се плаќаат придонеси ќе се намалуваат. Граѓаните препознаваат лоша економска логика во формирањето на пензискиот систем“, предупредува тој.
Дали станува збор за рационално однесување на поединците или за сигнал дека системот бара реформа?
Интервјуа
Давачка од 0,2% до 0,5% за готовина? Гацов во FinSight за просторот што државата го пропушта
Разговараме со Павле Гацов, даночен експерт, за можноста да се воведе мала давачка при подигнување готовина – мерка која, според него, може да има значаен фискален и системски ефект.
Гацов посочува дека клучната институција која може да ја направи прецизната анализа е Народната банка.
„Народната банка може многу подобро да ја направи оваа анализа“, вели Гацов.
Според него, во минатото биле предлагани стапки од 0,2% до 0,5% за подигнување готовина, но недостасуваат клучни податоци.
„Ние сме предлагале од 0,2% до 0,5%, но го немаме податокот за дневниот промет за подигнување готовина“, објаснува тој.
Токму примената на таа стапка врз вкупниот промет би го дала реалниот ефект врз буџетот.
„Стапката применета на прометот за подигнување готовина ќе го даде ефектот во државата“, нагласува Гацов.
Според него, бидејќи државата не го покрива овој простор со сопствена политика, банките практично почнале да го покриваат преку сопствени надоместоци.
„Наместо средствата да одат во буџетот, тие одат во профитите на банките“, посочува тој.
Ова, според Гацов, создава институционален вакуум.
„Создаден е простор некој да се позиционира на тоа место. Државата ја губи можноста да го заземе тој простор и да го канализира процесот на истиснување на готовината“, заклучува тој.
Дали мала давачка би значела дополнителен товар за граѓаните или системско решение за намалување на готовинските трансакции?
Целата анализа – на YouTube каналот на FinSight.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециПредности и поволности на новата Халки картичка за деца
-
Продуктипред 1 месецШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Продуктипред 1 месецКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Бизниспред 4 неделиУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 2 месециНародна банка: Натамошен динамичен раст на дигиталните плаќања
-
Останатопред 4 неделиАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Банкипред 1 месецДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година

