Интервјуа
Очекувања 2023 година | ГОЦЕ ВАНГЕЛОВСКИ, НЛБ БАНКА СКОПЈЕ
На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Гоце Вангеловски, помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за вас и кои поуки ги извлековте?
Гоце Вангеловски: Интересно е од денешна перспектива да се анализира минатата 2022 година. Започнавме со надежи за закрепнување од двете тешки пандемски години. Оптимизмот почна да се враќа и кај бизнисите и кај населението. Но веднаш на почетокот на годината, се соочивме со уште поголеми предизвици, почеток на војната во Украина и почеток на глобалната светска криза. Наеднаш, предизвиците кои ги донесе пандемијата прераснаа во предизвици за надминување на глобалната криза, пред сè енергетската. Цените на енергенсите почнаа да се движат во нагорна линија, како никогаш досега. Цената на струјата како главен енергенс, во еден период, достигна рекордна цена од над 700 ЕУР/mWh, повеќе од 10 пати повисока од цената во истиот период претходната година. Инфлацијата во Европа достигна највисоко ниво од Втората Светска Војна, резултирајќи со инфлација на прехранбените производи од околу 18%. Сето ова предизвика големи шокови за бизнисите и економската состојба на клиентите.
Ниту нашата држава не остана имуна на споменатите предизвици. Недостатокот на домашно производство на електрична енергија, високата зависност од увозот на енергенси, креираше нестабилност во економијата. Резултатот на овие движења, неизбежно доведе до сериозни пореметувања во работењето на компаниите и значително зголемување на цените. Инфлацијата на прерханбените производи дојде до ниво од над 20%, што се немаше случено од 90-тите години на минатиот век.
Но, дури и во вакви услови НЛБ Банка успеа да се избори со предизвиците и да забележи успех. Резултатите кои ги постигнавме ги надминуваат очекувањата, речиси во сите сегменти од работењето, но она што е важно да се истакне е фактот дека и во услови на неизвесен деловен амбиент, Банката продолжи да обезбедува силна кредитна поддршка за населението и домашниот бизнис сектор. Изминатата, 2022 година имаме раст на кредитните портфолија, и кај компаниите и кај населението. Успеавме да излеземе во пресрет на потребите на клиентите и да ги задоволиме нивните барања во делот на банкарските услуги, и благодарение на тоа голем дел од клиентите успеаа да ја одржат, дури и подобрат својата финансиска состојба, и да задржат добро ниво на ликвидност.
Ако се гледаат нашите деветмесечни резултати за минатата година, вкупните кредити што Банката ги пласираше кон населението и бизнис секторот во споменатиот период достигнаа вредност од 1.107 милиони евра. Во исто време имавме и зголемувањена депозитната база во истите сегменти, а ликвидноста на Банката ја оддржавме на исклучително високо ниво, што ни дава простор да веруваме во уште поголем раст и развој во наредниот период.
На прашањето, кои поуки ги извлековме од оваа година, би рекол, меѓу најважните е фактот дека промените во светот се случуваат побрзо од она што очекуваме. Па од тука, сметам дека, прилагодливоста, иновативноста и ефикасноста мора да ни бидат главен императив во работењето. Единствено на тој начин можеме да бидеме дел од решението на предизвиците со кои клиентите се соочуваат и да го унапредиме корисничкото задоволство.
Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?
Гоце Вангеловски: Банкарскиот сектор не е изолиран од трендовите кои се случуваат во економијата. Трендовите кои можеме да ги очекуваме во 2023, не би требало значајно да се разликуваат од оние кои ги видовме во претходната година. Можеби со помал интензитет, но во ниту еден случај не треба да очекуваме враќање на состојбите како пред почетокот на кризата. Ова би значело дека треба да се навикнеме и да ја прифатиме новата реалност и да го прилагодиме нашето однесување и делување кон таквиот амбиент. Тука пред сè мислам на зголемени трошоци, отежнато функционирање на синџирите за снабдување, недостаток на определени ресурси и материјали, недостаток на енергенси и слично. Генерално гледано, целата оваа нова реалност се пресликува во работењето на бизнисите и се каскадира до крајните потрошувачи. Промените со кои се соочуваме се исклучително динамични и тоа, без исклучок, бара промена и на нашето однесување, без што многу потешко ќе ги надминеме овие кризни години.
Ќе дадам еден едноставен пример од нашето секојдневие. Недостатокот и цените на електричната енергија се дел од оваа нова реалност. Со цел што полесно надминување на овие шокови кои ни се случија, потребно е сите заедно да придонесеме кон намалување на потрошувачката на електрична енергија и да придонесеме во инвестирање во обновливи извори на енергија. Согласно официјалните податоци на Заводот за статистика, потрошувачката на струја во домаќинствата „по глава“ е зголемена за 22% во периодот 2016 – 2021. Ќе биде интересно да видиме што ќе покаже статистиката за 2022, по сите апели кои беа испратени до населението и компаниите за заштеда на електрична енергија. Ова може да ни биде еден од индикаторите за колективната свест, дали и колку сме подготвени да се справиме со новите предизвици.
Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.
Гоце Вангеловски: Секако ова е неизбежно прашање за еден ваков специфичен период. Треба да сфатиме дека времето на ниски каматни стапки заврши. Висока инфлација и ниски каматни стапки никако не одат заедно. Зголемувањето на каматните стапки во светот, не само во Македонија, е резултат на обидите да се намалат инфлаторните ефекти. Сигналите кои ги праќа НБРСМ и ЕЦБ се јасни и недвосмислени, а тоа е дека каматните стапки ќе растат во наредниот период. Иако македонската економија, а пред сè банкарскиот сектор, покажаа голема резистентност на промените на каматните стапки и сигналите кои се праќаат, сепак зголемувањето на каматите е реално и се случува. Од друга страна, ако го погледнеме нашето опкружување, каматните стапки кај нас се на пониско ниво. Ова е веројатно резултат на високата ликвидност и стабилноста на банкарскиот сектор. Сепак, ова не е оддржливо на долг рок и сметам дека можеме да очекуваме поголемо зголемување на каматните стапки. Кога и на кое ниво ќе се стабилизираат каматните стапки е тешко да се претпостави бидејќи на ова влијаат многу надворешни, небанкарски фактори. Сепак се надеваме дека стабилизацијата на каматните стапки ќе се случи што побргу, со цел, стабилизација на економијата и намалување на притисокот врз бизнисите и населението.
Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?
Гоце Вангеловски: Новиот Закон за платни системи и платежни услуги, претставува де факто усогласување на локалната регулатива со ЕУ законодавството и PSD2 рамката на ЕУ. Како земја која е на патот кон ЕУ, секако дека мораме да ја усоглсиме регулативата. Ова усогласување од една страна значи дополнителен ангажман и инвестиции од страна на банките, но од друга страна, придобивки за клиентите и потрошувачите. Придобивките се повеќе-димензионални и се однесуваат на неколку сегменти.
Воведувањето на „отворено банкарство“ е веројатно една од најголемите новини која овој закон ја носи. Oваа промена предвидува поголема транспарентност и отвореност на одредени податоци на многу контролиран, регулиран и сигурен начин, со цел да се овозможат подобри цени и услуги на клиентите. Ова е тренд кој се случува во светски рамки и со оваа промена нашиот банкарски систем ќе влезе во групата на земји и финансиски системи кои имаат модерен начин на работење.
Понатаму, се овозмозува влез во платни услуги на небанкарски институции кои добиваат можност да вршат услуги од платниот промет. По дефиниција, зголемената конкуренција дава поголем избор на клиентите, подобрени услови на услугите кои ги добиваат, како и зголемување на квалитетот на истите.
Следна придобивка за клиентите е поголемата транспарентност која ја предвидува новиот закон. Се предвидуваат рокови за информирање за промените на цените на услугите, потранспарентно прикажувње на висината на трошоците, како и ограничување на трошоците во одредени сегменти во работењето, но и инклузија на социјално ранливите категории во финансискиот систем, преку воведување на сметка со основни функции, што значи дека оваа категорија на граѓани ќе ги добива платежните услуги со поповолни услови од останатите клиенти, што претставува една битна социјална димензија на новиот закон. За нас банките, ова ќе значи голем ангажман за имплементација на законските измени во тековното работење, но во исто време се очекуваат големи придобивки за клиентите.
Банкарство: Наведете еден новитет што НЛБ Банка ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?
Гоце Вангеловски: Не би можел да издвојам само еден новитет што НЛБ Банка ќе го воведе оваа година, бидејќи ние минатата година започнавме серија на проекти, генерално поврзани со услугите и достапноста на клиентите до Банката и банкарските производи, а ефектите од нив би требало да се видат во текот на 2023 година. Дигитализацијата, користењето на податоците, подобрување на процесите и постапките се и остануваат главен фокус на Банката. Посветени на сето ова, уверен сум дека следната година уште повеќе ќе ја унапредиме и така силната позиција на Банката, но и задоволството на клиентите, за кои постоиме и работиме.
Интервјуа
Славески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
Во оваа епизода на FinSight, разговараме со Трајко Славески, гувернер на Народната банка, за најавените промени во банкарските провизии, законските измени во платниот промет и очекувањата за инфлацијата и каматните стапки во нарниот период.
Банките ја разбраа пораката и најголем дел од нив веќе ги намалија провизиите што им ги наплаќаа на граѓаните. Но, од следната година се очекуваат уште поголеми поволности, најавува гувернерот Славески во интервјуто за FinSight.
Со предложените измени на Законот за платен промет, граѓаните ќе добијат можност четири пати месечно бесплатно да подигаат по 2.000 денари од банкомат на друга банка, да извршуваат одреден број трансакции со минимален надомест, како и да имаат дозволено пречекорување (минус) на трансакциската сметка.
„Направивме измени кои ги доставивме до Министерството за финансии, кое е законски надлежно да ги предложи до Собранието. Со тие измени се тргаат постојните ограничувања – ќе може да има пречекорување, да се користат и други сметки, а за фиксна и ниска месечна сума граѓаните ќе можат да извршуваат повеќе трансакции“, изјави гувернерот Славески.
Тој додава дека дополнителна значајна поволност ќе биде можноста, кога нема готовина на банкомат на сопствената банка, граѓаните четири пати месечно бесплатно да подигнат по 2.000 денари од банкомат на друга банка.
„Сметаме дека ова ќе биде значајна дополнителна поволност за граѓаните“, истакнува Славески.
Гувернерот најави дека во првите месеци од новата година ќе следи дијалог со Министерството за финансии, по што очекува предложените законски измени да бидат усвоени.
Осврнувајќи се на макроекономските движења, Славески посочува дека следната година се очекува пад на инфлацијата, доколку индексирањето на платите и пензиите се спроведува согласно законските правила. Во таков случај, можно е и релаксирање на монетарната политика и постепено намалување на каматните стапки.
„Доколку растот на платите е над законското усогласување, инфлацијата може повторно да забрза. Во таков случај, за да ја зачуваме ценовната стабилност, Народната банка ќе реагира соодветно“, порачува гувернерот на Народната банка.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
Прашањето за растот на платите и минималната плата повторно е во фокусот на јавноста, во услови на зголемени трошоци за живот и притисок врз животниот стандард на работниците. Во најновото издание на емисијата FinSight, разговараме со Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за позициите на синдикатите, аргументите зад барањата за повисоки плати и можните сценарија доколку не дојде до корекција на минималната плата до крајот на годината.
Во разговорот, Трендафилов детално ги образложува следните чекори на ССМ доколку изостане договор за зголемување на минималецот, како и економската логика зад синдикалните барања. Посебен акцент се става на честата теза за продуктивноста – дали македонскиот работник е навистина помалку продуктивен и дали платите се во сооднос со создадената вредност.
Епизодата отвора и пошироки прашања за односот меѓу трудот и капиталот, улогата на државата во процесот на усогласување на платите и долгорочните ефекти врз пазарот на труд.
Разговорот нуди јасни ставови и конкретни аргументи, во момент кога темата за платите не е само економско, туку и социјално прашање.
Интервјуа
Иднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво
Во новата епизода на FinSight, разговараме со Иван Стојановиќ од КБ Прво пензиско друштво за едно од најважните, а често недоволно разбрани прашања за иднината на пензискиот систем и улогата на приватните пензиски фондови.
Дваесет години по воведувањето на задолжителните пензиски фондови во вториот столб, се отвораат суштински теми: дали системот ја оправда довербата, колку се заштитени средствата на идните пензионери и какви се реалните очекувања од пензијата што допрва ќе ја примаме.
Како се промени перцепцијата за вториот столб?
Во разговорот, Стојановиќ анализира како се менувала јавната перцепција за приватните пензиски фондови од почетна недоверба, до сè поголема свесност дека вториот столб е клучен дел од долгорочната финансиска сигурност.
Дали придонесите се доволни за сигурна пензија?
Се отвора и прашањето дали процентот од придонесите што се издвојува во корист на приватните фондови е доволен за пристојна пензија, особено во услови на демографски промени и подолг животен век.
Како растат средствата на идните пензионери?
Посебен акцент е ставен на тоа колку се „оплодуваат“ средствата на членовите, како и на фактот дека приватните пензиски фондови денес располагаат со околу 3 милијарди евра, кои се инвестираат по строго регулирани и диверзифицирани стратегии.
Во што се инвестираат средствата?
Стојановиќ објаснува каде се вложуваат овие средства – од државни хартии од вредност, до странски пазари и други инструменти – и како се балансира ризикот со цел долгорочен принос.
Кога следува помасовна исплата на пензии?
Еден од клучните моменти во разговорот е очекувањето кога ќе започне помасовната исплата од вториот столб и како тоа ќе влијае врз целокупниот пензиски систем.
Нашиот модел во европски контекст
Се прави споредба на македонскиот модел со оние во други европски земји, при што се потенцираат и предностите и просторите за унапредување.
Што значи мултифондовски пристап?
Во епизодата се појаснува и концептот на мултифондовски пристап, кој овозможува различни инвестициски стратегии во зависност од возраста и ризичниот профил на членот.
Интересот за третиот столб
Разговараме и за тоа дали младите покажуваат интерес за доброволното пензиско осигурување, колку е важна раната уплата и дали постои минимален износ што ја прави инвестицијата исплатлива.
Што следува од КБ Прво пензиско друштво?
На крајот, Стојановиќ открива што можат членовите да очекуваат од КБ Прво пензиско друштво во иднина – во поглед на производи, транспарентност и поддршка за подобро пензиско планирање.
🎥 Целата епизода на FinSight носи јасни одговори и корисни насоки за секој што размислува долгорочно за својата финансиска сигурност.
-
Бизниспред 2 месециКолкава е минималната сума што ќе ја добијат работниците по основ на регрес за годишен одмор попознат како К-15!?
-
Продуктипред 2 месециНова поволност со HalkEZ пакетот за млади: Бесплатни FitKit кредити за секој нов корисник
-
Продуктипред 1 месецГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Анализипред 2 месециРаст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата
-
Продуктипред 2 месециПоволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба дазнаете?
-
Анализипред 2 месециМинималецот во Македонија далеку зад регионот – синдикатите бараат итни реформи
-
Продуктипред 1 месецХалкбанк денес официјално стартува со Apple Pay
-
Осигурувањепред 1 месецКЗК “удри” по осигурителните компании: Над 17 милиони денари казни за картелско однесување





