Connect with us
no baners

Анализи

Третата банка по вкупна актива, прва банка според профитот: Преку зголемено кредитирање НЛБ Банка прокнижи 39 милиони евра добивка

Објавено

на

Во периодот од 1.1.2022 до 31.12.2022 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2022-та година.Во анализираниот период, Банката оствари нето добивка во износ од 2.433.910 илјади МКД, што претставува зголемување за 9,7% во однос на остварената нето – добивка истиот период претходната година.

Зголемувањето се должи на континуирани продажни активности на кредитните продукти со особен фокус кај домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија и зголемен број на корисници на платните сервиси на Банката. Во извештајниот период Банката склучи нов договор со ЕБОР за кредитна линија од програмата за финансирање “Зелена енергија” која е наменета за инвестиции на домаќинствата во енергетската ефикасност. НЛБ Банка во своето портфолио воведе и нови „Зелени“ кредитни продукти наменeти за физички лица, со кои се стимулира купување на недвижности со енергетска лиценца, подобрување на енергетската ефикасност на постоечките објекти и инвестирање во еколошки транспорт и е-мобилност, со што се придонесува кон намалување на загадувањето на животната средина, емисиите на стакленички гасови во воздухот и одржлив развој.

Во втората половина од 2022 година, НЛБ Банка Скопје најави ново поглавје во своето работење, вложување во придружено друштво НЛБ ЛИЗ & ГО ДОО Скопје. Банката учествува во основната главнина на Друштвото со паричен влог што одговара на 49% од вкупниот основачки капитал на друштвото, заедно со NLB Lease&Gо, д.о.о. Љубљана. Со ова Банката и понатаму ја проширува понудата на финансиски услуги на сите физички лица и компаниии на кои им се потребни лизинг производи.

Во првиот квартал од 2022 година, првиот банкарски електронски асистент НЕЛА на НЛБ Банка беше наградена со второ место во категоријата „Најдобра автоматизирана алатка чет бот“ од – Порталот „Сајт на годината 2021“ Скопје. Во вториот квартал од 2022година НЛБ Банка доби национална награда во организација на Министерството за економија на Република Северна Македонија за општествена – одговорност и признание за најинвентивна практика за проектот „НЛБ Рамка за помош“. Во третиот квартал од 2022 година НЛБ Банка ја доби наградата „Најдобра банка во Македонија за2021 година“ што ја доделува реномираниот магазин EMEA Finance, како и дополнителни пет награди во најновото годишно рангирање на магазинот „Finance Central Europe“ во категориите: вкупна актива, големина на капитал, бруто-добивка, поврат на актива и поврат на капитал. Во четвртиот квартал НЛБ Банка по единаесетти пат беше прогласена за „Банка на годината за 2022“ од реномираниот интернационален финансиски магазин, The Banker, со што уште еднаш ја потврди својата позиција на најнаградувана банка во Р.С.Македонија.

Како потврда за досегашното ефикасно работење на НЛБ Банка АД Скопје се и трите признанија кои ги доби Банката од Visa како Банка која покажува извонредни резултати, не само во Р.С.Македонија, туку и во цела југоисточна Европа. Овие признанија зборуваат за големината на партнерствата кои ги гради Банката, посветеноста на бизнисот и клиентите и поддршката која ја дава на заедницата во која делува.

Банката е системски значајна банка врз основа на Одлуката за методологија за идентификување системски значајни банки на Народната банка на Р.С.Македонија со силна пазарна позиција и висок пазарен удел во банкарскиот сектор на Република С.Македонија.

Биланс на состојба

Заклучно со 31.12.2022 година билансната сума изнесува 112.698.023 илјади МКД,односно се зголеми за 4.988.544 илјади МКД или 4,6% во однос на 31.12.2021 година.

Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 20.857.276 илјади МКД и бележат зголемување од 5,8% во однос на 31.12.2021 година.

Кредитите и побарувањата од банки бележат зголемување од 188 илјади МКД во однос на 31.12.2021 година.

Вкупните Кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 71.047.337 илјади МКД и бележат зголемување од 8,3% во однос на 31.12.2021 година. Кредитирањето во секторот домаќинства е зголемено за 9,4% во текот на 2022 година што се должи на порастот кај потрошувачките и станбените кредити, додека кредитирањето на нефинансиски правни лица е зголемено за 5,3%.

Вложувања во хартии од вредност изнесуваат 16.397.576 илјади МКД и се намалени за 10,6% во однос на 31.12.2021 година поради доспевање на домашни и странски државни записи и обврзници.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања во однос на31.12.2021 година се зголемени за 18,5%.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат90.498.439 илјади МКД и во однос на 31.12.2021 година се зголемени за 3.909.271 илјади МКД или за 4,5%. Зголемувањето се должи на зголемување на тековните сметки кај домаќинствата.

Обврски по кредити се зголемени за 576.599 илјади МКД заради повисокиот износ на долгорочни кредити од кредитна линија од домашна банка (РБСМ).

Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени 10,7% и изнесуваат15.571.017 илјади МКД.

Анализи

Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика најголем енергетски шок во современата историја

Објавено

на

Тримесечното затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски премини во светот, предизвика најтежок енергетски шок досега и сериозно ги наруши глобалните трговски текови, покажуваат најновите анализи.

Пред прекинот на сообраќајот на 28 февруари, низ теснецот поминуваа околу 25 проценти од светската поморска трговија со нафта и 20 проценти од глобалниот течен природен гас (LNG). Денес тие количини речиси целосно исчезнаа, при што извозот на сурова нафта е намален за 95 проценти, а LNG за 99 проценти.

Последиците се чувствуваат далеку надвор од енергетскиот сектор. Преку Ормутскиот теснец годишно се транспортираат милиони тони алуминиум, метанол, сулфур и вештачки ѓубрива. Поради прекинот, цените на уреата значително пораснаа, а експертите предупредуваат дека во делови од Јужна Азија цените на храната би можеле да се зголемат за 10 до 15 проценти доколку кризата продолжи.

Најголем удар трпат азиските економии. Во 2024 година дури 84 проценти од нафтата што минувала низ теснецот била наменета за азиските пазари, додека Европа преку оваа рута добивала меѓу 12 и 14 проценти од своите испораки на LNG од Катар.

Иако Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со одредени алтернативни нафтоводи, тие не можат целосно да ја заменат изгубената транспортна рута. Според проценките, недостига капацитет за најмалку 10 милиони барели нафта дневно, додека Катар воопшто нема алтернативен цевковод за извоз на LNG.

Аналитичарите предупредуваат дека дури и во случај на брзо постигнување мировен договор и повторно отворање на теснецот во јуни, глобалниот економски раст ќе забави во 2026 година. Во најлошото сценарио, доколку блокадата продолжи до крајот на годината, цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел, а светската економија да западне во рецесија.

„Ова е историски преседан за светскиот нафтен пазар. Ниту кризите од 1970-тите, ниту војната меѓу Иран и Ирак, ниту инвазијата на Кувајт не можат да се споредат со размерите на ова нарушување“, изјави Даниел Јергин, потпретседател на S&P Global.

Продолжи со читање

Анализи

Златото порасна втор ден по ред, но е на пат кон месечен пад

Објавено

на

Цената на златото во петокот порасна втор ден по ред и достигна 4.580 долари за унца, откако се појавија информации дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари.

И покрај растот, благородниот метал е на пат да ја заврши месечната трговија со пад од околу 0,8 проценти. Врз цената и натаму влијаат загриженоста поради инфлацијата и очекувањата дека каматните стапки ќе останат повисоки подолг временски период.

Преговорите за завршување на тримесечниот конфликт продолжуваат, а според медиумските извештаи се разгледува можност за продолжување на примирјето за уште 60 дена за да се создадат услови за формални разговори меѓу двете страни. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечна согласност за предложениот договор.

Пазарите остануваат претпазливи бидејќи евентуалните нарушувања во транспортот и енергетската инфраструктура би можеле да ги задржат високите цени на нафтата, што дополнително го комплицира патот кон намалување на инфлацијата.

Најновите податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април забележала најбрз раст во последните три години, што ги зацврсти очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки непроменети подолг период.

Во меѓувреме, побарувачката за злато во Индија останува слаба поради високите цени и увозните давачки, додека во Кина, најголемиот светски потрошувач на благородниот метал, премиите се намалуваат поради внимателното расположение на пазарот.

Продолжи со читање

Анализи

Европската индустрија троши сè помалку енергија, но прехранбениот сектор бележи раст

Објавено

на

Индустриските капацитети низ Европската Унија продолжуваат да ја намалуваат потрошувачката на енергија, покажуваат најновите податоци на Евростат. Во 2024 година, европската индустрија потрошила 8.835 петџули енергија, што претставува намалување од 8,1 отсто во споредба со пред десет години и продолжување на долгорочниот тренд на пад кој трае од 1990 година.

Електричната енергија и натаму има најголем удел во индустриската потрошувачка со 33,3 проценти, додека природниот гас учествува со 31,9 проценти. Обновливите извори на енергија и биогоривата се на третото место со удел од 11,3 проценти, надминувајќи ја нафтата и нафтените деривати.

Особено е забележливо намалувањето на употребата на јаглен и други цврсти фосилни горива, чија потрошувачка е намалена за речиси 35 проценти во однос на 2014 година. Во исто време, користењето на обновливи извори на енергија е зголемено за повеќе од 24 проценти, што укажува на забрзана енергетска транзиција во европската индустрија.

Сепак, не сите индустриски гранки го следат истиот тренд. Производството на храна, пијалаци и тутун бележи пораст на потрошувачката на енергија од 4,7 проценти во последната деценија и сега учествува со 12,8 проценти во вкупната индустриска потрошувачка на енергија во ЕУ.

Овој сектор најмногу се потпира на природниот гас, кој покрива 46,3 проценти од неговите енергетски потреби, додека електричната енергија учествува со 35,3 проценти. Истовремено, токму во прехранбената индустрија е забележан и значителен раст на користењето обновливи извори на енергија и биогорива, за дури 68,4 проценти во споредба со 2014 година.

Податоците покажуваат дека европската индустрија станува поенергетски ефикасна и сè помалку зависна од фосилните горива, но и дека растот на производството на храна носи поголеми енергетски потреби. Тоа укажува дека зелената транзиција во Европската Унија не се одвива со исто темпо во сите сектори.

Во рамки на напорите за постигнување климатска неутралност до 2050 година, Европската комисија во 2021 година го претстави пакетот мерки „Fit for 55“, чија цел е до 2030 година емисиите на стакленички гасови во ЕУ да се намалат за најмалку 55 проценти во однос на нивото од 1990 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange