Connect with us

Банки

Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем

Објавено

на

Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем и воопшто не е вклучена во овој процес.

Народната банка ќе може да излезе со став откако ќе има подетални сознанија, изјави денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. „Не сме вклучени во овој процес. Не ги знаеме деталите од разговорите“, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.

„Кога ќе имаме подетални сознанија за разговорите и договорот меѓу банките и Владата, тогаш ќе можеме да излеземе со наш став“, додаде Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања, откако ги презентираше есенските макроекономски проекции.

Во врска со најавите на Владата за дополнителни задолжувања, гувернерката напомена дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг.

Во оваа насока ги повтори препораките на меѓународните финансиски институции: постепена фискална консолидација, постепена монетарна акомодација во линија со фискалната консолидација и интензивирање на структурните реформи.

„При нашите проекции ја земаме предвид најновата фискална стратегија која беше неодамна донесена и која предвидува патека на фискална консолидација, односно од буџетски дефицит 4,9 проценти оваа година, негово постепено намалување и сведување на околу три отсто во 2027 година.

Нема дилема дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг“, подвлече Ангеловска-Бежоска.

 Уште еднаш гувернерката порача дека стабилноста на јавните финансии е клучна од два аспекта: за среднорочна одржливост на јавниот сектор (за да може државата да го подготви и изгради својот капацитет за справување со натамошни, идни шокови), како и за поддршка на монетарната политика.

Колку фискалната политика е попрудентна, тоа, напомена гувернерката, создава поголем простор за релаксирање на монетарната политика, односно посоодветни услови за обезбедување финансиска поддршка на компаниите и на граѓаните преку пониски каматни стапки.

„Останува потребата од водење прудентни домашни макроекономски политки за да нема нов бран инфлациски притисоци. Сите политки кои влијаат на агрегатната побарувачка, може да влијаат на инфлацијата“, додаде Ангеловска-Бежоска.

„Имајќи ја предвид големата отвореност на нашата економија, големото учество на цените на храната и енергијата во нашиот инфлациски индекс, нешто над 50 отсто, јасно кажува дека глобалниот контекст и геополитичките ризици кои може позначајно да влијаат на цените на примарните производи, остануваат клучен ризик.

Останува потребата од водење прудентни домашни макроеконосмки политки кои може да влијаат на агрегатната побарувачка, особено политките на пазарот на труд, но и интензитетот со кој би се спроведувале стуктурните реформи“, објасни  Ангеловска-Бежоска.

Според есенските проекции на Народната банка, девизните резерви достигнаа 4,9 милијарди евра што е нешто над четиримесечен увоз на стоки и услуги што се оценува како сосема соодветно ниво и во линија со монетраната стратегија на одржување стабилен девизен курс на домашната валута во однос на еврото.

Во однос на странските директни инвестиции, проекциите на среден рок се 4 отсто од БДП.

„Ова е слично ниво како во изминатите две години или малку пониско од тие 4,3 проценти во просек. Остварувањата продолжуваат да бидат солидни и првата половина од оваа година, беа подобри и од нашите очекувања. Приватните трансфери лани надминаа две милијарди евра, беа историски највисоки, па среднорочно сме попретпазливи и очекуваме нивно стабилизирање“, заклучи гувернерката.

Банки

Унибанка на 26 октомври ќе исплати полугодишна камата од 6 отсто годишно на перпетуалните обврзници

Објавено

на

Универзална Инвестициона Банка АД Скопје (Унибанка) најави дека на 26 октомври 2026 година ќе изврши исплата на полугодишна камата на имателите на перпетуални обврзници од третата емисија, со каматна стапка од шест проценти на годишно ниво.

Како што информираат од банката, станува збор за перпетуалните обврзници со ИСИН MKBLBA200037 и берзанска шифра UNIPO3.

Право на исплата на каматата ќе имаат сите лица кои заклучно со 23 октомври 2026 година ќе бидат регистрирани во книгата на иматели на перпетуални обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност.

Од банката појаснуваат дека тргувањето со овие обврзници на 21 и 22 октомври ќе се реализира со пресметана акумулирана камата.

Тоа значи дека купувачите при порамнувањето на трансакциите на 26 и 27 октомври ќе треба на продавачите да им ја исплатат чистата цена на обврзниците, зголемена за износот на акумулираната камата.

Сепак, купувачите кои ќе ги стекнат обврзниците преку овие трансакции нема да имаат право на претстојната исплата на полугодишната камата, бидејќи нивната регистрација во Централниот депозитар за хартии од вредност ќе биде извршена на 26, односно 27 октомври, по утврдениот датум за стекнување на правото.

Од Унибанка нагласуваат дека пресечниот датум за утврдување на имателите кои имаат право на камата е 23 октомври, додека самата исплата ќе се реализира на 26 октомври 2026 година.

Продолжи со читање

Банки

Светска банка мобилизира над 1,2 милијарди долари приватен капитал во Србија

Објавено

на

Групацијата на Светска банка мобилизирала повеќе од 1,2 милијарди долари, односно околу 1,07 милијарди евра приватен капитал во Србија во фискалната 2026 година, што претставува зголемување од над 50 проценти во споредба со фискалната 2022 година.

Според соопштението на Светска банка, објавено на 13 октомври, резултатите се однесуваат на фискалната година што заврши на 30 јуни 2026 година и укажуваат на зголемениот интерес на приватните инвеститори за финансирање развојни проекти во Србија.

Во изминатите пет години, Групацијата на Светска банка мобилизирала повеќе од пет милијарди долари комерцијално финансирање за проекти во јавниот и приватниот сектор во Србија.

Од институцијата оценуваат дека овие резултати го потврдуваат потенцијалот на земјата да привлече дополнителен приватен капитал за реализација на своите развојни приоритети, со поддршка на финансиските инструменти, експертизата и механизмите за финансирање на Светска банка.

Силен раст на приватните инвестиции во Европа и Централна Азија

Резултатите во Србија се дел од поширокиот тренд на значително зголемување на мобилизацијата на приватен капитал во регионот на Европа и Централна Азија.

Според податоците на Светска банка, во фискалната 2026 година во овој регион биле мобилизирани 21,3 милијарди долари приватен капитал, во споредба со околу четири милијарди долари пред четири години.

Ова претставува повеќе од петкратно зголемување на мобилизираниот приватен капитал, што укажува на значително проширување на улогата на приватното финансирање во поддршката на развојните проекти.

Рекордни 112 милијарди долари приватен капитал на глобално ниво

Групацијата на Светска банка во септември соопшти дека во фискалната 2026 година на глобално ниво мобилизирала 112 милијарди долари приватен капитал, што претставува највисок износ во нејзината историја.

Според институцијата, станува збор за повеќе од тројно зголемување во споредба со нивото од 35 милијарди долари забележано четири години претходно.

Кога мобилизираниот приватен капитал ќе се додаде на сопственото финансирање на Групацијата на Светска банка, вкупниот износ на финансирање и мобилизирани средства за економиите во развој во фискалната 2026 година надминува 200 милијарди долари.

Овие податоци ја истакнуваат сè поголемата улога на меѓународните финансиски институции во привлекувањето приватен капитал и обезбедувањето финансиска поддршка за развојните потреби на земјите.

Приватниот капитал како поддршка на развојните проекти

Мобилизацијата на приватен капитал претставува важен дел од активностите на Групацијата на Светска банка, која преку своите финансиски инструменти и експертиза настојува да поттикне дополнителни инвестиции во јавниот и приватниот сектор.

Во рамките на Групацијата функционираат Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Мултилатералната агенција за гарантирање инвестиции (MIGA), Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID), како и Светска банка, во чиј состав се Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) и Меѓународната асоцијација за развој (IDA).

Со повеќе од пет милијарди долари мобилизирано комерцијално финансирање во изминатите пет години, Србија бележи значителен обем на финансиска поддршка преку инструментите на Групацијата на Светска банка, додека растот на регионално и глобално ниво укажува на сè поголемото значење на приватниот капитал во финансирањето на економскиот развој.

Продолжи со читање

Банки

Морган Стенли ги надмина очекувањата: Приходите достигнаа 20,34 милијарди долари

Објавено

на

Американската инвестициска банка Морган Стенли (Morgan Stanley) оствари подобри финансиски резултати од очекуваните во третиот квартал од 2026 година, пред сè благодарение на силниот раст на приходите од тргување со акции, во период на зголемена нестабилност на финансиските пазари.

Вкупните приходи на банката достигнаа 20,34 милијарди долари, што претставува раст од 12 проценти во споредба со истиот период минатата година. Резултатот ги надмина прогнозите на аналитичарите анкетирани од LSEG, кои очекуваа приходи од 19,95 милијарди долари.

Нето-добивката се зголеми за 6,5 проценти, од 4,61 милијарда на 4,91 милијарда долари, додека добивката по акција изнесуваше 3,03 долари, над очекуваните 2,91 долар.

Силен раст на приходите од тргување со акции

Најголем придонес за позитивните резултати имаше сегментот за тргување со акции, каде што приходите се зголемија за речиси 41 процент, достигнувајќи 5,8 милијарди долари.

Во текот на кварталот, инвеститорите интензивно ги приспособуваа своите портфолија поради промените во каматните стапки на американската централна банка, геополитичката неизвесност и големите ценовни осцилации кај акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција.

Зголемената пазарна нестабилност позитивно влијаеше врз приходите на Морган Стенли, бидејќи поголемиот обем на трансакции и почестите промени во инвестициските портфолија ја зголемија активноста во трговскиот сегмент.

Сепак, растот на приходите од тргувањето со акции беше проследен со послаби резултати во сегментот на обврзници, валути и суровини.

Приходите од тргување со инструменти со фиксен принос се намалија за 7,3 проценти, на 2,01 милијарда долари.

Ваквите разлики меѓу двата главни трговски сегмента беа забележани и кај дел од конкурентските банки, бидејќи инвеститорите покажаа поголем интерес за технолошките и другите акции, додека повисоките каматни стапки и неизвесноста на пазарот на државни обврзници го отежнуваа работењето со инструментите со фиксен принос.

Послаби резултати од претходниот квартал, но над минатогодишното ниво

Во вториот квартал од годинава, Морган Стенли оствари рекордни приходи од 21,3 милијарди долари и нето-добивка од 5,58 милијарди долари.

Иако резултатите во периодот од јули до септември беа пониски во споредба со претходното тримесечје, тие останаа значително над минатогодишното ниво и над очекувањата на пазарот.

Банката во изминатите години настојува да ја намали зависноста од променливите приходи од инвестициското банкарство и тргувањето, насочувајќи се кон постабилни извори на приходи, особено од управувањето со имот.

Вредноста на средствата на клиентите во сегментите за управување со приватен и институционален имот во вториот квартал достигна десет билиони долари, додека сегментот за управување со богатство привлече рекордни 148 милијарди долари нови средства.

Високите каматни стапки создаваат нови предизвици

Вниманието на инвеститорите сега е насочено кон проценките на извршниот директор на Морган Стенли, Тед Пик, за перспективите на пазарот на спојувања и преземања, како и на иницијалните јавни понуди на акции до крајот на годината.

Повисоките каматни стапки имаат двојно влијание врз банкарскиот сектор. Од една страна, тие можат да ги зголемат приходите од камати и да поттикнат поголема трговска активност во услови на нестабилни пазари. Од друга страна, го поскапуваат финансирањето на преземањата, влијаат врз вреднувањето на компаниите и можат да го одложат нивното излегување на берза.

Поради повисоките трошоци за капитал и посложените процени на вредноста, компаниите што планираат аквизиции или јавни понуди на акции би можеле да ги одложат своите активности, дури и кога постои значителен број подготвени трансакции.

Морган Стенли претходно соопшти дека располага со силно портфолио потенцијални зделки во инвестициското банкарство и дека компаниите сè уште се наоѓаат во средината на голем инвестициски циклус поврзан со развојот на вештачката интелигенција.

Најновите резултати на Морган Стенли ја потврдуваат двојната слика на Волстрит: нестабилноста на финансиските пазари создава значителни можности за заработка од тргување, додека високите каматни стапки истовремено претставуваат ризик за забавување на спојувањата, преземањата и излегувањето на компаниите на берза.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange