Анализи
Инфлацијата се забрза во јуни – дали конечно дојде „тарифниот шок“ и што значи тоа за политиката на ФЕД?
Инфлацијата во САД бележи забрзување, што повторно ги става во фокус увозните тарифи на претседателот Доналд Трамп и потенцијалното менување на монетарната политика на Федералните резерви (ФЕД). Според најновите податоци на Министерството за труд, инфлацијата порасна за 2,7% во 12-те месеци заклучно со јуни, што претставува највисока стапка на инфлација од февруари годинава.
Ова зголемување доаѓа по неколку месеци на релативна стабилност, годишната инфлација во април беше на четиригодишно најниско ниво од 2,3%, за потоа во мај да се искачи на 2,4%. Сега, јуни донесе уште понагласено зголемување, што многумина го гледаат како првиот јасен сигнал за ефектот на тарифите врз цените.
Ценовен притисок и растечки трошоци
Цените растат особено кај категориите кои се најпогодени од тарифите на Трамп, а тоа се:
- Облека: +0,4%
- Мебел: +1%
- Видео и аудио производи: +1,1%
- Играчки: +1,8%
Дополнително, зголемувањето на цените на домувањето, храната и бензинот исто така придонесе за повисоката инфлација.
Според економистите, ова е само почеток. Даниел Хорнунг од МИТ изјави дека ова е „првиот извештај за инфлација каде што царините почнуваат материјално да се појавуваат во клучните категории“. Бизнисите засега користат постоечки залихи, но кога ќе започнат да набавуваат по новите тарифи, притисокот врз цените ќе стане уште поизразен.
Како ќе реагира ФЕД?
Иако американската централна банка ФЕД целосно ја следи стапката на “основна инфлација” – која ги исклучува цените на енергија и храна, која исто така, е во пораст, достигнувајќи 2,9% во јуни. Ова е далеку над целта на ФЕД од 2% и сигнал за потенцијална промена на досегашниот пристап.
Досега, Федералните резерви ја држеа референтната каматна стапка во опсег од 4,25% до 4,5%, но во своите проекции најавија две намалувања на стапката до крајот на годината. Сепак, појаснија дека секоја одлука ќе биде условена од новите економски индикатори, а инфлацијата е клучниот од нив.
Бил Адамс, главен економист во „Comerica Bank“, изјави дека е малку веројатно дека ФЕД ќе ја намали каматната стапка на крајот на јули, но најверојатно сценарио е намалување на референтната стапка во септември, особено доколку до тогаш постои стабилен тренд во инфлациските податоци.
Политички притисок и неизвесност
Претседателот Доналд Трамп, кој веќе ја критикуваше ФЕД за преголемото калкулирање и одолговлекување со намалувањето на каматните стапки, врши сè поголем притисок врз гувернерот Џером Пауел. Иако централната банка функционира независно, политичкиот наратив и очекувањата за „поевтини“ пари остануваат дел од пошироката економска слика.
Но, ФЕД е во деликатна позиција:
- Премногу брзо намалување на каматните стапки може дополнително да го поттикне растот на инфлацијата;
- Премногу бавно дејствување може да ја успори економската активност во услови на високи трошоци за финансирање и зголемена неизвесност.
Што следува?
Трговската политика на САД повторно станува клучен двигател на внатрешните економски движења. Најавените нови царини што треба да стапат на сила на 1 август, како 30% за целиот увоз од Мексико и ЕУ дополнително би можеле да го ескалираат притисокот врз цените и да ја поттикнат инфлацијата.
Доколку инфлацијата продолжи со нагорен тренд, ФЕД ќе се најде во сложена позиција да балансира меѓу:
- Целта за стабилни цени
- Поддршка на економскиот раст
- Одржување на довербата на пазарот
Заклучок
Извештајот за инфлацијата во јуни е потенцијално пресвртна точка за монетарната политика на САД. Иако ФЕД засега се воздржува од итна реакција, сè повеќе економски и политички сигнали укажуваат дека намалување на каматните стапки е можност, но не и извесност особено ако тарифниот шок продолжи да го потхранува растот на цените.
Во наредните месеци, клучно ќе биде дали зголемената инфлација ќе биде краткотраен ефект од новите царини или почеток на подолг инфлациски циклус.
Анализи
Минималецот во Македонија далеку зад регионот – синдикатите бараат итни реформи
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека според нивните пресметки, минималната плата во земјата од март 2026 година ќе се зголеми само за околу 1.600 денари, во рамки на законското усогласување со растот на просечната плата на годишно ниво. Тоа значи дека минималецот би достигнал околу 26.000 денари, далеку под очекувањата на синдикатите, кои бараа итно зголемување на најмалку 600 евра.
Според ССМ, дури и со ова усогласување, Македонија ќе остане со убедливо најниска минимална плата во регионот. Од таму потсетуваат дека политички претставници претходно најавија зголемување од 2.000 денари, но расчекорот меѓу најавите и реалниот ефект повторно ја отвора дебатата за куповната моќ и достоинствените примања.
Во споредба со соседството, јазот станува уште поочигледен:
- Косово – минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази: 425 евра од јануари 2026, 500 евра од јули 2026.
- Албанија – од 1 јануари 2026 минималната плата ќе изнесува 500 евра; Владата ќе субвенционира дел од трошоците за осигурување на приватниот сектор во износ од 90 милиони евра.
- Србија – минималецот изнесува 500 евра од октомври 2025, а од јануари 2026 се зголемува на 550 евра.
- Република Српска – минималната плата од јануари 2026 ќе варира од 512 до 743 евра, во зависност од степенот на квалификација.
- Босна и Херцеговина – минималната плата за 2025 година изнесува 511 евра.
- Црна Гора – минималецот е 600 евра за работници со средно образование, односно 800 евра за работници со високо образование.
ССМ остро реагира дека владините политики, заедно со поддршката на дел од работодавачите и одредени синдикални организации, создаваат притисок за одржување на ниско ниво на платите.
„Жалосно е што некои синдикати, како КСС, се форсираат да бидат репрезентативни само за да не се дозволи реално зголемување на примањата“, наведуваат од ССМ.
Пазарните аналитичари посочуваат дека динамиката на растот на минималната плата ќе биде еден од клучните фактори за домашната побарувачка, продуктивноста и конкурентноста на економијата во наредниот период, особено во услови на забрзано усогласување на платите во регионот и растечка миграција на работната сила.
Анализи
Раст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата
Меѓу 100 најголеми банки во Југоисточна Европа, рангирани во најновото издание на SEE TOP 100 ранг-листата на порталот SEE News, своето место повторно го најдоа шест македонски банки. И сите шест можат да се пофалат со скок од неколку места погоре на листата, што се должи на фактот дека нивната актива во 2024 година пораснала повеќе од таа на конкуренцијата во регионот.
Комерцијална банка останува највисоко рангирана македонска банка на оваа регионална ранг-листа со вкупна актива во 2024 од 2,9 милијарди евра. На најновата листа е рангирана на 41 место, што значи 4 места погоре од позицијата во претходното издание на SEE TOP 100, благодарение на годишниот пораст на активата од 9,17%.
Најголем скок, пак, има Халкбанк од 6 места, така што сега оваа македонска банка го зазеде 56 место. Овој напредок на Халкбанк и го овозможи годишниот пораст на активата од 15,99%, со кој банката ја заврши минатата година со вкупна актива од 1,85 милијарди евра.
Второрангирана македонска банка е Стопанска банка АД Скопје, која на оваа листа го зазеде 49 место, што значи едно место погоре во однос на претходната година. Активата на Стопанска банка Скопје е зголемена за 9,63% и изнесува 2,3 милијарди евра на 31.12.2024 година.
Две места подолу е НЛБ Банка АД Скопје, чија актива на крајот од минатата година изнесува 2,2 милијарди евра и оствари пораст од 13,42%. Со тоа, НЛБ Банка ја подобри својата позиција за 3 места.
На 61 место е Шпаркасе банка, што за оваа банка значи скок од 3 позиции. Шпаркасе банка се најде на оваа позиција со актива од 1,7 милијарди евра и со нејзин годишен раст од 13,19%.
Прокредит банка е рангирана на 96 место, со што оваа банка го подобри својот пласман за 2 места. Во 2024 година, Прокредит банка ја зголеми својата актива за 4,50% на 846 милиони евра.
Овие македонски банки во минатата година имаат вкупен профит од 274,8 милиони евра, што претставува учество од околу 3% во вкупната добивка на 100-те најголеми банки за 2024 година, која изнесува 9,9 милијарди евра. Профитот на 100-те банки во ЈИЕ бележи годишен раст од 11,2%, а на 6-те македонски банки е зголемен за 29,3%.
Во најновото издание на SEE TOP 100 се анализира дека „најголемите банки во Југоисточна Европа во 2024 година повторно остварија рекордни профити, потпомогнати од високите каматни стапки и стабилната побарувачка за кредити. Сепак, растот на профитот и на активата значително се забави во споредба со забрзаното темпо во 2023 година – знак дека секторот можеби го достигна својот профитен врв. Централните банки низ регионот започнаа внимателно да ги намалуваат каматните стапки со оглед на намалувањето на инфлацијата, настојувајќи да ја поттикнат економската активност, но воедно сигнализирајќи потенцијално намалување на маржите за кредиторите“.
70 од 100-те најголеми банки пријавиле поголем нето-профит во споредба со претходната година. Сепак, за разлика од 2023 година кога ниту една банка немаше загуби, во 2024 година First Bank Romania и Alpha Bank Romania влегоа во минус.
Вкупната актива на 100-те банки достигна 518,3 милијарди евра, во споредба со 467,3 милијарди евра претходната година. Поголемиот дел од банките ги зголемиле своите биланси, но 9 пријавиле пад на активата во однос на минатата година, што претставува мало подобрување во однос на 11 банки со пад во 2023 година.
И во 2024 година, Banca Transilvania од Романија останува најголема банка во Југоисточна Европа. Активата на банката порасна за 14% и достигна 37 милијарди евра. Banca Transilvania е и со најголема добивка во регионот од 710 милиони евра во 2024 година, што претставува раст од речиси 42%.
На ранг-листата за 2024 година доминираат банките од Романија и Бугарија. Двете земји имаат по 16 претставници во Топ 100.
Рангирањето за 2024 година донесе и три нови банки на листата: ALTA Banka од Србија, KentBank од Хрватска и ZiraatBank BH од Босна и Херцеговина. Tirana Bank, пак, направи најголем скок на листата за 14 позиции, достигнувајќи го 63 место.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Анализи
АНАЛИЗА: Што ги мотивира граѓаните да штедат во банка – каматите или сигурноста на заштедите?
Што е тоа што ги мотивира македонските граѓани најголем дел од заштедените пари да ги чуваат во банка? Логичниот одговор е сигурноста на нивните пари и каматните стапки што ги добиваат како принос на нивните орочени депозити. Во пресрет на традиционалното одбележување на Меѓународниот ден на штедењето 31 октомври, анализираме колкави се актуелните каматни стапки што ги нудат македонските банки за граѓаните за штедење во денари и во евра на рок од 12 или 13 месеци, зависно од понудата на секоја банка посебно. Дали тие се навистина атрактивни за да привлечат речиси седум милијарди евра заклучно се септември оваа година?
Дел од банките нудат повисоки камати со цел да привлечат заштеди на граѓаните, додека некои од банките и со релативно пониски каматни стапки успеваат да ги привлечат штедачите. Врз основа на актуелните каматни стапки, предничи Прокредит банка со својот промотивен депозит, со важност до 31 октомври, со кој на граѓаните им нуди каматна стапка од дури 3,2% за штедење во денари на период од 13 месеци. Овој депозит има и месечна исплата на камата, што значи клиентот не мора да чека на камата до истекот на рокот на орочување. Минималниот износ за орочување е 6.000 денари. За орочување во евра, Прокредит банка има промотивен депозит на 12 месеци со каматна стапка од 1,8%, исто така со месечна исплата на камата.
Со Депозит фикс во УНИ банка штедачите на 12 месеци за денари добиваат каматна стапка од 3,1%, а за штедење во евра 2%.
Промотивниот депозит на Халкбанк, достапен до 31.12.2025 година, има каматни стапки од дури 3% за орочување денари на 13 месеци и 2% за орочување евра на истиот период. Карактеристично за овој продукт на Халкбанк е што бара минимален влог од 30.000 денари или 500 евра, нема можност за реорочување по истекот на 13-те месеци и пред истекот на периодот на орочување не е дозволено ниту делумно повлекување на средства ниту дополнителни уплати.
Силкроуд банка, исто така, е во оваа група банки со својот продукт Премиум плус за нови орочени влогови. За влог во денари орочен на 13 месеци нуди каматна стапка од 2,85%, а за влог во евра орочен на 12 месеци каматата изнесува 2,10%.
Во Шпаркасе банка, во моментот, најатрактивнатакаматна стапка за денарски депозит орочен на 13 месеци изнесува 2,70% за минимален депозит од 3.000 денари, за кој исто така нема можност за делумно повлекување средства или за дополнителни уплати. За орочување во евра на истиот период, најповолната каматна стапка што ја дава оваа банка изнесува 0,70% за минимален влог од 100 евра.
Капитал банка нуди каматна стапка од 2,50% на 12 месеци за привлекување штедачи во денари, додека за штедење во евра на истиот период каматата изнесува 1,50%. Централна кооперативна банка со својот Хит депозит за орочување денари на 12 месеци дава каматна стапка од 2,20%, а за орочување евра има каматна стапка од 1,90%.
Релативно пониски се каматните стапки на орочени депозити на 12 или 13 месеци во другите банки. Во Стопанска банка Битола, на пример, каматната стапка за орочен влог во денари на 13 месеци изнесува 1,80%, а во евра е 0,50%. Стандардниот орочен штеден влог во денари на 13 месеци во ТТК банка, пак, има каматна стапка од 1,55%, а во евра од 0,75%.
НЛБ банка има највисоки каматни стапки за Виолетовиот депозит со рок на орочување од 13 месеци, кои изнесуваат 1% за влог во денари, а 0,45% за влог во евра. Во Комерцијална банка каматната стапка на денарските депозити на 12 месеци изнесува 0,60%, а на тие во евра е 0,40%.
Стопанска банка Скопје, пак, има депозитен производ со рок на орочување од 12 месеци, а со исплата на камата за 13 месеци. Висината на каматната стапка изнесува 0,50% за денарски депозити и 0,25% за депозити во евра.
Последните податоци од Народната банка на Македонија покажуваат дека во август оваа година каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата на ниво на банкарски сектор изнесува 2,18% и бележи пад од 0,15 п.п. на месечна основа. „Надолната промена се должи на падот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,14 п.п. и 0,06 п.п., соодветно). Кај каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е забележан месечен пад од 0,01 п.п. и изнесува 2,14%. Притоа, падот произлегува од намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.) и непроменети каматни стапки на депозитите во странска валута. Споредено со август претходната година, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е зголемена за 0,21 п.п.)“, информира централната банка.
Заклучно со септември, пак, вкупните депозити во земјата забележаа месечен раст од 0,3% и годишен од 13,2% најмногу поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“.На крајот од септември оваа година, депозитите во денари достигнаа 231,9 милијарди денари и за една година се зголемени за 22%. Заштедите во евра изнесуваат 191 милијарда денари и на годишно ниво бележат раст од 4,8%.Најголем дел од заштедите во банките се краткорочни– дури 232 милијарди денари се депонирани на краток рок. Само 72,8 милијарди денари се долгорочни депозити до 2 години.
-
Продуктипред 2 месециMastercard до 2030 ќе ги замени бројките на картичките со токени
-
Осигурувањепред 2 месециДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Банкипред 2 месециСрпската банка што ја купува Стопанска банка а.д. Битола најави изградба на облакодер од 35 ката за свое ново седиште!?
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Известување за девизни СЕПА кредитни трансфери
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Кој е кој во финансискиот сектор во Македонија
-
Банкипред 2 месециКОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ПРЕДУПРЕДУВА: Забележана е измамничка кампања со испраќање лажни СМС пораки за ажурирање сметка






