Банки
Гувернерот Славески на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјава со конкретни придобивки за сегашните и за идните генерации
Народната банка, во соработка со Централната банка на Холандија, денеска во Охрид, ја отвори Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“. Настанот ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.
„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.
Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.
Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.
„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.
Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.
На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.
„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.
Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.
Банки
УниКредит тргнува во офанзива: понуда од 35 милијарди евра за Комерцбанк го менува европското банкарство
Италијанската банка УниКредит објави доброволна понуда за преземање на германската Комерцбанк во вредност од 35 милијарди евра, со што започнува една од најголемите банкарски аквизиции во Европа во последните години. Понудата предвидува размена од 0,485 акции на UniCredit за секоја акција на Комерцбанк, а стартот на трансакцијата е планиран за почетокот на мај.
Овој потег се смета за дел од поширока стратегија на УниКредит за проширување на германскиот пазар и зајакнување на позицијата во клучните европски финансиски центри. Главниот извршен директор Андреа Орсел веќе подолго време сигнализира амбиции за целосно преземање, откако банката во септември 2024 година го зголеми својот удел во Комерцбанк на 29 проценти.
Сепак, трансакцијата наидува на силен отпор од германската влада, која поседува повеќе од 12 проценти од акциите, како и од управата на Комерцбанк. Берлин настојува да ја зачува независноста на банката и да спречи прекумерна концентрација на капитал во рацете на странски инвеститор.
Од УниКредит уверуваат дека понудата е во согласност со германските регулативи, според кои акционер со над 30 проценти гласачки права мора да даде обврзувачка понуда за преземање. Банката наведува дека пристапот е „разумен и прагматичен“, со цел да се обезбеди соработка со акционерите и раководството на Комерцбанк.
Доколку аквизицијата се реализира, УниКредит значително ќе го зајакне своето присуство во Германија, особено преку синергија со својата подружница ХВБ. Истовремено, трансакцијата носи и зголемени регулаторни обврски и предизвици поврзани со интеграцијата на системите.
Аналитичарите оценуваат дека успехот ќе зависи од способноста на банката да ги надмине политичките пречки, да ги исполни регулаторните барања и да обезбеди ефикасна интеграција. Доколку преземањето успее, тоа би можело да постави преседан за нов бран прекугранични аквизиции и да го редефинира конкурентскиот пејзаж на европскиот банкарски сектор.
Овој потег се смета за клучен сигнал дека процесот на консолидација во европското банкарство влегува во нова фаза, со потенцијал да ја засили улогата на големите регионални играчи и да ја промени динамиката на пазарот.
Банки
Ангелина Барџиева и Горан Грујиќ нови лица за контакт со инвеститори во Алта Банка АД Битола
Надзорниот одбор на Алта Банка АД Битола на својата 10-та седница одржана на 2 март 2026 година донесе одлука за именување на Ангелина Барџиева, Раководител на Дирекција за стратешко планирање, контролинг и екстерно известување, и Горан Грујиќ, самостоен стручен соработник за контролинг на трошоци, за нови лица за контакт со инвеститори на банката.
Со оваа одлука престануваат да важат претходните именувања на Гордана Балтовска и Христина Ѓоргиевска.
Одлуката стапува на сила веднаш по нејзиното донесување и ја дефинира новата структура за комуникација со инвеститорите, со цел обезбедување на ефикасна и транспарентна размена на информации за акционерите и пазарот.
Банки
Гувернерот Славески: Младите сѐ порано почнуваат да користат финансиски услуги – финансиската едукација мора да биде дел од образованието
„Младите денес сѐ порано стануваат корисници на финансиски услуги, поради што финансиската едукација треба да биде системски интегрирана во образовниот процес“, истакна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на настан посветен на финансиската едукација во образованието, организиран по повод 15 март – Меѓународниот ден за правата на потрошувачите, од страна на Бирото за развој на образованието.
Според податоците на ОЕЦД, повеќе од две третини од 15-годишниците веќе користат финансиски производи, како што се платежните сметки или платежните картички, што ја нагласува важноста од нивното навремено финансиско едуцирање. Гувернерот посочи дека во услови на брз технолошки развој, дигитализација на финансиските услуги и сè посложените финансиски производи, финансиската писменост станува неопходна вештина за секој човек. Оттука, образовните системи сè повеќе треба да ја препознаваат финансиската едукација како важен дел од наставниот процес, бидејќи таа не претставува само дополнително знаење, туку основа за одговорно и свесно управување со личните финансии.
Народната банка постојано спроведува бројни активности за унапредување на финансиската писменост, насочени кон учениците и студентите, како и кон пошироката јавност. Во изминатите години се одржани бројни едукативни предавања, изработени се печатени и електронски материјали, видеосодржини и едукативни игри, како и активности преку социјалните мрежи.
Гувернерот најави дека, и оваа година, Народната банка со повеќе едукативни активности ќе ја одбележи Глобалната недела на парите, насочена кон подигнување на финансиската свесност кај младите.
Гувернерот Славески посочи дека финансиската едукација е важна, но самата по себе не е доволна за да им овозможи на граѓаните поефикасно управување со доходите, поголема финансиска сигурност и подобро планирање на иднината, поради што Народната банка, во соработка со банките, ќе иницира и конкретни измени во финансискиот систем со цел тој да стане поправичен и посеопфатен. За таа цел, до Министерството за финансии веќе е поднесена иницијатива за измени во Законот за платни системи и платежни услуги, со која се предлага проширување на опфатот на платежната сметка за основни функции, што ќе овозможи пониски трошоци и бесплатни основни трансакции за граѓаните. Исто така, заедно со банките ќе се разгледа и можноста за воведување посебна штедна сметка за вонредни потреби, со стимулативни услови, т. е. со цел да се поттикне создавање финансиска резерва кај граѓаните и да се зајакне културата на штедење.
-
Продуктипред 2 месециАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Бизниспред 1 месецУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Продуктипред 2 месециКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Банкипред 2 месециДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 1 месецАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 1 месецОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 1 месец„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски



