Анализи
Готовината се уште доминантен метод за плаќање при онлајн нарачки
Народната банка на Република Северна Македонија ги објави новите податоците за платежната статистика за трите квартали од 2024 година, кои покажуваат постојан тренд на зголемена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата. Во трите квартали од 2024 година се забележува значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Вкупните трансакции со картички во земјата и во странство издадени од домашните и странски даватели на платежните услуги, пораснале за 11,3% по број и за 13,6% по вредност. Вредноста на трансакциите на места на продажба за е-трговија изнесуваат 522.5 милиони евра и преставува 9,1% од вкупните трансакции и преставува раст од 7,5% во однос на истиот период минатата година. При тоа овој пораст се должи во главно на растот на вредноста на трансакциите направени во странство од домашни иматели на платежни картички кој изнесува 39,7%. Вредноста на направените трансакции кон домашни е-трговцизабележува пад од 6,7%.
Ако имаме во предвид дека готовината при достава (Cash on Delivery – CoD) доминира како најчест начин на плаќање во е-трговијата, и тоа според последните податоци на Findex (2021) 47% од македонските онлајн купувачи се потпираат на плаќање во готово, а кај домашните е-трговци постои опцијата за готовина при доставата, што не е случај кај странските е-трговци, може да се каже дека се уште готовината доминира при онлајн плаќањето.

Асоцијацијата за е-трговија, во своето шесто издание направи анализа на е трговијата во земјите од Западен Балкан („Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година“, поддржано од НЛБ групацијата) каде што во делот за плаќањето, како една од алките на синџирот на е-трговијата, се согледува дека е слична состојбата и во другите балкански земји во Косово 85%, Албанија 75% и Србија 71%. За споредба, во земји како Австрија и Данска готовината речиси и да не се користи. Македонците, како и балканските купувачи се уште преферираат плаќање со готовина, додека дигиталните плаќања, кои се норма во ЕУ, сè уште се ограничени. 59% од Македонците имаат платежни картички, а 43% од нив ги користат. Уште полоша е состојбата во Албанија, каде што само 8% од популацијата ги користи платежните картички, како и во Косово (21%) и Босна и Херцеговина (23%). Во Србија состојбата е најдобра со 62% иматели на платежни картички и 47% нивно користење. Исто така, користењето на мобилните телефони за плаќање е на ниско ниво. Имено, и покрај тоа што регионот е технолошки добро опремен – мобилната пенетрација е висока, со 95% од населението во Северна Македонија, Србија, Косово и Босна и Херцеговина кои поседуваат мобилен телефон, употребата на мобилни телефони за финансиски трансакции останува ниска – во Македонија само 36% од корисниците на финансиски услуги ги користат мобилните уреди за плаќања.
Според анкетата, која ја спроведе Асоцијацијата за е-трговија, како дел од споменатиот извештај со фокус на плаќањето при онлајн продажбата, 72,5% од е-трговците истакнаа дека готовината при достава е доминантен метод на плаќање за нивните клиенти, а 82,5% одговориле дека токму клиентите ја претпочитаат оваа опција. Клучни причини за оваа доминација според анкетираните е-трговци се: недовербата во онлајн продавниците, стравот дека нарачаните производи нема да бидат доставени, како и чувство на сигурност при плаќање со готовина. Дополнително, навиките и недоволните дигитални вештини за користење на картички играат значајна улога во популарноста на ќеш плаќањата. И покрај тоа, 62,5% од е-трговците изјавиле дека плаќањето со картички е покорисно за нивниот бизнис, а 45% од нив активно го промовираат користењето на картички. Плаќањето со готовина од друга страна, создава големи неефикасности за е-трговците, како што се неуспешни испораки, зголемени оперативни трошоци и ризик од неформални економски практики.
„Вториот најголем предизвик, со кој се соочуваат е-трговците кои учествуваа во анкетата, е нелојалната конкуренција предизвикана од сивата економија. Плаќањето со готовина ја олеснува оваа нелегална пракса, додека преминот кон дигитални плаќања може да придонесе за намалување на овој предизвик, зголемувајќи ја транспарентноста и формалноста на економијата. За да се намали доминацијата на готовината, потребни се насочени активности за подобрување на дигиталната писменост, намалување на трансакциските трошоци и зголемување на довербата во онлајн плаќањата. Преку овие чекори, македонската и регионалната е-трговија може да станат поконкурентни, поттикнувајќи раст и економска стабилност“, изјави преседателката на Асоцијацијата за е-трговија д-р Нина Ангеловска Станков.
Инаку, годишниот извештај од анализата за е-трговија е изработен со поддршка на NLB Group и беше традиционално презентиран на 7-та регионална конференција за е-трговија. Како шесто издание од серијата, оваа публикација за првпат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Сеопфатниот извештај нуди длабинска анализа на моменталнaта состојба на е-трговијата и трендовите, го прикажува растот на е-трговијата во изминатата година и прави споредба на регионот со поразвиените европски пазари, заснована на секундарни податоци и компаративна анализа. Дополнително, беше спроведено и примарно истражување кое ги анализираше искуствата на е-продавачите во Западен Балкан, со посебен фокус на е-плаќањата, идентификувајќи ги критичните бариери и можности за раст.
Целосниот извештај и повеќе информации за клучните сознанија од анализата се достапни на ликот во продололжение: https://ecommerce.mk/wb-ecommerce-report-2024/.
Анализи
Цените на нафтата паднаа под 100 долари по барел по најавата за примирје
Цените на суровата нафта нагло се намалија, спуштајќи се значително под нивото од 100 долари по барел, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД се согласиле на двонеделно примирје со Иран, предложено од Пакистан, пренесуваат светските агенции.
Според него, договорот е условен со тоа Иран да дозволи „целосно“ повторно отворање на Ормутскиот теснец. Речиси целосната блокада на овој клучен пловен пат низ кој поминува околу една четвртина од светската поморска трговија со нафта доведе до најголемо нарушување во историјата на нафтениот пазар.
Цената на глобалната референтна нафта Brent за идни испораки се намали за околу 16 отсто, на приближно 92 долари по барел. Сепак, тоа е и натаму значително над нивото од околу 73 долари, каде што беше непосредно пред почетокот на конфликтот кон крајот на февруари. Американската референтна нафта WTI падна за околу 19 отсто, исто така на околу 92 долари по барел.
Клучното прашање сега е дали бродските компании ќе имаат доволна доверба во безбедниот премин низ тесниот пловен пат покрај брегот на Иран за да продолжат со испораките на нафта, течен природен гас и други производи. Физичкиот пазар на нафта и понатаму е нестабилен, бидејќи производителите од Блискиот Исток го намалија производството поради прекините во извозните рути.
Веста за примирјето позитивно се одрази и на финансиските пазари. Фјучерсите на Dow Jones Industrial Average пораснаа за повеќе од 900 поени, односно 1,95 отсто, S&P 500 за 2,13 отсто, а Nasdaq Composite за 2,46 отсто.
Позитивниот тренд се пренесе и на азиските пазари, каде што Nikkei 225 порасна за 4,4 отсто, а KOSPI забележа раст од 5,6 отсто.
И покрај оптимизмот кај инвеститорите, аналитичарите предупредуваат дека остануваат отворени клучни прашања, пред сè дали блокадата на теснецот низ кој поминува околу 20 отсто од светската нафта навистина ќе биде укината.
Анализи
Цените на становите и кириите растат во ЕУ: најголем скок во последната деценија
Во четвртиот квартал од 2025 година, цените на становите во Европската унија се зголемиле за 5,5 проценти, додека кириите пораснале за 3,2 проценти во споредба со истиот период во 2024 година, покажуваат најновите податоци на Еуростат.
Во однос на претходниот квартал, односно третиот квартал од 2025 година, цените на становите се зголемиле за 0,8 проценти, а кириите за 0,6 проценти.
Подолгорочните трендови укажуваат на значителен раст. Во периодот од 2015 година до третиот квартал од 2025 година, цените на становите во ЕУ пораснале за 64,9 проценти, додека кириите се зголемиле за 21,8 проценти.
На национално ниво, споредбата меѓу 2015 година и четвртиот квартал од 2025 година покажува дека цените на становите растеле побрзо од кириите во 25 земји-членки. Во Унгарија цените на становите се зголемиле за дури 290 проценти, додека повеќе од двојно зголемување е регистрирано во 12 земји, со најголем раст во Португалија (180%), Литванија (168%) и Бугарија (157%). Единствена земја каде што е забележан пад на цените е Финска, со намалување од 3 проценти.
Во истиот период, кириите се зголемиле во сите 27 земји на ЕУ. Најголем раст е забележан во Унгарија (109%), по што следуваат Литванија (88%) и Ирска и Полска (по 76%).
Овие податоци укажуваат на продолжување на трендот на раст на трошоците за домување во Европската унија, при што цените на недвижностите растат значително побрзо од кириите во повеќето земји.
Анализи
Дел од профитите на енергетските компании завршуваат во даночни оази за време на растот на цените на нафтата
За време на растот на цените на суровините, мултинационалните компании од екстрактивниот сектор, вклучително и нафтените компании, сè почесто пренасочуваат значителен дел од својата добивка во земји со ниски даноци, покажува истражување на „International Tax Observatory“.
Повеќе од еден месец по почетокот на американско-израелскиот конфликт во Иран, европските влади сè поинтензивно бараат начини за ублажување на инфлаторните притисоци врз домаќинствата и економијата, но и за финансирање на сè поскапите интервенции.
Во тој контекст, Германија, Австрија, Шпанија, Италија и Португалија на почетокот на април ја повикаа Европската комисија да воведе посебен данок за енергетските компании, со цел дел од екстра профитите, создадени поради геополитичките нарушувања и енергетскиот шок, да се прераспределат.
Сепак, новата анализа укажува дека ефектите од ваквите мерки би можеле да бидат ограничени. Според студијата на „International Tax Observatory“, истражувачки центар предводен од економистот Габриел Зукман, значителен дел од тие вонредни приходи завршуваат во даночни оази, каде што се оданочуваат по значително пониски стапки.
Проблемот има структурен карактер. Во периоди на нагол раст на цените на енергенсите, мултинационалните компании го зголемуваат уделот на добивка што ја пријавуваат во јурисдикции со пониски даноци. Во просек, околу 12 проценти од добивката се пријавува во такви системи, но за време на стоковните бумови тој удел расте на околу 20 проценти.
Анализата се базира на податоци на ОЕЦД за оданочување на мултинационалните компании, како и на индустриски бази како Rystad Energy и S&P Global. Опфатени се 77 компании од нафтениот, рударскиот и рафинерискиот сектор кои работат во повеќе од 200 земји во периодот од 2016 до 2023 година.
Резултатите покажуваат дека 76 проценти од добивката и понатаму се пријавува во земјите каде што се врши експлоатација на ресурсите, но околу една четвртина од приходите се пренасочува преку сложени корпоративни структури кон јурисдикции со поповолен даночен третман. Овој механизам значително ја намалува ефикасноста на даноците на вонредна добивка и го отвора прашањето за нивната реална фискална оправданост.
-
Банкипред 2 месециЗлатници од Комерцијална банка за паметна и сигурна инвестиција и подарок што станува наследство
-
Берзапред 2 месециНеколку акции ја носат ликвидноста: кој доминираше на Македонската берза во јануари 2026-1?
-
Анализипред 2 месециПросечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
-
Банкипред 2 месециТаткото троши – ќерката плаќа: смена на улогите во новата реклама за картичката за деца на Халкбанк
-
Интервјуапред 1 месецПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 1 месецКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Бизниспред 2 месециМакедонија добива уролог обучен за роботска хирургија на глобална програма
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка АД Скопје


