Connect with us
no baners

Бизнис

АЕТМ: 23% од македонските компании не користат ниту една дигитална алатка

Објавено

на

Во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година изработен од Асоцијацијата за е-трговија, анализирани се податоците од анкетата  во Бизнис барометарот за Западен Балкан 2024, спроведен од Регионалниот совет за соработка (RCC), која  обезбедува редовен увид во состојбата, очекувањата и дигиталната подготвеност на компаниите во регионот. Истражувањето опфаќа 1.200 компании од Западен Балкан, по 200 од секоја економија, и прашалникот ги адресира клучните аспекти на деловното работење – вклучувајќи иновации, технологија и користење на е-трговијата.

Според резултатите, само 19% од анкетираните македонски компаниите продаваат свои производи или услуги онлајн, што ја става земјата под регионалниот просек и меѓу економиите со најниска застапеност на е-трговија кај претпријатијата. Ова укажува дека за голем дел од фирмите, онлајн продажбата сè уште не е интегриран дел од деловниот модел, туку исклучок или повремен канал.

Што се однесува до добиените одговори за користење и достапност на дигиталните ресурси кај компаниите, покажуваат дека дигиталната инфраструктура на македонските претпријатија е фрагментирана и нецелосна, што директно го ограничува развојот на е-трговијата и дигиталните деловни модели. 41% од македонските компании имаат веб-страница, што е под просекот на Западен Балкан (45%), додека само 33% користат корпоративен електронска пошта (e-маил), значително под регионалниот просек од 44%. Овие основни алатки, кои претставуваат предуслов за онлајн продажба и дигитална комуникација со клиенти, сè уште не се стандард кај македонските фирми. 

Уште поизразен е јазот кај понапредните деловни системи. Само 23% од македонските компании користат компјутерска мрежа, наспроти 32% на ниво на WB6, а финансиски и сметководствен софтвер користат 31% од фирмите – приближно на регионалниот просек, но недоволно за поддршка на скалабилна е-трговија. CRM и системи за управување со продажба користат околу една петтина од компаниите, што укажува дека односите со клиенти и онлајн нарачките сè уште се управуваат со ограничени дигитални алатки. Особено загрижувачки е фактот што само 6% од македонските компании користат ERP системи, што е двојно помалку од регионалниот просек (12%), како и тоа што користењето на алатки со вештачка интелигенција (ВИ) е речиси занемарливо (1%), што ја става земјата меѓу најниско подготвените во регионот за следната фаза на дигитална трансформација. 

Како резултат на ова, ниту една компанија во Северна Македонија не пријавува користење на сите клучни дигитални ресурси, додека дури 23% од фирмите изјавуваат дека не користат ниту една од наведените дигитални алатки, повеќе од двојно над регионалниот просек (10%). Ова јасно укажува дека значителен дел од деловниот сектор сè уште функционира без основна дигитална инфраструктура. Овие наоди потврдуваат дека ограничената употреба на дигитални алатки кај компаниите е една од клучните структурни пречки за развој на е-трговијата во Северна Македонија. Без системска дигитализација на внатрешните процеси, бизнисите тешко можат да ја развијат онлајн продажбата како стабилен и одржлив извор на приходи.

Дигиталниот јаз кај македонските компании не се гледа само кај вештачката интелигенција, туку и кај основните деловни системи. Додека само 1% од компаниите користат ВИ алатки, едвај 6% имаат ERP системи, а само 20% користат cloud решенија. Без овие основи, е-трговијата тешко може да стане скалабилен и одржлив извор на приходи. Без дигитализација и иновации, е-трговијата ќе остане ограничена, а компаниите ќе ја губат конкурентноста и на регионално ниво. За да го промениме ова потребни се здружени напори и холистички пристап. Добро е што неодамна Владата донесе стретегија за дигитална трансформација, но секако останува да ја проследиме имплементацијата и резултатите. Асоцијацијата за е-трговија е посветена да го забрза патот на дигитализацијата која е основа за развојот на е-трговијата. изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија, Нина Ангеловска Станков.

Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. 

Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/

Бизнис

Од полноќ поевтинуваат сите горива, дизелот со најголемо намалување

Објавено

на

Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за корекција на цените на нафтените деривати, со која од полноќ ќе стапат во сила пониски цени на сите видови горива.

Најпродаваниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 3,5 денари по литар и ќе се продава по цена од 84 денари. Цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 4 денари, па новата цена ќе изнесува 86 денари за литар.

Најголема промена има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поевтинува за 7 денари по литар и од утре ќе чини 80,5 денари, додека екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава по 79,5 денари за литар.

Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 3,932 денари по килограм. Согласно новата одлука, неговата цена ќе изнесува 42,291 денари за килограм.

Новите цени ќе важат од 23 јуни и се однесуваат на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати во државата.

Продолжи со читање

Бизнис

 Iute Македонија со летна акција: Ваучери до 3.000 денари за одмор во Грција

Објавено

на

Iute Македонија во соработка со SuperMart Macedonia промовира нова летна понуда која на корисниците им овозможува дополнителни заштеди при резервација на одмор во Грција.

Понудата се однесува на резервации во хотелот Coral Blue Beach во Геракини, на полуостровот Ситонија, а клиентите кои ќе изберат плаќање на рати преку услугата iute Smart можат да искористат ваучери за попуст во зависност од вредноста на нарачката.

За резервации над 30.000 денари е достапен ваучер од 3.000 денари, за нарачки над 20.000 денари следува попуст од 2.000 денари, додека за износи над 10.000 денари клиентите добиваат ваучер од 1.000 денари.

Од Iute Македонија велат дека целта на кампањата е да им овозможи на граѓаните попристапни услови за планирање на летниот одмор, комбинирајќи флексибилно плаќање и дополнителни бенефиции.

Понудата е достапна преку платформата на Iute, каде заинтересираните можат да добијат повеќе информации и да ја направат својата резервација.

Продолжи со читање

Бизнис

Велика Британија ги измени условите за соработка со Лукоил

Објавено

на

Велика Британија ги олесни ограничувањата поврзани со санкциите за руската нафтена компанија Лукоил, отстранувајќи едно од клучните правила што се однесуваа на плаќањата кон нејзината меѓународна подружница.

Британската Канцеларија за спроведување на финансиските санкции (OFSI) соопшти дека е изменета привремената лиценца што им овозможува на компаниите да продолжат да соработуваат со „Лукоил Интернешнл“, холдинг-компанија со седиште во Австрија преку која се управува со странските средства на рускиот енергетски гигант.

Со измените е укинато барањето плаќањата кон „Лукоил Интернешнл“ и нејзините подружници да се вршат исклучиво преку замрзнати сметки. Од OFSI наведуваат дека промената не значи и дозвола средствата да бидат вратени на Лукоил, без дополнително да ја образложат причината за измената.

Велика Британија воведе санкции против Лукоил во октомври минатата година поради руската инвазија врз Украина. Еден месец подоцна беше издадена специјална лиценца што им овозможуваше на компаниите да ги продолжат деловните активности со „Лукоил Интернешнл“. Лиценцата, која веќе еднаш беше продолжена, моментално важи до 25 август годинава.

Во Југоисточна Европа, Лукоил поседува значајни енергетски капацитети, меѓу кои единствената рафинерија во Бугарија – Нефтохим Бургас, рафинеријата Петротел во Романија, како и мрежи на бензински станици во Бугарија, Романија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Молдавија и Северна Македонија.

Покрај британските санкции, Лукоил е предмет и на ограничувања од страна на САД. Американското Министерство за финансии воведе санкции во ноември, но дел од мерките подоцна беа одложени. Во мај годинава, Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) ја продолжи лиценцата што им овозможува на потенцијалните купувачи на странските средства на Лукоил да ги продолжат преговорите со руската компанија до 27 јуни.

Во јануари Лукоил соопшти дека постигнал договор за продажба на поголемиот дел од своите странски средства, чија вредност според проценките изнесува околу 22 милијарди долари. Според медиумски информации, меѓу заинтересираните купувачи се американската инвестициска компанија Carlyle, како и енергетските гиганти Exxon Mobil и Chevron.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange