Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Објавено

на

Во рамките на посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ ‒ Штип, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари средба со ректорот на Универзитетот, проф. д-р Дејан Мираковски и со проф. д-р Дарко Лазаров на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката помеѓу Народната банка и Универзитетот во делот на истражувачката работа и макроекономското моделирање.

Во рамките на редовната практика за споделување на макроекономските податоци со различни целни групи во јавноста, гувернерката одржа предавање пред студентите на Економскиот факултет при Универзитетот на коешто се обратија и деканката на Економскиот факултет, проф. д-р Оливера Ѓоргиева Трајковска, како и проф. д-р Дарко Лазаров. „Според најновиот циклус макроекономски проекции на Народната банка, годинава се очекува стеснување на дефицитот на тековната сметка, како резултат на подобрувањето на надворешното окружување преку намалување на притисоците од трговската размена, а пред сѐ кај енергентите. Финансиските приливи и понатаму би биле солидни и би го покривале дефицитот на тековната сметка, но истовремено ќе бидат доволни и за зголемување на девизните резерви. Сепак, неизвесноста опстојува и потребно е внимателно следење“, беше посочено на предавањето на гувернерката.

Движењата во надворешниот сектор се исклучително значајни за Народната банка со оглед на нашата монетарна стратегија на одржување стабилен девизен курс на денарот. Дефицитот на тековната сметка лани значително се прошири, главно како резултат на енергетската криза, односно увозот на енергенти по исклучително високи цени. Дел од овие притисоци беа ублажени преку високиот раст на дознаките од странство. Дознаките коишто беа значително погодени во периодот на пандемијата, во изминатиот период растеа со високи стапки на раст од 30 до 40%, со што во 2022 година достигнаа 2,4 милијарди евра, што е историски највисоко ниво. На среден рок се очекува дека тие и натаму ќе растат, но значително поумерено со од годишен раст од 3 до 4%. Очекувањата за намалување на притисоците кај енергентите, а со тоа и врз трговскиот дефицит, ќе придонесат за стеснување на дефицитот на тековната сметка во 2023 година за 2,4 п.п. од БДП на годишна основа, односно тој ќе изнесува 3,6% од БДП. Се очекува ваков тренд и на среден рок во услови на натамошна постепена стабилизација на цените на примарните производи и натамошно закрепнување на странската извозна побарувачка.

Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и би придонесле за натамошен раст на девизните резерви, коишто за целиот период ќе останат на соодветно ниво. Странските директни инвестиции минатата година достигнаа 5,7% од БДП, што е една од повисоките стапки досега. Очекувањата за следниот период се дека тие и натаму ќе растат и во просек би изнесувале 3,7% од БДП на среден рок.

Во презентацијата пред студентите гувернерката се осврна и на очекувањата за економскиот раст годинава, како и за инфлацијата. Говорејќи за економскиот раст, гувернерката истакна дека растот на македонската економија во 2023 година би изнесувал 2,1% (еднаков на остварениот претходната година), а инфлацијата би се свела на едноцифрено ниво од 8% до 9% и потоа на среден рок би забележала натамошно намалување и сведување под 3%, како што беше и октомвриската проекција.

Геополитичките превирања и нивните можни ефекти врз синџирите на снабдување и светските цени, евентуалното поостро затегнување на глобалните финансиски услови, како и случувањата во финансиските системи во одделни економии и натаму се ризиците за надолни проекции.

Банки

Модернизација и регионално поврзување на платните системи помеѓу земјите од Западен Балкан поддржани од Банката на Италија и Европската централна банка

Објавено

на

Во Вашингтон, за време на Годишните средби на ММФ и Светската банка, гувернерот Трајко Славески, заедно со гувернерите на централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, го потпиша Писмото на намери со гувернерот на Банката на Италија, Фабио Панета, врз основа на кое Банката на Италија ќе развие клон на ТИПС (англ. Target Instant Payment Settlement) за овие пет земји од Западен Балкан, согласно одлуката на Управниот совет на Европската централна банка. 

Вклучувањето на Народната банка во овој регионален проект е во согласност со акцискиот план на владите на земјите од Западен Балкан за воспоставување Заеднички регионален пазар, којшто меѓу другото вклучува модернизација на платните системи и нивно регионално поврзување и интегрирање со ТИПС на Европската централна банка (ЕЦБ). Преку ТИПС, давателите на платежните услуги им овозможуваат на граѓаните и на компаниите во Европската Унија брз пренос на парични средства во евра, во кое било време во текот на денот, за викенди и празници. 

Гувернерот Славески истакна дека со овој чекор се официјализира почетокот на воспоставувањето современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзино регионално поврзување со земјите од Западен Балкан, како и со инфраструктурата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Клонот на ТИПС, развиен со поддршка на ЕЦБ, ќе овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Со неговата примена, граѓаните и компаниите ќе можат да вршат брзи, сигурни и поевтини трансакции, според стандардите на Европската Унија.

Воспоставувањето платен систем за инстант плаќања, клон на ТИПС, носи голем број придобивки за економијата. Плаќањата ќе се порамнуваат многу бргу имајќи предвид дека 99% од нив би се обработиле во рок од 5 секунди, додека останатиот 1% во рок од 10 секунди.Народната банка ќе овозможи решенија со чија помош граѓаните ќе може да иницираат плаќања на едноставен начин и ќе можат со внесување на бројот на мобилниот телефон на примачот, да извршат пренос на парични средства на друго лице чија платежна сметка не ја знаат однапред. Овие решенија ќе овозможат ефикасно иницирање плаќања на физичките и на виртуелните продажни места без користење платежни картички, што ќе им овозможи на трговците да ги примат паричните средства во рок од неколку секунди и да располагаат со нив веднаш“, изјави гувернерот Славески, при што посочи дека нашата земја прави важен чекор кон интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот платежен простор.

Клонот на ТИПС е наменет за инстантно извршување домашни плаќања во националните валути на земјите од Западен Балкан, со можност за поврзување со ТИПС за извршување плаќања во евра во СЕПА. Целта е да се обезбеди интероперабилност и единствена платежна мрежа меѓу регионот и ЕУ, што ќе го олесни движењето на капиталот и трговијата.

Оператори на платните системи за инстант плаќања ќе бидат централните банки, со тоа што информациските системи на давателите на платежните услуги во земјава ќе бидат приспособени кон барањата и стандардите на клонот на ТИПС, при што техничката инфраструктура е обезбедена од Банката на Италија, со што значително ќе се олеснат развојот и одржувањето на инфраструктурата на централните банки од Западен Балкан.

Продолжи со читање

Банки

Наследување на семејниот бизнис – ПроКредит Банка и ЕБОР со заеднички настан посветен на генерациската транзиција во семејните компании

Објавено

на

Како да се пренесе визијата на една компанија од една на следна генерација? ПроКредит Банка заедно со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го отвора ова важно прашање со настанот посветен на наследување на семејниот бизнис, кој ќе се одржи на 21 октомври во ресторанот „Парк“ во Скопје, од 10:00 до 12:00 часот.

Настанот е наменет за сопственици и менаџери на семејни компании, следни генерации лидери во развој, како и за сите кои се подготвуваат за процесот на наследување во управувањето. Целта е да се поттикне размислувањето за континуирана и стабилна генерациска транзиција на компаниите во моментите кога претходната генерација се подготвува за повлекување од активно управување.

Нашата цел е да помогнеме на следната генерација лидери да ја преземат одговорноста со сигурност, визија и подготвеност, овозможувајќи им навремена и непречена генерациска транзиција што ќе ја зајакне и продолжи семејната приказна“, изјавија од ПроКредит Банка.

Настанот ќе го води експертот Борис Вукиќ, партнер и сениор соработник во Adizes SEE, еден од водечките регионални експерти за развој и советување на семејни компании. Вукиќ ќе сподели практични совети, успешни примери, главни предизвици и решенија, како и модели од регионалната пракса за тоа како компаниите можат успешно да го реализираат генерацискиот премин.

Во вториот дел ќе има и „Fireside chat“, каде ќе се придружи Глигор Цветанов, генерален и извршен директор на една од најуспешните македонски компании – „Макпрогрес“ од Виница, кој ќе го сподели своето лично искуство на оваа тема.

Присутните ќе имаат можност да се запознаат со проверени стратегии за континуитет и развој, со инспиративни искуства од компании кои веќе поминале низ процесот на транзиција, како и да ги прошират своите професионални познанства со претприемачи и менаџери кои се соочуваат со истиот предизвик.

Овој бизнис настан претставува вовед во серија на специјализирани работилници што ПроКредит Банка во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе ги реализира во претстојниот период. На самиот настан ќе биде отворена можност за пријавување на претстојните работилници, кои ќе понудат практични алатки и насоки за управување, лидерство и трансфер на одговорноста во рамки на семејните компании.

Сите заинтересирани можат да го пријават своето присуство на следниот линк. Местата се ограничени.

Бизнис настанот и претстојните работилници се финансиски поддржани од специјалниот фонд на ЕБОР – Small Business Impact Fund (SBIF). Donors contributing are: Italy, Ireland, Japan, South Korea, Luxembourg, Norway, Sweden, Switzerland, TaiwanBusiness – EBRD Technical Cooperation Fund, the United Kingdom, and the United States of America.

Продолжи со читање

Банки

Гувернерот Славески учествува на Годишните средби на ММФ и СБ

Објавено

на

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.  

Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка. 

Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.

На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.

Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста. 

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange