Connect with us

Анализи

Сè уште може да се земе станбен кредит со добра каматна стапка – лани се одобрени станбени кредити во износ од 125 милиони евра

Објавено

на

Ако сакате да купите стан на кредит, се уште можете да земете станбен кредит со добра каматна стапка. Под услов да најдете стан со разумна продажна цена, банките во земјава ви нудат широка палета на станбени кредити чии каматни стапки не се повисоки од 4,50%, што споредено со периодот од пред 10 години кога каматите беа над 8% претставува добра понуда. 

Притоа, добро е да знаете дека:

Најниска каматна стапка имаат станбените кредити во денари без валутна калузула – 3,74%

Средните банки нудат најдобра камата за станбени кредити во денари без валутна калузула – 2,72%

Големите банки имаат најниска камата за станбени кредити во денари со валутна калузула – 4,10%

Девизните станбени кредити имаат најниска каматна стапка кај средните банки и таа изнесува – 3,86% 

Банкарите се согласуваат дека иако каматните стапки на станбените кредити се зголемени, се уште се конкурентни и со фиксна каматна стапка подолг период. Тоа е една од причините што динамиката на станбено кредитирање не е забавена. Втората причина е и што граѓаните се штитат од инфлацијата со инвестиции во недвижности, што пак придонесе за рекорден раст на цената на становите. Во прилог на фактот дека во овие инвестиции се пласираат вишок пари на граѓаните одат податоците дека ова кредитно портфолио на банките е здраво, односно кредитокорисниците редовно ги сервисираат своите обврски. И третиот фактор што го држи во живот пазарот на недвижности и покрај астрономските продажни цени е што банките се расположени да ги кредитираат градежните компании и затоа се очекува натамошна експанзија.

Како се движат каматните стапки на станбените кредити?

Статистичките податоци од Народната банка покажуваат дека општиот раст на каматните стапки на кредитите под притисок на инфлацијата најмалку ги зголеми каматите на станбените кредити. Денарските станбени кредити без валутна клаузула во ноември лани имаа просечна каматна стапка на ниво на банкарски сектор од 3,74%. Ова е далеку пониско од 2015 година, која започнува со просечна каматна стапка од 8,45%. Потоа следува континуиран пад на оваа каматна стапка, која во октомври 2016 година се спушта на 7%, во април 2017 на 6%, во јуни 2018 година на 5%, а во јуни 2019 година на 4%. Најниското ниво од 3,51% го достигнува во јануари 2022 година и веќе 4 години, до ноември 2023 година, се одржува на ниво не повисоко од 3,74%.

Интересно е дека средните банки им нудат на граѓаните многу поевтини денарски станбени кредити во споредба со големите банки. Според статистиката на НБРСМ, петте големи банки во ноември лани имале просечна каматна стапка na денарските станбени кредити од 3,71%, додека средните пресметувале камата од 2,72%. Малите банки, пак, имаат највисока камата, која изнесува 5,41%.  

Каматните стапки на денарските станбени кредити со валутна клаузула се повисоки од тие без валутна клаузула иако не било секогаш така. Во јануари 2015 година, оваа каматна стапка на ниво на банкарски сектор изнесуваше 5,89% и беше за речиси 3 процентни поени пониска од каматата на станбените кредити без валутна клаузула. Во декември 2021 година оваа камата падна на 4%, но потоа започнува да расте и во ноември лани изнесуваше 4,14%. Притоа, големите банки имаат просечна каматна стапка на станбени кредити со валутна клаузула од 4,10%, средните од 4,7%, а малите од 4,56%.

Дефинитивно највисока е каматната стапка на девизните станбени кредити. Просечната на ниво на банкарски сектор во ноември 2023 година изнесуваше 4,23%. Најниското ниво го имаше во април 2021 година, кога изнесуваше 3,94%. Кај големите банки оваа каматна стапка изнесува во просек 4,22%, кај средните е 3,86%, а кај малите е 4,83%.

Кај поединечните големи банки, моменталната состојба со висината на каматните стапки (најповолните опции) за станбени кредити е следнава: 

Комерцијална банка – 3,3% фиксна за првите 5 години и 6,185% променлива за останатиот период

Стопанска банка – 3,40% фиксна за првите пет години и 7,66% променлива за останатиот период

НЛБ банка – 3,65% фиксна за првите 5 години и 6-месечен Еурибор + 3,6 п.п.

Шпаркасе банка – 3,69% фиксна за првите 10 години и 6,7% променлива за останатиот период

Халкбанк – 4,5% фиксна за првите 3 години и 8,5% променлива за останатиот период

Обемот на кредитирање ги следи каматните стапки

Граѓаните дефинитивно се порасположени да земаат станбени кредити со пониски каматни стапки. Износот на одобрени станбени кредити од банките во земјава драстично е зголемен откако се намалија каматните стапки во последните неколку години. 

Според податоците од Народната банка, заклучно со ноември 2023 година, банките имаат одобрено станбени кредити во вкупна вредност од 82.721 милион денари (1.345 милиони евра). Најголем раст кредитирањето бележи во 2021 година, кога за една година, односно од 11.2020 до 11.2021 година банките имаат одобрено станбени кредити на физички лица во вкупна вредност од 150 милиони евра. Во периодот 11.2022-11.2023 се одобрени станбени кредити во вредност од 125,2 милиони евра, што значи дека минатата година имало пад од околу 25 милиони евра. 

Во периодот 11.2021-11.2022 година се одобрени кредити во вредност од 140 милиони евра, а во истиот период една година претходно во вредност од 132 милиони евра. Токму од 2022 година обемот на кредитирањето со станбени кредити на годишно ниво станува трицифрен, изразен во милиони евра.

Анализи

Златото нагло падна за над 4% под притисок на силниот долар и геополитичките тензии

Објавено

на

Цената на златото забележа остар пад од над 4% за време на европското тргување, повлекувајќи се од двонеделен максимум достигнат претходно во азиската сесија и насочувајќи се кон прва загуба по пет дена раст.

Падот следува по забрзаното прибирање профити од инвеститорите, но и по зајакнувањето на американскиот долар во однос на кошницата светски валути. Индексот на доларот порасна за 0,65%, што дополнително изврши притисок врз цената на благородниот метал.

Цената на златото денеска се намали за 4,3% на 4.554 долари, откако претходно достигна врв од 4.800 долари, највисоко ниво од 19 март.

Пазарите реагираа и на најновите геополитички случувања поврзани со воените активности на САД кон Иран, што ја зголеми неизвесноста кај инвеститорите.

Истовремено, цените на нафтата пораснаа за околу 9%, достигнувајќи највисоки нивоа во последните четири недели, поради стравувањата од нарушување на снабдувањето од регионот на Персискиот Залив, особено поради затворањето на Ормутскиот теснец.

Зголемените цени на нафтата ги засилија очекувањата за можно зголемување на каматните стапки во САД. Според пазарните проценки, веројатноста за зголемување на каматите порасна на 5%, додека шансите тие да останат непроменети се намалија.

Инвеститорите внимателно ги следат и податоците од американскиот пазар на труд, вклучително и неделните барања за надомест за невработеност и извештајот за вработеноста за март.

Аналитичарите оценуваат дека падот на златото доаѓа по неколкудневен раст и дека оптимизмот на пазарите бил претеран, што довело до корекција на цената.

Во меѓувреме, залихите на најголемиот златен ETF фонд, SPDR Gold Trust, се зголемија за 3,72 тони, достигнувајќи вкупно 1.050,99 тони.

Продолжи со читање

Анализи

Трамп пред една година ја преобликува глобалната трговија: Последиците сè уште се чувствуваат

Објавено

на

Една година откако американскиот претседател Доналд Трамп објави „економска независност“ и воведе сеопфатни царини кон речиси сите земји, последиците од оваа одлука сè уште силно се чувствуваат во глобалната трговија.

На 2 април 2025 година, Белата куќа воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз, додека за 85 земји кои имаат трговски суфицит со САД беа предвидени и повисоки стапки, до 50 проценти. Овој потег предизвика силни потреси на глобалните пазари, а берзите веднаш забележаа пад.

Иако американскиот Врховен суд подоцна ја оспори законитоста на мерката, администрацијата продолжи со нејзина примена, а по неколку одложувања, дел од царините стапија во сила во август 2025 година.

Во пресрет на новите мерки, американските компании масовно ги зголемија залихите, при што увозот во првите три месеци од 2025 година порасна за околу 20 проценти, односно за дополнителни 184 милијарди долари.

Промените во трговските текови беа значајни. Увозот од Кина најмногу опадна, за 66 милијарди долари, додека компаниите се пренасочија кон земји со пониски царини, како Австралија и дел од Латинска Америка. Истовремено, некои азиски економии како Тајван и Виетнам дури и го зголемија извозот кон САД.

Сепак, анализите покажуваат дека царините не довеле до очекуваното враќање на производството во САД. Напротив, најголемиот товар го сносат американските потрошувачи. Проценките се дека во 2025 година секое домаќинство во САД било дополнително оптоварено со околу 1.000 долари поради повисоките цени.

Од друга страна, приходите од царини значително пораснаа и достигнаа 287 милијарди долари, што е речиси трипати повеќе од претходните години.

Глобалната трговија во меѓувреме стана многу понеизвесна, со чести промени на правилата и нови закани со царини. Владите ширум светот се обидуваат да им помогнат на компаниите да најдат нови пазари и да ги диверзифицираат синџирите на снабдување.

Експертите оценуваат дека токму таа адаптација може да биде единствениот позитивен ефект од оваа криза.

Извор: DW

Продолжи со читање

Анализи

Нафтата во силен подем, среброто прави пауза пред нов раст

Објавено

на

Цените на суровата нафта бележат раст во последното тргување, поттикнати од поддршката на 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), што обезбедува силен позитивен импулс за натамошно зголемување.

Според анализата на Economies.com, краткорочниот тренд останува јасно нагорен, при што цената се движи долж поддржувачка тренд линија, што дополнително ја зацврстува стабилноста на растечкиот тренд.

Дополнително, индикаторите за релативна сила покажуваат позитивни сигнали, особено по формирањето на позитивна дивергенција, што укажува на зајакнување на нагорниот импулс и зголемени шанси за продолжување на растот во блиска иднина.

Во однос на среброто, ситуацијата е малку поинаква. Цената бележи привремен пад во текот на последното тргување, под влијание на негативни сигнали од истите индикатори.

Сепак, ова движење се оценува како корективно, со цел да се создаде нов позитивен импулс кој би овозможил продолжување на растот. И покрај падот, цената на среброто и натаму се движи во рамки на краткорочен нагорен тренд, поддржан од тренд линија која останува стабилна.

Дополнителна поддршка доаѓа и од фактот што цената се задржува над EMA50, што создава силна основа за можен брз опоравок во наредниот период.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange